Вашингтон, 9 април 2021 година. Камион шета низ улиците на реонот Капитол каде се лоцирани американскиот Конгрес и Белата куќа, а потоа застанува пред скалите на Врховниот суд на САД. Носи постери и транспаренти со брутална порака, наменета за претседателот на Врховниот суд на САД: „Брејер, пензионирај се!“ Финансирана од група блиска до Демократската партија, кампањата има за цел да го убеди Стивен Брејер кој има осумдесет години, а е со централно-левичарски сензибилитет, да отвори пат за некој помлад. Активистките не и простија на феминистката и врховен судија Рут Баџер Гинсбург за „лошата“ идеја да умре за време на мандатот на претседателот Трамп, кој веднаш ја замени со конзервативниот судија, Ејми Кони Барет, а која дополнително го зацементира реакционерното мнозинство кај судиите на Врховниот суд. Историјата не кажува што точно мислел судијата Брајер за епизодата со камионот, тврдејќи дека Врховниот суд го добил својот легитимитет од својата политичка независност.[1] Во секој случај, има разбрано што останува да се направи. На 27 јануари, тој објавил дека ќе се пензионира следниот јуни.
Ова нема да ја промени идеолошката рамнотежа во Судот, спротивно на она што конзервативците го постигнаа во своја корист. Запрашан од новинар во 2018 година да го именува највисокото достигнување во неговиот мандат, лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел, не спомнува некој од поважните закони кои биле донесени тогаш. Неговото вистинско достигнување, вели тој, била реконструкцијата на Врховниот суд, така што истиот станал контролиран од судии блиски до неговата десничарска партија.
Има ли друга земја во светот каде што политичарите се толку опседнати со идеолошките инклинации на нивните судии? Каде информираната јавност знае и со будност ги следи главните спорови изнесени пред нејзиниот врховен суд? Дури и во време кога, и во САД, ТВ редакциите за вести се десеткувани, каде што третманот на меѓународните вести од страна на телевизиските канали е ноторен поради својата просечност, ниту еден голем американски медиум не би се откажал од својот дописник акредитиран при Врховниот суд на САД. Одлуките на Судот претставуваат главна карактеристика на вестите, како и изјаснувањата на инволвираните страни пред истиот, каде што адвокатите за секоја страна го презентираат својот случај пред деветте судии, бидејќи нивните прашања и реакции ќе поттикнат секакви предвидувања и шпекулации – секој судија може да објави спротивно мислење или да го објасни своето несогласување со одлуката на мнозинството.
Дебатата за делокругот на Врховниот суд на САД, се совпаѓа со раните денови на американската држава. Александар Хамилтон, еден од основачите на сакрализираниот Устав на САД од 1787 година, се заложил за систем на надлежности, што ќе им овозможи на судиите да се спротивстават на волјата на избраните народни претставници на земјата. Неговите преференции не биле задржани во финалниот текст. Томас Џеферсон, друг основач и трет претседател во историјата на земјата (1801-1809), проценил дека „судската контрола“ би била „многу опасна доктрина и би нè подложила на деспотизмот на една олигархија“. “Нашите судии“, продолжил тој, “се чесни како и другите луѓе, не повеќе. Тие имаат, како и другите, исти страсти за партијата, за моќта и привилегиите на нивните институции“.[2] Во 1803 година, самиот Врховен суд одлучил да расправа во своја корист: тој поништил еден сојузен закон за првпат (случајот Марбери против Медисон); и со тоа ја воспоставил својата превласт, како највисок судски орган, и во однос на самите уставни прашања, една друга правна материја (што потсетува на Европскиот суд на правдата, кој си ја доделил оваа надлежност во голем број пресуди во 1960-тите, и покрај молкот на Римскиот договор за оваа тема).
Неколку децении подоцна, во 1857 година, од Врховниот суд на САД било побарано да го разгледа случајот на Дред Скот, црн роб кој тврдел дека, откако неговиот сопственик го однел на американска територија каде ропството било нелегално, автоматски станал слободен човек во САД. Судот пресудил во корист на неговите сопственици, тврдејќи дека правата утврдени во Уставот не се однесуваат на луѓето со африканско потекло, без разлика дали се слободни или робови. Бесот поради оваа пресуда придонел за избувнувањето на Граѓанската војна во 1860 година и последователното усвојување на „Одредбата за еднаква заштита“ во Уставот на САД. Во своето прво инаугуративно обраќање (4 март 1861), претседателот Абрахам Линколн ги отфрлил сите форми на судската тиранија: „Ако политиката на владата за виталните прашања што го засегаат целиот народ треба да биде неотповикливо утврдена од Врховниот суд, (…) тогаш народот ќе престане да биде свој господар, откако практично ја ставил својата влада во рацете на овој еминентен трибунал.“
Предупредувањето на Линколн е игнорирано. Во 1883 година, Судот го поништил усвоениот повоен Закон за граѓанските права. Аболиционистот Фредерик Даглас забележал дека Судот создал „нација целосно лишена од моќ да ги штити правата на своите граѓани на сопствената територија“. Во 1895 година, и покрај несогласувањето на четворица од своите девет членови, Судот го укинал федералниот данок на доход со услови кои го направиле целосно непрактичен (еден од судиите не се согласувал, нарекувајќи ја одлуката на Судот „ништо помалку од предавање на даночната надлежност токму на богатите“); Уставот бил изменет во 1913 година за да се отстранат овие ограничувања. На социјален план, во 1905 година, Судот дури и се спротивставува на обидот на државата Њујорк да одреди максимален број на работни часови за пекарите (10 часа дневно, 60 часа неделно). Ова потоа го предизвикува гневот на тогашниот американски претседател Теодор Рузвелт и неговата Прогресивна партија. За време на Големата депресија, Суд поништува, повторно, неколку од интегралните закони, како дел на Новиот договор на претседателот Френклин Рузвелт. Демократскиот претседател одговара на ова, со обид да ја трансформира институцијата – да додаде уште шест судии во Судот, а кои имаат разбирање за неговата агенда. Бесот што го предизвика овој проект, го натера истиот и да го напушти. Конфликтот ќе стивне, откако конзервативните судии ќе бидат заменети со неконзервативни.
Во 1954 година, Судот овој пат ги налутува најконзервативните кругови. Во познатиот случај Браун против Министерството за образование (1954), тој едногласно донел одлука дека расната сегрегација во државните училишта е неуставна како таква. Поранешните држави на сецесионистичката Конфедерација, изнервирани од оваа пресуда, не успеале да докажат дека судството ги надминало своите надлежности и го погазило „правото на сојузните држави“, самите да си ги организираат своите локални училишни системи онака како што сметаат дека им одговара (надлежност која не е утврдена на федерално ниво во САД). Оваа пресуда отвори период во кој, две децении, Судот, со кој претседаваше Ерл Ворен (1891-1974), заземаше став не само во корист на десегрегацијата на училиштата, туку и на правата на обвинетите и слободата на печатот. Фундаменталниот расцеп, потоа, нема да добие нови моменти: конзервативците се спротивставуваат на „судскиот активизам“ во областите за кои сметаат дека спаѓаат во надлежност на разните легислативни собранија и парламенти (Конгреси на сојузните држави и локални собранија), додека прогресивците сметаат дека Судот мора да ги обезбеди граѓанските и социјалните права на сите тужители и тоа подеднакво, без разлика во која сојузна држава тие живеат. Она што понекогаш го правел, дури и со докажано конзервативно мнозинство, кога еден или повеќе судии назначени од републикански претседател се приклучуваат на „демократското“ малцинство: во 1989 година, забранил кривични санкции против млад активист кој јавно запалил американско знаме, така поништувајќи ги ваквите закони во 48 од 50 сојузни држави. Во 2003 година, Судот го поништува законот од Тексас, една од најконзервативните сојузни држави, со кој се криминализира хомосексуалноста – со тоа менувајќи ги и правните последици од една своја претходна пресуда што ја поддржува ваквата дискриминација. Дванаесет години подоцна, овој Суд го легализира хомосексуалниот брак во сите сојузни американски држави како таков.
Овие неколку големи успеси и оваа (претпоставена) улога на заштитник на малцинствата, му овозможуваат на Врховниот суд на САД да ужива голема заслуга кај политичките актери, од кои попрво би се очекувало да настојуваат да го ограничат неговото влијание. Поради фактот што сепак, во својата историја, Судот ретко бил решителен застапник на граѓанските слободи, освен можеби во времето на спомнатиот негов претседател Ворен: го одобрувал одземањето на земјата на американските Индијанци, го одобрувал интернирањето на Американците од јапонско потекло за време на Втората светска војна, потоа правните постапки за криминализирање на Американската комунистичка партија и нејзините членови за време на ноторната ера на сенаторот Мекарти. Во поново време, Судот го одобрил и декретот на претседателот Трамп, за забрана за влез на муслимани во САД. Дополнително, Судот прифатил дека „империјалното претседателство“ на САД, може и да не добие одобрение од Конгресот, за иницирање воени операции во странство. Конечно, во 1976 година, Судот ја толкува познатата одредба од Првиот амандман на Уставот на САД: „Конгресот нема да донесе ниеден закон… со кој ќе се ограничи слободата на изразување или на печатот“ – на тој начин што кандидатите за избори сега можат да трошат речиси неограничени суми, под изговор дека парите се форма на изразување…
Сепак, треба да се спомне и една одлука пред скоро педесет години, во случајот Роу против Вејд, која и понатаму предизвикува најмногу контроверзии. Во 1973 година Судот пресудува дека амандманот на Уставот, кој датира уште од периодот по граѓанската војна во САД, подразбира право на абортус во сите држави на земјата. Денес, мнозинството судии, вклучувајќи ги и тројцата назначени од претседателот Трамп, се чини дека се подготвени да ја преиначат оваа фамозна пресуда со која се спречуваат државите, кои сакаат да го сторат тоа, и формално да го забранат абортусот како таков. Планот за бришење на оваа одлука, која долго време се сметала за недопирлива, и дозволи на една цела генерација републикански кандидати, да манипулира со евангелистичкиот електорат во САД. Но, ако се случи такво нешто, заинтересираните држави ќе мора да го направат вториот чекор и да го забранат абортусот директно самите. Конзервативците тогаш би ризикувале повторно да ги мобилизираат жените, а кои сакаат да продолжат самите да одлучуваат за своето мајчинство. А левицата, која упорно го гледа Судот како гарант на основните права на американските граѓани, ќе биде принудена да ја преиспита својата позиција.
Во овој момент, да го замислиме срамот на еден американски конгресмен загрижен за проширувањето на демократијата во неговата земја. Закон за ограничување на трошоците за изборната кампања? Тој, најверојатно, би бил прогласен за неуставен според одлуката од 1976 година, потоа и проширена во 2010 година. Национални прописи за огненото оружје во САД? Судот посочи дека нема да се согласи со вакво нешто. Данок на богатство во САД? Сите девет судии би биле склони да ја поништат мерката. Предлог-закон на демократите за ставање крај на манипулациите со изборните единици, што им одат во прилог на републиканците? Тешко е да се замисли дека сегашниот состав на Судот, би го прифатил ова. Каков простор останува тогаш, за амбициозно политичко дејствување во еден политички систем заклучен како овој?
Секоја промена во оваа област би барала многу редок амандман на Уставот,[3] односно гласање за негово изменување со двотретинско мнозинство во секој дом на Конгресот, потоа да биде ратификуван од три четвртини од државите… Но, нападот врз преголемата моќ на судиите, не ја става во искушение Демократската партија во која доминираат професионалните и урбаните слоеви и класи, особено правниците и адвокатите. Наместо тоа, тие се согласуваат со ставот на спомнатиот Хамилтон за потребата од силно судство. Како резултат на тоа, опозицијата кон апсолутната судска контрола, за која Џеферсон, Линколн и Рузвелт беа најзначајни гласноговорници, нема многу моќни политички конекции.
Сепак, напаѓајќи го Врховниот суд во 1930-тите, Рузвелт докажа дека судиите биле чувствителни на народниот притисок. Еден од нив тогаш му се довери дека го ревидирал своето противење на претседателската програма, имајќи ја предвид „огромната тензија и заканата за постојниот Суд“, ако продолжи со својата нефлексибилност. Денес, исто така, Судот знае дека ако отиде предалеку, неговиот легитимитет дефинитивно ќе биде доведен во прашање. Навистина, еден дел од американската левица го повика претседателот Бајден, да го следи примерот на неговиот славен демократски претходник, со зголемување на составот на судиите на Врховниот суд, а што не е прецизирано во Уставот на САД. Еден ваков редизајн, засега е исклучен. Но, во еден историски пресврт, сега конзервативното крило на Врховниот суд е тоа што, со мултиприцирање на оспорените пресуди, може да предизвика бурна реакција против една институција непријателски настроена кон народните чувства.
Можеби не треба поинаку да ја разбереме неодамнешната низа говори и трудови на актуелните судии на Врховниот суд, кои ја уверуваат американската јавност дека тие се само објективни толкувачи на Уставот? „Немаме судии на Обама или судии на Трамп… имаме вонредна група на посветени судии кои даваат сè од себе“ тврдеше сегашниот претседател на Судот, Џон Робертс, (назначен од Џорџ В. Буш) во 2018 година, додека претседателот Трамп напаѓаше еден судија назначен од Барак Обама кој не го задоволувал. Минатиот септември, судијата Ејми Кони Барет (неодамна промовирана во Судот), во еден свој говор, изјави дека нејзината цел е „да ве убедам дека Судот не е составен од група поддржувачи“. Публиката на оваа изјава? Студентите од Центарот „Меконел“ при Универзитетот во Луисвил, центар именуван по Мич Меконел, лидер на републиканците во Сенатот. Овој Мич Меконел беше таму да му аплаудира на судијата назначен во последните денови од мандатот на претседателот Трамп, а потврден за Врховниот суд од Сенатот без поддршка од ниту еден демократски сенатор.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Stephen Breyer, The Authority of the Court and the Peril of Politics, Harvard University Press, 2021.
[2] « From Thomas Jefferson to William Charles Jarvis, 28 September 1820 », Archives nationales des États-Unis, https://founders.archives.gov
[3] Daniel Lazar, « Cette pesante Constitution américaine », Le Monde diplomatique, II.2000.