Во ТВ студиото на првиот молдавски државен канал, уредниците и продуцентите на видеото ги внесуваат завршните работи во извештаите, додека вестите од ривалскиот канал се движат на телевизискиот екран поставен на ѕид. Презентерот го разгледува сценариото за темата која ќе биде ударна на вечерната емисија. „Молдавија сега може и да извезува живина и јајца во Европа“, најавува презентерката Елена Банцила.
Телевизиските вести нема да кажат ниту еден збор за изјавите на властите на проруската сепаратистичка, самопрогласената република Приднестровие, регион кој се наоѓа во источниот дел на земјата, помеѓу Днестар и украинската граница. Тие тврдат дека тој ден го спречиле заговорот на украинските разузнавачки служби (СБУ) за убиство на приднестровските лидери. “Ние нема да ги пренесеме овие информации”, предупредува презентерот пред емисијата. „Веруваме дека сето тоа е лажно“. Спротивно на ова, воведниот текст на видеото што редакцискиот новинар ќе го објави на интернет, укажува дека антикорупциските судии во земјата заплениле околу 50.000 евра во кеш, кои припаѓаат на „криминална организација“: сумата требало да се искористи за финансирање улични протести организирани од опозициска партија.
Од почетокот на војната во нејзиниот украински сосед, имаше гласини за државни удари и дестабилизирачки маневри во Молдавија. Конфликтот во Украина делува како катализатор за поделбите и борбите за влијание меѓу Русија и Западот во земјата. Од својата независност во август 1991 година, оваа поранешна советска република е прогонувана од привидението на дислокација. Централните власти во Кишинев, главниот град, ја изгубиле контролата врз Приднестровие уште во 1992 година, кое се прогласило за независно во 1990 година. Оттогаш таму се стационирани руски војници како мировници, а всушност ги штитат проруските локални власти. Во јужниот дел на земјата, Гагаузија, населена со локално турско малцинство, ужива значителна автономија. Овој регион ги потврди своите проруски корени, со изборите на 14 мај за свој проруски гувернер.
Од своја страна, централната влада го забрзува решително проевропскиот пресврт по изборот во ноември 2020 година на Маја Санду за шеф на државата, особено благодарение на масовното гласање на дијаспората (16% од електоратот) во нејзина корист.[i] На 48-годишна возраст, таа во вториот круг (57% од гласовите), го победи својот, отворено проруски претходник Игор Додон, лидер на Социјалистичката партија на Република Молдавија, со ветување за зајакнување на врските со Европската унија (ЕУ) и борба против корупцијата, ендемичен проблем во земјата. Во мај 2022 година, нејзиниот поранешен ривал беше ставен во притвор како дел од истрагата за „државно предавство“, „пасивна корупција“, „финансирање на политичка партија од криминална организација“ и „нелегално збогатување“, а потоа беше ставен во домашен притвор, мерка укината во ноември 2022 година.
Војната во соседна Украина, ја вовлече земјата во длабока политичка и економска криза. На 12 март о.г., неколку илјади демонстранти, кои дојдоа со автобуси од целата земја, повторно се собраа на булеварот Стефан Чел Маре за да скандираат, под молдавските знамиња, „Jos [долу] Maia Sandu!“, принудувајќи ги полицајците во црни униформи да го блокираат пристапот до парламентот. Зад овој протест, како и зад оние организирани на улиците на главниот град во есента 2022 година, стои големата сенка на молдавскиот олигарх Илан Шор. Осуден во отсуство на петнаесет години затвор, бизнисменот учествувал во голема проневера на една милијарда долари на штета на три молдавски банки, помеѓу 2012 и 2014 година. Откривањето на овој скандал предизвика, во тоа време, огромно движење на гнев во народот и го подготви теренот за изборот на спомнатата Санду.[ii]
Од неговото бегство во Израел, Шор сега го искористува социјалниот гнев што се зголемува во земјата. Владата го обвинува дека добил финансиска и организациска поддршка директно од Кремљ. Во февруари Санду објави дека украинското разузнавање ја информирало за заговор за инфилтрирање на демонстрации од странски агитатори (Срби, Црногорци, Руси или Белоруси), а со цел да ја соборат сегашната демократска прозападна влада.[iii] Хипотеза поткрепена со загрижувачки знаци, вклучително и апсење на платеник на ноторната руската група Вагнер на аеродромот во Кишинев. Поплаките на демонстрантите против Санду се, сепак, легитимни. „Владата тврди дека нѝ е платено да дојдеме и да покажеме дека работиме за Русија. Тие не нè слушаат, одбиваат да комуницираат“, нѝ се жали 58-годишниот Александру, кој поголемиот дел од својот живот го поминал работејќи на локалните фарми. „Немам ниту работа, ниту плата. Тука сè е скапо. Не знам дали ќе имам право и на некаква пензија“.
Молдавија е многу зависна од увозот, што ја прави исклучително ранлива на нарушувања на глобалниот синџир на снабдување и зголемување на меѓународните цени на горивото. Инфлацијата минатата година достигна дури 34%, бидејќи малата земјата, без излез на море, сега е домаќин на десетици илјади украински бегалци. Според истражувањето спроведено од Меѓународниот републикански институт (ИРИ) на крајот на 2022 година, дури 57% од Молдавците сметаат дека трошоците за живот се најголемиот проблем на земјата.[iv] Само 8% сметаат дека надворешните конфликти, војните и несигурноста се приоритети. Како и да е, владата на Санду се чини дека е решена да ги дискредитира сите критики. „Сведоци сме на радикализација на позициите“, нѝ објаснува познатиот молдавски социолог Виталие Спринчеана. „Лидерите тврдат дека секој противник бил агент на Русија. Тие користат неколку аргументи за да ги изедначат демонстрантите со петтата колона; како протестите да ве направиле национален предавник“.
Реакцијата на молдавската влада на руската инвазија на Украина првично имаше за цел – да биде претпазлива. Но, по 24 февруари о.г., Кишинев апелира на повлекување на руските војници од Украина и почитување на територијалниот интегритет на својот сосед, истовремено потврдувајќи ја неутралноста на Молдавија, загарантирана со Уставот, и барајќи да се ограничи порастот на тензиите со Приднестровие, чии лидери, исто така, стравуваат од ‚зараза‘ на конфликтот. Но, како што одминуваат месеците, се случува и менувањето на ситуацијата. Додека украинскиот град Одеса е на нишанот на руската армија, молдавската влада стравува дека руските трупи се обидуваат да направат спој со нивните сонародници стационирани во сепаратистичкиот регион Приднестровје, во источна Молдавија. Од своја страна, властите во Приднестровие стравуваат од превентивна украинска воена операција од типот на блицкриг.
Иако Москва се чини дека привремено ја отстрани Одеса од листата на своите цели, безбедносното прашање продолжува да ги мачи молдавските власти. Во интервју за весникот „Политико“ во јануари 2023 година, Санду изјавува дека имало „сериозна дискусија за способноста на земјата да се брани сама или дали треба да бидеме дел од поширока алијанса“, истовремено внимавајќи да не го именува НАТО, што би претставувало притисок кон Москва, како и за дел од населението. Напуштањето на неутралниот статус, додаде таа, треба да биде предмет на „демократски процес“. Според анкетата на ИРИ, дури 60% од Молдавците сè уште ја сметаат неутралноста – како најдобра гаранција за безбедноста на земјата.
Војната во Украина веќе го укинува табуто во владините сфери. „Мораме да разбереме дека неутралноста во нашиот Устав не мора да значи дека мора и да останеме без одбрана. Треба да се обврземе да инвестираме повеќе и да се интегрираме во една поголема одбранбена инфраструктура“, јавно нагласува Дорин Ресин, тогашниот претседателски советник за безбедносни прашања, на седница на Советот за одбрана на Молдавија, каде присуствуваат и американските и германските амбасадори на 15 ноември минатата година. Лондон е меѓу западните земји кои најмногу се залагаат за зајакнување на соработката меѓу НАТО и Молдавија, по моделот на украинската траекторија, а дефинитивно по руската анексија на Крим во 2014 година. „Би сакала Молдавија да биде опремена според стандардите на НАТО“, изјавува Лиз Трус, тогашен министер за надворешни работи на Велика Британија, за весникот Телеграф во мај. Откако на Молдавија, во исто време со Украина, веднаш ѝ додели статус на кандидат за членство во Европската унија, Брисел на почетокот на мај вети нова воена помош од 40 милиони евра, покрај истиот износ веќе објавен во јуни минатата година, а во рамките на Европскиот мировен фонд (ЕПФ).
Како што зацврстувањето на Молдавија во евроатлантските структури станува сè појасно, толку борбата против мешањето на Кремљ се интензивира. Во јуни 2022 година, Санду прокламира Закон за безбедност на информациите, со кој дефинитивно се забранува емитување на руски вести и емисии во Молдавија. Овој закон, исто така, предвидува дека 50% од содржината мора да потекнува од Европската унија, САД или други држави, а кои ја ратификувале Европската конвенција за прекугранична телевизија, иницирана од Советот на Европа. Само помеѓу 2017 и 2021 година, американскиот Стејт департмент директно исплатил дури 100 милиони долари на „граѓанските организации… и медиумите“, со што Молдавија стана првата земја-корисник, која добива средства од новиот американски Фонд за спротивставување на руското влијание.[v] Кремљ практикува повеќе една неофицијална мека моќ, преку финансирање на локалните политички партии во Молдавија. Преполна со советска носталгија и руски национализам, таквата моќ, сега, дефинитивно губи на интензитет.
Назначувањето на Речеан за премиер на 18 февруари означи ново зацврстување на безбедносната политика во земјата. Кога ја презеде функцијата, тој веднаш изјави на микрофонот на државното радио – дека сака да купи добар систем за противвоздушна одбрана. „Ќе одиме кај сите наши пријатели да го добиеме… но во меѓувреме, треба да се справиме со други домашни закани: дестабилизација, јавен неред, напади врз институции, хибридна војна, дезинформации, зголемена вознемиреност во општеството и меѓуетничка омраза“.
Во оваа последна точка, етно-национализмот на владата – поистоветувајќи го молдавскиот идентитет со „романството“[vi] – прилично го разгоре гневот на пошироката јавност. Па така, не случајно, на 16 март 2023 година, Парламентот го усвои амандманот на Уставот, заменувајќи го терминот „молдавски јазик“ со „романски јазик“ – за да го означи официјалниот јазик на земјата. Има и една друга причина за загриженост, забележана од Венецијанската комисија (советодавно тело на Советот на Европа составено од независни експерти за уставно право); Санду ги прошири прерогативите на разузнавачките служби (СИС) да вклучи прислушување телефони и следење, притоа замаглувајќи ги разликите помеѓу криминалните истраги и разузнавачките истраги, со потенцијално потчинување на СИС на претседателскиот кабинет.[vii]
Во меѓувреме, неколку високи американски официјални претставници за безбедносни прашања ја посетуваат Молдавија, како што е генералот Вилијам Хартман, командант на Националните сили за сајбер мисии на армијата на САД. Друга американска делегација, вклучувајќи ја и Лора Купер, помошник-секретар за одбрана за Русија, Украина и Евроазија во Пентагон, пристигна во Кишинев на 15 март о.г., како дел од стратешкиот дијалог меѓу САД и Молдавија, оживеан минатата година од страна на американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Во оваа прилика, голем џез оркестар од американските воздухопловни сили дури и настапи на концерти низ целата земја. Во 1950-тите, џез музичари како Луис Армстронг или Дјук Елингтон ја имале улогата на амбасадори на американската културна пропаганда низ целиот свет. Дали музичари со помал талент – можат да ги заведат Молдавците?
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Andrew Wilson, « Separate ways: Contrasting elections in Georgia and Moldova », European Council on Foreign Relations, 19.11.2020, www.ecfr.eu
[ii] Julia Beurq, “A Billion Disappears from Moldova”, Le Monde diplomatique, X/2016.
[iii] “Russia’s security service works to subvert Moldova’s pro-Western government”, Washington Post, 28.10.2022.
[iv] Public Opinion Survey: Residents of Moldova | October-November 2022, IRI, Washington, 9.11.2022.
[v] “Information Report: Countering Russian Influence”, Office of Inspector General, United States Department of State, XII/2022.
[vi] Loïc Ramirez, “Transnistria, vestige of a frozen conflict”, Le Monde diplomatique, I/2022.
[vii] “On the draft on the intelligence and security service, as well as on the draft law on counterintelligence and intelligence activity”, rapport de la Commission de Venise, Strasbourg, 13.3.2023.