На прв поглед, рускиот брод некако успева да плови во бурата што Кремљ ја предизвика со нападот на својот украински сосед. Повеќе од една година по почетокот на војната, економијата на земјата забавува, но без колапс (-2,1% во 2022 година). Според анкетите на јавното мислење, вклучително и оние спроведени од независните институти со влијание,[1] мнозинството од населението и понатаму го поддржува продолжувањето на воените операции. Сепак, пукнатините во структурата на општеството се прошируваат и се случуваат изненадувачки конвергенции: какво и да е нивното мислење за војната, сè повеќе Руси не им веруваат на „елитите“. Веќе чувствителен пред почетокот на инвазијата во февруари 2022 година,[2] феноменот сега добива на интензитет.
Додека во Русија владее клима на страв, читањето на пулсот на нејзиното општество претставува голем подвиг. Читањето на методолошките белешки прикачени од независните институти за анкетирање на нивните резултати, понекогаш дава корисни лекции. Така, и падот на стапката на одговор во анкетите. Според Рашн Филдс, обезбедувач на маркетинг истражувања и анкети на јавното мислење, само 5,9 до 9,3 отсто од испитаниците одговориле на сите нивни прашања за „специјалната воена операција“, што е стапка три до четири пати помала од анкетите пред конфликтот.[3] Во една од своите анкети,[4] минатиот февруари, Рашн Филдс повторно понуди на анкетираните, да изберат меѓу мерки насочени кон интензивирање на офанзивата и други во корист на мирот. Само 27% од анкетираните изјавиле дека ја поддржуваат ескалацијата, во споредба со 34% од луѓето кои го поддржуваат патот кон мирот.
Три социјални групи се издвојуваат. „Воениот табор“, кој според анкетите претставува помеѓу 25 и 37 отсто од испитаниците, го одобрува прогонот на демонстрантите, се изјаснува подготвен да ја жртвува социјалната политика во корист на воените цели и наголемо ги осудува дезертерите. Оваа категорија е особено добро застапена кај постарите лица и групите со повисок приход. На другиот крај од спектарот, „мировниот табор“ – 10 до 36% од испитаниците – е составен главно од млади луѓе и најсиромашните испитаници. Помеѓу овие две крајности, луѓето велат дека се обидуваат со напор да одговорат или даваат контрадикторни одговори. Често се спротивставуваат на воената ескалација, но сепак се потпираат на официјалната позиција на властите.
Воениот табор има свои мегафони на социјалните мрежи, преку сметките на оние кои можат да се наречат „турбо-патриоти“. Нивната слобода на изразување, засега, не се соочува со никакви ограничувања, но предизвикува одредена загриженост кај руските политичари кои се плашат од преголемо наддавање – во обидите јавно да се покажат како најголеми руски патриоти. „Не треба да се плашиме од либерален Мајдан: сите либерали веќе избегаа од Русија. (…) Денес, единствената опасност за нашата држава е турбо-патриотскиот Мајдан, обоен со благо левичарство и, истовремено, дебати за корупцијата“, изјави Олег Матвеичев, пратеник во Думата на претседателската партија Обединета Русија.[5]
Од почетокот на инвазијата, таканаречените „воени кореспонденти“ (военкори), составени од екстремно десничарски активисти со воено или паравоено искуство, обезбедија ексклузивно покривање на операциите на социјалните мрежи. Најпознат е извесен Игор Стрелков, поранешен офицер на ФСБ, со монархистичка послушност. Во 2014 година, на чело на одредот руски доброволци, тој го зазеде градот Славјанск во украинскиот регион Донбас. Москва тогаш воено ги поддржуваше сепаратистите, но премногу турбулентните и возвишени лидери, слични на него, го загрижија Кремљ.[6] Па, така, овој Стрелков тогаш мораше да го напушти Донбас. Денес, тој на својот канал на Телеграм, следен од речиси милион луѓе, изразува големо жалење за недостатокот на цврстина на руската влада против големиот украински непријател. Со воените неуспеси од есента 2022 година, тој, како и другите радикални националисти и шовинисти, ги осуди дефектите на режимот на Путин: лоша организација на снабдувањето на армијата, слабост на индустријата за оружје, неспособност и корупција на генералите, медиокритетство на владејачка елита која живее во својот луксуз – додека татковината е во реална опасност. Тие дури и сугерираат дека дел од советниците на Путин тајно бараат помирување со Западот, дури и по цена на капитулација на мајка Русија. „Ако ја уништат Русија во оваа војна, веројатно нема да можеме да ги допреме нивните драги западни партнери, но тие ќе направат се за да стигнат до нив“, напиша Стрелков на 3 февруари 2023 година. Тој наголемо се сомнева дека актуелната влада е способна да ја добие војната. „Големото нарушување [така го означува влегувањето во војната, заб.на.уред.] сега е неизбежно. Добро го знаат тоа и на високите места и тоа доста ги загрижува сега. Нашата цел е да го претвориме нарушувањето во национална и патриотска победа на Русија“, пишува Максим Калашников,[7] обожавател на сталиновата политика на моќ и експанзионизам и голем сојузник на спомнатиот Стрелков.
„Гневот“ на нережимските патриоти ги освои поборниците на провоениот табор, што е причина за голема загриженост за Кремљ. Наспроти конкуренцијата со генералите на редовната армија, Евгениј Пригожин, сопственик на ноторната група Вагнер, на чело на приватна паравоена формација распоредена во Украина, сега шпекулира за проблемите на социјалната нееднаквост, корупцијата и некомпетентноста на воената хиерархија во Русија. Но, од неговиот јавен активизам била незадоволна претседателската администрација, која му забранила да влезе во затворите каде што порано регрутирал доброволци за борба на фронтот. Новиот началник на Генералштабот, Валериј Герасимов, го намалил снабдувањето на Вагнер со боева муниција. Реакција на овој поранешен ултра-лојален поддржувач на претседателот Путин: принудување на неговите борци да снимаат видеа во стилот на спомнатиот Стрелков, во кои командата на армијата и функционерите се обвинети за велепредавство. На еден од нив, борец, стоејќи пред трупови, вели: „Престанете да правите ништо, (…) да ја одбраниме нашата татковина веднаш“.[8] Пригожин направи уште еден чекор во тој правец, кога зборуваше во видео објавено на денот на прославата на 9 мај, за „наивниот дедо [кој мисли дека сè е во ред]“. „Што ќе се случи со Русија ако се испостави, само претпоставувам, дека овој дедо е целосен шупак“, додаде тој во речиси транспарентна алузија на Путин.
Гневот, исто така, ги погодува војниците и офицерите во рововите. Во мобилизацијата најавена на крајот на септември 2022 година, беа ангажирани помеѓу 320.000 регрути (според официјалните бројки) и 500.000 (според независни проценки).[9] Неодамнешните драконски прописи усвоени од Думата во април 2023 година – електронско повикување за регрутација, забрана за напуштање на територијата за регрутите, замрзнување на недвижниот имот на побегнатите – треба дополнително да го зголемат нивниот број. Мобилизацијата првенствено ги погоди најсиромашните региони, особено малите градови и села во пустите и далечни провинции, кои се традиционална изборна база на Путин. Властите прво апелираа до резервните офицери и мажи за воена специјализација: средовечни мажи, од оддалечените региони на Москва, со ниски или средни примања. Социолошкиот портрет ги издвојува „неутралистите“, оние кои ја поддржуваат војната не од милитаристичко и експанзионистичко убедување, туку од лојалност кон својата татковина. Но, токму на нивните плеќи падна тежината на борбите.
За да го спречи бунтот, руската држава не штеди на средствата. Просечната плата е 200.000 рубли месечно (околу 2.500 евра), десет пати повеќе од платата што човек може да очекува да ја добие во мал град, во еден далечен регион без никаква индустрија. Во април, Путин најави создавање специјален фонд за семејствата на загинатите и воените ветерани. Но, Калашников во видео објавено на неговиот канал на Јутјуб Рои, на 5 февруари потенцира, дека само јасна воена победа ќе му овозможи на режимот на Путин да преживее: „Се појавува, сега, една сосема нова реалност. Луѓето се враќаат од фронтот со оружје во рацете. Тие ќе наликуваат на германските и италијанските ветерани од Првата светска војна: ќе се вратат како максималисти, со силно чувство за занемарена социјална правда. И тие нема да ги слушаат непристојните пароли на партијата Обединета Русија на Путин.“
Засега, војниците го изразуваат својот „максимализам“ на поинаков начин. Спонтаните немири, иако спорадични, избувнаа, мобилизираа протести против недостигот на воена опрема и обука, оставајќи ги своите единици сами, борејќи се со нивните офицери и запирајќи ги транспортните возови. Властите успеале да го задушат првиот бран на незадоволство со брутални репресии: војниците биле затворени во подруми, тепани и заплашувани. Неколку од овие бунтовници беа осудени на тешки казни, како пример.[10] Во јануари, мобилизираните регрути биле масовно префрлени од задните единици директно на првите линии на фронтот, а загубите нагло се зголемиле. Додека во 2022 година, новинарите успеаја да ги утврдат имињата на 200 до 250 руски војници убиени неделно (вистинските загуби може да бидат многу поголеми), до март 2023 година, списокот може да достигне и повеќе од 800 имиња неделно.[11]
Печатот известува за случаи на дезертерство, веројатно побројни во реалноста. Војниците бегаат од болниците,[12] скокаат од возови кои ги носат на фронтот,[13] патуваат десетици километри и се губат во заднината на земјата.[14] Роднините на мобилизираните регрути создаваат затворени онлајн групи за дискусија – за да им помогнат на дезертерите да ја планираат својата маршрута, да најдат сместување и да избегаат од патролите на воената полиција. Во февруари и почетокот на март, на интернет беа објавени не помалку од 18 видеа, во кои цели единици на мобилизирани регрути одбиваат да извршуваат борбени мисии и бараат веднаш да бидат вратени назад.[15]
Антропологот Александра Архипова изброила најмалку 85 места во 65 градови каде што луѓето носеле цвеќиња и играчки, без слоган и тивок гест за да ја изразат солидарноста со Украинците и спротивставувањето на војната.[16] И покрај оваа доброволна дискреција, неколку лица беа уапсени во близина на овие „цветни споменици“ и потоа брутално и брзо осудени за „дискредитација на руската армија“. Но, неколку илјади Руси сепак го презедоа овој ризик со целосно познавање на фактите. Меѓу нив, многумина никогаш претходно не учествувале на митинзи на опозицијата, откриле истражувачката и нејзиниот тим. Комеморации се појавија во градовите кои никогаш не биле центри на антивладини протести: Оренбург, Нижни Тагил, Омск, Горно-Алтајск.
Само една четвртина од овие цветни споменици се појавија на места поврзани со Украина, како што се улици со „украински“ имиња. Во 47 од 85 случаи, овие комеморации се одржаа на места поврзани со жртви на државни злосторства или недолично однесување: споменици на жртвите на сталинистичкиот терор и вештачки катастрофи како што е Чернобил, или места каде што беа убиени противниците. „Пораката е недвосмислена: државата веќе уби луѓе, денес убива луѓе и повторно ќе убива луѓе“, изјави Архипова. Во градовите Шахти и Саратов, луѓето избраа споменици на жртвите на фашизмот како места за комеморација, правејќи паралела помеѓу војната на агресија против Украина и инвазијата на СССР од страна на нацистите. Уште еден бран на „цветни протести“ се случи на првата годишнина од војната. И покрај засилените полициски репресии, најмалку 82 спонтани места за комеморација, повторно се појавија во 59 градови.[17] Со тоа, положувањето цвеќе на спомениците на жртвите од раката на државата, сега стана трајна форма на колективна акција на противниците на војната.
Ако војната предизвика ефект на митинг зад знамето, ова мора, сепак, некако да се изнијансира. Во сите слоеви на општеството и идеолошките табори – се гледа истиот процес: „ние“ и „тие“ добиваат ново значење. Додека првото опфаќа различни значења („обични луѓе“, „вистински патриоти“, „жртви на државата“), второто трпи помалку нејаснотија: станува збор за властите, а веќе не само за надворешниот непријател. Ако Кремљ не успее да достигне некоја поголема пресвртница на бојното поле, фронтот може да се движи наназад – кон Москва. И во очите на луѓето од сите страни, од националисти до пацифисти, оваа влада што ја доведе земјата до работ на катастрофа – ќе се појави како единствениот виновник. Битката за Украина тогаш ќе се претвори – во битка за една нова Русија.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Бројките дадени во статијата се извлечени од истражувањата на три агенции: Институтот Левада, Ре: Русија и Рашн Филдс, кои не добиваат никакво јавно финансирање. Тие нотирале помеѓу 56 и 77 проценти од ставовите на анкетираните во корист на „специјалната операција“ помеѓу јануари и февруари, во зависност од формулирањето на прашањето.
[2] Karine Clément, Contestations sociales à bas bruit en Russie. Critiques sociales ordinaires et nationalismes, Éditions du Croquant, Vulaines-sur-Seine, 2021.
[3] “A year of special military operation: the opinion of the Russians” (на руски), истражување спроведено помеѓу 31 јануари и 6 февруари 2023 година, Russian Field, Moscow, www.russianfield.com
[4] Ibid.
[5] “Members of United Russia speak of the threat of a Turbo-patriotic Maidan” (на руски), Politnavigator, 3 февруари 2023, www.politnavigator.net
[6] Juliette Faure, “Qui sont les faucons de Moscou?”, Le Monde diplomatique, април 2022.
[7] “Dangers et démons de la Grande perturbation”, Livejournal (блог сајт), 7 јануари 2023, www.m-kalashnikov.livejournal.com
[8] На канал со наслов “Razbruzka_vagnera”, Telegram, 17 февруари 2023 година.
[9] “Let’s get married. The increase in the number of marriages shows that at least 492,000 people were mobilized in Russia in mid-October” (на руски), Mediazona, 24 октомври 2022, www.zona.media
[10] “Soldier who attacked officer sentenced to five and a half years’ imprisonment under harsh regime”, Gazeta.ru, 11 јануари 2023, www.gazeta.ru
[11] “Losses of Russia in Ukraine”, инфографик редовно ажуриран, Mediazona, www.zona.media/casualties
[12] “A wounded soldier from the Tyumen region escaped from Mirny hospital” (на руски), Tyumen Online, Tyumen, 7 февруари 2023 година, www.72.ru
[13] “Mobilized people escaped from train in Voronezh region” (на руски), RBK, 5 февруари 2023 година, www.rbc.ru
[14] “On the border with Donbass, in the Rostov region, a deserter was arrested” (на руски), Bezformata, 3 февруари 2023, www.rostovnadonu.bezformata.com
[15] “The mobilized send complaints”, Telegram, channel “Viorstka”, 9 март 2023 година, www.t.me/svobodnieslova/1566
[16] Alexandra Arkhipova, “L’empathie comme protestation”, Kholod, 2 февруари 2023 година, www.holod.media
[17] Пребројување изведено од Александра Архипова и јавно објавено на нејзиниот Телеграм канал на 27 февруари 2023 година, www.t.me/anthro_fun/2075