Состојбите во една држава може да се анализираат од различни аспекти. Она што е предизвик за секој аналитичар е да навлезе подлабоко во причинско-последничните односи и да ги посочи проблемите, но и да ја открие причината поради која дошло до нарушување на процесите и стандардите во функцинирањето на еден или повеќе сегменти во општеството.
Овој пат тема на нашата анализа ќе бидат состојбите во судскиот систем во РСМ а ќе се обидеме преку анализирање на актуелните состојби да дојдеме до причините кои довеле до нив и да предложиме излезни решенија за надминување на она што е лоцирано како проблем.
Да кажеме дека судската власт во една држава е независна од извршната и законодавната е аксиома за која не треба ништо да се докажува бидејќи тоа треба да биде факт кој не би требало да се коментира и дискутира од ниту една гледна точка. Но кога кон таа констатација ќе додадеме дека станува збор за односите на судската власт во односот со другите две власти во Република Северна Македонија состојбите веќе се менуваат. И уште ако ги додадеме податоците од анкетите каде довербата во судот и обвинителството (како репрезенти на судската власт) е едноцифрена[1] мора да се запрашаме дали е се така едноставно и дали е доволно да се повикаме на дефиницијата за тоа што е судската власт, или е потребно да загребеме малку повеќе под површината и да го истражиме овој проблем со поголема сериозност и студиозност.
Судовите[2] во РСМ се самостојни и независни државни органи кои ја вршат судската власт во државата како што и Јавното обвинителство[3] е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела. Самостојноста и независноста на овие органи на судската власт им даваат огромна моќ да постапуваат во рамките на своите надлежности но и уште поголема одговорност доколку не одговорат на она што од нив се бара и се очекува.
Контролните механизми законски дадени на Судскиот совет и Советот на ЈО се само еден од начините со кои може да се процени дали и колку третата власт во државата успеала да се наметне со своето постоење во општеството. Она што е многу поважно е перцепцијата на јавноста за нивното работење и што мислат граѓаните за судовите и обвинителствата и нивната ефикасност и ефективност во работењето.
Граѓаните за состојбите во судскиот систем во државата размислуваат во неколку ситуации:
– во моментите кога имаат проблем кој мора да се реши институционално (тогаш најчесто оценките се од личен аспект);
– кога преку медиумите се сведоци на состојби кои не се прифатливи од аспект на публика (тогаш критиките се на сметка на неажурност и неефикасност поткрепени од факти понудени од новинарите и аналитичарите);
– кога се дел од судскиот систем и не се во можност да променат ништо со своето однесување;
– кога се дел од судскиот систем и се обидуваат да работат поинаку од другите и да ги подобрат состојбите.
Можеме да наведеме и други претпоставени ситуации но овој пат ќе се задржиме на овие опции и ќе се обидеме преку нив да дојдеме до суштината на проблемот.
Како функционира судскиот систем ?
Институционалната поставеност на судскиот систем е регулирана со неколку законски решенија[4]. Во овој дел состојбите се вообичаени бидејќи неспорно е дека најголем дел од законските решенија во сферата на судскиот систем се усогласени со европските стандарди. Евентуалните пропусти се надополнети по воочувањето на проблемите но суштината на законите е како и во сите европски демократии.
Флоскулата дека сите демократски држави се засноваат на принципот на поделба на власта на законодавна, извршна и судска важи и за нашиот случај. Идејата на Шарл Монтескје за поделба на власта која влече корени од антиката е олицетворена во современото функционирање на државите и во нивната организација на власта. На почетокот оваа т.н. „филозофска идеја“ била креирана за ограничување на моќта на монархот која најчесто во историјата била неограничена и апсолутна. Француската револуција, просветителството, хуманизмот и ренесансата и други важни општествено-политички настани довеле до постепена имплементација на оваа идеја во организацијата на државите.
Во современиот свет вака уредената поделба на власта претставува основен демократски принцип врз кој се базира целокупното општествено-политичко уредување во најголем број држави во светот. Поделбата на власта на законодавна, извршна и судска ја гарантира независноста на секоја од наведените власти, но и воспоставува соодветни механизми на контрола помеѓу овие власти без да се навлегува во овластувањата на секоја од нив.
Судската власт во рамките на оваа поделба има посебно значење. Поради својата природа таа се разликува од законодавната и извршната по својот неполитички карактер и по значењето на функциите што се извршуваат преку неа. Основна претпоставка за независноста на судската власт е отсуството од било какво политичко влијание или притисок кои се јавуваат како пречки во остварувањето на целта на судската функција. Оттука, за разлика од другите две власти, за судската власт важи деполитизираноста што конкретно доведува до почитување на независноста и непристрасноста на судовите. Етичкиот кодекс на оваа професија бара и невклучување во политичкиот живот во земјата на лицата кои сакаат да се дел од судската власт.
Функцијата за правораздавањето е примарната во целиот судски систем на една држава. Судската власт се јавува како гарант на владеењето на правото и правната држава, два суштински концепти во современите демократски држави. Основна претпоставка за фактичко владеењето на правото е постоењето на независно и непристрасно судство.
Токму тука е најсуштественото прашање и проблем со кој се соочува судскиот систем во РС.Македонија: како да се воспостави независност и непристрасност на судовите имајќи го во предвид големото влијание на политиката и политичките партии на власт врз судиите. Користејќи ја политичката моќ што ја нуди позицијата на власт, македонските политички партии во изминативе три децении повеќе или помалку вршеа влијание врз судската власт кога станува збор за нивните партиски, политички и понекогаш лични интереси. Тоа е во суштинска спротивност со начелото на поделба на власта според кое секоја од нив е независна и самостојна од останатите.
Намерно или случајно токму поради овие влијанија се повеќе се зборува за повредување на правото на граѓаните на независен и непристрасен суд кој објективно, правилно и законито ќе одлучува за заштита на нивните права и интереси.
Од овие причини од круцијално значење е справување на судскиот систем со овој предизвик преку преземање на ефективни мерки за одделување и заштита на судската функција од политичките и партиските влијанија, интервенција во законодавството кое се однесува на судовите, избор на вистински кадри за вршење на судската функција кои се одликуваат со високо ниво на интегритет, чест и углед во средината. Важен е и начинот на избор на оние кои ги именуваат (избираат) тие кадри а тоа се членовите на судскиот совет и советот на ЈО. Се ова во насока на подобрување и реално практикување на начелото на независно и непристрасно судство.
Корупцијата како предизвик на судскиот систем
Корупцијата може да се јави кај сите носители на различните видови власт, односно таа може да биде политичка, административна и судска. Особено штетни ефекти има последниот вид на корупција иако може да се каже дека таа е тесно поврзана и со административната и политичката корупција. Меѓутоа, корупцијата во судството има посебно негативно значење бидејќи претставува директен напад и дерогирање на правдата и правото и тоа од страна на оние субјекти кои се задолжени да ја практикуваат правдата и да го применуваат и спроведуваат правото.
За жал овој проблем во Република С. Македонија се јавува континуирано и предизвикува несогледливи последици врз судскиот систем, но и воопшто врз целокупниот општествен систем на државата.
Заложби и напори за реформи има од сите влади и политички партии кои велат дека е потребно корупцијата во судството да се минимизира. Ефектите од тие заложби засега се само декларативни и невидливи. Дури постои и тренд во последните години за влошување на овој проблем и зголемена корупција во судовите низ државата на сите нивоа.
Обвинителството формирано токму за борба против организираниот криминал и корупција[5] наместо да ги регулира состојбите во оваа сфера, за жал се покажа нефункционално и згасна така како што се појави со политичка одлука и без никакви ефекти од неговата работа.
Од овие причини можеме да истакнеме дека кај нас има отсуството на видливи резултати во борбата против корупцијата. Не постои политичка волја кај партиите и власта за преземање на радикални, но ефективни чекори кон подобрување на ситуацијата. Политичките интереси не дозволуваат преземање на некои посуштествени законски корекции со цел да се промени она што е практика во судскиот систем а тоа е фактот дека судовите, кои треба да го спроведуваат законот, всушност се тие кои го кршат законот. Личните интереси се судираат со јавниот интерес и во најголемиот број случаи преовладува личниот интерес во судските постапки. За справување со овој предизвик потребни се големи напори и системски измени во судскиот систем.
Природата на корупцијата, особено на онаа во судството е таква што потребно е учество на повеќе општествени чинители во решавањето на овој проблем. Вклученоста на невладиниот сектор и медиумите е особено важна во поглед на детектирање на случаите на корупција и алармирање на јавноста за штетноста од коруптивните практики во рамки на судството. Преку активноста на невладините организации и медиумите се ставаат на „тапет“ судиите и нивната работа.
Позитивни ефекти во овој дел може да донесе реформа на Судскиот совет на Република С. Македонија. Она што се случуваше и сеуште се случува во оваа институција која е дел од потесниот опфат на судскиот систем во државата, јасно навестува дека мора и тука да се случат промени. Првата би била во делот на изборот на членови на судскиот совет на РСМ а втората во нивните компетенции. Со зајакнување на неговата улога во судскиот систем и зголемување на независноста од извршната и законодавната власт и од политичките влијанија истиот би можел да биде поефикасен на планот на санкционирање на оние судии кои се корумпирани. Исто така, со реформата на ова тело, би се подобрил начинот на избор и именување на судии. Воведување на дополнителни критериуми покрај постоечките, дополнителни и засилени проверки во поглед на интегритетот на личноста, достоинството и етиката кај кандидатите за судии исто така може да има позитивен ефект во справувањето со корупцијата во судскиот систем.
Неопходна е и измена на законските решенија и можеби донесување нови закони со кои би се подобрила транспарентноста во работата на судовите. Тука треба да се спомене и долго најавуваниот закон за ветинг со кој судиите и кандидадите за судии и јавни обвинители би биле подложни на проверка на нивната работа и на нивниот имот. Постојат и иницијативи за формирање на посебно тело, агенција или комисија со надлежност да ги врши овие проверки.
Сепак, се чини дека повторно се зависи од политичката воља кај парламентарните партии за донесување на ваков закон, иако долго се подготвуваат предлози, иницијативи и дебати. Се уште сето тоа останува како декларативна заложба. Меѓутоа заклучокот е дека контролата врз работата на судиите и обвинителите и другите јавни функционери мора да се зајакне како неопходен чекор во создавањето на независни и непристрасни судии кои нема да подлегнат на никакви притисоци и нема да пресудуваат во корист на лични или бизнис интереси.
Исклучително значење во оваа сфера имаат медиумите. Преку нив се создава врската помеѓу судските процеси и граѓаните кои се информираат за начинот на работа на судовите. Оттука, значајно е судските служби, но и самите судии како олицетворение на судовите да бидат поотворени кон медиумите со што би се воспоставил своевиден механизам на неформална контрола на нивната работа од страна на граѓаните. Редовните извештати кои се објавуваат на веб страните на судовите не се доволни да се процени колку и на каков начин работеле судиите поединечно и каква е нивната експедитивност и ефикасност во донесувањето на пресудите.
Ова наметнува потреба од промена на прописите кои се однесуваат на судската транспарентност, како и нивно усогласување со меѓународните стандарди и практики и со правната регулатива на Европската Унија и тоа во делот на оние закони каде што тоа се уште не е направено. Може да се каже дека справувањето со овој предизвик е од огромно значење за македонските судови, бидејќи во голема мера од транспарентноста зависи довербата на граѓаните во судството и судскиот систем, а таа според последните истражувања е на рекордно ниско ниво.
Ефикасни судови пример за квалитетен судски систем
Еден од најголемите предизвици за судството и судовите во РС.Македонија е зголемување и подобрување на ефикасноста. Сведоци сме на голема неефикасност во водењето на предметите, времетраењето на една судска постапка, оддолжување на конечното решавање на меритумот на споровите и сл. Со тоа се доведува во прашање начелото на судење во разумен рок како едно од темелните начела во судските постапки и исклучително важно за заштита на правата на граѓаните.
Долгите и неефикасни постапки се особено проблематични за лицата за кои е определена мерка притвор и за кои се водат овие постапки. Исто така овој проблем придонесува за застареност на огромен број предмети, а особено загрижувачки е остварувањето на оваа практика во однос на некои сложени кривични предмети поврзани со организираниот криминал и корупција кои се водат за поранешни носители на јавни функции и за кои постои интерес во јавноста и од страна на граѓаните да бидат решени. Од овие причини справувањето со неефикасноста мора да биде приоритетно прашање на кое ќе се посвети внимание во македонскиот судски систем.
Како еден од главните фактори за ваквата ситуација во судскиот систем се наведува недостатокот на судии во судовите. Бројот на предмети е голем, а бројот на судии во еден суд не е доволен за ефикасно и брзо постапување и решавање на тие предмети. Втор фактор е недостатокот на ресурси кој доведува до истата состојба – предолго траење на постапката и задоцнета правда.
Направени се одредени законски измени во насока на подобрување на ефикасноста во судењето како на пример: зголемување на износот на вредноста на предметот на спорот за кој е надлежен да постапува судија поединец во граѓанските спорови според Законот за парнична постапка, растоварување на судовите со пренесување на неспорните предмети на нотарите, префрлање на голем дел од материјата на прекршоците во надлежност на органите на управата, промените во процесните закони кои предвидуваат поефикасна достава како и воведувањето на достава по електронски пат, скратување на роковите за преземање на голем број парнични дејствија, поттикнување на алтернативното решавање на споровите и медијацијата, скратување на некои постапки за полесни спорови што придонесува до тоа граѓаните и правните лица побрзо да доаѓаат до правдата.
Меѓутоа повторно во најголем дел судските постапки се бавни и неефикасни и покрај позитивното влијание од овие промени и затоа потребни се уште поголеми посуштински промени и реформи за да имаме ефикасни судии кои ефикасно ќе ги водат постапките.
Не смееме да го заборавиме податокот за огромната недоверба на граѓаните кон судскиот систем во државата. Само 4% од граѓаните имаат доверба во судството. Овие резултати се пораз за целиот судски систем и показател за тоа дека судовите и другите институции на судскиот систем потфрлиле во извршувањето на својата работа и должност. Ниската доверба во судството или подобро речено високата недоверба се должи на сите погоре изнесени причини: корупција, политичко, партиско влијание, повреда на независноста на судската власт, непотизмот, нетранспарентност, неефикасност и бавни судски постапки кои бараат големи средства и време, а често пати граѓаните предоцна ја добиваат посакуваната разрешница или воопшто и не ја добиваат.
Сето ова за жал стана секојдневие и долгогодишна практика во македонското судство и резултатот е очигледен и презентиран како ниска доверба од страна на граѓаните. Потребни се големи реформи, напорна работа на бројни институции како од судската власт, така и од законодавната но според нас најважно е да се има политичка волја од извршната власт за посветување внимание за решавање на ова прашање.
Фусноти:
[1]https://www.iri.org/resources/national-poll-of-north-macedonia-september-october-2022/
[2]http://sud.mk/wps/wcm/connect/asbitola/ce1617eb-6e5d-457e-8b0c-772409bc70cb/Zakon+za+sudovite+-+precisten+tekst+-Marija.pdf?MOD=AJPERES&CVID=nWgRrKW&CVID=nWgRrKW
[3]https://jorm.gov.mk/wp-content/uploads/2020/02/sluzhben-vesnik-na-rsm-br.-42-od-16.2.2020-godina-1.pdf
[4]Закон за судови: Сл В на РМ.бр 58 од 11.05. 2006 г
Закон за Судски совет на РМ,Сл.В. на Р.М бр.60 од 15.05.2006 г
Закон за ЈО:Сл В на РМ. бр 42 од 16.02.2020 г
Закон за совет на ЈО:Сл В на РМ, бр.150 од 12.12.2007 г
[5] Познато како СЈО или со целосното име Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.