„Идејата за демократски социјализам беше табу веќе три децении во Хрватска. Успеавме повторно да ја вратиме во политичката дебата.“ На претседателските избори на 22 декември 2019 година, Катарина Пејовиќ беше кандидат на Работничкиот фронт, добивајќи само 1,12% од гласовите. Но, шест месеци подоцна, на 5 јули 2020 година, неколку партии, вклучително и Работничкиот фронт, се обединија во коалиција на екологистичката левица, правејќи изненадување на парламентарните избори со 7% од гласовите и седум пратеници (од 151 место). Обидот беше потврден на општинските избори минатиот мај: коалицијата освои апсолутно мнозинство во градскиот совет во Загреб во првиот круг, а нејзиниот кандидат, Томислав Томашевиќ, беше триумфално избран за градоначалник на главниот град по две недели, со 65 % од гласовите. Коалицијата – од која се одвои Работничкиот фронт – исто така, постигна добри резултати и во Пула, Сплит и во многу други градови на земјата.
Изненадувањата започнаа во Словенија, каде Обединетата левица ги доби своите први избрани членови во Парламентот уште во 2014 година. „Додека во Хрватска национализмот и војната уништија сè, Словенија отсекогаш одржуваше една силна лева традиција, со весници како Младина, со места на јавна дебата, интелектуалци како Славој Жижек и многу други“, објаснува пратеникот Лука Месец. Понекогаш нарекуван и „словенечкиот Ципрас“, како споредба со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, овој млад човек – а тој имаше само 27 години кога за прв пат беше избран во 2014 година – во голема мерка успеа да го реанимира Универзитетот со работници и панкери, претворајќи го во клучен простор за интелектуалното вооружување на словенечката левица. „Мојата генерација“, продолжува тој, „беше тешко погодена од глобалната криза во 2008 година. Таа беше во состојба да разбере дека нема да има работа за сите и дека сепак нештата нема автоматски да се подобруваат. Накратко, дека не е доволно само да се разбере, туку и да се трансформира самото општество.“
За новата генерација на словенечката левица, важна улога одигра „граѓанското востание“ во зимата од 2012 година. Уште прв пат како премиер (стана премиер повторно од 2012 до 2013 година, а потоа и од март 2020 година), конзервативецот Јанез Јанша водеше строга политика на штедење, намалувајќи ги платите на државните службеници и организирајќи кратења на здравствените буџети и образованието. Заглавен во корупциски скандали, тој конечно беше принуден да ја напушти функцијата на крајот на февруари 2013 година, по повеќенеделни протести на пошироката словенечка јавност.
„Кризата во 2008 година ги испомеша картите и означи појава на нови прашања како такви“, го потврдува писателот Игор Штикс, еден од водачите на хрватскиот студентски бунт од 2009 година. „Студентите јавно го осудија либералниот модел на високото образование што Европската унија се обиде да го наметне. Централното барање беше бесплатно образование, од градинка до докторат.“ Како и во Словенија неколку години подоцна, ова движење служеше како школа за активизам за една цела генерација.
Во февруари 2014 година, движењето на пленумот ја запали Босна и Херцеговина од големиот, пропаднат работнички град Тузла, на северо-запад од земјата. На вработените во приватизираните фабрики кои ги бараа своите неисплатени плати, им се придружија и жителите на градот и го зазедоа седиштето на владата на кантонот. Осудувајќи го неолибералниот модел послушно следен во Босна и Херцеговина и при тамошните национални поделби, демонстрантите потсетија дека „глад“ се вели исто и на босански, хрватски или српски јазик“. „Ова движење експериментираше со директна демократија,“ подвлекува Штикс. „Градските пленуми се состанаа во „пленумот на пленуми“, а кое потсетува на „собранијата на собранија“ на француските „жолти елеци“.
Сепак, ниту една политичка сила не успеа да ја промени ситуацијата таму. Неуспехот на ова движење може да се објасни барем делумно со етнополитичките поделби во Босна и Херцеговина, користени и поддржани од националистите на власт. „Босанските српски власти воспоставија санитарен кордон за да спречат заразата, со образложение дека социјалните барања претставуваат национално предавство“, објаснува Крунослав Стојаковиќ, и самиот роден во Тузла, а денес директор на Регионалната канцеларија за Југо-источна Европа на Фондацијата Роза Луксембург, политички поврзан со германската партија Дие Линке („левицата“).
Сега, хрватската и словенечката динамика инспирираат повици и во Србија. Партијата на радикалната левица (ПРЛ) беше создадена во септември 2020 година на урнатините на Социјалдемократскиот сојуз (СДУ), и по тешкото и големо правење инвентар. „Ние сме горди на вклученоста на СДУ во антивоеното движење од 90-тите и борбите против режимот на [поранешниот претседател Слободан] Милошевиќ. Од друга страна, ние го отфрламе тогашното учество на СДУ во разните српски влади од 2000-тите и поддршката за приватизациите“, објаснува Иван Златиќ, член на претседателството на сегашната партија.
Златиќ има намера да изготви критичка проценка за „Другата Србија“, тоа широко движење кое се спротивставуваше, честопати храбро, на национализмот и војната во тогашната Србија. Ова движење успеа да ги одржи врските помеѓу републиките на старата федерација, истовремено бранејќи ги правата на жените и разните сексуални малцински групи. „Југословенското искуство претставуваше две работи: братство и единство на сите народи – со други зборови, интернационализам – и социјални права. Либералната традиција знаеше да го заштити првиот аспект, но го жртвуваше вториот, кој сега мора да го вратиме во преден план.“ За Златиќ, оваа „друга Србија“, која дојде на власт по падот на Милошевиќ, на 5 октомври 2000 година, немаше желба да спроведе програма за либерални реформи. „Но, затоа пак, се имаше желба да се казнат работниците преку приватизација, да се казни овој народ кој не се побунил против Милошевиќ… Што, меѓу другото, беше лажно: се заборава улогата на работничките штрајкови од октомври 2000 година во падот на режимот“
Словенечката партија Левица е член на Партијата на европската левица (ПГЕ), која особено ги вклучува Француската комунистичка партија, Дие Линке или грчката коалиција Сириза. „Ние дејствуваме во европски рамки, но имаме поблиски односи со другарите од Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија отколку со оние од Италија или Австрија. Ние споделуваме заеднички препораки“, вели Месец. Во Загреб, Пејовиќ не ја негира ниту југословенската референца: „Националистите отфрлаат сè што е југословенско, но, во Хрватска, за многу луѓе, оваа ера добива позитивно значење: социјални права, одмори за сите… Можно е да има фолклорна димензија во „југоносталгијата“, додека дебатата за причините за колапсот на заедничката држава не е завршена. Ако поимите социјализам и Југославија сè уште се поврзани во фантазијата на многу Хрвати, тоа веќе не е хендикеп за нас.“
Јавно осудувајќи ги ревизионистичките обиди што ги прават хрватските или српските десничарски партии во врска со Втората светска војна, Фондацијата Роза Луксембург развива меморијални проекти, истовремено промовирајќи критички размислување за социјалистичкото искуство, особено во неговата димензија на самоуправувањето. „До консолидацијата на авторитарниот неолиберален режим на [Александар] Вучиќ, во периодот на 2012-2014 година, Србија доживеа многу форми на работнички отпор, како што е долгиот штрајк на Југоремедија во Зрењанин, од декември 2003 година до септември 2004 година. Работниците ја окупираа оваа фармацевтска фабрика во знак на протест против нејзината приватизација. Правдата заврши со тоа што им се даде контрола над поголемиот дел од капиталот“, објаснува Златиќ, убеден дека искуството за самоуправување останува вградено во меморијата на југословенските работнички класи.
Левицата, која се обидува да се формира, се наоѓа на раскрсницата на две традиции: онаа на работничките борби и онаа на општинските локални искуства, насочена кон одбраната на локалните заеднички добра. Па, така, коалицијата на зелената левица, која штотуку го освои градското собрание на хрватскиот главен град, се разви од искуството на платформата Загреб е НАШ! Неговиот неодамнешен триумф служи како охрабрување за движењето Да не го дав(аме)име Белград, кое игра централна улога во мобилизациите против разграбувањето на главниот град организиран од разни градежни претприемачи, организатори и инвеститори, кои се поврзани со Српската напредна партија (СНС), што сега е на власт. Центарот на градот е испразнет од населението и срамнет со земјата, за да се направи место за луксузен комплекс на бреговите на Дунав, т.н. проектот Белград на вода, за кој се тврди дека ќе биде финансиран од капитал од Обединетите Арапски Емирати, но кој главно ќе биде огромна операција на перење српски пари.
Во пролетта 2016 година, илјадници жители на Белград маршираа зад маскотата на движењето на протестот, огромна жолта пластична патка. Протестот се прошири за сите градежни проекти во главниот град, како што се уништување на старите филмски студија „Авала“ и шумските области на Кошутњак. Борбата против гентрификацијата на одредени населби вклучува и борба против иселувањата, направени исклучително лесни со новите српски закони, во случај на задолжување, неплатени закупнини или враќање на имотот на неговите сопственици пред 1945 година. „Некои екстремно десничарски активисти се обидоа да се приклучат на мобилизациите и протестите, но нивниот обид пропадна, се насмевнува Исидора Петровиќ, активистка на движењето „Покрив над главата“. „Потребна е голема решителност пред извршителите и полициските службеници, кои се секогаш во спрега со властите.“
Петровиќ критички гледа на „демократските“ демонстрации од зимата 2018-2019 година, кои според нејзе биле само еден обид на либералната опозиција да ги натера луѓето да зборуваат за опозицијата, по неколкуте последователни изборни порази на оваа српска опозиција. Сепак, младата жена останува убедена дека режимот на Вучиќ не е имун на социјална експлозија, што се покажа преку спонтаниот гнев на студентите кои, во јули 2020 година, одбија затворање на нивните универзитетски домови и интернати, од здравствени причини.
На Балканот, одбраната на заедницата се мобилизира во форма на демонстрации, како што се големите протестни маршеви што го анимираа Белград на почетокот на април или локалните акции. Многу борби се кристализираат против проектите за мали хидроцентрали, кои честопати ги промовираат и туркаат луѓе блиски до власта, а со помош на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), и кои сега се размножија во регионот. „Транзицијата ни одзеде сè: нашите работни места, нашите фабрики, нашата иднина… Ни останаа само вода, воздух и природа, па дури и тоа, тие сакаат да ни го земат“, огорчен е Александар Вемиќ, активист и еко-бранител на реката Буковица во Црна Гора. Овие невидени мобилизации придонесоа во август 2020 година за пад на режимот на Мило Ѓукановиќ, успевајќи да ги надминат идентитетските разлики што го структурираат црногорското општество1. Откако стана столб на новата влада, Движењето за обединети реформски акции (УРА) се придржува кон Европската зелена партија и тврди дека е левица на граѓаните и на животната средина.
Корелацијата помеѓу борбите на работниците и борбите за екологија, правата на жените и на сексуалните малцински групи, сепак, останува да биде еден комплексен пат. Месец подвлекува дека, во Словенија соочени со ултра-десничарскиот авторитаризам на премиерот Јанша, како словенечки поддржувач и имитатор на Унгарецот Виктор Орбан кој успеа повторно да се врати на власт во Словенија во март 2020 година, сепак од антикапиталистичката левица главно зависи да ја води борбата во одбрана на основните права и слободи. Роберт Козма, активист од Да не го дав(аме)име Белград, подвлекува, од своја страна, дека членството или не во Европската унија повеќе не предизвикува разлики меѓу земјите од регионот: „Сите тие припаѓаат на една полу-доминирана периферија.“
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- Види: « Clientélisme et vertiges identitaires au Monténégro », Le Monde diplomatique, февруари 2021.