Како што слави 100 години од своето постоење, дали Комунистичката партија на Кина (КПК) стана капиталист? Четириесет години по реформите за економска либерализација што ги започна Денг Ксијаопинг, повеќе од 800 милиони луѓе се извлечени од сиромаштија, а партијата сега е на чело на втората светска економија – или дури и прва ако се погледне во паритетот на куповната моќ – со 18% од светскиот бруто домашен производ (БДП)1. Воведувањето на пазарната економија и забрзувањето на растот се одвиваа заедно со експоненцијалното зголемување на нееднаквостите во Кина: коефициентот на Џини, кој ја мери нејзината големина, т.е. класната нееднаквост, се искачи за дури за цели 15 поени помеѓу 1990 и 2015 година (последна позната цифра)2.
Овие трансформации го поттикнаа растот на приватниот сектор, но државата сепак одржува директна контрола врз голем дел од економијата – јавниот сектор претставува околу 30%, со што Кина станува школски пример на случај на државен капитализам. Покрај тоа, КПК успеа во голема мерка да ги кооптира елитите излезени од оваа либерализирана економија. Иако комунистичката идеологија веќе не го структурира собирањето на кадри, нејзината ленинистичка организациска форма останува во центарот на односот помеѓу државата и капиталот.
Партијата, чии редови продолжуваат да растат, до степен да достигне околу 92 милиони членови (или 6,6% од вкупното кинеско население)3, постепено се трансформира во партија на канцелариски работници или чиновници. Во раните 2000-ти, тогашниот претседател Жианг Земин ја укина забраната за регрутирање како партиски кадри на претприемачи од приватниот сектор, кои претходно се сметаа за класни непријатели, така што КПК повеќе не ги претставува само „револуционерните“ класи – работниците, селаните и војниците, туку, исто така и „напредните производни сили“ на народната држава. Така избраните деловни мажи и жени стануваат членови на владејачката политичка елита, што гарантира дека нивните компании, барем делумно, се заштитени од наметнати партиски директори со предаторски склоности. Нивното вклучување се забрзува под претседателството на Кси Џинпинг (од 2013 година), со цел да се формира „група поединци кои припаѓаат на деловниот свет и решени да одат заедно со партијата“4. Резултат: КПК брзо стана се повеќе и повеќе елитистички клуб. Веќе во 2010 г., „професионалните партиски кадри“ (според официјалниот израз) дипломирале на високото образование, изедначено по број, со селаните и работниците. Десет години покасно, овие професионални партиски чиновници ги надминуваат сите, формирајќи дури 50% од членовите, во споредба со 35% од работниците и селаните.5
Додека паролата „да се биде трудбеник за комунизмот“ беше една од главните причини за пристапување во партијата за време на маоистичката ера (1949-1976), сегашните мотивации се попрагматични: во прв ред станува збор за олеснување на сопствениот „професионален напредок“6. Може да се примети, преку предложените внатрешни обуки, дека самата партија се претставува буквално како некоја менаџерска структура инспирирана од неолиберализмот, насочена кон ефикасно управување и со населението и со економијата7.
Сепак, минималното значење што и се дава на комунистичката идеологија како таква, не го доведува во прашање нивото на верност што се бара од самите членови, кои мора да покажат „партиски дух“8. Близу до претприемничкиот дух во една компанија, свртен кон успехот на самата организација создавајќи чувство на припадност, ова е исто така обоено со национализам. Централното место на партијата во современата трансформација на Кина на тој начин редовно се цитира на членовите, без разлика дали за време на обука или преку издигнување на „црвениот туризам“, по стапките и местата на нејзината револуционерна историја9.
Со актуелниот претседател, зајакната е и внатрешната партиска дисциплина. Целта е да се обезбедат, преку масовна антикорупциска кампања, моралот и лојалноста на водачите како членови. Не само што потенцијалните противници на личната моќ на Кси дефинитивно се отстранети од сцената, туку се зголеми и контролата над партиските функционери, како и борбата против „четирите (лоши) професионални стилови“: формализам, бирократија, хедонизам и екстравагантност10.
Ова барање за лојалност и професионална етика во согласност со сликата што КПК сака да ја создаде пред пошироката јавност се однесува на сите нејзини членови, вклучително и на оние од приватниот сектор. Според партиските директиви, тие мора да останат верни на политичката линија, но и да ги „регулираат сопствените зборови и постапки“, да „негуваат здрав начин на живот“ и да останат „скромни и дискретни“11. Оние кои не ја играат играта можат да трпат последици. Харизматичниот Џек Ма, основач на групацијата Алибаба, претставува совршен пример за ова во сегашна Кина. Откако отворено ја критикуваше државната контрола врз банкарскиот сектор, тој веднаш стана мета на напад организиран од партиско-државните органи. Првата емисија на акции на нејзината финансиска подружница, Групацијата Ант, беше запрена на крајот на 2020 година, а на групацијата дури и беше наредено да го ограничи своето работење12. Овој случај ја одразува желбата на КПК да ги држи претприемачите под притисок, за да се обезбеди нивна лојалност, но и да се задржи одреден степен на контрола врз финансиските и технолошките ресурси на нивните компании. Групацијата Ант поседува вредни лични и финансиски податоци за стотици милиони луѓе кои ги користат нејзините алатки за плаќање преку интернет и за земање кредити; еквивалент на милијарди долари циркулира дневно на нејзините платформи.
Зголемената контрола врз приватниот сектор е во согласност со хегемонистичките тенденции на КПК, толку карактеристични за ерата на Кси Џинпинг. Всушност, статутот на партијата беше изменет во 2017 година за да се нагласи дека „во секторите на партијата, владата, армијата, општеството или образованието – на исток, запад, југ и север, партијата диригира на сите фронтови.13“ Во компаниите, ова се претвора во зголемување на бројот на основни организации, ќелии. Иако, во март 2012 година, одделот на организацијата, кој е одговорен за управување со нејзините човечки ресурси, ќе објави партиска директива со која се повикува да „се опфати исцрпно“ и приватниот сектор, од 2018 година, компаниите котирани на кинеската берза имаат обврска да формираат и основна организација на партијата. Сега, 92% од петстотините најголеми кинески компании имаат формирано такви партиски основни организации14. Иако јавно не се објавени прецизни бројки, редовните протекувања на внатрешни информации откриваат многу големо присуство на членови и партиски ќелии во странски компании основани во Кина15.
Ова присуство и обезбедува на државната партија лост на влијание надвор од големите делови на економијата што ги поседува. Дисциплинскиот апарат на КПК, олицетворен од Дисциплинската и инспекциската комисија, се користи да се казнат членовите кои ги прекршиле нејзините правила, вон правосудниот систем. Се приметува дека се зголемуваат нејзините овластувања со антикорупциската кампања. Сесиите на критика и на самокритика, насловени како „состаноци на демократскиот живот“, повторно се ставаат во функција, дозволувајќи да се дисквалификуваат партиските функционери кои се „корумпирани“ или „нелојални“. Така се рециклираат традиционалните маоистички практики, за да се обезбеди веќе не „идеолошката чистота“ на партиските функционери и членовите, туку нивната верност кон самата организација и нејзиниот водач.
Досега, овие партиски ќелии имаа само второстепена улога во компаниите: тие регрутираа членови и организираа обука или социјални и културни активности за нив. Сега, со цел да се развие еден „модерен систем на претпријатија со кинески карактеристики“, директивите бараат од приватните компании „да се придржуваат до принципот, единствено партијата да има моќ за донесување одлуки во врска со човечките ресурси“. Прерано е да се знае каква форма ќе добие ова, но за Је Кинг, потпретседател на Кинеската федерација на индустрија и трговија, предводена од КПК, јасно е дека ова подразбира потчинување на управувањето со човечките ресурси на партиските директиви16.
Па, така, вработувањата и отпуштањата би биле предмет на претходен договор помеѓу самите партиски основни организации, со цел да се избегне „дека менаџерите промовираат кого сакаат“, прецизира тој. Исто така, тој препорачува формирање структура за следење и ревизија во рамките на компаниите, под надлежност на партијата, со цел да се гарантира почитување на законот од страна на компанијата, но исто така и да се санкционира кршење на дисциплината и „абнормалното однесување“ на вработените. Дисциплинскиот апарат потоа ќе ги опфати сите, дури и тие кои не се членови на партијата.
Според овие нови партиски директиви, управувачката улога на основните партиски организации ќе мора да биде официјално вметната во статутите на компаниите и да се резервира посебен буџет за нивните активности. Ова значи правно кодифицирање на барањата на КПК, така што тие стануваат обврзувачки, дури и за компаниите што не се под нејзина директна контрола. Па, така, во Кина, функционирањето на приватниот сектор се повеќе личи на државните претпријатија.
Концентрирана на сопствениот опстанок и карактеризирана со голем прагматизам, дури и со идеолошки вакуум, КПК на тој начин интегрира во своите редови се поголем број на капиталисти, додека станува се повеќе присутна во компаниите. Овој асиметричен сојуз може да се најде и надвор од државните граници: проектот „Нови патишта на свилата“ (Иницијатива „Појас и пат“ – БРИ) ја забрзува интернационализацијата на кинеските компании, и приватни и државни, кои создаваат партиски ќелии во странство, за да ги надгледуваат своите работници. Иако се одрекна од маоистичкиот интернационализам, КПК сега ги извезува својот начин на организација и своите дисциплински алатки.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- « World Economic Outlook », Fonds monétaire international (FMI), Washington, DC, 2020.
- Sonali Jain-Chandra et al., « Inequality in China – Trends, drivers and policy remedies », FMI, 05.06.2018.
- Nis Grünberg, « Who is the CCP ? China’s Communist Party in infographics », Mercator Institute for China Studies (Merics), Berlin, 16.03.2021.
- « Opinion sur le renforcement du travail de front uni au sein de l’économie privée de la nouvelle ère », Bureau du PCC, Pékin, 15.09.2020 (на кинески).
- Nis Grünberg, « Who is the CCP ? », op. cit.
- Bruce Dickson, « Who wants to be a communist ? Career incentives and mobilized loyalty in China », The China Quarterly, vol. 217, Cambridge, март 2014.
- Види: Alessia Lo Porto-Lefébure, « Formation à l’américaine pour dirigeants chinois », Le Monde diplomatique, јануари 2021.
- Frank N. Pieke, « Party spirit : producing a communist civil religion in contemporary China party spirit », Journal of the Royal Anthropological Institute, vol. 24, n° 4, Londres, декември 2018.
- Ibid.
- Види: « The end of the road for Xi’s mass line campaign : an assessment », China Brief, vol. 14, n° 20, Washington, DC, октомври 2014.
- « Opinion sur le renforcement du travail de front uni… », op.cit.
- Види: Jordan Pouille, « Alibaba, épopée chinoise », Le Monde diplomatique, март 2021.
- Jude Blanchette, « Against atrophy : party organisations in private firms », Made in China Journal, vol. 4, n° 1, Acton (Australie), јануари – март 2019.
- Neil Thomas, « Party committees in the private sector : rising presence, moderate prevalence », MacroPolo, 16.12.2020, https://macropolo.org
- « Party insiders in the ranks : communists infiltrate Western consulates », The Australian, Sydney, 15.12.2020.
- Ye Qing, « Promouvoir la fusion du système de direction du parti et du système de gestion des entreprises privées », China Business Times, Pékin, 17.09.2020 (на кинески).