Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Амбиции на Обединетите Арапски Емирати во Аденскиот Залив

Неизвесниот мир на островот Сокотра

Од минатата година, Сокотра, јеменски архипелаг долго запоставен од централната влада, е во рацете на јужните сепаратисти поддржани воено од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и, подискретно, од Саудиска Арабија. Без разлика на еволуцијата на војната, Абу Даби има намера да го зајакне своето воено присуство со цел да ја контролира оваа стратешка поморска точка во Аденскиот Залив.

Од дописникот Квентин Милер
Новинар.


Фото: Fahd Ahmed / Unsplash

На островот погоден од брановите на Индискиот Океан и силните топли ветрови, Херкул се бори до смрт против змеј со сто глави. Крвта на чудовиштето тече и се претвора во црвен сок кој денес го наводнува т.н. драконско стебло, локално фосилно дрво кое е симбол на исклучителната вегетација на Сокотра, јеменскиот архипелаг лоциран на работ на Аденскиот Залив. Оваа древна легенда е позната на многу жители на Сокотра – претежно рибари или одгледувачи на кози – и со задоволство ја повторуваат на посетителот. Тие инсистираат на уникатноста на нивниот архипелаг, запишан во 2008 година на списокот за светско наследство на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) поради неговата разновидност и евиденција во однос на ендемизмот: 37% од 825 видови растенија присутни овде не се наоѓаат никаде на друго место во светот, а оваа посебност важи и за влекачите, птиците, морската фауна и коралните гребени1.

Но, ваквите размислувања во полза на уникатната природа речиси и не се приоритет на локалното население, околу 60.000 жители кои се распространети на четири острови, од кои главниот не надминува 3.600 квадратни километри. Иако на 350 километри оддалеченост од брегот на Арапскиот Полуостров, архипелагот веќе не може да побегне од насилните пресврти во регионот, бидејќи ја поттикнува лакомоста на сепаратистичките сили на Јужен Јемен и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Дури иако го доживеа својот дел од внатрешните судири, неговата изолација долго време го штити од крвавите перипетии на јеменскиот политички живот, војните меѓу северот и југот на земјата, а да не зборуваме за странски воени интервенции2. 

Далеку од завојувањето што редовно го зафаќа Јемен, племенската традиција на посредување и деескалација го карактеризира населението на Сокотра. Отворените конфликти меѓу племињата на архипелагот или со надворешни сили се сметаат за незамисливи. Покрај тоа, според локалните обичаи, победникот во вооружен конфликт не може да бара плен. Напротив: товарот на помирување паѓа врз него, како и обврската финансиски да се надоместат загубите на поразените. Таквиот код му понуди на архипелагот мир од неколку децении, кога Јемен доживуваше најмалку четири војни од големи размери, а најновата беше воената интервенција што ја започна Саудиска Арабија во 2015 година за да го намали бунтот на Хутите, кои го соборија Абд Рабо Мансур Хади од власт3.

Покрај тоа, поради културата и традициите премногу оддалечени од јеменските националистички проекти на дваесеттиот век, Сокотра никогаш не била приоритет за владите на самата марксистичка Народна Демократска Република Јемен (1967-1990) – или на Јужен Јемен – или на обединетиот Јемен (1990). „Островот е неразвиен. Централната влада никогаш не била загрижена за ова. Кога Сокотра стана дел од светското наследство на УНЕСКО, државата одеднаш се сети дека Јемен има остров“, иронизира Башир Ал-Мохалал, поранешен шеф на кабинетот на советник на претседателот Хади.

Од април до јуни 2020 година, последователните пристигнувања на неколку стотици војници од Јужниот преоден совет (ЦТС), сепаратистичка организација која се залага за независен Јужен Јемен и ужива поддршка од ОАЕ, стави крај на релативниот спокој на Сокотра4. Сепаратистите ги нападна сите невралгични точки на островот, вклучувајќи го и Хадибох, неговиот главен град. Отпорот беше занемарлив и Рамзи Махрус, гувернерот што ја претставуваше централната државна власт, едноставно избега. Пучот беше успешен. „Триста платеници се собраа во петокот во Хадибох. Пукаа во воздух три часа за да ги исплашат луѓето. Создадоа паника. Ова беше првпат еден ваков настан да се случи овде“, раскажува Али Саад, соработник на Аиса Ибн Јакут, шеик на сите племенски водачи на островот, познат по своето противење на ЦТС.

Родено во раните 2000-ти, ова движење сака да се одвои од северните територии и да се врати на состојбата со две јеменски држави, како пред 1990 година. Искористувајќи ја екстремната кревкост на централната влада преокупирана на север од војната против Хутите, но и сиромаштијата и маргинализацијата на многу популации на југ, ЦТС користи оружје за да ја прошири својата контрола над јужниот дел на земјата. Со текот на годините, се здоби со популарност, вклучително и во некои региони кои не се носталгични за периодот на Јужен Јемен како посебна држава, создавајќи поделби меѓу населението. Ваков е случајот и на Сокотра. Долго пред пристигнувањето во април 2020 година, движењето се инсталира маргинално таму во 2007 година. И дури во мај 2018 година, неговите активисти почнаа да излегуваат во јавноста, благодарение на пристигнувањето на воен експедициски корпус од ОАЕ.5

Во тоа време, под изговор за изградба на заднинска база за војна против бунтот на Хутите и џихадистичкиот тероризам, Абу Даби прати четири воени авиони на Сокотра и постави гарнизон од сто војници. И покрај протестите – вклучително и оние од САД, кои повикуваат на почитување на јеменскиот суверенитет – ОАЕ добиваат свое упориште во архипелагот. Дел од населението покажува спремност за нивните ветувања за инвестиции, кои изнесуваат стотици милиони долари.

Важен адут: ОАЕ уживаше историска популарност на островот. Кога Јужен Јемен се стекна со независност во 1967 година, неколку шеици од племињата на ОАЕ инсистираа до британската номинална власт да прифати, тие жители на Сокотра, кои се противат на апсорпцијата на нивниот остров од идната јеменска марксистичка држава, да може да се населат во Абу Даби, Дубаи и во други емирати. Во емиратот Ајман е воспоставена голема островска заедница, додека, иако правено ретко во оваа држава во војна, неделната авиолинија помеѓу Сокотра и Абу Даби ја одржува авиокомпанијата Ер Арабија, со седиште во емиратот Шарџа. ОАЕ, исто така, се активни на архипелагот веќе неколку децении, градејќи училишта, куќи, болница и патишта, особено преку нивната хуманитарна организација Црвената полумесечина или преку фондацијата на шеикот Калифа Бин Зајед Ал-Нахјан, емирот на Абу Даби и претседател на Федерацијата на ОАЕ.

Уште во мај 2018 година, на островот кружеа гласини, кои најавуваа дека референдум за самоопределување ќе се одржи на нечесен начин од страна на ОАЕ. Истата година, се одржаа првите демонстрации на сепаратистичките активисти на ЦТС; присуството на војници од ОАЕ ги спречува локалните власти да ги растурат истите. Во јуни 2019 година, импресивна поворка од стотина жени во црни бурки ја опколи зградата на гувернерот Махрус. Вооружени со плакати, тие побараа негова оставка, обвинувајќи го дека склучил пакт со Муслиманското братство на јеменската политичка партија Ал-Ислах –  со која во Јемен војуваат ОАЕ, кои братството го сметаат за терористичка група. „За да ги дискредитираат своите противници, вклучително и гувернерот Махрус, кој е лојален на централната влада, сепаратистите го користат обвинувањето за припадност на Муслиманското братство“, објаснува Набел Новаира, аналитичар на Меѓународниот форум на Заливот. Од своја страна, Махрус, кој сега е бегалец во Оман, протестираше: „Јас сум социјалист. ЦТС ги обвинува сите владини претставници дека припаѓаат на Муслиманското братство. Тоа е заплашување“.

Оттогаш, политичките немири во архипелагот продолжуваат. ЦТС постепено станува водечка опозициска сила. Како одговор, беше создаден „комитет за мирно зачувување на архипелагот Сокотра“, што објави дека се залага за суверенитетот на Јемен над островот. Според Мохамед Абдула Амер, поранешен соработник на јеменскиот гувернер Махрус, нема сомнение: сепаратистите биле тројански коњ за ОАЕ да ја преземат контролата врз Сокотра. „ЦТС кој е присутен на островот ги прима своите наредби од Абу Даби. Неговите членови дури примаат и плати преку фондацијата на Калифа Бен Зајед“, потврдува тој.

По една година владеење, ЦТС го замени црвеното, белото и црното знаме на Јемен на сите фасади на јавни згради со она на поранешната Народна Демократска Република Јемен. Портретот на Ајдарос Ал-Зубаиди, шеф на ЦТС во Јемен, беше додаден на фасадите на полициската станица во Хадибох и канцеларијата на гувернерот. Тинејџери вооружени со калашникови, со образи потечени од џвакање лисја од локалното дрво кат како ментален стимуланс, сега ги чуваат контролните пунктови и чувствителните точки на архипелагот. Преку својот водач од Сокотра, Раафат Али Ибрахим, ЦТС тврди дека дејствувал против деспотизмот на поранешниот јеменски гувернер Махрус: „Тој отпушти многу чесни квалификувани службеници во цивилниот и воениот сектор, само да ги замени со активисти на Муслиманското братство“.

Од страната на Емиратите, тие негираат каква било желба да го анектираат архипелагот. Според официјалниот говор, само воените мотиви – спречување на бунтовниците Хути да се населат таму – и хуманитарни причини го оправдуваат присуството на трупите на ОАЕ и цивилите. „Загрижени сме дека Сокотра ќе биде контролирана од една трета страна“, сепак инсистира Амер. „Островот е стратешка област поради својата позиција во меѓународна поморска рута на бродовите. Многу земји би сакале да имаат свое присуство таму“. Неколку наши соговорници се сеќаваат дека во 1970-тите години, архипелагот, кој беше домаќин на советската станица за прислушкување и шпионирање, беше во центарот на борбата за регионално влијание помеѓу САД и СССР. „Сокотра е благодат за ОАЕ, кои се стремат да станат чувари на Аденскиот Залив“, открива Франсоа Фрисон-Рош, експерт за Јемен во Националниот центар за научни истражувања (ЦНРС). Истото го констатира и Новаира: „На архипелагот може да се изградат пристаништа за да се снабдуваат бродови што транзитираат до теснецот Баб-ел-Мандеб. Бидејќи ОАЕ веќе го контролира пристаништето Аден преку јужните сепаратисти, преземањето на Сокотра значи контрола на важен меѓународен трговски пат“.

Оваа контрола можеше да се избегне доколку Саудиска Арабија, која исто така требаше да биде сојузник на јеменската влада, интервенираше на денот на пристигнувањето на сепаратистите на ЦТС. Во 2018 година, чувствувајќи ги зголемените тензии меѓу жителите на островот и гледајќи како ОАЕ имаат се поголемо влијание таму, претседателот на Јемен Хади се обиде да го убеди кралството да се етаблира на архипелагот за да спречи каква било ескалација. Неколку стотици саудиски војници потоа пристигнаа како дел од нивната тура. Изградени се воени бази, вклучувајќи една во близина на аеродромот и друга на влезот во Хадибох. „Дознавме за доаѓањето на [јужните] платеници благодарение на властите во другите провинции. Така ги предупредивме саудиските генерали, кои требаше да бидат сојузници на јеменската влада. Ни ветија дека ќе спречат каков било воен удар, но не направија ништо“, се сеќава гувернерот Махрус. Саудиски војник во Сокотра признава, под услов на анонимност, дека и неговата влада ги „контролира“ сепаратистите, и дека дури и ги опремила.

За спомнатиот Саад, Саудиска Арабија, како и ОАЕ, игра двојна игра. Од една страна, ја поддржува јеменската централна влада на Хади против Хутите; од друга страна, ги унапредува своите пиони во стратешката војна што се игра во Сокотра. „ЦТС ги изврши своите напади поминувајќи пред саудиските сили и тие дури и не мрднаа од место. Најлошото е што една од нивните бази се наоѓа точно пред полициската станица. Го видоа нападот, оружјето, платениците; видоа се, но не направија ништо!“, изјавува тој, малку занесувајќи се.

Официјално, за да и угоди на владата на Хади, Абу Даби го одобри планот за повлекување на своите сили во јули 2019 година. Но, во реалноста, ОАЕ се повеќе присутни од кога било во Сокотра, градат неколку бази и испраќаат неколку десетици „воени советници“6 таму. Некои од жителите на островот ги обвинуваат за грабежи на растителните ресурси на островот – особено за ископување на драконското стебло за испраќање во ОАЕ, организирање илегални туристички патувања без согласност на јеменската влада и ставање на располагање на нивните воени инсталации на архипелагот на Израел, за да може да ги следи активностите на иранската морнарица во регионот.

Од своја страна, ЦТС, откажувајќи се од обидите за сепаратизам, ги потпиша договорите од Ријад во ноември 2019 година. Но, со поддршка од ОАЕ, сепак ја задржа контролата врз Сокотра. На 25 март се организира собир на племенски водачи на Сокотра на педесет километри од Хадибох, во пештерата Халаа Дидум, сместена во планината свртена кон пенливото сино море. Заштитени од силното сонце, племенските водачи од целиот остров се собираат на теписи наредени на земја, се ракуваат или – како обичај распространет на овие географски широчини – се поздравуваат со триење на носот. Знамиња на обединет Јемен се веат над портретот на претседателот Хади. Насловот на состанокот е недвосмислен: „Не за окупацијата. Не за вооружени милиции или банди во Сокотра. Без мешање однадвор. Да за суверенитетот. Сокотра е Јемен и секогаш ќе остане таква“.

Додека мршојадците се вртат на небото, привлечени од казаните со козјо месо подготвено за ручек, подолу одеднаш се појавуваат автомобили на полицијата под контрола на ЦТС. Луѓе во униформа, вооружени со калашникови, се качуваат по падината што го одделува патот од пештерата. Откако влегуваат внатре, ги кинат јеменските знамиња. Духовите се вознемируваат и еден полицаец предупредува: „Дозволено ни е да пукаме“. Еден човек му одговора: „Ти, жител на Сокотра, мене најде ли да ме стрелаш? Сепак, многу добро го познаваш моето семејство!“ Доаѓаат засилувања; овој пат се работи за војници на ЦТС. Уапсени се неколку племенски водачи. Спомнатиот Саад, личност во опозицијата на ЦТС, се сомнева дека водачите на јужното движење, сите од надвор од Сокотра, испратиле полиција, составена од жители на Сокотра, на прво место, со надеж дека исто така би се направил инцидент што би го влошил раздорот меѓу жителите на островот.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

  1.  « Archipel de Socotra », « Liste du patrimoine mondial », Unesco,  https://whc.unesco.org
  2.   Види: Laurent Bonnefoy, « Les déchirures du Yémen », во: « De l’Arabie saoudite aux émirats, les monarchies mirages », Manière de voir, n° 147, јуни-јули 2016.
  3.  Види: Pierre Bernin, « Les chemins tortueux de la paix au Yémen »; и « Fiasco saoudien au Yémen », Le Monde diplomatique, поединечно, март 2019 и јануари 2021.
  4.   « Les séparatistes yéménites s’emparent de Socotra », Al-Mashareq, 22 јуни 2020, https://almashareq.com
  5.  « UAE forces beef-up presence in Yemen’s Socotra Island », Middle East Monitor, 3 мај 2018, www.middleeastmonitor.com
  6.  Aziz Al-Ahmadi, « UAE sends military officials to Yemeni island », Anadolu Agency, 2 март 2021, www.aa.com.tr

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW