„Ако некој ја кажува вистината, дајте му коњ, ќе му треба за да избега“, вели една авганистанска поговорка. Кога американскиот претседател Џозеф Бајден го најави, на 14 април 2021 година, повлекувањето на сите американски војници од Авганистан, тој користеше донекаде фрустрирачки тон за да зборува за договорот од Доха, потпишан во февруари 2020 година: „Ова веројатно не е она кое јас лично би го договорил, но тоа беше договор постигнат од американската влада, а тоа и значи нешто1. Не само што неговиот претходник Доналд Трамп попушти пред сите услови на Талибанците, туку прифати и еден параграф што го обврзува да побара од Советот за безбедност на Обединетите нации да го ратификува договорот2 – што беше и направено на 10 март, со едногласно гласање (вклучително и од САД, консеквентно) за Резолуцијата 2513.
Бидејќи Вашингтон не можеше да се произнесува двапати по ова двојно одобрување, на Бајден не му остана ништо друго, освен да го прифати текстот буквално. Ова е токму она што го сакаа Талибанците пред да започнат со неверојатното брзо и повторно освојување на територијата.
Па, така, кога „студентите по теологија“ повторно го зазедоа Кабул, САД беа далеку од тоа да ја завршат евакуацијата на својата амбасада и соработниците. Досега нарачаното повлекување, наеднаш се претвори во бегање придружено со сцени на паника – понекогаш фатална – на аеродромот во Кабул. Сепак, главниот град на Авганистан останува мирен. Денот на националната независност на 19 август се слави како и обично, и шиитските поворки на Ашура3, на истиот ден, се одвиваат без инциденти.
Политичкиот глас на САД веќе не се слуша овде, но во исто време, и повеќето земји поврзани со нивната операција во земјата, исто така ги евакуираат своите амбасади, додека оние на Русија, Кина, Иран, Пакистан и Турција остануваат отворени и функционални.
Отсега, судбината на Авганистан се игра на регионалната сцена, каде што игрите на сојузи и недоверба не се така едноставни. По рафалите на навреди помеѓу Кабул и Исламабад, сега Кина ги нуди своите добри услуги за да ги смири работите; Русија и Иран се консултираат и со Талибанците и со другите авганистански политичари; Индија, исто така голема регионална сила, останува прилично воздржана и чека да види што ќе се случи понатаму.
За Москва, вежбата не е нова: Русите организираа прва двострана средба меѓу бунтовниците и официјална авганистанска делегација уште во 2018 година, а потоа втора во февруари 2019 година. Талибанците тогаш тврдеа дека се откажале од повторното воено освојување на земјата и рекоа дека се подготвени да преговараат за поделба на власта. Едно ветување дека можеби се дават во пијанството на нивните успеси, дури иако рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, не пропушти да ги потсети на тоа, на конференцијата на 18 март, за време на која се состанаа со Високиот совет за национално помирување на Авганистан (ХЦРН) во присуство на претставници на САД, Кина и Пакистан – сите се согласија да ги натераат да го прифатат принципот на учество во привремена коалициска влада4.
Од друга страна, Москва е главно загрижена за безбедноста на поранешните советски централноазиски републики, кои се во нејзиниот двор: Талибанците ја преземаа контролата врз целиот север од Авганистан, кој се граничи со Таџикистан и Узбекистан, на 5 јули, а повеќе од илјада војници на авганистанската армија побегнаа во Таџикистан. Веднаш, рускиот претседател Владимир Путин му вети на својот таџикистански колега, Емомали Рамон, руска воена помош доколку е потребно.
Три дена подоцна, највисоки талибански претставници, вклучувајќи го и Мула Абдул Гани Барадар, ко-основач на талибанското движење со покојниот Мула Омар, се сретнаа со специјалниот претставник на Русија за Авганистан, Замир Кабулов, во Москва, и го уверија дека никогаш нема да ги нападнат соседните држави. Засега, се е во ред! Веќе подолго време, Русија ги гледа Талибанците како најдобар бедем против Организацијата на Исламската држава (ОЕИ или ДАЕШ), која има најмалку 20.000 борци, според Кабулов. Ова е многу претерана бројка, што го одразува неговиот страв од меѓународните цели на ОЕИ, додека Талибанците немаат други амбиции освен во самиот Авганистан. Покрај тоа, овие Талибанци сега се загрижени за меѓународното признавање (за разлика од периодот 1996-2001 година, кога тие веќе беа на власт), и Москва им се чини несомнено дека е најдобрата карта за играње на меѓународната сцена.
Иран има позиција доста блиска до онаа на Русија, поради слични стравови. Навистина, ИСИС, во Авганистан, е позната како Исламска држава – провинција Хорасан (ИС-КП). Сепак, пред создавањето на Авганистан во 1747 година, Хорасан била персиска провинција која се протегала од Каспиското Море до бреговите на реката Инд. Назначувањето на провинција на калифатот на која се повикува ИСИС на овој начин, сведочи за ризикот од ширење низ источен Иран. Министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф дури и вети дека Фатемијун („Фатимидската дивизија“), составена главно од авганистански Хазари, кои веќе се бореле во Сирија, може да дојде5 на помош на Кабул за напад против ИС-КП.
Бидејќи, помеѓу две зла, мора да се избере помалото, шиитскиот Иран ги поддржува Талибанците, тесно маневрирајќи помеѓу неколку парадокси. Овие борци се навистина фундаменталистички сунити, пријатели на иранскиот вечен ривал, Саудиска Арабија; и, кога владееја со Авганистан, го злоупотребија шиитското малцинство Хазара, а кое Техеран има намера да го заштити. Потценување е да се каже дека Иран не сака тие повторно да имаат апсолутна моќ, како што ја имаа помеѓу 1996 и 2001 година. Но, Иран и не сака тие да пропаднат, што би значело веројатно враќање на граѓанската војна во Авганистан и доаѓање на нови бранови бегалци во Иран. Официјално, 800.000 авганистански бегалци живеат во Иран, но според проценката направена од Техеран во октомври 2020 година, повеќе од два милиони не се регистрирани. Овие бројки се земени од Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР).
Веднаш по Москва, на 8 јули, уште една талибанска делегација беше примена во Техеран. Дури и повеќе од Русите, самиот Зариф инсистираше на апсолутна потреба да се прифати принципот на влада на национално единство. Исто така поканета, делегација на ХЦРН од Кабул се состана со талибанската делегација. Ништо конкретно не излезе од ова. Во оваа фаза, најважно за Иран е на крајот да се наметне како главен регионален играч во авганистанското прашање.
Пред повторно освојување на власта од страна на Талибанците, се чинеше дека меѓуафганистанските преговори немаат никаква шанса за успех. Министерот за надворешни работи на Пакистан, Шах Мехмуд Куреши, ја дава основната причина: Талибанците по секоја цена сакаат обновување на исламскиот емират, односно еден режим каде шеријатскиот закон го зазема местото на сегашниот Устав – објаснува тој во суштина, додека авганистанските делегати на ХЦРН се поддржувачи на Исламската Република, која има свој Устав и изборен систем6. Тоа се две непомирливи визии за една иста држава.
Меѓутоа, ден по заземањето на Кабул, преговорите продолжуваат меѓу самите Авганистанци и без странски спонзорства, во домот на Абдула, раководител на ХЦРН, во присуство на талибански високи претставници и поранешниот претседател Хамид Карзаи (2001-2014). Ништо не може да спречи одредени политички фигури, поранешни „воени команданти“ и водачи на исламски партии, како што е Гулбудин Хекматијар, водач на Хезби-Ислами, да им пријдат на победниците и да го прифатат самиот принцип на исламски емират. Една привремена коалициска влада – барање на Русите, Иранците, па дури и Пакистанците – изгледа на дофат. Талибанците веќе го објавуваат ова, веројатно во рок од неколку недели, кога ќе биде регистрирано целото повлекување на странците од Авганистан.
Пакистан потоа ќе може да игра важна улога, под услов билатералната врска, која во моментов е експлозивна, да се смири. Загрижен за брзите освојувања од страна на Талибанците, Хамдулах Мохиб, авганистански советник за национална безбедност пред падот на владата, го спореди својот сосед со „бордел“7. Овие забелешки, на реткото насилство, ги вратија старите и длабоки регионални ривалства. Овие ривалства се кристализираат околу паштунскиот племенски појас, од каде потекнуваат Талибанците, а се протегаат на границата (линијата Дуранд) што, пак, Авганистан никогаш не ја признал.8 На 20 јуни, за време на многу напнато интервју за авганистанскиот канал Толо Њуз, Куреши отворено изјави: „Ако сакате соживот меѓу добри соседи, тогаш прифатете дека линијата Дуранд е и меѓународна граница!“
Всушност, дури и самиот Пакистан сега е загрижен за блескавата победа на Талибанците, на кои им помогна да дојдат на власт уште во 1996 година. Но, штитениците на Исламабад не беа послушни колку што се сакаше од нив, а исто така одбија и да ја признаат линијата Дуранд како меѓународна граница. По 2005 година, Пакистан станува жртва на Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП), аватар на авганистанските Талибанци, тесно поврзан со узбекистанските и ујгурските ќелии на Ал Каеда. ТТП се инсталира локално во пакистанскиот регион на Вазиристан, од каде што ги извршува најбруталните напади против државата. На пример, во напис објавен на 21 јуни од страна на американскиот весник Вашингтон пост, премиерот Имран Кан се дистанцира: „Направивме грешка во минатото при изборот помеѓу завојуваните страни, но научивме од ова искуство“. Има причина да се верува дека Пакистан ќе ја преиспита својата политика за добрососедство, дури и ако е најдобар контекст да ги убеди Талибанците да ги ублажат своите ставови.
Главниот непријател на Исламабад, Индија, е најголемиот регионален поддржувач за Авганистан: повеќе од 3 милијарди долари помош од 2001 година. Меѓутоа, сега се наоѓа многу во втор план, бидејќи не предвидуваше враќање на Талибанците со сила и со таква брзина. Ако индиската цел беше, како што ја обвинува Пакистан, да стане главен регионален играч, враќањето на инвестицијата може да биде разочарувачко сега за самата Индија.
Што се однесува до Кина, очигледно најголемата сила во регионот, таа останува како и секогаш дискретна, но е загрижена за пребрзото повлекување на Американците. Навистина, за освојување на Бадакшан, авганистански регион кој се граничи со Ксинџијанг во Кина, Талибанците ги отворија своите редови за неколку узбекистански и таџикистански милитантни групи, како што се Исламското движење на Узбекистан (МИО), Исламската унија за џихад (ИЈУ) и таџикистанскиот Џамаат Ансарулах. Сите овие групи имаат врски со Ујгурите на Исламската партија на Туркестан. Пекинг очекува Талибанците, со кои одржуваат срдечни врски, да ги спречат ваквите мрежни поврзувања. Особено откако Кина инвестираше многу во рудниците за бакар Мес Ајнак – второто најголемо наоѓалиште во светот – и во јаглеводородите од север. Верувајќи дека само економскиот развој може да ја стабилизира земјата, Кина веќе предложи Авганистан да се поврзе со кинеско-пакистанскиот економски коридор (ЦПЕЦ). Но, овие проекти, ако воопшто успеат како такви, важат само долгорочно.
Конечно, и Турција, покрај упорните обиди да организира меѓународни мировни конференции, предлага да се обезбеди сигурноста на меѓународниот аеродром во Кабул, по заминувањето на Американците. Талибанците веќе ја отфрлија понудата. Барем претседателот Реџеп Тајип Ердоган успеа малку да го врати својот имиџ во рамките на НАТО и да ги релаксира односите со САД, нудејќи ваков вид на „пост-продажна услуга“.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- « Remarks by president Biden on the way forward in Afghanistan », « Speeches and remarks », White House, Washington, DC, 14.04.2021.
- « Agreement for bringing peace to Afghanistan », дел III, прв став, 29.02.2020, www.state.gov
- Празник за смртта на имамот Хусеин почитуван од шиитите; Талибанците се сунити.
- « Joint statement on extended “troika” on peaceful settlement in Afghanistan », ReliefWeb, 18.03.2021, https://reliefweb.int
- « Exclusive interview with Iran’s foreign minister Javad Zarif », Tolo News, 21.12.2020, https://tolonews.com
- « Qureshi voices concern over current situation in Afghanistan », Afghan Voice Agency, 23.06.2021, https://avapress.com
- « Afghan NSA Mohib “brothel house” remarks spark diplomatic row with Pakistan », Asian News International, 08.06.2021, www.aninews.in
- Види: « The Afghan-Pakistani border, a source of war, the key to peace”, Le Monde diplomatique, октомври 2010.