Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Има ли раскол во власта на Иран?

Оваа мешавина на ароганција и цинизам на паравоена елита со редови стеснети на нејзините специјални сили и меѓународни милиции, рамнодушни кон филипиките на шиитското свештенство, сугерира дека нејзината грижа во оваа доцна есен – е да си купи време. Исламската револуционерна гарда, поддржана од партнерства кои станаа руски и кинески сојузи, до гуша во војните во Сирија, а потоа дури и во Украина, и немајќи никаков излез, се чини дека е подготвена буквално на сè.


Од Стефан А. Дудоњон*
*Директор на истражување во ЦНРС/ГСРЛ, автор на: Les Gardiens de la révolution islamique d 'Iran : sociologie politique d’une milice d'État, CNRS Éditions, 2022


Фото: Alirezajpeg/pexels

Во својот есеј за „Тиранија“,[1] поетот и есеист Јосиф Бродски препорачува, за избор на тиранин, да се земе некој постар. Мајсторот од Петерсбург, меѓу другото, постулираше дека поради времето што го поминува грижејќи се за својот метаболизам, постар диктатор посветува помалку внимание на државните работи. Дали овој предлог се однесува и на Али Хамнеи, кој наскоро ќе наполни осумдесет и пет години, врховниот водач на Иранската револуција и Исламската Република, уште од 1989 година?

Ова е она што очигледното чудење на водачот од низата побуни предизвикани низ Иран поради смртта на Махса Амини од рацете на т.н. полиција за морал на 16 септември о.г., можеби и го навести.[2] Во текот на овие одлучувачки недели, тој изгледаше затекнат од настаните, сè до 26 октомври о.г., кога неговите безбедносни сили почнаа да пукаат со боева муниција на демонстрантите, додека насилството се прошири на светите места во целата земја. На пример, нападот врз шиитското светилиште Шах-Шариф во Шираз на 27 октомври беше веднаш припишан на Организацијата на Исламската држава (ИСО) од страна на властите, но дел од протестното движење, исто така, го сфати како обид да се дискредитира и да се исплаши општеството. Колегите на Али Хамнеи во високата верска хиерархија не погрешија, уште повеќе, некои му припишуваат и директна одговорност за репресалиите. И додека некои го критикуваа за предавство на моделот на пророкот Мухамед со употреба на големо смртоносно насилство врз своето муслиманско население,[3] други свештеници бараа тој да биде дури и суден, настан без преседан во аналите на Исламската Република. Меѓу нив: Мовлави Абд Ал-Хамид Есмаилзеји, сунитски имам на Захедан, во регионот Балучи на далечниот југоисток на земјата, револтиран од „Црниот петок“ од 30 септември, кога дури 91 мирен демонстрант (35 според официјални извори) беа застрелани во неговиот град.[4]

Се разбира, овие расцепи во свештеничкиот естаблишмент не се нови во земја каде што мнозинските шиитски и малцински сунитски институции, често поддржани од моќни верски фондации, имаат низа ресурси што им овозможуваат релативен плурализам. Она што е ново е стравот, изразен од некои високи свештеници, дека спојот на урбаните бунтови во Иран – ќе излезе од контрола.

Ако верските власти реагирале со својот вообичаен недостаток на единство, што е, пак, со вооружените сили и силите на редот – особено Исламската револуционерната гарда, задолжена за социјална и политичка контрола на населението, и нивниот Мобилизациски корпус? Но, она што ги изненади овие сили е комбинација од екстремно насилство, како во Захедан, и лесефер. Навистина, многу набљудувачи забележаа две работи: од една страна, дека репресијата станува милитаризирана (одредени движења на толпата се цел на директно пукање); од друга страна, дека и покрај тоа што беа опкружени со мажи во цивилна облека, многу демонстрации и окупации на населбите продолжија истиот ден, за одбележување на четириесеттиот ден на смртта на спомнатата Махса, при што силите на законот[5] и редот се повлекуваат од место до место пред големата невооружена толпа.

Постојат неколку објаснувања за оваа очигледна контрадикција. Едно од нив е начинот на кој легијата на Исламската револуционерната гарда била регрутирана и работела подолго време, кое потоа довело до големи локални разлики. Во време на мир, гардистите честопати биле стационирани во единици во нивното место на потекло (освен на границите и во Техеран, главниот град, каде што сè уште се стационирани одреди од други региони).[6] Предноста е борбениот дух на овие единици со силна контура на заедницата, драгоцена во време на војна, како за време на онаа против Ирак во 1980-1988 година или во Сирија од 2012 година. По успехот на членовите на гардиската легија на локалните избори во 2003 година, оваа солидарност, исто така, им дозволи на револуционерните гардисти да навлезат во локалниот политички, економски и друштвен живот (спортските клубови, меѓу другото, станаа столбови на нивното територијално зацврстување). Спротивно на тоа, недостатокот лежи во врските вткаени помеѓу единицата на гардистите и населението од кое потекнува, што го отежнува нејзиното учество во репресијата. Ова го гледаме од средината на септември со изразувањето на социјалните мрежи на незадоволството на дел од гардистите, понекогаш умереноста на истите пред демонстрантите, но и поддршката за бунтовите во дел од светот на иранскиот спорт, особено фудбалот – сите работи за кои верскиот режим веќе има презедено мерки.

Повремената употреба на хеликоптери беше начин режимот да ги признае и размерите на протестите и намалената сигурност на некои гарнизони на гардата. Оттука и режимската мобилизација на еден број претерано опремени командоси од редовите на гардистите, агенциите за безбедност, како и од редовната армија (како што се падобранците од 65-та воздухопловна бригада, веќе присутни во Сирија од пролетта 2016 година како поддршка на легијата).[7] Водачот Али Хамнеи и неговата режимска клерикална свита се сеќаваат дека во 1979 година, дезертерството на полицијата и недостатокот на ентузијазам на корпусот и единиците на армијата, незадоволни од своите награди, го олеснија падот на монархијата во Иран. Тие, исто така, се свесни за непопуларноста на нивниот клерикален режим и неговата изолација од сè поголем број социјални групи во земјата. Оттука и оваа грижа за командосите и регрутирањето кое сега е интерно, фокусирано на придобивањето на многу специјални единици.

Тие се придружувани од разни паравоени милиции, вклучително и либанскиот Хезболах и ирачкиот Хашд ал Шаби („Единици за народна мобилизација“), кои се обвинети дека се ангажирани против иранските улични демонстранти. Како илустрација за оваа блискост меѓу легијата на иранските револуционерни гардисти и соседните арапските паравоени милиции, извесна Зејнаб Солејмани (ќерка на шефот на специјалните сили на Исламската револуционерната гарда, кој беше убиен од американски дрон во јануари 2020 година) понуди два милиони долари на жените од Либан да се омажат за еден член на Хезболах, со цел да го обезбеди сукцесија во организацијата. Додека се затвораат редовите околу ова внатрешна сукцесија, легијата на гардистите и нејзините локални филијали, сега повторно се идеологизираат, овој пат преку хипер-национализам помешан со култот на имамот Хусеин.[8] Оттука и стравот на шиитскиот верски естаблишмент дека преголемата ревност на оваа група милиции, понекогаш незаинтересирани за кревките локални рамнотежи, може да доведе до губење на влијанието на клерикалната институција, па дури и до глобално отфрлање доколку репресијата стане домен на одредени паравоени сили.

Тоа е цел еден дел од државниот апарат на Исламската Република што беше загрижен, дополнително, на крајот на октомври, за отсуството на „безбедносен вентил“ меѓу населението од една страна, и врховниот водач и неговите милиции на друга страна – по целосното симнување на „реформистите“ од власт со изборот за претседател на државата на реакционерниот Ебрахим Раиси во 2021 година: катастрофално соочување бидејќи ги фаворизираше тврдокорните елементи од двете страни присутни во тоа време.

Истиот страв од бегство е изразен во медиумите блиски до исламските револуцонерни гардисти, како што е агенцијата Табнак, основана од нивниот поранешен главен командант, Мохсен Резаји. Во своите вести, агенцијата Табнак го потенцираше насилството на локалните полициски началници (начин за ослободување од вина на гардистите и корпусот за мобилизација за извршените големи масакри), повикувајќи на ремонт на полицијата за морал и на дијалог и реформа на управувањето со Исламската Република. Овие повици за реформи се во согласност со поамбициозните иницијативи како што е онаа на директорот на Парламентарниот истражувачки центар, Бабак Негадари (31 октомври) и, пред сè, на Националниот сојуз на правници (1 ноември).[9]

Во меѓувреме, многу џамии беа поврзани со локалните немири преку погребни одбележувања на четириесеттиот ден по смртта на секоја жртва на репресиите, комбинирајќи ги шиитските ритуали инспирирани од жалоста за имамот Хусеин – со извиците „Смрт за диктаторот“. Таков беше случајот во Бабол, на иранскиот брег на Каспиското Море, на 31 октомври за одбележување на четириесеттиот ден на смртта на младиот Милад Заре, церемонија снимена во видеото објавено истиот ден на Јутјуб каналот Кучех. Гестот на удирање во гради (синезани) е оној со кој мажите од заедницата на локаните верници, по повод поворките на Ашура, го изразуваат своето каење за смртта на имамот Хусеин од рацете на неговите убијци, за време на масакрот во Карбала во 680 година. Многумина во Иран се сеќаваат на улогата што ја одиграа овие погребни церемонии во револуцијата во 1979 година на демонстрантите убиени од тогашната полиција на иранскиот шах.

Во овој контекст, не е сигурно дали мерките за смирување, како што е отпуштањето на локалните полициски началници, како што беше случајот во Захедан, или давање дозвола универзитетските мензи во исто време да ги користат и студентите и студентките, ќе го имаат посакуваниот ефект. Особено затоа што одредени гестови го задржуваат вкусот на провокација (како што е растурање на фотографиите на поранешниот член на Исламската револуционерната гарда, Ростам Касеми, министер за транспорт, со неговата втора сопруга без фереџе на главата за време на патувањето во Малезија – слики наменети да направат феминистичките барања да изгледаат како некоја аморална и лажна борба).

Оваа мешавина на ароганција и цинизам на паравоена елита со редови стеснети на нејзините специјални сили и меѓународни милиции, рамнодушни кон филипиките на шиитското свештенство, сугерира дека нејзината грижа во оваа доцна есен – е да си купи време. Исламската револуционерна гарда, поддржана од партнерства кои станаа руски и кинески сојузи, до гуша во војните во Сирија, а потоа дури и во Украина, и немајќи никаков излез, се чини дека е подготвена буквално на сè.

„Просечното времетраење на тиранијата што се почитува себеси е петнаесет години, најмногу дваесет години. Кога ќе трае подолго, неизбежно тоне во монструозност“, предупреди Бродски, образован од советската геронтократија. Краткотрајниот диктатор, ајатолахот Хомеини, ги постави темелите на оваа монструозност, со неговата теорија за „апсолутното“ намесништво на исламскиот клер спроведена непосредно пред неговата смрт во 1989 година.

Фрагментацијата на исламскиот клерикален режим наследена од неговото владеење, режимската зависност од транснационалните исламски милиции и повторното идеолошко вооружување на „чуварите на исламската револуција“ ја разгоруваат борбата за превласт во Иран. Исламските револуцонерни гардисти ја сведоа современата историја на Иран на една сукцесија на тешки позиции; сè повеќе обележани со хипер-насилство, тие се појавија на почетокот на ноември 2022 година, вклучително и за официјалниот печат, како егзистенцијална закана за земјата во целина.

 

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] Текст од 1980 година, преведен од англиски јазик од Laurence Dyèvre, во: Far from Byzantium, Fayard, 1988.

[2] Mitra Keyvan, « Les Iraniennes allument un brasier social », Le Monde diplomatique, XI/2022 et Pierre Ramond, « Dix points sur l’embrasement iranien », Le Grand Continent, 22.09.2022.

[3] Говор (на персиски) од 24.10.2022 година, достапен на  www.khabaronline.ir

[4] Говор од 12.10.2022 година, преземен од офшор-каналот на персиски јазик, Radio Farda.

[5] Погледнете ги хрониките, од час по час, на Јутјуб каналот Koocheh („Улицата“) (на персиски), врз основа на кратки видео поднесоци.

[6] Les Gardiens de la révolution islamique d’Iran : sociologie politique d’une milice d’État, CNRS Éditions, Paris, 2022.

[7] Погледнете го блогот (на руски) на Јуриј Лиамин, руски експерт на иранската армија, 08.07.2018, https://imp-navigator.livejournal.com/743624.html (на руски).

[8] Saeid Golkar, « Taking back the neighborhood : the IRGC provincial guard’s mission to re-Islamize Iran », Policy notes, Washington Institute for Near East Policy, 18.06.2020.

[9] Поединечно пренесено од www.tabnak.ir и информативната страница www.khabaronline.ir.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW