„Ако Италијанците гласаа за Џорџа Мелони, тоа не значи дека сакаат враќање на фашизмот, туку дека го сметаат за невозможно“.[1] Авторот на оваа реченица, психоаналитичарот Масимо Рекалкати, негува вкус за парадоксот. Но, не може да се негира дека има одредена вистина во тоа. Успехот на партијата Фратели д’Италија на законодавните избори на 25.09.2022 г., предизвика многу (и легитимни) огорчени реакции и морални осуди, при што многумина беа загрижени за појавата на „постфашизмот“ во земјата. Во 1994 г. Силвио Берлускони веќе ја поврзуваше екстремната десница со неговата влада, со Националната алијанса на Џанфранко Фини и Северната лига на Умберто Боси (тогаш регионалист). Но, во тоа време, рамнотежата на моќта беше во корист на класичната, традиционална италијанска десница. Хегемонијата сега ја смени страната. Поминаа 20 години од политичкиот живот импрегниран со „берлусконизам“, а кој го велича индивидуалното и го оцрнува колективното (во име на некој си антикомунизам, но без присутен комунизам).
Ако јасно се укине табуто во гласањето за екстремната десница, тоа не е доволно за да се објасни успехот на оваа Мелони. Партијата Фратели д’Италија својата победа ја должи првенствено на рекордната стапка на апстиненција на апатичните италијански гласачи (дури 63,9%), на својата позиција како единствен препознатлив противник на владината коалиција во заминување на тогашниот премиер Марио Драги (со речиси лојалните партии Синистра Италијана и Верди пер Л‘Еуропа) – и на последователната промена на гласовите од Северната лига и Форца Италија (Берлускони) во нејзина корист. Партијата на Матео Салвини, која освои 37% од гласовите во 2018 година и сега само 8,1 % во 2022 година, скапо го плаќа своето учество во владата за национално единство на поранешниот премиер Драги. На крајот на краиштата, десницата и екстремната десница, заедно, и не добија толку многу повеќе гласови во споредба со претходните избори, но сега оваа Мелони го смени односот на силите во десничарскиот табор, освојувајќи дури 7,3 милиони гласови (веќе 26%, споредено со само 4,3% во 2018 година).
Десничарските гласачи сега чувствуваат право да гласаат за Фратели д’Италија како да е традиционална партија. Но, тоа не значи дека го поддржуваат „постфашизмот“. Новата претседателка на Советот на министрите е доста свесна за тоа, и за време на кампањата се потруди да практикува „doppio petto“ (буквално, двојни гради или двосмислено зборење): да им даде ветувања на нејзините историски гласачи за општествените прашања, за кои таа тврди дека се нејзините идеолошки корени; и да ги увери десничарските гласачи со потврдување на нејзината приврзаност кон демократијата, нејзината поддршка за Украина и нејзиното непоколебливо придржување кон атлантистичката доктрина на НАТО.
Од составот на нејзината влада до нејзиниот инаугуративен говор и нејзиното патување во Брисел, првите чекори на Мелони на власт ја потврдуваат оваа двојна стратешка оска. На социо-економски и дипломатски план, сè укажува дека таа ќе биде решително либерална и пронатовска. Претседателката на Советот на министрите на Италијанската Република, се чини, дека ги следи стапките на нејзиниот претходник, тогашниот премиер Драги, со кого имала веќе повеќекратни контакти, и за време на кампањата и по нејзината победа, за да го увери Брисел и да го обезбеди европскиот план за закрепнување од 200 милијарди евра. Таа го назначи во Министерството за економија и финансии извесниот Џанкарло Џорџети, член на Северната лига, но силен европеист и поранешен министер во владата на Драги. Изборот на Антонио Тајани за министер за надворешни работи, исто така, служи како гаранција за Брисел: поранешна десна рака на Берлускони, од кого стана „автономен“, новиот шеф на дипломатијата е исто така убеден проевропски и пронатовски политичар. На нејзиниот прв состанок со властите во Брисел на 03.11.2022 г., претседателката на Советот на министрите на Италијанската Република, исто така, ја потврди нејзината безусловна поддршка за Украина, нејзината решеност да ги почитува европските договори и да го контролира италијанскиот буџетски дефицит, сето тоа без трошка суверенистички акцент. Сепак, ова усогласување со Европската комисија и нејзината доктрина за штедење – дефинитивно нема да биде без проблеми за значителен дел од електоратот на Мелони.
Но, кога станува збор за правата на жените, правата на имигрантите, правата на ЛГБТ лицата, но и правдата, образованието, безбедноста, приказната е поинаква. По овие прашања, новата италијанска премиерка Мелони има намера да го примени својот триптих „Бог, семејство, татковина“ и да го наметне својот бренд на своите партнери. Таа им додели министерства на видливо екстремно десничарски личности, како Галеацо Бигнами, некогаш фотографиран во црна кошула и нацистичка лента, а сега државен секретар за национална инфраструктура во италијанската влада. Таа, исто така, ги преименуваше препознатливите функции во владата: па, така, сега Министерството за образование стана Министерство за „заслуги“; зборот „наталитет“ беше додаден на Министерството за семејство и еднаквост – чие раководство и беше доверено на извесна Еугенија Марија Рочела – која откако вехементно ја водеше кампањата за правото на абортус во Италија – сега ја смени страната и се изјасни на 25.08.2022 година на телевизија (ЛА7) : „Абортусот не е никакво право“.
Иако Мелони првично го одби Министерството за внатрешни работи за Салвини, тоа беше само за да му го даде на еден Матео Пиентедоси, нејзиниот поранешен шеф на кабинет, кој е исто толку жестоко непријателски расположен кон имиграцијата како и лидерот на Лигата. Веднаш штом беше назначен, новиот министер го блокираше пристигнувањето на неколку хуманитарни бродови полни со баратели на азил, нарекувајќи ги оние на кои им е забрането да пристигнат – „заостанати товари“. Случајот, иако го откри цинизмот на европските миграциски политики, сега создаде криза со Франција, принудена да ги пречека 234-те мигранти од бродот Океан Викинг на 10.11.2022 година, за да се компензира за италијанското одбивање. Но, со воведување невидени одмазднички мерки: покрај зајакнувањето на граничните контроли, Париз одлучи да го прекине приемот, планиран за летото 2023 година, на 3.500 бегалци кои моментално привремено се наоѓаат во Италија.
Меѓутоа, ништо подобро не ги илустрира авторитарните намери на владата на Мелони од нејзината прва законодавна иницијатива. Под изговор за потребата да се запре рејв-забавата, таа најави декрет за воведување ново кривично дело, казниво со затвор до шест години (што одобрува и прислушување и привремено апсење): „Окупација на земјиште или згради (приватни или јавни) за собири опасни по јавниот ред, безбедност или здравје“. Дефиниција што може да се примени на која било окупација на фабрика, училиште или универзитет. Соочена со хорот од протести, премиерката Мелони мораше да отстапи, но ја оправда иницијативата според нејзината основа. Значи, идејата може повторно да се појави.
За многу набљудувачи, кои го слават бракот на неолиберализмот и екстремната десница, победата на Мелони е без преседан. Но, ова е исто така споредливо со она на Движењето пет ѕвезди (М5С) и Лигата во 2018 година: како резултат на протестно гласање, го покажува отфрлањето на традиционалните партии, отсечени од работничките класи и неспособни да ѝ дадат значење на политичкото застапување. Иако е тешко да се квантифицира, ова изборно талкање на гласачите, во комбинација со се помасовната апстиненција, го илустрира големото разочарувањето на италијанското население. Успехот на Фратели д’Италија, сепак, мора да се види и во светлината на поразот на Демократската партија (ПД), која не можеше да се наметне како алтернатива на новата премиерка Мелони.
Секако, од математичка гледна точка, поразот е спречен – од 22,8% од гласовите во 2018 година, сега на 19,1% во 2022 година. Но, на симболично и политичко ниво, неуспехот на демократите е многу горчлив. Во јужниот дел од земјата, ПД не освои дури ниту едно од местата доделени со мнозинскиот изборен систем (италијанскиот изборен закон доделува една третина од местата во Парламентот со „мнозинскиот изборен систем“ и две третини со „пропорционалниот изборен систем“). Во центарот на Италија (Тоскана, Умбрија, Емилија Ромања), некогаш непоколебливи бастиони на Италијанската комунистичка партија (ПЦИ), партијата Фратели е пред ПД, која дава отпор само во големите градови, и повеќе од кога било го заслужува својот прекар „ЗТЛ“ партија – за „зони со ограничен сообраќај“, зони каде сообраќајот на автомобили е ограничен во одредени градски центри населени исклучиво со богато население. На север на Италија, во Сесто Џовани, миланско предградие кое порано се нарекувало „италијански Сталинград“ и каде владееле комунистите, извесна Изабела Раути – поранешна членка на Младите на Италијанското социјално движење (МСИ, неофашистичка партија која исчезна во 1995 година) и сега, не случајно, членка и на Фратели д’Италија – победува на последните избори. Штотуку е назначена за државен потсекретар за одбрана во новата италијанска влада.
Енрико Лета, секретарот на ПД, плаќа за неговото одбивање да се здружи со Движењето пет ѕвезди, кое го обвини за падот на центристичката влада на поранешниот премиер Драги. Затворајќи ја вратата на единствената коалиција која би можела (подобро) да ѝ се спротивстави на екстремната десница, му понуди на М5С можност да заземе место лево од него, со похрабра социјална програма (поголем приход на граѓаните, минимална плата, еднаквост на платите), а што му донесе неочекуван пораст (15,4% од гласовите, сè уште 18 поени помалку од 2018 година). Но, кризата на левиот центар во Италија – е постара и многу подлабока.
ПД, која владееше во последните единаесет години (освен двете години од владата на Конте-Салвини), стана еден вид гарант на институциите во Италијанската Република. Тоа е партијата која секогаш ги поддржува бројните коалиции за национално единство и уште побројните т.н. „технички“ влади на Италија, спроведувајќи драстични политики на штедење – како владата на Марио Монти во 2011 година, со нејзиниот план за намалување на јавната потрошувачка од дури 20 милијарди евра. Мерките секогаш се претставени како „неизбежни“, „без алтернатива“, „аполитични“. Сепак, како што истакнува политикологот Артур Бориело, „одземањето на политичкото само по себе не може да биде ништо друго – освен политичка операција“.[2] Од Романо Проди, кој наметна ригорозно штедење во 1996 година за да ја усогласи Италија со критериумите од Мастрихт, до коалицијата предводена од Драги, па до Матео Ренци и неговиот „Закон за работните места“ со кој се дерегулираат условите за вработување и отпуштање[3], ПД, како и повеќето сегашни европски социјалистички партии – едноставно се претопи во калапот на социјалниот либерализам.
Повеќе заинтересирана за општествените проблеми и грижите на новите богати урбани елити отколку за прашањата за прераспределба на доходот, вработување и солидарност, Демократската партија на Италија постепено губи секаков контакт со големата маса осиромашени (или не) работници и невработени, иако во Италија се зголемуваат нееднаквостите. Според Националниот институт за статистика (ИСТАТ), во 2021 година, имало 2,9 милиони домаќинства во релативна сиромаштија (со приход помал од половина од просечниот приход во регионот), плус 1,9 милиони домаќинства во апсолутна сиромаштија – без пристап или со отежнат пристап до здрава храна, пристојно домување, електрична енергија, образование или вода за пиење.
По изборите, многу активисти, интелектуалци и водачи на ПД иницираа форма на самокритика, доведувајќи ја во прашање чисто институционалната функција на нивната партија како таква. ПД „се претвори во заспаниот вратар кој ја контролира и чува Палатата од својата стражарница“, забележал писателот Стефано Масини,[4] алудирајќи на прочуениот италијански филмски режисер Пјер Паоло Пазолини, кој ја користел метафората на палатата за да ги разликува местата на моќ од светот на народните маси. Самиот Лета изјавува еден ден по изборите: „Не можеме повеќе да бидеме цивилна заштита и дежурни пожарникари на италијанската политика“. Овие задоцнети сознанија укажуваат на тоа колку долг ќе биде патот што претстои и колку многу срцепарателни ревизии ќе треба да се направат. Конгресот на партијата закажан за јануари идната година, кој ризикува да биде сведен само на една војна на наследување, нема да биде доволен.
Додека ПД останува поделена по прашањето на сојузите (со М5С или со либералните и центристичките партии на Матео Ренци и Карло Календа), како и по ставот евентуално да се прилагоди кон мировното движење, кое собра дури 100.000 луѓе во Рим на 05.11.2022 година, сепак, не се појавува некоја алтернатива од левицата. На последните избори, Синистра Италијана („Италијанската левица“, поврзана со Верди пер Л‘Еуропа) и листата на Унионе Популаре, која ги собра помалите партии – но ја доби поддршката од Жан-Лик Меланшон и Џереми Корбин – мораа да се задоволат со симболични изборни резултати (само 3,6% и 1,2%, поединечно). Но, надвор од партиската политика, граѓанските групи, здруженија и граѓанските социјални центри, исто така, работат на прашања поврзани со социјалата и климата. Последниве беа целосно отсутни од изборната кампања.
Трансалпската левица никогаш не се опорави од самораспуштањето на ПЦИ, уште во 1991 година.[5] Нејзините последователни аватари се покажаа неспособни да го обноват некогаш славното борбено работничко движење на Италија. Основана во 2007 година со надеж дека ќе ги собере поранешните комунисти и поранешните демохристијани, ПД набрзина виде дека вторите ги престигнаа првите – кои одамна го напуштија своето политичко наследство. „ПД е во неволја, уште од своето раѓање, неколку месеци пред големата криза со високо ризичните хипотекарни кредити, што требаше да го наруши либералниот светски поредок“, анализира политикологот Карло Гали (Ил манифесто, 30.10.2022). “(…) На оваа криза, Европската унија одговори со ригорозни мерки за штедење поддржани од ПД, (…) партија потопена во неолиберална магла со слепа вера во глобализацијата. Кога последново почна да се распаѓа, партијата остана нема и не можеше да влезе во движењето на реполитизација на италијанското општество.“
Свртувајќи ја основната страница во италијанската историја – онаа на антифашизмот како цемент на општеството, победата на Мелони фрли сурова светлина врз состојбата на италијанската левица, очајно во потрага по нов идентитет.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] La Repubblica, Rome, 29.09.2022.
[2] Arthur Borriello, Quand on n’a que l’austérité. Abolition et permanence du politique dans les discours de crise en Italie et en Espagne (2010-2013), Éditions de l’Université de Bruxelles, 2018.
[3] Andrea Fumagalli, « “Jobs Act”, le grand bluff de Matteo Renzi », Le Monde diplomatique, VII/2017
[4] La Repubblica, 28.09.2022.
[5] Antoine Schwartz, « L’étrange disparition du Parti communiste italien », Le Monde diplomatique, I/2022.