Истанбул, 25 мај 2022 година. Десетици дипломати и новинари од 45 држави учествуваат на првиот самит на медиумите Турција-Африка. Наведената цел е „зајакнување на имиџот на двете страни и нивната билатерална соработка“. Во оваа прилика, Фахретин Алтун, директор за комуникации на турскиот претседател, се жали за фактот што неговата земја е меѓу оние кои „најмногу страдаат од клевета и лажни кампањи“. За да го поправи ова, тој најави создавање, „што е можно поскоро“ на „дигитална платформа“ за франкофонската Африка. Тоа ќе биде веб-страница поврзана со јавното претпријатие Радио-телевизија на Турција (ТРТ).
Анкара има намера да го зајакне своето медиумско присуство во Африка, каде што новинската агенција Анадолу веќе има регионални бироа во Адис Абеба (Етиопија) и Абуџа (Нигерија), како и дописници во Кенија. Нејзиното проширување на континентот се очекува да продолжи со најавеното отворање (без одреден датум) на бироа во Картум, Судан, Могадишу, Сомалија и Јоханесбург, Јужна Африка. Покрај тоа, ТРТ, која нуди програми на африканските локални јазици хауса и свахили од 2014 година, се очекува дополнително да ја прошири својата понуда, но сега под етикетата „ТРТ Африка“. Турските приватни медиуми, исто така, доста се активни во Африка со поддршка на владата. Од 2017 година, Начурал ТВ, телевизиски канал, емитува забавни програми, вклучувајќи ги и популарните турски ТВ сериски мелодрами, преку сателит во 18 земји од Супсахарска Африка, вклучувајќи ги Бенин, Буркина Фасо, Сенегал, Нигерија, Гана и Нигерија.
Ова зголемување се совпаѓа со интензивирањето на економските и политичките односи помеѓу Турција и африканскиот континент. За 20 години, годишната трговија се зголемила од 5 на дури 25 милијарди долари. Националниот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ сега опслужува дури 62 аеродроми на црниот континент, повеќе од која било друга странска авиокомпанија. Турција, во меѓувреме, станува и привилегиран партнер во продажбата на воена и во градежната опрема. Турција сега има дури 43 амбасади на континентот, од само 12 во 2000 година; нејзината агенција за соработка, сега, е активна во 22 африкански земји. Во текот на изминатите две децении, според политичкиот аналитичар Жан Марку, Турција „стана неизбежен партнер на многу земји на континентот, до степен што веќе ги загрижува другите моќници како што е една Франција“.[i]
Како и Пекинг или Москва, Анкара навистина користи и комуникациска стратегија наменета за освојување поени во „контекст на интензивирање на ривалството меѓу веќе етаблираните сили и новите сили“, како што нѝ објаснува Џон Калабрезе, истражувач во Институтот за Блискиот Исток, американски приватен експертски центар, кој вели дека „турските напори за освојување на пазарот, проектирање на влијанието и подигнување на националниот статус и престиж во Африка се илустрација на овој конкурентен контекст“.[ii] Притоа, владата на Реџеп Тајип Ердоган користи традиционални алатки на надворешната политика. Навистина, медиумите (радио, телевизија и новинска агенција) заземаат централно место во арсеналот што го користат моќниците за одбрана на нивните економски или политички интереси во светот. „Во зависност од периодите и развиените техники“, забележува аналитичарот Филип Буланже, „државите секогаш ги користеле средствата за комуникација за да се афирмираат себеси (…) во меѓународните ривалства на моќ, без разлика дали се политички, економски или културни. Медиумите се инструменти во служба на нивните цели, чија примарна цел е да го ориентираат јавното мислење во странските земји во нивна корист. Во авторитарните режими, односот медиум-влада ја следи истата политичка линија. Во демократските режими се чини, дека ова е посуптилно. Најчесто финансирани од јавни средства,[iii] тие играат водечка улога во стратегиите познати како „мека моќ“ и станаа политички потпори за влијанието на државите во текот на 20. век, како и прашање на заведување на меѓународната сцена. Од 2000-тите, овој тренд (…) е зајакнат со цел да се направи видлива позиција на моќ“ стекната или во изработка, нѝ објаснува повторно аналитичарот Буланже.
Оваа медиумска битка е последица на вистинска меѓународна борба за континентот, трета од ваков вид во историјата – првата се одржа помеѓу 1880 и 1914 година, кога уделот на колонизираните територии се зголеми од 10% на дури 90% од африканската територија; втората кореспондираше со Студената војна, кога двата блока ги принудија земјите да избираат страни – и можеби највпечатливата поради централната улога што ја играат земјите во развој. Помеѓу 2010 и 2016 година, повеќе од 320 странски амбасади беа отворени во Африка, раст кој никогаш не е забележан никаде во светот. Помеѓу 2003 и 2018 година (датумот на изборот на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро), Бразил отвори претставништва дури во 29 држави во Африка, претежно јужно од Сахара. Трговските карти исто така се прераспределени, Индија ја замени Франција во првото трио на партнери на црниот континент во 2018 година, заедно со Кина и САД.[iv] На воен план, Кина сега има склучено договори со 45 земји на континентот, а Русија со 19 од 2014 година.
Ердоган има остварено дури 58 патувања во 32 африкански главни градови од 2003 година. Со мобилизацијата на својот претседател, Анкара тргнува по стапките на Пекинг во Африка. Кинеската стратегија за влијание на медиумите во Африка – постојан извор на вознемиреност во американските медиуми и особено во приватните аналитички центри[v] – носи отпечаток на политичка одлука на највисоко ниво од првите патувања на претседателот Ху Џинтао пред 20 години. Во 2016 година, неговиот наследник, Кси Џинпинг, особено зборуваше за потребата земјата да „создаде медиумски гиганти со меѓународно влијание за подобро претставување на Кина пред остатокот од светот“.[vi] Кинеските медиуми почнаа да се етаблираат во Африка кон крајот на 1950-тите со промовирањето на Радио Пекинг (прво во Египет во 1956 година, потоа во Гана во 1958 година), кое понуди уредувачка политика полна со разбирање за движењата за деколонизација во Африка. Радио Пекинг стана подискретно од 1966 година и со започнувањето на културната револуција во Кина и во текот на Студената војна, пред да се интензивира набргу по прославата во 2006 година на „Годината на Африка“ од страна на Пекинг. Радио Чајна Интернационал (РЦИ), наследник на Радио Пекинг, ја промовира својата прва УКТ радио станица во Најроби, Кенија, и започна да емитува програма на мандарински, англиски и свахили, локален јазик со околу 200 милиони говорници во регионот на Големите африкански езера. Кина сега е насочена кон регионот на Сахел. „Реализацијата на релеите за УКТ радио програмата на РЦИ во Сенегал, Мавританија и Нигер, доаѓа како резултат на долгиот напор на кинеската влада, чија наведена цел е „зајакнување на меѓународната конкурентност и влијание на кинеската култура“, со подобрување на меката моќ на земјата“, анализира аналитичарката Селма Михуби.[vii]
Заедно со ова, официјалната новинска агенција Хсинхуа има дури 31. дописно биро на континентот, 7 повеќе отколку во 2010 година. Таа ја премести својата редакција од Париз – директно во Најроби. Во 2012 година, јавниот канал, Чајна Сентрал ТВ (ЦЦТВ), кој стана Чајна Глобал ТВ Нетворк (ЦГТН), се пресели во главниот град на Кенија, во време кога Чајна Дејли, најшироко дистрибуираниот од кинеските весници на англиски јазик, се етаблира во Јоханесбург, Јужна Африка.[viii]
Партнерствата меѓу кинеските радиодифузери и африканските медиуми се главно преку агенцијата Хсинхуа – чија содржина ја следат десетици медиуми на континентот – и ЦГТН, чии програми се емитуваат од јавните телевизиски станици во Кенија, Либерија и Јужна Африка. Тие се она што властите во Пекинг ги нарекуваат „позајмување чамец за да се дојде до морето“. Оваа слика, која му се припишува на Ванг Генгнијан, директор на РЦИ, предизвикува одреден прагматизам, дури и опортунизам, од страна на Пекинг, кој се потпира на локалните оператори за да ја максимизираат дистрибуцијата на слободно достапна содржина. „Тешко е да се избега од кинеското медиумско присуство во Африка“, пишува универзитетскиот професор Дани Мадрид-Моралес. „Качете се во минибус во Мапуто, главниот град на Мозамбик, и веројатно ќе ги забележите етикетите на СтарТајмс, приватна кинеска телекомуникациска компанија, на ѕидовите на малите продавници што продаваат сателитски антени и дигитални ТВ приемници покрај патот. Посетителите на седиштето на Африканската унија во Адис Абеба, Етиопија, изградено од кинески изведувачи и завршено во 2012 година, веројатно ќе забележат дека телевизиските екрани често се поставени на каналот на ЦГТН. Земете копија од некои од најчитаните весници во Јужна Африка, од Кејп Тајмс до Сандеј Индипендент, и големи се шансите дека ќе прочитате напис напишан од новинари на Хсинхуа. Сè поголем број кинески ТВ сериски мелодрами се преведуваат и синхронизираат од африкански актери донесени во Кина – за да ги консумира локалната африканска публика“. Ова синхронизирање овозможува да се елиминира традиционалното титлување, кое е помалку пријатно и потешко за населението на континентот да го следи. „Новинари, референти за печат, телевизиски техничари и други медиумски работници“, додава Мадрид-Моралес, „редовно се поканети на кинеските универзитети, институти и владини агенции на сесии за обука“.[ix]
Како и во случајот со Турција, оваа енергична медиумска офанзива го следи импресивниот економски бум на Кина на црниот континент. Помеѓу 2016 и 2020 година, збирот на капитални инвестиции од Кина до Африка – во износ од повеќе од 70 милијарди долари во текот на пет години – беше еднаков на комбинираниот вкупен износ на американски, француски, британски и германски инвестиции на континентот во истиот период .[x]
Друг голем играч во медиумската битка во Африка, Русија го зајакнува своето присуство на континентот преку агенцијата ТАСС и радио и телевизиските станици РТ и Спутник. Во Сочи во 2019 година, на првиот самит Русија-Африка на кој присуствуваа дури 43 шефови на држави од црниот континент, беше подвлечена потребата за борба против доминантниот западен дискурс во медиумите. Повод Сергеј Михајлов, директорот на агенцијата ТАСС, да предложи да се артикулира „уште една визија за светот и меѓународните прашања“ – за да се разликува од онаа на „западните медиуми“.
Оваа сугестија потсетува на аргументите елаборирани од Жак Ширак за да се оправда создавањето на Франс 24 во 2006 година. Предизвикот, објасни францускиот претседател, е „да се пренесат вредностите на Франција и нејзината визија за светот низ целиот свет“ и да се „дистрибуира францускиот поглед на меѓународните настани“. (Франс Инфо, 5 декември 2006). Значи, не станува збор за предлагање на друга форма на новинарство, туку за кажување на светот – на другите народи, вклучително и на оние во Африка – да го слушаат тоа што политичките лидери во Москва, Анкара, Пекинг Париз, сакаат да им порачаат. Накратко, станува збор за поттикнување на усвојувањето од страна на целните популации на став близок до оној на радиодифузерот, за политички и економски цели. Русија прво се фокусираше на Сенегал, Нигерија и Етиопија пред да се прошири и во Ангола, Мадагаскар, Танзанија и Гвинеја. Новинарите се поканети да ја посетат земјата на Владимир Путин, за да присуствуваат на обуките. Потпишани се договори за емитување на руска содржина од страна на африканските медиуми, како оние потпишани помеѓу Спутник и државните телевизиски станици на Египет, Алжир, Мароко, Јужна Африка и Демократска Република Конго помеѓу 2015 и 2018 година.
Со компаративно помали финансиски средства од Кина, Русија е поактивна во социјалните медиуми и се чини дека е поефикасна од своите ривали. Со користење на техники на манипулација – лаги, информации надвор од контекст, сомнителни и непроверени извори, вистинити информации, но очигледно изнесени на виделина за да предизвикаат штета – понекогаш практикувани во рекламирањето и станувајќи уште пострашни преку платформите како Фејсбук и Твитер, како во Централноафриканската Република (ЦАР) и Мали, Москва успева, по мала цена, да ја оспори долгогодишната, неприкосновена доминација на традиционалните француски медиуми. Секоја акција на Париз е претставена низ колонијална и неоколонијална оптика, како што е операцијата „Сангарис“ која во периодот од 2013 до 2016 година стави крај на масакрите што ја пустошеа ЦАР, но не успеа да ја стабилизира земјата на еден подолг рок.[xi] Се шири наративот за арогантната Франција мотивирана од заштитата на сопствената територија и интереси, додека обвинувањата за силувања против француските војници стационирани во Африка – се извор на голема загриженост за локалното населението кое западна во сиромаштија и беше фатено во виорот на една бескрајна цивилна војна. Париз, од своја страна, дава целосна поддршка на откритијата за злосторствата извршени од милициите на Вагнер, најмени од Банги. Од двете страни, дигиталните армии мобилизирани зад компјутерските екрани се вклучени во модерна војна на наративи – но, со неколку чекори понапред за Кремљ. Навистина, анализира американскиот истражувачки институт Африкански центар за стратешки студии, „Русија е пионер во поглед на дезинформациите со цел да влијае на африканското политичко поле и нејзините техники сега се имитираат од другите актери“.[xii]
Ако се работи за земја која се промовира себеси, целта може да биде и да се ослабне конкурентот – со тоа што ќе го оцрни или ќе го нападне, на повеќе или помалку пренасочен начин. Во ЦАР, обвинувањата упатени на двете страни се крајно сериозни: силувања извршени од француски војници – поддржани од новинарски истраги, но не утврдени и од судовите;[xiii] масовни злосторства (масакри, силувања, мачења итн.) извршени од Вагнер според неколку извештаи доставени до генералниот секретар на ОН.[xiv] „Светот се промени“, објасни претседателот Емануел Макрон во својот говор пред амбасадорите на 2 септември 2022 година, „и нашата земја често е напаѓана. Таа е нападната во јавното мислење преку социјалните мрежи и манипулации. Африканскиот континент е најдобрата лабораторија за ова“, додавајќи дека Французите треба да бидат „многу поагресивни, и повеќе мобилизирани на оваа тема“. Пропагандната војна се интензивираше по избувнувањето на војната во Украина, период кој предизвика диригирано ширење на антизападна реторика од страна на Русите. Од крајот на февруари, според истражувачите Мери Бланкеншип и Алојсиус Уче Орду – кои работат за аналитичката институција Брукингс – Раша Тудеј и други руски медиуми шират и ги засилуваат обвинувањата за расизам против Европејците, наведувајќи и истакнувајќи го случајот со африканските студенти заробени во Украина и напуштени поради војната.[xv]
Протестите на западните земји изгледаат донекаде лицемерни колку што не го презираат она што го осудуваат. Во изминатите 10 години, операциите на влијание, кои дискретно се водат од САД и Велика Британија, ја таргетираат Русија на платформите на Фејсбук и Твитер. Овие операции – забележуваат истражувачите од Универзитетот Стенфорд во САД и од услужната компанија Графика – изградија и пропагираат имиџ на злонамерна и империјалистичка Русија и Кина во Африка.[xvi] Тие покажуваат како, преку повеќекратни и упорни публикации, десетици профили на Фејсбук, Инстаграм и Твитер создадени за оваа цел, придонеле на координиран и систематски начин да се шири тезата дека бизнисменот Евгениј Пригозин, наводно близок до Кремљ, бил шеф на огромната руска воена кампања во Централноафриканската Република, Мали и, особено, во Сирија, а кое ги илустрира т.н. империјални амбиции на Русија. Истовремено, овие фиктивни профили повикуваат на отпор кон овој руски план. Паралелно, истакнуваат истражувачите, група фиктивни профили на истите платформи давале сè од себе за да ги засилат, на штета на другите информации, критиките упатени кон кинеските власти, особено во однос на нивниот третман на локалната популација во кинескиот регион на Ксинџијанг. Покрај тоа, поранешните колонијални сили, Британија и Франција, биле и пионери во медиумското влијание, со формирањето на Светскиот сервис на Британската радиодифузна корпорација (Би-Би-Си) во 1930 година и француската Колонијалната пошта во 1931 година, промовирајќи ги придобивките од нивниот колонијален империјализам.
Втората светска војна ги принуди Париз и Лондон да ги прераспределат ресурсите и вниманието кон Европа, и дури во 1970-тите тие повторно беа мобилизирани во Африка. Преименуван во Париз-Мондиал, потоа Радио Франс Интернасионал (РФИ) во 1975 година, францускиот јавен радиодифузер го прошири своето присуство во поранешните француски колонии, главно во западна и централна Африка. Глобалниот сервис на Би-Би-Си, исто така, ја засилува својата програма во јужна, источна и западна Африка. Вашингтон, од своја страна, го промовира Гласот на Америка, радио станица создадена во 1963 година, чие име има знак за јасност. Во сите три случаи, соочени со конкуренција само од африканските локални државни медиуми – најчесто принудени да се усогласат со официјалната реторика – овие меѓународни станици отвораат прозорец кон светот за луѓето од континентот.[xvii] Во тоа време телевизијата сè уште беше редок луксуз, а интернетот и не постоеше.
Демократското отворање во Африка во 1990-тите им овозможи на трите големи меѓународни радио станици (и помалите германски и холандски радиодифузери) дополнително да го прошират своето присуство. Оттогаш, Би-Би-Си, РФИ и Гласот на Америка ги колонизираат УКТ радио фреквенциите во африканските градови и села, што е потврдено од истражувањата на слушателите, кои ги ставаат при врвот во многу африкански региони. Во поголемите градови на седум африкански земји во кои се зборува француски – Абиџан, Киншаса, Уагадугу, Дакар, Бамако, Дуала, Јаунде, Либрвил и Бразавил – РФИ е најслушаната станица за повеќе од 64% од локалните африкански директори и лидери. Франс 24 е првиот меѓународен канал во Африка што зборува француски и еден од десетте најгледани канали од целото население во овие земји.[xviii] Во кулоарите на РФИ, главните уредници им повторуваат на младите водители на вестите, дека мора да се замислат како се обраќаат на „Мадам Уедраого, имагинарен трговец на локалниот пазар во Уагадугу“, главниот град на Буркина Фасо.
Поддржани од 2006 година од Франс 24 и Канал Плус, РФИ и француските меѓународни медиуми – сега дел од Франс Медиас Монд (ФММ) – заземаат посебно место во африканскиот аудиовизуелен простор. РФИ, исто така, останува една од петте најдобри радио станици што се слушаат секој ден во главните градови на Африка, каде се зборува францускиот јазик. 86,6% од населението велат дека го знаат ова радио, а 39,5% го слушаат секоја недела. Значајно е што кандидатите за изборите во африканските земји, каде се зборува француски јазик, претпочитаат да даваат изјави на овој медиум, отколку на локалните радио станици. Репортажата за најпопуларните спортски настани (Светско првенство во фудбал, Олимписки игри, Африкански фудбалски куп на нации) во земјите, каде се зборува францускиот јазик, ја обезбедуваат француските меѓународни медиуми, давајќи им неспоредлива видливост и потенцијално влијание.
Без сомнение, сакајќи да не бидат надминати од нивните нови конкуренти, особено Кинезите, Би-Би-Си и РФИ сега нудат и програми на локалните африкански јазици. Во 2010 година, РФИ ги започна своите програми на свахили во централна и источна Африка. Во 2015 година, овој француски медиум отвори програма на мандинго јазик за Мали, Буркина Фасо, Гвинеја, Сенегал, па дури и за Либерија и Сиера Леоне. Во исто време, Би-Би-Си ја премести својата африканска редакција на француски јазик од Лондон, директно во Дакар и исто така емитува на т.н. пиџин јазик од Лагос, Нигерија.
Медиумската амбиција на Пекинг, Париз, Москва или Лондон се чини дека ги следи, се проширува и служи на политичкиот проект и економските интереси на владите, како што со одредена искреност призна претседателот Макрон, предизвикувајќи викање и протести на некои новинари.[xix] „Мораме (…) да работиме со сојузниците, партнерите на Франција во доменот на јавното мислење“, изјавува шефот на француската држава на состанокот на амбасадорите во Париз на 2 септември о.г. „Се разбира, не само да се спротивставиме на лажните информации, туку да можеме да ги спречиме многу јасно, што е можно побрзо и да ја зголемиме вредноста на нашите сопствени постапки. Во овој поглед, мораме многу подобро да ја искористиме мрежата на Франс Медиас Монд, која е апсолутно клучна и мора да претставува сила за нас“.
Меѓутоа, на африканската медиумска сцена, сега многу погуста по големата експлозија на социјалните мрежи, инвестициите во влијанието врз луѓето – не секогаш и ги постигнуваат посакуваните резултати. Сликата на Кина во Африка е многу помалку фина отколку што веројатно би сакале стратезите во Пекинг, додека „антифранцуското“ чувство изгледа пожестоко во регионот на Сахел, и покрај сеприсутноста на РФИ во африканските домови.[xx]
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Jean Marcou, « La Turquie : une nouvelle puissance africaine », Orient XXI, 18.01.2022.
[ii] John Calabrese, « Building in Africa: Turkey’s “third way” in China’s shadow », Middle East Institute, Washington, 11.10.2022.
[iii] Philippe Boulanger, Géopolitique des médias : acteurs, rivalités et conflits, Armand Colin, Paris, 2014.
[iv] « The new scramble for Africa », The Economist, London, 07.03.2019.
[v] « What is the influence of Chinese media in West Africa ?», Council on Foreign Relations, Washington DC, 14.09.2021 ; « China ramps up efforts to control media narratives in Africa », Africa Defense Forum, 18.01.2022.
[vi] « China’s Xi urges state media to boost global influence », Reuters, 19.02.2016.
[vii] Selma Mihoubi, « La stratégie d’implantation de Radio Chine Internationale (RCI) en Afrique sahélienne », Revue Noroix, numéro 252, Presses universitaires de Rennes, 2019.
[viii] Pierre Luther, « Un CNN à la chinoise », Le Monde diplomatique, III/ 2011.
[ix] Dani Madrid-Morales, « Sino-african Media Cooperation : An Overview of a Longstanding Asymmetric Relationship », in: It is about their story: How China, Turkey, and Russia influence the media in Africa, Konrad Adenauer Stiftung, Berlin, 2021.
[x] EY Attractiveness report Africa, Johannesburg, 22.11.2021.
[xi] « More-troll Combat, French and Russian influence operations go head-to-head targeting audiences in Africa », Graphika and Stanford Internet Observatory, 15.12.2020.
[xii] Africa Center for Strategic Studies, « Mapping disinformation in Africa », Washington, 26.04.2022.
[xiii] Justine Brabant et Leila Minano, « Les exactions impunies de l’opération Sangaris », Médiapart, Paris, 03.01.2017.
[xiv] « Abus commis par les forces liées à Russie », rapport de Human Rights Watch, 03.05.2022.
[xv] Mary Blankenship & Aloysius Uche Ordu, « Russia’s narratives about its invasion of Ukraine are lingering in Africa », The Brookings Institution, Washington, DC, 27.06.2022.
[xvi] « Unheard Voice: Evaluating five years of pro-Western covert influence operations », Graphika and Stanford Internet Observatory, 24.08.2022.
[xvii] André-Michel Essoungou et Fanny Pigeaud, « Les voix de la “Françafrique” », Le Monde diplomatique, IX/2022.
[xviii] « РФИ et France 24 suivies par plus de 60% de la population en Afrique francophone », La lettre Pro de la radio, 19.09.2022; « BBC news in Africa increases reach to 132 million people a week », 23.07.2020, https://advanced-television.com
[xix] « Non, M. Macron, FMM n’est pas le porte-voix de l’Élysée. Nous ne céderons jamais une once de notre indépendance », Afrique TV, 03.09.2022
[xx] « How popular is China in Africa », The Conversation, 17 November 2020; Fanny Pigeaud, « Présence française en Afrique, le ras-le-bol », Le Monde diplomatique, III/2020.