Формирана во Мадрид на почетокот од 1961 година од страна на неколку „француски активисти од Алжир“, вклучувајќи ги и поранешните студентски водачи Пјер Лагајарде и Жан-Жак Сусини, Тајната вооружена организација (ОАС) го означи крајот на конфликтот за деколонизација со обид да го промени неговиот курс, користејќи неселективен тероризам или целни атентати, или со практикување на т.н. „политика на изгорена земја“, а притисната до својот пароксизам во пресрет на алжирската независност од колонијалната Франција. Овој брз налет беше симболизиран со нападот на пристаништето во Алжир на 2 мај 1962 година, во кој загинаа околу сто луѓе, и палењето на универзитетската библиотека во истиот град на 7 јуни (400.000 од 600.000 книги беа уништени или оштетени, а институцијата не беше повторно отворена дури до 1968 година).
Во зависност од изворот, акциите на ОАС предизвикале смрт на помеѓу 1.600 и 2.400 луѓе, од кои најголемиот дел биле „муслимани“ како што биле нарекувани во тоа време. Меѓу овие жртви: учителот и писател Мулуд Фераун, погубен на 15 март 1962 година со неговите колеги во Бен Акнун, на височините на Алжир. Претходниот ден, последниов забележал во својот дневник: „Во градот владее терор. Луѓето сè уште се движат наоколу и оние, кои мораат да заработат за живот или едноставно да пазарат, мора да излезат и да излезат без навистина да знаат дали ќе се вратат или ќе паднат на улица.“[1] И други личности беа цел, како што е социјалистот Вилијам Леви, убиен на 20 ноември 1961 година во работничкото предградие Баб-ел-Уед и комунистот Лусиен Риет, убиен на 12 февруари 1962 година во Оран.
Иако, од очигледни причини, алжирската колонија беше нејзината приоритетна област на дејствување, од јуни 1961 година ОАС ги прошири своите активности и во самата, континентална Франција, по примерот на Националниот ослободителен фронт на Алжир (ФЛН), кој одлучи три години порано да ја донесе војната и во Франција. Овој едноставен факт потсетува на амбивалентноста на односите одржувани за време на овој конфликт помеѓу поддржувачите на различни каузи, но склони да користат слични средства во име на непомирливи легитимности. Така, еден „француски активист од Алжир“ би можел да напише за борците за независност на Националната армија за ослободување (АЛН): „Имам одредена почит кон нив, почит која им се должи на оние кои ја ставаат својата кожа на коцка, кои страдаат од студ и глад (…). Тој слаб волк беше од мојот вид, тој беше речиси мојот брат.“[2]
За континентална Франција, бројот на жртвите од терористичките напади на ОАС беше 71 загинат и 394 ранети,[3] меѓу кои Алфред Локусол – комунист, роден во Карно – кој почина на 5 јануари 1962 година како резултат на нападот претходниот ден во Аленсон; Делфин Ренар, млада девојка која се здоби со сериозни повреди на очите при нападот на парискиот стан на министерот за култура Андре Малро на 7 февруари; или тројцата мртви и четириесет и седум ранети како резултат од експлозијата на автомобил паркиран пред салата каде што требаше да се одржи конгресот на Мировното движење, на 9 март, во Иси-ле-Мулино. Во оваа прилика, тогашниот француски министер за внатрешни работи, Роџер Фреј, во телевизиски говор, ја осуди желбата „да се преземе власта со методи кои Хитлеровиот режим сигурно не би ги демантирал“.
Во овој контекст на екстремен страв, поттикнат од гласините за десничарски атентати или фракционерски напади, борбата против ОАС – и, во продолжение, против фашизмот – стана приоритет за интелектуалците и левичарските активисти во Франција, и покрај значителните разлики во мислењата и приодот. Така, во јануари 1962 година, според Ла Нувел Критик, дневникот на Француската комунистичка партија, „целта на демократите мора да биде да ги спречат фашистите да се обидат со нов државен удар, да ги лишат од каква било можност за започнување на граѓанска војна“, со вршење притисок врз владата на де Гол, и со поддршка на скандирање пароли за мирот во Алжир. Троцкистите од списанието Ла Верите де Травајур, од своја страна, ја истакнаа потребата од обединет фронт на работничките организации за да допрат до независните: „Во борбата против ОАС, францускиот пролетаријат мора да се обедини со братската сила на ФЛН, кој штотуку се одлучи за енергична борба против фашистичката организација.“
Шеесет години по настаните, стравот предизвикан од терористичките напади на ОАД, како и мобилизацијата на левицата, се чини дека повеќе не се дел од задолжителните референци на современите дебати во денешна Франција. Сепак, преиспитувањето на оваа секвенца обезбедува подобро разбирање на еден од суштинските извори на француските страсти кои се судираат, во позадина на империјалната и колонијална носталгија, по повод полемиките подгреани од крајната десница, а во контекст на „пост-алжирска Франција“.[4]
„Бидејќи Алжир е Франција, во самиот Париз мораме да се бориме!“[5] Врз основа на овој принцип, армискиот капетан Пјер Саржан заминува за Марсеј на 1 јуни 1961 година за да го постави, на терен, огранокот на ОАС, сега за континентална Франција, без да има некој прецизен план. Станува збор за давање нов импулс на каузата на „францускиот Алжир“, откако францускиот претседател Шарл де Гол го призна принципот на независност на својата прес-конференција на 11 април, но и по неуспехот на пучот, десет дена подоцна, на „четворката генерали“: Морис Шал, Андре Зелер, Едмон Жуо и Раул Салан. Последните двајца одат во илегала и стануваат водачи на екстремистичката ОАС, која е повторно формирана во мај во Алжир.
По своето пристигнување во Париз, Пјер Сержан веднаш се упатува во седиштето на весникот Аспект де ла Франс основан од Шарл Морас, каде што се сретнува со двајца водачи на француското ројалистичко движење Национална реставрација, Пјер Жухел и Луј-Оливие Ру, кои му даваат логистичка поддршка. Тој како модел ја зема организациската шема изработена од полковникот Ив Годар, а со цел да се структурира филијалата на ОАС во самата Франција во три засебни ограноци во форма на одделение: Организација на масите (ОМ), Психолошка акција и пропаганда (АПП) и Организација за разузнавачко работење (ОРО). Во летото 1961 година, тој го назначува Ролан Лауденбах, директор на издавачката куќа „Табл ронд“, за шеф на АПП, ангажиран во форма на „уредувачка милитантност“[6], а која била и директно против де Гол и против независност на Алжир.
Симпатизерите на ОАС се меѓу стотиците потписници на „Манифестот на француските интелектуалци за отпор кон независност“ – што се спротивстави, во октомври 1960 година, на „Декларацијата за правото на непослушност во војната во Алжир”, попознат и како „Манифест на 121“[7] –, особено меѓу лидерите на списанието Л‘Еспри Публик, започнато во декември 1960 година од една поголема група десничари собрани околу Раул Жираде, Жан Брун, Ролан Лауденбах и Жил Монеро.
Зајакната со доаѓањето на поручникот Даниел Годо, оваа филијала на ОАС, прави обиди да се развива на терен во самата Франција, преку воспоставување врски со кругови блиски до францускиот десничарски популистички политичар Пјер Пужаде на југозапад на земјата, како што е поранешниот пратеник Марсел Бује. Од 1953 до 1958 година, спомнатиот Пјер Пужаде предводел десничарско популистичко движење за одбрана на локалните трговци и занаетчии во Франција, и под негов барјак, Жан-Мари Ле Пен, идниот основач на екстремно десничарскиот Национален фронт, бил избран за пратеник, уште во 1956 година. Во регионот на Еро, организацијата успеала да регрутира, исто така, и поранешни борци на отпорот од Втората светска војна и студенти. Членовите на ОАС, кои потоа ќе бидат и кривично гонети, се, главно, мажи, претежно обични војници (47%) во однос на воениот персонал и средни раководители или службеници (35%) за цивилите.[8]
Сепак, овој обид се соочи со тешкотијата да се контролираат сите мрежи за „францускиот Алжир“ во провинциите, како и личните тензии, особено откако Раул Салан назначи неколку политички претставници, комплицирајќи ја задачата на Пјер Сержан:[9] Андре Регар, дипломец од политехничка школа, кој бил одговорен за организирање на состанокот на Комитетот од Винсен на 16 ноември 1961 година, кога илјадници луѓе го скандирале името на генералот Салан во салата Мутуалите во Париз; Андре Канал наречен „Монокл“, поранешен заменик-генерален директор на една металургиска компанија, испратен во континентална Франција во декември 1961 година и поддржан од остатоците на екстремното десничарското движење Млада нација.[10]
Пјер Сержан и Андре Канал се разликувале во однос на методите кои треба да се користат. Првиот бил повеќе за конкретни целни атентати и диверзии, додека вториот бил повеќе наклонет кон неселективни масовни операции од типот на „сината ноќ“, како онаа на 17 јануари 1962 година, кога целиот Париз бил потресен од осумнаесет експлозии направени со пластичен експлозив. Без никаква реална стратегија или вистинско познавање на француското општество – почнувајќи од неговите аспирации за мир – лидерите на ОАС сè уште размислувале за употреба на насилни или радикални средства во овој момент, вклучувајќи ја и употребата на „генералниот штрајк“, како да не ја виделе непопуларноста на нивната кауза, иако ова било покажано за време на антифашистичките демонстрации во Париз, како што е протестот од 19 декември 1961 година – кој бил репресиран од полицијата – и оној од 8 февруари 1962 година, што собрал дури дваесет илјади луѓе и за време на кој полициската бруталност предизвикала смрт на девет лица – сите членови на Генералната конфедерација на трудот (ЦГТ) и, со еден исклучок, на Комунистичката партија – на метро станицата Шарн.[11]
Еден ден по потпишувањето на Договорите од Евијан и спроведувањето на прекинот на огнот во Алжир, капетанот Жан-Мари Курутчет дури побара, во директива од 20 март, „да се нападне сè и секој што ја претставува власта на државата“, залагајќи се за „општ хаос“. Но, ОАС – чии мрежи беа следени и ловени од страна на безбедносните служби на Франција, а на која во Алжир и се приклучуваат и т.н. „барбузи“, милитанти кои дејствуваат на повеќе или помалку таен начин и го поддржуваат претседателот де Гол – е дестабилизирана со апсењето на нејзините водачи: Едмон Жуо на 25 март, Рожер Дегелдре на 7 април и веќе спомнатиот Раул Салан на 20 април.
Создавањето, следната пролет, на Националниот совет за отпор (ЦНР) со неколку кадри кои сè уште се на слобода, вклучувајќи го и полковникот Антоан Аргу, шеф на ОАС во континентална Франција, направи малку за да се промени трендот. Планираниот атентат врз францускиот претседател Шарл де Гол, сепак беше осуетен од страна на безбедносните служби на Франција (оној што се случи на 22 август во Пети-Кламар, беше само индиректно поврзан со ОАС). И егзодусот на овие десничарски Французи родени во Алжир, се забрза.
За екстремно десничарските активисти, како Доминик Венер, овој неуспех мора да се признае и да се спроведе нова стратегија. Во својот десничарски политички памфлет од 1962 година За позитивна критика, тој ја препознава неспособноста на ОАС да ги обедини сите поддржувачи на францускиот Алжир, како и неефикасноста на нејзините методи: „Петардите под прозорците на домарите, сепак не донесоа ниту еден поддржувач за францускиот Алжир“.
Оттогаш, искушението е големо за некои да се ослободат од „алжирскиот баласт“. Но, може ли оваа страница да се сврти толку лесно? Ништо не е помалку сигурно. Читањето на различните екстремно десничарски публикации од почетокот на 1960-тите, попрво сведочи за централното внимание дадено на алжирското прашање во Франција, кое се манифестира за време на претседателската кампања на адвокатот Жан-Луј Тиксие-Вињанкур во 1965 година (освоил 5,2% од гласовите), но и преку мобилизациите во корист на амнестијата на членовите на ОАС.
За таа цел се усвоени неколку закони, особено во јули 1968 година, по изборниот подем на десницата, а по настаните од мај истата година во Франција. Со овие закони, се овозможува пуштање на слобода на Антоан Аргу и Раул Салан, како и враќање на прогонетите како Пјер Саржан и Жорж Бидо. Во 1981 година, поранешните активисти на ОАС одлучуваат да се свртат кон социјалистичкиот претседателски кандидат Франсоа Митеран, кој бил министер за внатрешни работи, а потоа и за правда на почетокот на Алжирската војна за независност, поради кое Раул Салан повикува на гласање за Митеран, но во замена за задоволување на нивните барања. Веќе во 1965 година, Тиксие-Вињанкур повикал на гласање против де Гол во вториот претседателски изборен круг, како и Пјер Саржан. Есента 1982 година, новиот претседател му наметнува на своето парламентарно мнозинство, да изгласа еден закон кој има за цел „отстранување на последиците од алжирската војна“, преку професионална рехабилитација на одредени амнестирани лица, вклучувајќи ги и поранешните пучисти од ОАС.[12] Оваа каскада на индулгенции кон извршителите на терористички напади, кои предизвикале смрт на неколку стотици жртви, може да објасни зошто оваа страница од историјата, што го симболизира екстремното десничарско насилство, е толку малку позната во денешна Франција.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Mouloud Feraoun, Journal. 1955-1962, éditions du Seuil, Paris, 1962
[2] Alex Nicol, La bataille de l’O.A.S., Les Sept couleurs, Paris, 1962.
[3] Arnaud Déroulède, L’OAS. Etude d’une organisation clandestine, éditions Jean Curutchet, Hélette, 1997.
[4] Todd Shepard, 1962. Comment l’indépendance algérienne a transformé la France, Payot, Paris, 2008.
[5] Olivier Dard, Voyage au cœur de l’OAS, Perrin, Paris, 2011.
[6] Guillaume Gros, « Roland Laudenbach et La Table ronde, Jacques Perret et Aspects de la France », in Maurrassisme et littérature, Volume IV, Presses universitaires du Septentrion, Villeneuve d’Ascq, 2012.
[7] Jean-Pierre Rioux et Jean-François Sirinelli (sous la dir.), La guerre d’Algérie des intellectuels français, éditions Complexe, Bruxelles, 1991.
[8] Anne-Marie Duranton-Crabol, Le temps de l’OAS, éditions Complexe, Bruxelles, 1995.
[9] Rémi Kauffer, « OAS : la guerre franco-française d’Algérie », in Mohammed Harbi et Benjamin Stora (sous la dir.), La guerre d’Algérie, Robert Laffont, Paris, 2004.
[10] Jean-Paul Gautier, Les extrêmes droites en France de 1945 à nos jours, Syllepse, Paris, 2017.
[11] Alain Dewerpe, Charonne 8 février 1962. Anthropologie historique d’un massacre d’État, Gallimard, Paris, 2006.
[12] Stéphane Gacon, « Les amnisties de la guerre d’Algérie (1962-1982) », Histoire de la justice, n° 16, La Documentation française, Paris, 2005.