Le Monde Diplomatique – Македонско издание

И одеднаш, сега Вашингтон ѝ се насмевнува на Венецуела

„Ова донекаде личи како во филмот Војна на ѕвездите, кога Дарт Вејдер ќе задави некого. Тоа му го правиме на режимот на економски план.“ Забелешките на Џон Болтон на каналот Јунивижн на 22 март 2019 година, додека тој беше советник за национална безбедност на САД, имаа за цел да ја појаснат стратегијата на САД кон Венецуела. Иницирани во јули 2017 година, американските санкции ја трансформираа и онака длабоката локална криза во нешто, кое поранешниот американски амбасадор во Венецуела, Вилијам Браунфилд, на 12 октомври 2018 година го опиша како „трагедија“. Пред да додадеме, спокојно: „Ако можеме да направиме нешто за да го забрзаме, мораме да го направиме тоа, знаејќи дека тоа ќе влијае на милиони луѓе кои и онака веќе се борат да дојдат до основните храна и лекови. (…) Нашата цел ја оправдува оваа тешка и заслужена казна“.


Од нашиот специјален кореспондент Маел Мариет*
Новинар



Преку своите напори за соборување на претседателот Николас Мадуро, Вашингтон покажа дека е можно да се уништи земја без топови. Кога некој ја има „преголемата привилегија“ да воведува санкции врз другите народи, станува возможно да се уништи нивната економија, да се уништи нивниот државен апарат, да се скрши нивното општество. И тогаш, така, одеднаш да се предомисли… Додека тензиите на енергетскиот пазар поврзани со руската инвазија на Украина го наведоа американскиот претседател да го продолжи дијалогот со политички лидер кој неговата земја дотогаш не го ни признава, може да се размислува за укинување на американските санкции.

Каракас веќе е на колена кога Вашингтон ќе одлучи да ја засили офанзивата против Венецуела. Почнувајќи од летото 2014 година, цените на нафтата – кои сочинуваат 95% од вредноста на извозот на Венецуела – се променија од 100 на 50 долари за барел за шест месеци (90 на 45 евра), а потоа на 30 долари (27 евра) во јануари 2016 година. Три години подоцна, кога Хуан Гуаидо се прогласи себеси за „привремен претседател“ (без никаква правна основа), Белата куќа, имитирана и од Канада и Европската унија, наредува серија санкции со ретка суровост: ембарго против државната нафтена компанија ПДВСА и сите нејзини подружници; заплена на имот на Венецуела во странство (како што се оние на Ситго, подружница на ПДВСА во САД, во вредност од 7 милијарди долари); кривично гонење на сите странски компании кои тргуваат со овие венецуелски компании; итн.

Овие мерки го блокираат пристапот на Венецуела до речиси сите меѓународни финансиски пазари, што значително ја попречува способноста на Венецуела да врши трансакции таму и на меѓународен план. Во јуни 2021 година, некои од плаќањата за купување вакцини против Ковид се блокирани, спречувајќи ја Венецуела да има корист од системот за глобален пристап кон вакцини (КОВАКС), наменет за промовирање на пристапот до вакцини во сиромашните земји. Од 2014 година, не случајно, Венецуела изгуби дури 99% од своите девизни приходи. Во таков контекст, економијата се намали дури за 80% помеѓу 2013 и 2020 година (ситуација уште полоша од онаа што ја доживеа Либија по избувнувањето на граѓанската војна таму).

За да се справи, претседателот Мадуро, на 29 септември 2020 година, го претстави на Националното собрание, законот за „анти-блокада“ со цел „да ги направи инвестициите во венецуелската економска активност – пофлексибилни“. Тука се работи за прашање, објаснува Вилијам Кастиљо, заменик министер за антиблокадни политики, да се дозволи враќање на приватниот капитал во економијата на земјата. За да се постигне ова, „законот овозможува класифицирање на доверливи, за одреден број години, информации кои се однесуваат на договори склучени од поединци со приватни инвеститори. Самите бизнисмени беа тие кои побараа од нас ваква форма на заштита, бидејќи САД ги санкционираат компаниите кои работат со Венецуела; таков беше случајот со Роснефт, руска нафтена компанија, на пример.“

Претпочитајќи да остане анонимен, меѓународен финансиски специјалист кој работи со инвестициски фондови кои сакаат да земат учество на пазарот на нафтената индустрија во Венецуела, објаснува дека „доверливоста е исто така поволна за државата, бидејќи на тој начин може да склучи договори со приватни инвеститори кои не се допуштени од Уставот, а што не може да се промени во сегашниот политички контекст и што забранува домашна или странска приватна компанија, да има мнозински удел во јавно мешано претпријатие“. Сепак, потоната во големи проблеми, државата сака да може да се ослободи од овие „ограничувања“… а до вчера претставувани како еден од главните придобивки на Боливарската револуција во однос на суверенитетот. „Тоа ќе биде само за ограниченото времетраење на договорот за кој станува збор“, се изјаснува Кастиљо. „Ова е еднократна тактичка промена за конкретна економска ситуација. Тоа е само прашање на префрлање на имотот кон приватниот сектор кој државата не го користи добро, или претпријатија кои инаку не се ефикасни.“ Но, кога ќе се заобиколи законот, дали навистина ќе може да се вратиме назад? Нашиот соговорник го избегнува прашањето.

Ова е сингуларноста на венецуелскиот контра-напад: дискрецијата која го опкружува процесот на приватизација „наметната од санкциите“. „Благодарение на антиблокадниот закон, постигнат е драматичен напредок во поглед на инвестициите и сојузите во различни области на економијата“, изјави Мадуро за време на телевизиското појавување на 12 декември 2020 година. “Но, не можам да кажам многу. Ова е суштината на законот против блокадата: да се прави, а без јавно да се каже.“ Така, благодарение на правната средина која претседателот ја опишува како „помалку непријателска“, сведоци сме на „развој на агробизнисот“,[i] радосно нѝ изјавува Рикардо Кусано, претседателот на Федекамарас, главната организација на работодавачи во земјата.

Во случајот на нафтениот сектор, законот против блокада има свои граници. „Овој сектор бара огромни инвестиции“, нѝ објаснува Виктор Алварез, поранешен министер за тешки индустрии и рударство (2005-2006), откако беше директор на ПДВСА (2004). „Со игнорирање на правната рамка која поставува ограничувања на приватните инвестиции во државните претпријатија, овој закон парадоксално, но, сепак, ја зголемува правната несигурност и институционалната слабост на Венецуела, засилувајќи ја идејата дека законот се толкува во Венецуела на еден произволен и дискреционен начин. Една странска мултинационална компанија нема да ризикува да инвестира големи суми капитал – во еден ваков локален правен контекст.“ За Алварез, само укинувањето на санкциите може повторно да го активира нафтениот сектор во земјата, а која, сепак, има најголеми резерви на црно злато во светот.

Падот на цената на нафтата, проследен со американските санкции, доведе до голем пад на производството на ПДВСА, од скоро три милиони барели дневно во 2014 година на помалку од еден и пол милион во 2018 година, а потоа и до 350.000 во 2020 година, за осум пати помалку – за само шест години. Ударот е многу брутален за една земја, чии приходи од нафта го претставуваат скоро целиот нејзин девизен прилив, со кој го регулираше масовниот увоз на своите потрошувачки добра (вклучувајќи го и оној на многу основни прехранбени артикли).

Овој голем пад на производството на нафта, првенствено се објаснува со „проблемот со побарувачката“, вели Франциско Родригез, венецуелски економист и научен соработник во Советот за надворешни односи (ЦФР). Во еден момент земјата мораше да ја прекине работата на неколку извори на нафта, бидејќи повеќе не можеше да ја продава нафтата и нејзините резервоари за складирање веќе беа преполни. Поради страв од санкции, луѓето повеќе не сакаа да купуваат нафта од Венецуела. Па, затоа, земјата мораше да ја продаде по цени, далеку под пазарните цени, и во најголем дел на своите сојузници, Кина и Русија, на кои и онака, им е енормно должна.“

Но, сепак, трговијата со нафта не престанува меѓу Венецуела и САД. Американската нафтена компанија Шеврон, доби специјална дозвола од властите на САД, за да продолжи да работи во земјата и дури и да одржува директни партнерства со ПДВСА. Компанијата – онаа која „го произведува најдоброто“ во појасот Ориноко, според Луис Ромеро, техничар во ПДВСА веќе дваесет години – ја продава нафтата, што ја извлекува, на ПДВСА, која е задолжена за нејзиниот маркетинг. Сепак, ова повеќе не може да им се направи на САД, кои и во 2017 година беа главен купувач (41%) на венецуелската нафта.

Ако падот на венецуелското производство на нафта првенствено се објаснува со падот на побарувачката за оваа нафта, тоа е резултат и на тешкотијата на земјата да ги добие потребните суровини за нејзината експлоатација: „Овде, во појасот Ориноко, се извлекува тешка нафта, која мора да се меша со полесна нафта за да може да се извезува. Суровините кои се користат за оваа мешавина се разредувачи, кои се увезени од САД. Но, со санкциите, ова е готово“, ни објаснува Ромеро. Без овие разредувачи, исто така, нема рафиниран бензин, што го објаснува и постојаниот недостаток на бензин и дизел во земјата – Венецуелците честопати се принудени да чекаат со часови или дури и денови за да наполнат гориво.

Со цел да се надмине оваа тешкотија, владата на Мадуро потпиша дваесетгодишен договор со Иран во септември 2021 година, кој и обезбедува скапоцени разредувачи во замена за дел од сопственото производство на сурова нафта. Сојузот меѓу двете земји санкционирани од САД, би го објаснил неодамнешното зголемување на производството на нафта во Венецуела, кое се зголеми во просек на 850.000 барели дневно во 2021 година, што е 2,5 пати повеќе во споредба со претходната година, и со цел да се врати на 2 милиони барели до крајот на 2022 година.

За да се постигне тоа, ќе биде неопходно да се рехабилитираат нафтените капацитети во Венецуела. Дали украинската криза ќе го наведе Вашингтон да го олесни овој вид инвестиции? „Производството би можело брзо да се зголеми и земјата ќе го извлече максимумот од зголемувањето на цената на нафтата“, нѝ објаснува спомнатиот Ромеро. Засега  „инсталациите се во уште полоша состојба. И дотолку повеќе што луѓето ги демонтираат за да го препродадат старото железо“, ни објаснува тој на работ на разурнатиот пат на појасот Ориноко, каде што среќаваме големи камиони чиј контејнер се прелива со старо железо (чатара): извадени парчиња цевководи, исечени кабли, откорнати мотори итн. “Понекогаш, кога ќе стигнете до изворите на нафта, ги наоѓате чатареросите како сечат цевки. Бегаат и чекаат да отидеме, за да се вратат. Често тоа се прави навечер. Исто така, има работници кои крадат што можат: нафта, кабли, па дури и клима-уред во нивниот работнички интернат.“

Иако оваа пракса, се разбира, е осудувана од судовите и понекогаш води до апсења, таа најчесто има корист од одреден лесефер: овозможува компензација за ниските плати во одредени јавни сектори. Со цел да се регулира оваа пракса – која исто така ги засега главните компании за челик во земјата, особено Сидор – и, притоа, да ја регулира неформалната работа, во 2018 година, владата издаде декрет со давање на старото железо „стратешки и витален карактер за развојот на националната индустрија“: чатара во земјата ќе се продава исклучиво на државната компанија КОРПОЕЗ, управувана токму од воени лица.

Ова овозможи на ПДВСА, која немаше готовина, во 2020 година, „да им плати на подизведувачите со отпаден метал и делови од затворените капацитетите“, нѝ објаснува Мојсес Варгас, колега на Ромеро. „Властите претпочитаат да се фокусираат на искористување на нафтените полиња сè уште во добра состојба, бидејќи рехабилитацијата на другите би чинела цело богатство. Пазарот на чатара е сива зона, многу малку транспарентна, на самата граница меѓу легалното и нелегалното“, нѝ објаснува Андрес Антилано, професор по социологија на Централниот универзитет на Венецуела во Каракас (главниот државен универзитет во земјата). „Тоа претставува многу профитабилен бизнис за посредниците.“ Варгас ни кажува и повеќе: „Купуваат околу 250 долари за тон отпаден метал кој е пронајден. Потоа, во зависност од металот, овие посредници можат да ја продадат чатарата до 1.000 долари за тон на Корпоез. Но, пред тоа, војската која ги штити објектите на ПДВСА зема провизија за издавање пропусници за да се однесе чатарата до пристаништето Гуанта, каде што оди за Турција“, главниот купувач. Сега, профитабилната трговија со чатара порасна до степен што цели населби понекогаш остануваат  без светлина или вода бидејќи се украдени цевки за водовод или кабли за електрична енергија.

Под влијание на хиперинфлацијата, која надмина 130.000% во 2018 година[ii] (пред да се врати на „само“ 686% во 2021 година), Венецуела одамна ја изгуби употребата на својата валута. Употребата на доларот во секојдневниот живот на крајот беше одобрена од венецуелските власти. Без страв од парадокси, Мадуро го претставува ова прашање како „чин на бунт“[iii] против економските санкции наметнати од Вашингтон, тврдејќи дека де факто доларизацијата  на економијата на земјата „може да послужи за обнова и распоредување на производствените сили на земјата и функционирањето на економијата“.[iv] Овие изјави се дел од одлуките на Владата од крајот на 2018 година за отворање и за поголема флексибилност на економијата на државата. Така, на крајот од 2018-2019 година, ценовните ограничувања и контролите на размена беа укинати; официјалниот девизен курс на боливарот беше релаксиран, за да се приближи до оној на пазарот; царинските давачки на неколку илјади производи, исто така, беа укинати; и уште посимболично, користењето на девизи за овластени домашни трансакции беше дозволено.

Овие мерки брзо вродија со плод, така што на почетокот на 2022 година, ќе се поттикне економското закрепнување во земјата. Но, тоа функционира, пред сè, за доброто на елитните реони на источниот дел на главниот град. Така, во оној на Лас Мерцедес, бројот на дилери на луксузни автомобили неодамна е тројно зголемен: „Имаше три пред 2020 година, сега ги има околу десет“, нѝ објаснува Петерис Берзинс, професионален фотограф на автомобили. „Пристигнаа многу автомобили како Ламборџини, Порше, Бентли, па дури и Ферари“, се воодушевува тој. Укинувањето на царините „ја засили појавата“. Првиот модел Ц8 Корвета на Шевролет, пристигна во Венецуела уште пред да биде презентиран во САД, каде што имаше долга листа на чекање. Автомобилот се продава за 200.000 долари во Каракас. А за да се стави бензин за ваквите автомобили, не доаѓа предвид да се оди во обична бензинска пумпа и да се чека во редица таму (понекогаш и бесконечно, поради голем локален недостиг): среќните сопственици претпочитаат да одат на специјална бензинска пумпа, каде што скапиот ВП-бензин за тркачки и брзи автомобили, се дистрибуира „прилагоден на овие возила и увезен специјално од САД“, нѝ објаснува Берзинс.

Во последните две години во Каракас цветаат стаклени кули, ресторани кои нудат кујни од целиот свет, и посебни самопослуги преполни со увозни производи. Во комисионот Бодегон Актуал, лоциран во елитниот кварт на Каракас,  има огромни кутии со корнфлекс Келог, сино сирење Рокфор Президент, цели пакувања на шунка Белота, јаворов сируп Мејпл Џо, капсули за инстант кафе Неспресо, сенф Дижон Мејл, шампањ, виски, и големи пакувања на Нутела. Ваквите ексклузивни продавници за луксузни стоки од увоз, „ги таргетираат 6% од домаќинствата – оние со најголемата куповна моќ“, нѝ потврдува Мануел Сатерленд, економист и директор на Центарот за истражување и обука на работници (ЦИФО).

На ритуалното прашање на касиерот „во боливари или долари?“, најголемиот дел од муштериите ја избираат втората опција. Сепак, „државата не воведува даноци за локалните трансакции во долари, кои претставуваат дури 60% од купувањата направени во земјата“, продолжува Сатерленд. Лишена од девизниот прилив генериран од извозот на нафта, отсечена од странскиот капитал поради санкциите, неспособна да собира даноци и на тој начин да го редистрибуира богатството, „Венецуела на крајот станува земја без држава“, заклучува тука Антилано.

Па, од каде доаѓаат доларите кои циркулираат во земјата? Бидејќи доларизацијата на венецуелската економија „не е официјален процес“, се потсетува Алварез, тие не доаѓаат, како што нормално се случува, од договорот со американската Банка за федералните резерви. „Постојат различни извори, како што е перењето пари. Но, двете најважни работи се производството на злато и нафта, од една страна, и дознаките од Венецуелците во странство, од друга страна.“ Со оглед на тоа што речиси една петтина од дваесет и девет милиони луѓе во земјата емигрирале поради економската криза, многу семејства добиваат пари од своите најблиски, а тројца од пет емигранти испраќаат финансиска помош во нивната земја на потекло.[v] „Венецуела доби меѓу четири и пет милијарди долари, само преку дознаки, во 2021 година“, понатаму објаснува Родригез. „Ова е многу важен износ за економијата на Венецуела. За споредба, во фискалната 2020-2021 година, нето-приходот од извозот на нафта, беше помал од 4 милијарди долари“.

Сепак, суровите санкции на САД, го отежнуваат испраќањето дознаки во странска валута од странство на локалните банкарски сметки во Венецуела. „Значи, голем дел од парите испратени од Венецуелците кои живеат надвор од земјата, се испраќаат преку неформални механизми“, понатаму објаснува економистот Сатерленд. Овие дознаки сè повеќе се реализираат преку специјални апликации и платформи, повеќе или помалку сигурни. Вероника Идалго, Венецуелка која живее во Париз, ја користи апликацијата Бонанс, платформа за размена на криптовалути, за да испраќа пари на мајка си – секој месец.

Но, овој тип на алатки не е доволен за решавање на проблемите поврзани со недостигот на ликвидност во оптек во државата. „Ме излудуваат!“, вели Френклин Хименез, додека излегува од продавница за облека во трговскиот центар Самбил во Каракас, најголемиот во земјата. Претставува војна, за да имаш мали апоени на долари. Не само за нас, муштериите, туку и за трговците, кои никогаш не можат да ни вратата кусур. Ако извадите банкнота од 20 долари, мора да потрошите се на едно место.“ Тој ден, Хименез одлучил да го напушти дуќанот каде што влегол да купи нешто. „Ја пропуштаме продажбата поради ова и губиме муштерии“, ни вели продавачката, згрозена. „Проблемот“, објаснува таа, „е што денес, како што често се случува, банкоматите и другите улични апарати за продажба на стока, воопшто не функционираат. Значи не можеме да даваме попусти, со боливарот…“ Монетарната политика на владата во последниве години, беше да наметне недостиг од готовински боливари во секојдневната циркулација на пари, за да ја забави инфлацијата и депрецијацијата на националната валута во однос на доларот. Во популарните трговски реони Катја или Петаре, некои неформални продавачи разменуваат 18 банкноти од 1 долар – за банкнота од 20 долари. „Тоа ми носи по два долари за секоја трансакција“, вели еден од нив, задоволен од својот мал бизнис. Неговите најдобри клиенти се мали трговци кои сакаат да изгубат два долари на секоја банкнота од 20 долари, наместо дефинитивно да изгубат клиенти. Оваа де факто доларизација на економијата, ја закочи инфлацијата во Венецуела. Но, од друга страна, тоа ја зголеми нееднаквоста во земјата која пред десет години беше најегалитарна во Латинска Америка, благодарение на социјалната политика на тогашниот претседател Чавез. Животот стана многу тежок за оние чии приходи и понатаму се плаќаат исклучиво во локалната валута – боливар. Имено, трите милиони вработени во јавниот сектор, кои во просек добиваат не повеќе од 10 $ [10,05 евра] месечно и петте милиони Венецуелци на кои државата им плаќа мали пензии и разни дотации. Марија Р., која ја среќаваме во Каракас во популарната населба Енеро 23, е една од нив. Како пензионирана учителка, таа добива само еквивалент на долар, цената на кутија од шест јајца. Таа, исто така, добива помош од владата наречена „Против економската војна“ (за пензионери, иницирана во мај 2020 година, за да им помогне да се справат со инфлацијата), како и помош во храна. Но, веќе постара од деведесет години, таа сепак мора да живее со својот син, кој се најде во слична финансиска ситуација.

Овој поранешен хаузмајстор од градското собрание на Каракас, мораше повторно да го облече својот син работен комбинезон на 70-годишна возраст, за да поправа ситни работи во приватните домови на неформална основа. Истото важи и за Лионел Ф., друг жител на населбата, болничар во државната болница „д-р Елијас Торо“, кој работи вака во последните две години. Покрај својата редовна работа во болницата, продава, без да го декларира, и кафе кое го носи дури од Колумбија. „На среќен ден, можам да заработам повеќе отколку цел месец работа во болницата“, се исповеда тој. „Добивам помош, но тоа е едвај 18 долари [16,3 евра] месечно“, ни објаснува мајка на три деца наведувајќи ги цените на основните прехранбени производи: „1 килограм месо е 3,50 долари [3,2 евра]; 1 килограм пченкарно брашно за правење арепи [основна храна на Венецуелците], тоа е 1 долар [0,9 евра]; 1 литар млеко е околу 2 долари [1,8 евра]…“  Таа, исто така, добива, како и многу луѓе во населбата, и пакети со храна кои државата ги дистрибуира секој месец до најсиромашните. Но, „тие не пристигнуваат редовно“. Антилано, универзитетски професор, исто така, има друга активност за дополнување на својата плата од 20 долари [18,1 евра].

На 3 март 2022 година, Мадуро објави зголемување на минималната плата од 7 боливари (околу 1,4 евра) на 126 боливари (околу 26,2 евра). Вредноста на ваучерот за храна (купони за ресторан што им се распределуваат на државните службеници), со кој се дополнува платата, ќе се зголеми од 3 боливари (околу 0,6 евра) на 45 боливари (околу 9 евра). Пензиите се зголемени и до нивото на минималната плата. Покрај тоа, Мадуро најави дека додатоците на платата доделени од државата ќе бидат усогласени со новата вредност на минималната плата. Ова најверојатно нема да биде доволно во земја каде, како што објаснува Антилано, „за да се преживее, секој има втора, па дури и трета работа. Ова има последици по квалитетот на јавните услуги, бидејќи присутноста на работното место се намалува. Но, државата се прави дека не гледа…“

Реално, државните власти не се среќни, да гледаат и на другата страна. Владата инсталираше во некои министерства, институции и јавни претпријатија, опрема за „копање“ криптовалути.[vi] „Ова им овозможува на административните службеници да ги дополнат своите плати, но на сметка на условите за работа. Затоа што копањето бара многу електрична енергија, а кое понекогаш доведува до прекин на електричното напојување или забавување на брзината на интернетот “, потврдува Антилано. Високи функционери многу блиски до владата на Венецуела, добиле дури и „рударски фарми“, каде што работат неколку десетици машини за копање криптовалути. „Копањето на криптовалути сега стана главен извор на приход за голем дел од луѓето поврзани со бирократијата“, продолжува да објаснува социологот. Армијата очигледно не беше изоставена: „Центарот за производство на дигитални средства“ беше отворен во ноември 2020 година во Фуерте Тиуна, најголемиот воен комплекс во Венецуела. Во постот од официјалниот Инстаграм профил на 61-вата Бригада де Акондисионамиенто де Ингениерос ГБ Агустин Кодаци, која е задолжена за проектот на криптовалути, се вели, дека оваа џиновска ‚рударска фарма‘ има за цел да обезбеди „приход за благосостојбата на воениот персонал“.

Потенцијално многу профитабилна, праксата, сепак, не е резервирана за јавниот сектор. Венецуела, каде субвенционираната електрична енергија не чини речиси ништо, стана една од најпрофитабилните земји во светот за производство на криптовалута, еден процес кој бара многу енергија. Како резултат на тоа, многу Венецуелци станаа „рудари“. т.е. „копачи“ на криптовалути. „Потребни се неколку месеци за да се амортизира цената на една машина и да се заработат пари“, потврдува Гилберт Рохас, менаџер на Крипто Авила, едно од претпријатијата во земјата специјализирано за продажба на опрема наменета за производство на криптовалути. „Активноста навистина започна во 2014 година кога економската криза се интензивираше поради големиот пад на цените на нафтата. Тоа е, исто така, еден начин да се избега од хиперинфлацијата. Оттогаш, бројот на „рударите“ продолжи да расте. Многумина ставаат машини во својата трпезарија, а некои ја реинвестираат својата заработка во купување на други машини. Тие поставија „рударски фарми“, дури и во шупите.“ Во просториите на Крипто Авила, каде што во јули 2021 година беше отворен „музејот на копање биткоин“, го среќаваме Хуан Л., кој внимателно го набљудува секој модел на машина (најпродаваниот, АнтМајнер С9, вреден 1.250 долари). Овој водоводџија би сакал да се впушти во една шпекулативна авантура, но ги нема потребните средства: „Тие не овозможуваат кредит, па затоа ќе го продадам мојот автомобил“, нѝ вели тој, решително. Педро Б., друг клиент на продавницата, објаснува: „Не можам повеќе да ги плаќам вработените во мојот хотел. Затоа одвоив една соба, за инсталирање на вакви машини.“

Оваа „треска на копање биткоин“, според зборовите на Рохас, доведува до преоптоварување на потрошувачката на електрична енергија и до експлодирање на трафостаниците, претежно во сиромашните квартови, каде жителите се занимаваат со „рударство“. Државата потоа ја создаде, во 2018 година, „Националната супервизија на крипто-средствата и сродните активности“ (СУНАКРИП), одговорна за регулирање на секторот. Сега, копањето биткоини бара поседување на лиценца издадена од државниот орган, што исто така ги одредува областите, во кои е и дозволена активноста. „Сега мораме да плаќаме данок за нашето производство, но во замена државата го организира и регулира секторот“, вели Рохас, кој понатаму додава дека претходно полицијата извршила многу злоупотреби, вклучително и со многу редовно одземање на опремата. Сè попопуларниот биткоин, сега е прифатен како платежно средство во сè поголем број продавници во Каракас. Венецуелската младина, во меѓувреме, се свртува кон крипто-игрите, чија пракса експлодира, и кои бараат минимална почетна инвестиција, многу пониска од онаа која бара ископување на биткоини.

За  Кастиљо, заменик-министерот за антиблокадна политика на Венецуела, овие настани, едноставно претставуваат, објаснува тој, еден прагматизам без кој земјата немаше да почне да закрепнува. Точно е дека се разви илегална економија. Добро е што оние што го напуштија јавниот сектор, добро се снајдоа со своите мали бизниси. Овој сектор зависи од индивидуалните иницијативи, кои државата ќе ги охрабри и поддржи како такви.“ Кастиљо заклучува: „Она кон што се стремиме, е она што Кина го направи уште пред 30 години. Во еден момент, таа започна да ја отвора својата економија во партнерство со приватниот сектор. „Не е важно дали мачката е црна или бела, сè додека фаќа глувци“, рекол Денг Ксијаопинг. Мислам дека луѓето сакаат состојба во која ќе фатат глувци.“ Антилано изнесува уште една анализа на ситуацијата: „Санкциите ја претворија Венецуела во земја подготвена да работи заедно со САД“.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[i] « Entrevista al responsable de la patronal venezolana : “Un ala del Gobierno de Maduro quiere ir a la privatización… con otro nombre” », La Información, Мадрид, 12 декември 2020 година.

[ii] Според бројките објавени од страна на Централната банка на Венецуела (БЦВ) преземени од страна на Економската комисија за Латинска Америка и Карибите.

[iii] « Los casinos vuelven a florecer en Caracas », La Voz de Galicia, Ла Короња, 4 октомври 2021 година.

[iv] « Maduro dice que la dolarización de facto es “válvula de escape” para la economía », EFE, Мадрид, 17 ноември 2019 година.

[v] Национално истражување за животните услови (Енкови), Католички универзитет Андрес Бело (УКАБ), Каракас, септември 2021 година.

[vi] Frédéric Lemaire, « Paiera-t-on bientôt sa baguette en bitcoins ? » Le Monde diplomatique, февруари 2022 година.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW