На 26 мај 2021 година, сирискиот претседател Башар Ал-Асад беше ре-избран за четврти последователен мандат, според официјалните податоци, со добиени дури 95,1% од гласовите (88% во 2014 година) и учество од 76,4% од сите запишани гласачи. Изборите се одржаа само во регионите кои се контролирани од режимот и неговите сојузници. Тоа не се однесуваше на северо-истокот (курдска зона) ниту на провинцијата Идлиб, сè уште во рацете на бунтовниците поддржани од Турција. Иако резултатот од овие избори, на кои учествуваа уште двајца други кандидати, тешко би изненадил со оглед на контролата на претседателот врз неговата земја, сепак, ова ја зајакнува неговата слика за неуништлив водач што тој самиот ја градеше низ десет години на граѓанска војна во земјата.
Да спомнеме дека во март 2011 година, по арапските револуции и бунтови и по соборувањето на тројцата лидери во регионот, заминувањето на кланот Ал-Асад се чинеше неизбежно. Покрај внатрешниот притисок, извршен особено од големите народни демонстрации во Дара, Хомс, Хама и Алепо, режимот се чинеше дека тогаш се наоѓа збутан во ќоше, во контекст на интервенциите на монархиите од Заливот, Турција и западните сили. Додека тој избира масовна репресија, се појавуваат и џихадистички групи, кои понекогаш и самите се натпреваруваат помеѓу себе. Катар и Саудиска Арабија избираат да ги финансираат и вооружуваат своите омилени групи во Сирија1. Фронтот Ал-Носра, поддржан од Доха, на тој начин честопати се спротивставува на исламистичките фракции поддржани од Саудиска Арабија, вклучувајќи ги и Џајш Ал-Ислам и Ахрар Ал-Чам. Во Франција, и покрај многу неповолни мислења во рамките на дипломатските служби2, владата на Никола Саркози, потоа и владата на Франсоа Оланд, се определуваат за тврда политика, а кое резултира со признавање на Сириската национална коалиција на 24 февруари 2012 година како единствен легитимен претставник на сирискиот народ. Понатаму во контекст на ова прашање, САД предводени од Барак Обама, исто така бараат заминување на Ал-Асад.
Како тогаш да се објасни неговиот опстанок? Како може да се разбере капацитетот на режимот за отпор, и покрај бројните дезертирања од сириската армија, опозиција опремена и поддржана од големите сили, и недоверба на дел од населението? Иако извлече корист од решителната воена интервенција преку неговата поддршка од Русија и Иран, како и од либанскиот Хезболах, неговата сила лежи во темелите што беа поставени од Хафез Ал-Асад, а потоа оставени во аманет на неговиот син Башар. Генералот на воздухопловните сили Хафез Ал-Асад, кој владееше со Сирија од 1970 година до неговата смрт во 2000 година, дојде на чело на државата по пучот, трет по доаѓањето на партијата БААС на власт во 1963 година. За разлика од неговите претходници, тој успеа да обезбеди трајна верност потпирајќи се на неколку столба.
Првиот, централен, е оној на алавитската заедница. Клучните владини, воени, разузнавачки и партиски позиции ги имаат претставниците на оваа гранка на исламот, кои ортодоксниот сунизам ги смета за еретици3. Алавистите, кои сочинуваат околу 10% од сириското население (75% сунитски муслимани и 10% христијани), дојдоа на власт во Сирија за прв пат преку Хафез Ал-Асад. Иако, од 2011 година, кругот на донесување одлуки во Сирија се стеснувал само со учеството на семејството на претседателот, особено со неговиот помлад брат Махер, генерал-мајор и командант на Четвртата оклопна дивизија и мајстор за репресија, сепак има неколку значајни алависти во врвот на државата. Директорот на Бирото за национална безбедност, Али Мамлук, и министерот за одбрана, Али Абдалах Ајуб, се блиски советници на Ал-Асад. И покрај тоа што се повлече во 2019 година, поранешниот директор за разузнавање на воздухопловните сили, Џамил Хасан, исто така, останува многу влијателен. Од друга страна, семејството Махлуф, од кое потекнува мајката на претседателот, се чини дека го губи влијанието по соборувањето на богатиот бизнисмен Рами Махлуф, прв братучед на Ал-Асад. Сметан дека е премногу автономен и премногу влијателен поради клиентелата што ја има изградено во текот на цела деценија, Махлуф му го должи својот пад во немилост, особено на својот ривал Махер Ал-Асад.
Надвор од своите внатрешни поделби, оваа „верска заедница сега станата политичка“, како што ја дефинира социологот Мишел Сеурат4, одговара на она што го дефинирал историчарот од Магреб, Ибн Халдун, со евоцирање на средниот век, како една „асабија“; со други зборови, една кланска солидарна група, неопходна, според него, за разбирање на моќта во средновековните арапски општества5. Според неговите пишувања, во неколку моменти од политичката историја се гледа една ‘асабија‘ која се користи за политичко-религиозно проповедање (‚дава‘), а и за присвојување на власта (‚мулк ел-хукм‘).
Користејќи ја оваа шема во својот подем, Хафез Ал-Асад продолжил, со текот на годините, да им дава примарна важност на припадниците на неговата заедница во рамките на државата. Во замена, тој и неговите синови избраа – во време на оспорување, како што беше случај за време на бунтот предводен од Муслиманското братство во 1982 година – јавно да ја поврзат својата судбина со судбината на алавистите во тогашна Сирија. Во текот на изминатите десет години, режимот правеше големи напори, да ги убеди вториве дека нивната иднина зависи од неговото политичко постоење, дури и по цена на значителна загуба на живот во нивните редови. Режимот во Дамаск ги ловеше и ретките дисонантни гласови во нивните редови6.
Ова задржување на власт, и покрај јасната демографска инфериорност на алавистите, се засноваше и на сојузи со урбаните буржоазии, трговците, главно сунити. Овозможувајќи им да се збогатат и олеснувајќи брачни врски преку мајчина страна со членови на кланот, семејството Ал-Асад, сепак, успеа да обезбеди верност на неколку мрежи на сириски елити. Во овој контекст, бракот на претседателот со извесна Асма Ахрас, член на богато сунитско семејство, со која се запозна дури во Лондон, помогна да се изгради еден имиџ на политичар кој не е верски туку, пред се, национален водач.
Вториот столб на режимот, кој неговиот татко му го предаде на синот Башар Ал-Асад: партијата БААС, како алатка за идеолошка продукција. Партиската доктрина, која ги вклучува арапскиот национализам, социјалистичките влијанија и секуларизмот на едно место, беше инспирација за сирискиот Устав усвоен во 1973 година. Историски централна во политиката на арапскиот свет во 1960-тите и 1970-тите, партијата БААС беше, во Сирија, задолжителен чекор за секој што сакаше да се искачи на скалата на моќта. Така, оваа партија претставува многу важна мрежа за регрутирање и обука на лојални кадри. И покрај падот на партиското локално присуство во текот на изминатите две децении, партијата ја задржува важната социјална функција, како што е прикажано од нејзината сеприсутност преку професионални организации, здруженија, како и универзитети и колеџи. На 6 април о.г., партијата БААС беше таа што ја организираше церемонијата на дипломирање на студентите на Универзитетот на Дамаск, Сирија.
Од 2011 година, партијата мораше да ги удвои напорите за одбрана на режимот. Иако партијата беше мета на првите демонстрации, вклучително и палењето на седиштето во Дара, во март 2011 година, партијата БААС се придржува кон претседателската линија и се определува за доста тврд метод против противниците на сирискиот режим, која ги опишува како терористи финансирани од странство, во серија на соопштенија за печатот и говори на своите портпароли.
Покрај тоа, владата секогаш се засновала на воениот апарат. Членовите на претседателскиот клан имаат монопол над одредени единици на армијата и нејзините разузнавачки служби. Така, токму контролата на Хафез Ал-Асад во воздухопловството го овозможи неговиот пуч во далечната 1970 година. Денес, разузнавачките служби (‚мукабарат‘) играат исто така витална улога: пет различни ограноци7 формираат сеприсутен безбедносен апарат во општеството и честопати се ставаат во конкуренција за да се осигура дека никој од нив нема да стане премногу важен. Кога го наследи својот татко во 2000 година, синот Башар Ал-Асад изврши целосно преструктуирање на овие служби за дефинитивно да ја обезбеди нивната лојалност. Од 2000 до 2002 година, десетици советници и високи воени функционери беа отпуштени затоа што се сметаа за премалку посветени на претседателот или премногу блиски со неговиот чичко Рифат Ал-Асад, кој никогаш и не ја криел својата желба да ја води земјата. Меѓу отпуштените е и Али Дуба, недопирливиот директор на военото разузнавање од 1973 до 2000 година. Позиција подоцна дадена на Асеф Чаукат, сопруг на постарата сестра на претседателот, кој почина во самоубиствен бомбашки напад во Дамаск во 2012 година.
Конечно, и еден друг столб на кој почива режимот на Башар Ал-Асад е самата држава, која тој ја прави своја, така што секој обид за отстранување на првиот се смета за напад против вторава. Ова објаснува, како што посочува Мишел Сеурат, зошто сириската држава е изградена како спротивност на општеството и на позиција на постојана одбрана од истото8. Од овој феномен произлегува долга традиција на репресивни и насилни мерки што не ги ослабува ниту една воздржаност. Масакрите во Хама во 1982 година, чии бунтовнички населби беа бомбардирани од сириски воени авиони или хемиските напади во Гута, во предградијата на Дамаск, во 2013 година, и во Кан Чеихун, во 2017 година: настани, меѓу другите, што ја огорчија „меѓународната заедница,“ но без да го ослабнат самиот режим9.
Поопшто гледано, сириската влада има корист и од атомизацијата на општеството во Сирија, како резултат на предоминантната улога на семејната единица, населбите, клановите, заедниците и верските групи. Оваа фрагментација се смета за голема пречка за појава на обединета опозиција, способна да се обедини и покрај сите поделби. Благодарение на политичкото-верско проповедање – исламистичките групи, некои од нив и членки на Муслиманското братство или инспирирани од него, а други, прилично блиски до радикалниот салафизам, дури и џихадизмот – беа во можност да се појават како алтернативи на режимот. Но, нивниот пораз на воен терен, како и негативниот имиџ поврзан со нив, особено затоа што злосторствата извршени од Организацијата на исламската држава (ОЕИ), доведоа до нивна релативна маргинализација, на која се потпира режимот постојано.
На воен план, руската интервенција и овозможи на сириската влада да го контролира воздушниот простор и да ги погодува непријателските позиции во зоните што се сметаат за стратешки. Започнати есента 2015 година, овие воздушни операции најпрво беа насочени кон регионите близу до главниот град и оската Дамаск-Хомс, пред постепено да го прошират својот опсег со напредувањето на државните сили. На теренот, овие сили се поддржани од неколку илјади членови на иранската револуционерна гарда – особено од специјалната единица Ал-Кодс, потоа од либанските членови на Хезболах и, како последни, од палестинските милиции кои останаа лојални на сирискиот режим. За Кина се вели дека и таа испратила неколку стотици инструктори во невоени области, за медицинска или логистичка поддршка.
Во замена, Русија, покрај добиената поморска база во Тартус и воздушната база во Хмеимим, потпиша неколку договори и доби дозволи од Дамаск за експлоатација на гас и нафта, но и рудници за фосфат, за кое доби голем ексклузивитет. За Иран, победата на Башар Ал-Асад обезбедува безбеден коридор кон Бејрут и Средоземното Море, без да ги заборави олеснувањата дадени на неговите трговци. Па, така, и Иранците и Русите уживаат до ден-денес, за возврат на нивните воени напори, едно незанемарливо влијание врз одлуките на државата што им делегира контрола на нејзините надворешни граници. Соочен со оваа загуба на суверенитет наспроти надворешниот свет, сирискиот режим се обидува да ја задржи контролата на внатрешен план, играјќи на растечкото ривалство меѓу Москва и Техеран. Од 2019 година, назначувањата во раководството на сириската армија и во безбедносните структури, се поделени помеѓу проруски и проирански сириски функционери. Ако началникот на Генералштабот, генералот Салим Харба е проруски ориентиран, сепак Техеран одржува врска со Мохамед Махала, советник за безбедност во кабинетот на сирискиот претседател, и со генералот Џамил Хасан, шеф на сириското воено воздухопловство, кои се во добри односи со Иран. Конечно, со Махер Ал-Асад, Иран може да смета на силен сојузник во непосредната придружба на сегашниот сириски претседател.
Со променливи маневри, и на надворешен и на внатрешен план, последниов, кој чека реинтеграција на неговата земја во Арапската лига10, очигледно не се сомнева во одржливоста на неговиот режим. За да ја покажат јавно династичката амбиција на нивниот клан, тој и неговата сопруга веќе започнаа да го промовираат јавно нивниот најстар син, по име Хафез…
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- Види: Karim Émile Bitar, « Guerres par procuration en Syrie », Le Monde diplomatique, јуни 2013.
- Christian Chesnot et Georges Malbrunot, Les Chemins de Damas. Le dossier noir de la relation franco-syrienne, Robert Laffont, Париз, 2014.
- Види: Sabrina Mervin, « L’étrange destin des alaouites syriens », Le Monde diplomatique, јануари 2013.
- Michel Seurat, Syrie. L’État de barbarie, Presses universitaires de France, coll. « Proche-Orient », Париз, 2012.
- Ibn Khaldoun, Discours sur l’histoire universelle. Al-Muqaddima, Sindbad, Париз, 1997.
- Georges Malbrunot, « Syrie : des Alaouites se distancient du régime de Bachar el-Assad », Le Figaro, Париз, 04.04.2016.
- Воена безбедност; воздухопловна безбедност; општа безбедност; директорат за безбедност (поранешна државна безбедност), еквивалентно на поранешното општо разузнавање во Франција, што во теорија зависи од регионалното раководство на партијата БААС; и политичката безбедност за противниците и странските жители во земјата.
- Michel Seurat, Syrie. L’État de barbarie, op. cit.
- Види: Emmanuel Haddad, « Improbable justice internationale en Syrie », Le Monde diplomatique, октомври 2017.
- Види: Adlene Mohammedi, « Syrie, retour feutré dans la “famille arabe” », Le Monde diplomatique, јуни 2020.