Додека нивната музичка инспирација пресушува – за што сведочи и Музика на сферите, нивниот последен албум – британската поп-група Колдплеј произведува плоден дискурс за еколошките последици на музичката индустрија, од која е еден од најголемите продавачи. Откако во 2019 година објавија дека се откажуваат од огромните турнеи додека не можат да ги намалат емисиите на јаглерод, групата повторно тргна на пат три години подоцна за светска турнеја „што е можно поодржлива“: за секое продадено место за седење на концертот ќе се сади дрво; енергијата се произведува од соларни панели и вентилатори, возење велосипед или скокање на кинетичен под; осветлувањето е економично, светлечките нараквици се повеќекратно употребливи, конфетите се биоразградливи; сцената е направена од лесни, рециклирани или рециклирачки материјали; бонус награди за гледачите кои патувале со ниски емисии на јаглерод, според податоците што се пренесени со апликацијата што ја симнале; храната е органска и проследена; 10% од приходите ќе одат во невладини организации за животна средина, итн.
Сепак, „и покрај сите наши напори“, вели Колдплеј на својата веб-страница, „турнејата сè уште ќе има значителен јаглероден отпечаток“. Самото постоење на групата има еколошки жални последици, со оглед на тоа што нејзините фанови останаа дома – место за седење на Стад де Франс чини 139 евра во рамките на „Златниот плоштад“ и 78,50 евра на тревникот – слушајте ги нејзините хитови на стриминг. Индустриите загадуваат, а музиката, снимена или во концерт, не е исклучок.
Сепак, „Колдплеј не е далеку од максималниот гест што може да се направи како група“, вели Семјуел Лавал, инженер за заштита за животната средина. Како истражувач во Клајмат Ченс – здружение кое обединува недржавни актери во борбата против глобалното затоплување, но работи со финансиски партнери како БНП Париба, Мишелин и Шнајдер Електрик – и член на француската филијала на организацијата Музиката прогласува вонредна состојба (МДЕ), тој верува дека глобалните турнеи и гигантските фестивали „се некомпатибилни со целта за ограничување на глобалното затоплување на 2 степени Целзиус“.
Иницирана во 2019 година во Велика Британија, оваа организација обединува голем број на многу активни музички издавачки компании (Ворп, Нинџа Тјун), како и некои поголеми (Ворнер, Сони, Јуниверзал) кои се помалку активни. МДЕ се потпира главно на познати пејачи и музичари (Били Ејлиш, Брајан Ино, Радиохед итн.) за да ги поттикне државите да прогласат „климатска и еколошка вонредна состојба“. Во Франција, Емили Лоазу, Факир, Рон и Ману ле Малин, исто така, носеа маици со слоганот „Нема музика на мртва планета“, везени во Ла Рошел, на памук од органско потекло. МДЕ го поддржува Пактот за музичка клима, британска иницијатива потпишана во декември 2021 година од истите главни музички актери и познати музички издавачки компании, која има за цел јаглеродна неутралност на секторот до 2050 година.
Пионерската група на трип-хоп движењето во Бристол, Масив Атак, соработуваше со Центарот за истражување на климатските промени Тиндал, на состанок на истражувачи и економисти, за да се направи една стратегија што вклучува употреба на електрични возила, напуштање на приватните авиони и елиминирање на дизел агрегатите на музичките фестивали.[1] Во своите рамки, францускиот џез музичар Пол Жаре ја откажа својата турнеја во Индија: „Како што поминуваше времето, се прашував за легитимноста на значително зголемување на нашиот јаглероден отпечаток за да одиме и да ја претставиме нашата музика, дури на другата страна од светот“, објави тој во септември 2021 година на Фејсбук. На истата социјална мрежа, пејачката Леила Мартиал ја предводеше групата За екологија на живата музика, чиј повик, во јуни 2020 година, ја покрена дилемата: „Според практиките прифатени денес во глобализираната култура, искачувањето на скалите на успехот – подразбира тонење понатаму во често енергетски интензивна трка (…). Во овој контекст, намалувањето на својата мобилност за намалување на своето еколошкото влијание, би значело да се стане невидлив на професионален план.“ Но, овој колектив сега е на стенд бај, неговите актери се монополизирани од нивната уметничка активност. Помеѓу мноштвото иницијативи, да го споменеме форумот Каденс Ромп, чии илјадници потписници, особено од класичната и лирската музика, се посветени на намалување на загадувачкиот транспорт и развој на локалните проекти.
Доволно фер. Но, без оглед на фактот дека овој пристап може, ако оди до крајот на својата логика, да доведе до преиспитување на присуството на музичари кои дошле од далеку да придружуваат пејач, да ги фаворизираат пробите преку платформата Зум, па дури и да се решат да прават концерти само преку видео и платформа, сепак не е сигурно дека сите имаат исти причини и исти средства да се вклучат во тоа. Помеѓу францускиот повремен дел од шоуто и американската поп-ѕвезда, концертот во кафулето и во Арената, малиот и големиот фестивал, независната музичка продукција и главните глобални музички издавачки компании – интересите се различни, дури и контрадикторни. Исто така, за многу уметници, продуценти и техничари погодени од кризата, првиот приоритет е да работат; за еден музичар нестрплив да направи една оскудна турнеја профитабилна, или за еден музички простор ослабен од незадоволство на публиката, овие еколошки препораки дури и не претставуваат систематски приоритет.
Тензиите, противречностите и ограничувањата на проектот честопати се забележуваат во фестивалскиот сектор, честопати обвинет за т.н. зелено миење. Ние го сакаме зеленото (80.000 гледачи во 2019 година, но се зголеми од два на три дена во јуни 2022 година, во Боа де Винсенс, во Париз), се гордее со користење на 100% обновлива енергија, рециклажа на својот отпад, забрана за пластика за еднократна употреба, користење на отпадни материјали за својата сценографија или промовирање на чист транспорт, истовремено поканувајќи ја публиката да присуствува на конференциите на својата експертска група на оваа тема. Но, сето ова е субвенционирано, заедно со јавните институции, и од приватни фондови: Креди Мутуел, Бек Маркет, Убер Грин, Тиндер, Левис… на кои се додаваат и „големите спонзори“ на ваквите настани, како Керинг, Малакоф Хуманис…
Исто така, се забележува дека, откажани две години, големите фестивали започнаа, за 2022 година, една голема ескалација (меѓународни уметници, период на работа понекогаш дуплиран), неспоива со наводната еко-одговорност. „Со шизофренијата на настаните, тие сакааат да го намалат нивното влијание врз јаглеродот, истовремено одржувајќи ја нивната атрактивност и проширувајќи ги нивните капацитети за да ја одржат нивната активност“, забележува Жан Перисин, менаџер за одржлив развој на фестивалот Кабаре Вер (Шарлвил-Мезиер), кој собра дури 100.000 гледачи во 2019 година и се зголеми од четири на пет дена за своето следно издание во август. Француски пионер во областа, музичкиот фестивал Кабаре Вер, не го сумира своето дејство преку чаши за повеќекратна употреба чие влијание (2% од отпадот на еден ваков фестивал) е занемарливо. Фестивалските пива се набавуваат локално и храната е половина веганска, но главната стапица е дека мобилноста е предмет на глобални политички одлуки (јавен транспорт, велосипедски патеки, зелени горива…).
Тинк-тенкот Шифт Проџект, чиј коосновач е Жан-Марк Јанчовичи, и кој ги вбројува меѓу своите финансиери СНЦФ, ЕДФ, Бујге, Винчи, Талис, Енедис…, во својот извештај Декарбонизирај ја културата!,[2] особено се фокусира на патувањата: 280.000 луѓе во текот на четири дена, на фестивал како Ле Вјеј Шару, испуштаат 13.000 тони јаглероден еквивалент, од кои 62,5% се генерирани од 3% од гледачите кои пристигнуваат со авион; на ѕвездите често им е забрането со договор за ексклузивност да настапуваат во радиус од неколку стотици километри околу истиот датум, итн. И предлага решенија: дислокација, забавување, споделување на тури, но и деескалација на димензиите, ограничување на масата на податоци ставени онлајн за комуникација…
Националниот музички центар (ЦНМ) беше домаќин на работни групи за управување со турнеи, фестивали, концертни сали, продукција и дистрибуција на снимена музика итн. Во нивниот заклучок, членовите рекоа дека се „беспомошни пред помирувањето на препораките што може да им се чинат контрадикторни: онаа за менување на нивните практики и постигнувањето економски развој во глобализиран конкурентен модел“. На оваа рефлексија и претходеше Повелбата за одржлив развој за фестивалите, презентирана во декември 2021 година од страна на Министерството за култура на Франција, која услови 10 милиони евра дополнителна помош за усогласување со десетина еко-одговорни цели, но и секогаш небулозното „подобро заедничко живеење“ и посакуваното „фер наградување на уметниците“. Но, се чини дека, сепак, тоа е експлозијата на стримингот за една деценија, што ќе треба да се стави во една рамка најбргу.[3] „Ова е квадратурата на кругот“, потврди Сесил Берние, директор на изданијата на Буде Мјузик Франс, на фестивалот МаМА во октомври 2021 година во Париз. „Се чинеше дека стримингот е еколошко решение за прекумерната потрошувачка во физичкиот свет, но испадна дека и тоа било проблем,“ додава тој. Според неколку студии, индустрија на винилни грамофонски плочи потрошила дури 58.000 тони пластика во САД на врвот на популарноста на винилот во 1977 година, но само 8.000 тони во 2016 година; и затоа е поштетно, во однос на јаглеродниот отпечаток, да се слуша албум пет часа на стриминг платформа отколку на ЦД (соодносот се зголемува на седумнаесет часа за винилот).[4] Од јануари до ноември 2021 година, стримовите на платформата Спотифај за песната Возачка дозвола, хит на Оливија Родриго, би емитирале 4.180 тони јаглерод диоксид – за споредба, секој Французин генерира околу десет тони од гасот секоја година.
Добрите намери никогаш не престануваат да се појавуваат. Контрадикторности, исто така, во контекст каде што креативноста е сè повеќе подложна, од 1960-тите, на логиката на профитот и маркетиншките методи (уметникот е производ, а слушателот е клиент). Добар пример: мултинационалната Лајв Нејшн, лидер на секторот, започна, во април 2021 година, програма за намалување на влијанието врз животната средина од своите турнеи… иако тврди дека организира дури 40.000 концерти и сто фестивали секоја сезона, со хегемонични амбиции.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] « Super-Low Carbon Live Music : a roadmap for the UK live music sector to play its part in tackling the climate crisis », Tyndall Centre for Climate Change Research, VI/2021.
[2] Види: David Irle, Anaïs Rœsch et Samuel Valensi, Décarboner la culture, PUG-UGA Éditions, Grenoble, 2021.
[3] Според студијата „Мјузик Енгејџмент 2021“ на ИФПИ (Меѓународна федерација на фонографската индустрија), купувањата (ЦД, винил, ДВД, преземање) претставуваат 9% од глобалната потрошувачка на музика, во споредба со 23% за стриминг со претплата (на платформи како Спотифај, Епл Мјузик, Дизер…) и 22% за стриминг на видео (ЈуТјуб).
[4] Види: Matt Brennan and Kyle Devine, « The cost of music », Popular Music, Cambridge University Press, II/2020; Ellen Peirson-Hagger and Katharine Swindells, « How environmentally damaging is music streaming ? », The New Statesman, London, 05.11.2021.