На 28 мај 2021 година, во Барселона, библиотеката Игнасиј Енглесија-Кан Фабра е домаќин на проекцијата на документарниот филм El Escritor de un país sin librerías („Писател од земја без книжарници“), во режија на Шпанецот Марк Серена. Настанот е дел од циклусот конференции посветени на поранешните шпански колонии во Африка: Западна Сахара и Екваторска Гвинеја. Филмот ја раскажува приказната за писателот од Екваторска Гвинеја Хуан Томас Авила Лорел, кој живее во Каталонија од 2011 година. Лорел (55), чијшто два романи се преведени на француски, е еден од најпознатите автори на малата книжевна сцена од Екваторска Гвинеја (заедно со Донато Ндонго) и на неговата дијаспора од најмалку 13.000 државјани кои се попишани во Шпанија.
Екваторска Гвинеја беше „клучен елемент на режимот на Франко и неговите аспирации за величина, но економски беше маргинална колонија“, ни бјаснува каталонскиот антрополог Густау Нерин, професор по африкански студии на Универзитетот во Барселона. Двете поранешни шпански автономни провинции Рио-Муни (копно) и Фернандо-Пу (остров на 30 километри од брегот, денес островот Биоко, од кој државата Екваторска Гвинеја ги црпи своите нафтени ресурси) стекнаа независност, обединети во една земја, на 12 октомври 1968 год.
Така, тие преминаа од франкоизмот во авторитарното и крваво претседателство на Франциско Масиас Нгуема, пред истиот да биде соборен во август 1979 година од неговиот внук, г-дин Теодоро Обианг Нгуема[1]. Денес на 79 години, диктаторот го собори континенталниот рекорд за најдолго време на власт: 42 години во август 2021 година. „За мене, сумира Нерин , постојат три вида политички режими во светот: либерализам, кој тврди дека државата нема да се меша во економијата, социјализам, кој се залага државата да ги штити сиромашните и режимот на Гвинеја, во кој државата ги штити, субвенционира и брани богатите “.
На 11 февруари 2011 година, инспириран од бунтот во Тунис, Лорел стана славен кога штрајкуваше со глад во Малабо, главниот град на Екваторска Гвинеја. Земјата потоа го прими во официјална посета претседателот на парламентот во Арагон, еден од парламентите во Шпанија, г-дин Хозе Боно Мартинез, член на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ). „Сакав да го свртам вниманието на шпанската влада на ситуацијата со човековите права во Екваторска Гвинеја“, ни вели Лорел, која нашол засолниште во Барселона, „и да ја охрабрам да лобира за формирање на институции на транзиција без ниту еден член од режимот“.
Но, во тоа време, главниот интерес на Мадрид беше да ги зајакне економските врски со својата поранешна колонија во Централна Африка, која стана трет по големина производител на нафта во субсахарска Африка[2]. Конечно се случи и мобилизацијата на каталонскиот регионален парламент и на западните интелектуалци како на пример Американецот Ноам Чомски[3], кои му дозволија на Лорел да отиде во Шпанија, додека портпаролот на владата на Екваторска Гвинеја се обидуваше да го потцени овој храбар подвиг.
Преселен после овие настани во предградијата на каталонската метропола, среде нејзините ридови, Лорел ги споделува неговите грижи со нас. Неколку недели пред нашата средба, на 7 март, во доцните попладневни часови, Нкоантома, населба во Бата со големи воени касарни, беше опустошена од четири експлозии.
Оваа катастрофа, официјално поради пожар заради чистење на теренот кој бил „лошо оддржуван и бил во близина на залихи експлозиви“, зад себе оставила најверојатно 107 мртви и 600 повредени… Биланс што веројатно е потценет. „Мислев дека Екваторијална Гвинеја ќе се побуни после оваа трагедија“, објаснува писателот. За жал, ништо не се случи. После Франко, постојано имаме диктатури и живееме во систем изграден врз страв. ”
Демократската партија на Екваторска Гвинеја (PDGE) на претседателот Обианг има 99 од 100 места во Домот на пратеници и 100% од оние во Сенатот. Опозицијата во егзил во Шпанија е поделена на неколку политички групи во кои доминираат социјалдемократите од Convergencia Para la Democracia Social, единствената партија која сè уште постои во татковината, но без влијание врз заклучениот политички живот.
Активистите на етничката група Фанг, кои се домаќини на дигиталната радио станица La Voz de Los Sin Voz („гласот на безгласните“), препознаваат одредено обесхрабрување: освен револуцијата во палатата, г-дин Теодоро Обианг, алијас Теодорин, 53 години, најстариот син на диктаторот и актуелен потпретседател, е уверен дека ќе ја преземе функцијата. „Фактот дека Екваторските Гвинејци живеат на остров и на копно и продолжуваат да се позиционираат според нивната етничка група, објаснува Лорел, сето тоа ја отежнува националната свест“.
Сè уште со пасош од Екваторска Гвинеја, писателот не сакаше да добие статус на политички егзил во Шпанија. „Храброст и непоколебливост“ поздравена од неговата сонародничка, есеистката и афро-феминистичка активистка Ремеи Сипи. Дел од етничката група Буби од островот Биоко (најголемото етничко малцинство во земјата со 8% од населението), која исто така живее во Барселона, г-ѓа Сипи е една од Екваторските Гвинејци кои добиле шпанско државјанство по независноста, во рамките на политиката за натурализација што тогаш ја водеше Мадрид.
Основач на првото шпанско здружение за одбрана на правата на мигрантите од Екваторска Гвинеја, таа води кампања за воспоставување на владеење на правото во нејзината родна земја. Како и Лорел, таа редовно се враќа дома. Нивната озлогласеност ги штити од гневот на моќта која, дозволувајќи им да доааѓат и да си заминат, покажува контролирана толеранција кон неистомислените мислење на дисидентите. Но, оние што се враќаат дома мора да усвојат резервиран став и да останат „во селата“ за да не ги испровоцираат локалните власти.
Режимот на Екваторска Гвинеја е навикнат на произволни апсења и напади врз слободата на здружување и собирање. Сите медиуми и средства за комуникација сè уште се државен монопол; единствените приватни канали, оние на групата Асонга, му припаѓаат на Теодорин Обианг.
Окупирана од Шпанија помеѓу 1778 и 1810 година, колонизирана од 1844 година, а потоа подложена на тешката политиката на сегрегација на Франко, Екваторска Гвинеја останува непозната за пошироката јавност. „За Шпанците, ерата на колонизација заврши кога тие ја напуштија Куба во 1898 година. Ние сме повеќе потресени и огорчени од она што се случува во Западна Сахара [поранешната шпанска Сахара] отколку од настаните во Гвинеја, со жалење кажува г-дин Мајкл Угарте, почесен професор по шпанска литература на Универзитетот во Мисури[4]. Авторите на документарниот филм нарачан од Кинотеката на Шпанија (Memorias De Ultramar, 2020 година, направен од приватни архиви од колонијалната ера), режисерката Кармен Белас и прифесорот по кинематографија Алберто Берзоса признаваат дека биле изненадени од тешкотиите на кои се среќавале при добивање одредени архивирани материјали.
За Шпанците, доминантна боја на поранешната колонија останува сепијата, што е потврдено со успехот на филмската адаптација на романот Palmeras en la Nieve („Палми во снегот“), од Луз Габас, ќерка на милитантниот колонист, член nа Народната партија, која привлече повеќе од милион гледачи во 2015 година. Филмот, кој се одвива во 1950-тите и 1960-тите, ја раскажува љубовната страст на надзорникот од провинцијата Арагон и една убава мештанка во плантажа за кафе на островот Биоко.
Филмот кој се фалеше со „позитивен колонијализам“ потсетува на обраќањето на Франко до Екваторска Гвинеја, неколку месеци пред нивната независност: „Шпанија не е и никогаш не била колонијалистичка, таа е цивилизирачка, што е сосема поинаку.[5] „Снимен во Колумбија и Канарските Острови, неодамна прикажан на Нетфликс, Palmeras en la Nieve дури беше почестен со официјална проекција во Малабо …
Спротивно на тоа, писателот кој доаѓа од земја каде нема книжарница останува забранет за дистрибуција во Екваторска Гвинеја, „земја во која сѐ уште сé потсетува на ерата на доцниот франкоизам“, според нејзиниот режисер, погоден од култот на личноста што го опкружува претседателот Објанг чиј роденден стана државен празник… Ниту една шпанска јавна телевизија не е заинтересирана за тоа. Вистина е дека еден од главните луѓе во секторот, филмскиот продуцент Енрике Серезо, воедно и претседател на Атлетико Мадрид, е „пријател“ на властите на Екваторска Гвинеја кои љубезно ги дочекуваат нивните продукции… Во 2016 година, по повод снимањето во Малабо на филмот Нашите последни луѓе на Филипините, г-дин Серезо не пропушти лично да му понуди испринтан дрес од својот клуб на претседателот Објанг.
За разлика од терминот Françafrique, ниту еден шпански неологизам не може да ја опише „ѓаволската и шизофренична врска“ која ги обединува, според независниот каталонски новинар Ксавие Монтања, тесен круг богати Шпанци со семејниот клан Малабо. Ако Екваторска Гвинеја сега е само деветтиот африкански економски партнер на Шпанија, истражувањата на Монтања воспоставуваат „влијателни односи што ги поврзуваат шпанските компании, поединци, фондации и консултантски или мисловни компании со семејната мафија на Објанг, која пак ги контролира сите ресурси и проекти на земјата[6] .
Ретрокомисии, мали подароци меѓу пријатели, судир на интереси, проневера на шпанска јавна помош… Во каталогот што го подготви Монтања, исто така автор на долгорочно истражување за нафтената економија во Нигерија[7] , се наоѓаат големите имиња на Народната партија (десно) и PSOE како членови на кралското семејство на Шпанија, медиумски луѓе, како и градежни магнати вклучени во инфраструктурни проекти кои станаа „бели слонови“ за време на режимот на Екваторска Гвинеја: аеродромот и туристичкиот проект на островот Кориско; новиот главен град Ојала. Оваа информација ја потврдува новинарката од Екваторска Гвинеја, Делфин Мокаче Масоко, која живее во Валенсија.
Син на еден противник од племето Фанг, Мокаче Ес Ндоу, новиот приврзаник на владата на Екваторска Гвинеја, Масоко раководи со истрагата за Диарио Ромбе. Тој придонесе во обвинителниот случај против Теодорин Обианг, обвинет во Франција во таканаречениот случај на незаконски стекнат имот и осуден на 27 октомври 2017 година на три години затвор. Шпанија, исто така, останува популарно засолниште за оние блиски до петролдиктаторот кои таму инвестираат проневерени јавни пари, особено во недвижен имот. Додека земјата, чијшто јаглеводород претставува 97% од извозот, е рангирана на 165 место од 189 на скалата за човечки развој на Обединетите нации, личното богатство на шефот на државата би изнесувало 600 милиони долари.
Во декември 2015 година, за време на економската криза и корупциските скандали, г-ѓа Рита Босахо Гори (55), болничарка од Аликанте со диплома по историја родена во Екваторска Гвинеја, беше меѓу 71-та пратеници избрани од партијата Подемос. Изборот на г-ѓа Гори, првиот пратеник во Кортес кој е родена во Африка од доаѓањето на шпанската демократија, ги зголеми надежите за пошироко медиумско покривање на авторитаризмот на режимот на Објанг. Во Парламентот, таа учествуваше и во основањето на група за пријателство со Екваторска Гвинеја. Но, иницијативата не го преживеа поразот на општите избори во ноември 2019 година. И Екваторска Гвинеја падна во заборав.
„На крај, забележува каталонскиот антрополог Јоланда Аиксела Кабре, специјалист за дијаспората од Екваторска Гвинеја, изборот на црнец член на Парламентот беше пред сè прашање на домашната политика и антирасистички симбол. Г-дин Маријано Рахој (Народна партија) беше последниот шеф на шпанската влада кој го почести Малабо со официјална посета во 2014 година. Во април 2021 година, африканската турнеја на социјалистичкиот премиер Педро Санчез – спроведена како дел од планот Фоко Африка 2023 година за развој на бизнисот и контрола на миграциските текови – навидум ја избегна старата колонија и се упати кон Дакар и Луанда. Дали ова треба да се гледа како предупредување за режимот?
Преведено од: Маја Малиновска
Фусноти:
[1] Прочитај Ignacio Ramonet, « Linceul de silence », Le Monde diplomatique, јануари 1994 год.
[2] Прочитај « Offensive sur l’Or noir africain », Le Monde diplomatique, јануари 2003 год.
[3] Cf. « Chomsky elogia la “acción valiente” del escritor ecuatoguineano Juan Tomás Ávila contra el “horrible régimen” de Obiang », Europapress, Madrid, 14 фебруари 2011 год.
[4] Автор на The culture of Exile and Emigration From Equatorial Guinea to Spain, University of Illinois Press, 2010 год.
[5] Цитат од Ramoon Garcia Dominguez, Macías, la ley del silencio, Editions Plaza & Janés, Барселона, 1977 год.
[6] Cf. Xavier Montanyà, « La trama espanyola de la corrupció a guinea », VilaWeb, Барселона, 16 април 2017 год,, www.vilaweb.cat
[7] Cf. Xavier Montanyà, « La trama espanyola de la corrupció a guinea », VilaWeb, Barcelone, 16 април 2017 год,, www.vilaweb.cat