На 26 април о.г., додека медиумите се потресуваа од намерите на либертаријанскиот милијардер да го купи Твитер, европскиот комесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон, сметаше дека е корисно да го предупреди Елон Маск на оваа социјална мрежа: „Секоја компанија што работи во Европа мора да ги почитува нашите правила“. Тоа што прокламира таква очигледност, која одекнува како предизвик, кажува многу за годините на неспособност на европските власти да го регулираат секторот на „големата технологија“.
Меѓу неодамнешните обиди под покровителство на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Законот за дигитални услуги, попознат по англискиот акроним ДСА, беше предмет на привремен политички договор на 23 април о.г., помеѓу Комисијата, Европскиот парламент и Советот на Европската Унија. Најавен истовремено со својот легислативен близнак, Законот за дигитални пазари, кој имаше за цел да го зајакне европскиот регулаторен арсенал на полето на конкуренцијата, оваа законска иницијатива беше со цел да ја илустрира решеноста на Унијата да ја оспори семоќноста на големите американски платформи присутни во Европа. Сосема очекувано, финализирањето на текстот година и пол беше проследено со интензивно лобирање во Брисел и во европските метрополи. Со речиси 100 милиони евра потрошени во Европа за лобирање врз активностите во 2021 година,[1] дигиталната индустрија работи напорно за да ги спречи овие декларирани намери, како што беше потврдено од огромниот број на состаноци меѓу претставниците на Силиконската долина, предводени од Гугл, и високите претставници на ЕУ, како и европратениците.[2]
Влогот навистина беше голем: по Општата регулатива за заштита на личните податоци (ГДПР) од 2016 година, која во оваа област го замени законскиот текст усвоен дваесет години порано, законот за дигитални услуги прави ремонт на европската директива за онлајн трговија од 2001 година. Конкретно, тој го модифицира режимот на одговорност на дигиталните посредници – како што се онлајн платформите – и нивните обврски во однос на „модерирањето“ на содржината.
Во последниве години, Унијата ги засили очигледно заштитните и добронамерни регулативи, понекогаш за да се бори против ширењето на терористичка содржина,[3] или да ја заштити содржината што подлежи на авторски права.[4] Новиот Закон за дигитални услуги има за цел подобро усогласување на правото на ЕУ во оваа област, особено преку построги обврски за обезбедување на отстранување на содржината која се смета за нелегална и наметнување значителни финансиски казни во случај на неусогласеност (до 6% од глобалниот промет на компанијата која го прави престапот).
Ова секако воведува корисен развој, особено во однос на транспарентноста на алгоритмите или во борбата против употребата на чувствителни податоци за рекламни цели. Сепак, овој напредок останува ограничен во светлината на првичните амбиции на Комисијата. Поздравен од француските медиуми како алатка „за подобра борба против девијациите на интернет, како што е говорот на омраза, дезинформациите или фалсификувањето“ (LeMonde.fr, 23 април), способна да го „регулира ‚дивиот запад‘ на онлајн платформите“ (Francetvinfo.fr; 23 април), овој законски текст всушност го загрозува правото на слобода на изразување и на пристап до информации онлајн на европскиот континент.
Прво, во голема мера го зачувува светиот принцип на саморегулација на дигиталните гиганти. Така, и покрај новите правила, приватните компании остануваат единствени и ексклузивни носители на одлуки – кога станува збор за отстранување на онлајн содржините. Го мериме парадоксот на европските институции кои донесуваат закони во име на заштитата на јавниот простор, истовремено оставајќи ја примената на законот на приватниот сектор.[5] Оваа приватизација на контролата на слободата на изразување е во голема мера инспирирана од пристапот проследен преку Европскиот кодекс на однесување за борба против говорот на омраза, „приватен“ аранжман поддржан од Европската комисија од 2016 година: Твитер, Јутјуб и сличните ветија дека самите ќе си ги исчистат своите Авгејски штали. Приватната цензура имплицирана со ваквиот аранжман, се карактеризираше со својата произволна и недемократска природа, преку која посредниците ја преземаат контролата на изразувањето во име на властите, најчесто врз основа на сопствените општи услови за користење, кои честопати не ги почитуваат ни основните права на европските граѓани.
Но, Законот за дигитални услуги содржи и неколку новини. На пример, тој предвидува статус на „доверливи сигнализатори“ одговорни за известување за нелегална содржина на интернет. Кој може да бара таков статус? Групите на граѓанското општество, специјализирани на пример за прашања со дезинформации, но и државните репресивни органи, чии барања за повлекување на содржината наметнуваат на платформите да ги обработат без одлагање. Лесно е да се замисли загриженоста на опозициските групи во време кога либералните и авторитарни влади ги оквалификуваат „лажните вести“ како говори кои се контрадикторни со нивната визија за светот… За да се обезбеди правилно извршување на операциите, секој давател на дигитални услуги мора да назначи правен застапник во Унијата, кој се смета за одговорен во случај на повреда на правилата за интернет содржините.
Која содржина сега е опфатена со оваа регулатива? По тешките преговори, законодавецот се насочи кон пораките кои се сметаат за незаконски според националните или европските закони. Сепак, постојат значителни разлики помеѓу самите земји-членки: на пример, унгарскиот закон забранува одредени „комунистички“ или ЛГБТКИ зборови и симболи, а кои воопшто не се проблематични во остатокот од Унијата. Затоа законот индиректно ги признава овие стандарди.[6] Некои актери сакаа да одат подалеку и да поднесат пред законот не само нелегална содржина, туку и „штетна“ содржина како лажни вести и дезинформации, па дури и „радикални изрази“, како предлог на француската влада што досега и не е нотиран.[7]
Прашањето за слободата на медиумите затоа е многу акутно: дали печатот, наводно независен, ќе потпадне под „вилушките на Клодин“ во контекст на регулативата наменета за комерцијални платформи како Фејсбук? Издавачите и некои парламентарци сакаа да ги изземат медиумите од правилата утврдени со законот, за да не ја стават новинарската активност под директна контрола на платформите. Но, Европската комисија и француската влада ја торпедираа оваа иницијатива во име на потребата да се исклучат одредени странски медиуми. Овој законски текст, на тој начин, легитимира една суптилна форма на вонсудска цензура на интернет, а под контрола на европските и националните власти.
Во контекст на руската инвазија на Украина, европските законодавци воведоа и нов механизам за одговор на кризи. Во таканаречените исклучителни ситуации, законскиот текст одобрува обични мерки со кои се дерогира правото на изразување во име на борбата против манипулацијата со информациите на интернет. Целта е да се пополни правниот вакуум со кој се соочи ЕУ кога го забрани емитувањето на руските канали Русија денес и Спутник[8] на интернет, што беше правно контроверзно.
Погенерално, постои фундаментална спротивност во овој нов закон. Иако ја задржува забраната во принцип на генерализирано следење на содржината од страна на платформите (веќе воведена со Директивата за е-трговија од 2001 година), нејзините одредби охрабруваат, па дури и наметнуваат, имплементација на автоматизирани системи за филтрирање на сите онлајн платформи.
Навистина, Законот за дигитални услуги беше направен по мерка на големите технолошки компании. Тука, треба да се нагласи, дека, без разлика дали се национални или европски, преговарачите отсекогаш ги имале најважните платформи како Фејсбук или Јутјуб – за нивен репер. Со воведување санкции за кој бил дигитален сервис за да се спречи присуството на нелегални содржини на неговите сервери – и со тоа, во пракса, да се следат комуникациите – законскиот текст директно им користи на гигантите, кои веќе имаат свои автоматизирани техники за препознавање на содржини на интернет. Неговата примена веројатно ќе ги влоши асиметриите на моќта и на ресурсите помеѓу големите и малите актери, со кои оваа регулатива имаше за цел да се бори.
Иако ја зајакнува автоматизацијата на „цензурата“, законот го избегнува секое фронтално доведување во прашање на економскиот модел на овие големи интернет платформи. „Со #ДСА, времето кога големите интернет платформи се однесуваа во стилот ‚јас сум многу моќен за да се грижам за ова‘, завршува“, објави комесарот на ЕУ, Тиери Бретон, на Твитер (23 април 2022 г.). Но, всушност, Комисијата избра да ги ублажи ефектите, наместо да ги отстрани самите причини. Наместо промовирање на еден слободен и децентрализиран модел, како што е оној на платформите Матрикс или Мастодон, законот – толку мил на комесарот Бретон – всушност, го поддржува алгоритамското управување првично развиено од страна на американските технолошки гиганти, за да сега се наметне постепено на сите.
Од 2016 година, законодавното забрзување околу дигиталните политики во ЕУ, сугерира, всушност, една појава на нов европски модел на регулација. Иако стандардите на ЕУ декларираат дека се дистанцираат од американските и кинеските пристапи, тие всушност ги подржуваат ваквите основи: фасцинација од гигантизмот и потрагата по дигитална конкурентност, од една страна, и автоматизација и приватизација на контролата на јавното изразување, од друга страна. По усвојувањето на Општата регулатива за заштита на податоците (ГДПР) во 2016 година, беа дадени неколку предлози, за да се отвори патот за усогласена регулаторна рамка, која е поволна за европските интереси: Законот за управување со податоците, усвоен од Европскиот парламент на 6 април за олеснување на пристапот до податоци од страна на бизнисите, и неодамнешниот предлог за донесување закон за вештачка интелигенција (АИ), поднесен во април 2021 година.
Со ова ширење на иницијативите, Комисијата има намера да дејствува на глобално ниво благодарение на познатиот, т.н. „Бриселски ефект“.[9] Овој израз, измислен од правникот Ану Бредфорд, ја опишува нормативната моќ на Европската унија, чии регулативи имаат тенденција да се шират, како што е прикажано, на пример, со усвојувањето на националната легислатива за заштита на податоците во многу земји, врз основа на моделот на ГДПР. Усвоен во 2017 година, германскиот закон за онлајн содржината на омраза (НецДГ), веќе е делумно прифатен од десетина земји ширум светот, вклучувајќи ги и таквите како Хондурас, Виетнам и Белорусија.[10] Дали тоа ќе биде случајот и со новиот закон за дигитални услуги, кога неколку големи држави како Кина, Индија и САД ја направија реформата на нивниот законодавен арсенал насочен кон дигиталниот сектор – еден од нивните приоритети? Во спротивно, ефектот на бумерангот, наместо Бриселскиот ефект, ќе се почувствува: како што другите поголеми држави ги регулираат своите дигитални сектори, обврските првично наменети за американските интернет гиганти – ќе ги погодат првенствено европските актери.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] “The lobby network: Big Tech’s web of influence in the EU”, Corporate Europe Observatory, Brussels, 31.08.2021, https://corporateeurope.org
[2] “Big Tech brings out the big guns in fight for future of EU tech regulation”, Corporate Europe Observatory, 11.12.2020. https://corporateeurope.org
[3] Видете: Регулатива (ЕУ) 2021/784 на Европскиот парламент и на Советот од 29.04.2021, за борба против ширењето на терористички содржини онлајн.
[4] Директива (ЕУ) 2019/790 на Европскиот парламент и на Советот од 17.04.2019, за авторски и сродни права во единствениот дигитален пазар и за изменување на Директивите 96/9/ЕС и 2001/29/ЕС.
[5] Прочитајте: Félix Tréguer, “Les deux visages de la censure”, Le Monde diplomatique, VII/2020.
[6] “EU: Put Fundamental Rights at Top of Digital Regulation”, Human Rights Watch, Brussels, 07.01.2022, www.hrw.org
[7] “EU: Free speech under attack: French Presidency proposes action against ‘radical rhetoric'”, StateWatch, 24.03.2022, www.statewatch.org
[8] “The European Union’s RT and Sputnik Ban: Necessary and Proportionate?”, DSA Observatory, Amsterdam, 22.04.2022, https://dsa-observatory.eu
[9] Anu Bradford, The Brussels effect: How the European Union rules the world, Oxford University Press, 2020.
[10] Jacob Mchangama and Natalie Alkiviadou, “The digital Berlin Wall : how Germany (accidentally) created a prototype for global online censorship – Act two”, Justitia, Copenhagen, IX/2020. https://futurefreespeech.com