понеделник, 14 Окт 2024 / 0:02:19
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Вашингтон, господар на играта

Под претседателството на Доналд Трамп, изградбата на местата за производство на ЛНГ стана национален приоритет, главно за европскиот пазар. Несакајќи да прифати претерано непријателски став кон Москва, Трамп сепак имаше намера да ги оттргне Европејците од нивната зависност од рускиот гас отворајќи ги вратите на американскиот ЛНГ. „САД никогаш нема да користат енергија за да ги принудат вашите држави, ниту можеме да им дозволиме на другите да го сторат тоа“, изјави тој за време на неговата посета на Варшава во јули 2017 година. „Америка ќе биде лојален и сигурен партнер во извозот и продажбата на нашите висококвалитетни и евтини енергетски ресурси.“


Од Мајкл Кларе*
*Професор на Колеџот Хемпшир, Амхерст, Масачусетс, САД. Автор на All Hell Breaking Loose: The Pentagon's Perspective on Climate Change, Metropolitan Books, Њујорк, 2019.


Фoто: John Paul/Pexels

Од Втората светска војна, енергијата одигра голема улога во американските дипломатски и воени интереси. Енергетската политика на земјата долго време беше доминирана од стравот од нејзината ранливост: со падот, кој се смета за неповратен, на американското производство на нафта и сè поголемата зависност од увозот од Блискиот Исток, Вашингтон се сметаше себеси за оставен на милост и немилост на таков недостаток. Ова опседнување кулминираше во 1973 и 1974 година, кога арапските производители воведоа ембарго на нивниот извоз на нафта во САД како одмазда за американската поддршка за Израел за време на војната во Јом Кипур, и повторно во 1979 година по исламската револуција во Иран.

За да го надмине ова чувство на кревкост, земјата воспостави постојано воено присуство во Персискиот Залив, кое го користеше неколку пати за да обезбеди непрекинато снабдување со нафта.[1] Денес, и покрај своето континуирано присуство во регионот, САД станаа практично независни во секторот на нафтата и гасот, така што нивната енергетска политика повеќе не се заснова на принципот на евентуална ранливост. Напротив, американското обилно производство претставува стратешка придобивка – средство со кое американските интереси преовладуваат на глобалната геополитичка сцена.

Овој пресврт се случи под претседателството на Барак Обама: подемот на техниките за хидраулично кршење потоа ја олесни големата експлоатација на нафта од шкрилци. Според статистичките податоци на американското Министерство за енергетика, домашното производство на сурова нафта се намалило за две децении, од 7,5 милиони барели дневно во 1990 година на 5,5 милиони во јануари 2010 година; како резултат на „револуцијата“ на нафтата од шкрилци, тоа повторно се зголемува, сега надминувајќи 9 милиони барели дневно.[2] Во Вашингтон, стравот од ранливост се намали, политичките водачи размислуваат како да извлечат геополитичка предност од ова ново златно доба.

Ова поместување првпат беше очигледно во преговорите со Иран во врска со неговиот воен нуклеарен сектор во 2013 година: додека американската администрација, поради страв од нова криза, претходно не сакаше да преземе значителни санкции против Техеран, сега се чувствуваше слободна да го стори тоа, бидејќи можеше да го компензира секој пад на иранскиот извоз со еквивалентно зголемување на домашното производство на локални енергенси. Како што објасни советникот за национална безбедност Томас Донилон, „зголемувањето на американското производство на енергија ја намалува нашата ранливост од глобалните нарушувања на снабдувањето и… ни дава посилна рака во следењето и постигнувањето на нашите меѓународни безбедносни цели“. Ништо подобро не ја илустрирало оваа промена, забележа тој, од напорите на Вашингтон да ги убеди другите земји да се приклучат на неговата тврда линија против Иран: „Значителниот пораст на производството на нафта во САД () го минимизира товарот на остатокот од светот во случај меѓународните санкции и заедничките напори на Американците и нивните сојузници да доведат до намалување на производството на нафта во Иран за еден милион барели на ден.“[3]

Идејата дека корнукопијата на нафтата од шкрилци им даде на САД „посилна рака“ преовладуваше до самиот крај на годините на Обама и продолжува да го инспирира американското стратешко размислување и денес. Вашингтон ја искористи оваа предност особено во своите обиди да ги охрабри Европејците да ја намалат својата зависност од руските нафта и гас. Откако Европската унија (ЕУ) почна да увезува нафта од Советскиот Сојуз во раните 1980-ти, американските власти постојано ја гледаа оваа зависност како закана за принципот на солидарност на Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО), бидејќи на Москва и обезбеди средства за уцена или заплашување во случај на криза. Сè додека самите САД зависеа од трети земји за своите резерви, тешко дека беа во позиција да им даваат лекции на Европејците, но сега кога нивната индустрија за нафта од шкрилци работи со полн капацитет, тие се помалку ставени во непријатна положба.

Техниките на дупчење што го направија успехот на американската нафта од шкрилци, исто така, доведоа до значително зголемување на производството на гас, од 2,1 трилиони кубни стапки месечно во јануари 2005 година на 2,7 во декември 2016 година.[4] Првично, овој дополнителен гас требаше да се троши главно во САД или нивните непосредни соседи, поради недостаток на доволен капацитет да се трансформира во течен природен гас (ЛНГ), кој може само да се извезува по морски пат. Но, кога златната кокошка почна да носи златно јајце, администрацијата почна да прави претерани напори да извезува ЛНГ.

Под претседателството на Доналд Трамп, изградбата на местата за производство на ЛНГ стана национален приоритет, главно за европскиот пазар. Несакајќи да прифати претерано непријателски став кон Москва, Трамп сепак имаше намера да ги оттргне Европејците од нивната зависност од рускиот гас отворајќи ги вратите на американскиот ЛНГ. „САД никогаш нема да користат енергија за да ги принудат вашите држави, ниту можеме да им дозволиме на другите да го сторат тоа“, изјави тој за време на неговата посета на Варшава во јули 2017 година. „Америка ќе биде лојален и сигурен партнер во извозот и продажбата на нашите висококвалитетни и евтини енергетски ресурси.“[5]

Исто така, за време мандатот на Трамп, земјата ја усвои својата нова стратешка доктрина за „конкуренција на големите сили“. Прво поставена во Националната стратегија за одбрана од февруари 2018 година, таа се заснова на идејата дека САД и нивните сојузници ќе водат со Русија и Кина жестока борба за освојување нови геополитички предности. За да ги спречи овие два ривали да ја прошират својата сфера на влијание, Западот треба да биде обединет против какви било агресивни потези на Москва или Пекинг. Ова ќе бара не само понатамошно зајакнување на воената моќ на САД, туку и мобилизација на сите нејзини економски и технолошки ресурси, од кои енергијата е одлучувачка компонента.

Оваа доктрина доби целосна поддршка од администрацијата на Џозеф Бајден, кој ја смета глобалната борба против Русија и Кина за основен принцип на својата надворешна и воена политика. Додека Кина сè уште е широко перципирана како главен противник, Русија е таа која[6] го монополизира вниманието на американските лидери од јануари о.г. Меѓу стратегиите со кои САД најверојатно ќе се спротивстават на руската агресија во Украина, енергијата се појави од самиот почеток како клучна карта.

Причината е едноставна: Москва зависи од своите приходи од нафта и гас за да ги финансира своите воени операции. Слабеењето на воените капацитети на Русија имплицира ограничување на нејзиниот извоз, а со тоа и снабдување на Европа – која сè уште е зависна од руските фосилни горива – со алтернативни ресурси. Затоа еден од столбовите на стратегијата на САД во Украина – покрај обезбедувањето оружје и разновидна помош за украинските вооружени сили – е да ги охрабри европските лидери да ги заменат своите руски нарачки за нафта и гас со увоз од САД и други доверливи добавувачи.

Во согласност со оваа стратегија, претседателот Бајден и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен на 25 март објавија заеднички план за намалување на зависноста на ЕУ од руските фосилни горива. Конкретно, планот бара Европа да ја забрза изградбата на нови терминали за увоз на ЛНГ на својата територија, додека САД го зголемуваат својот извозен капацитет за снабдување на своите европски сојузници до 50 милијарди кубни метри гас годишно – пораст од 150% во однос на 2021 година. Бајден, исто така, вети дека ќе и помогне на ЕУ да најде алтернативни извори на ЛНГ, за да може целосно да се оттргне од својата зависност од рускиот гас до 2027 година.[7]„Сакаме (…) да се диверзифицираме, да не зависиме повеќе од Русија, туку да се свртиме кон снабдувачите на кои можеме да им веруваме, пријатели на кои можеме да се потпреме,” изјави фон дер Лејен.

Само американско-европскиот план не е доволен за ЕУ да се ослободи од зависноста од рускиот гас. Таквата цел ќе бара многу пошироки напори: масовно проширување на инфраструктурата, подобри капацитети за конзервација и пошироко снабдување со ЛНГ, и гас транспортиран со гасовод од странски добавувачи. Со закотвувањето на Европа уште поблиску до САД, овој план, сепак, претставува голема геополитичка пресвртница. На тој пат, дополнително ќе ја зајакне зависноста на Европа од природниот гас, кој е еден од главните фактори за глобалното затоплување – иако е малку помалку јаглероден од нафтата и јагленот.

Посветеноста на Бајден и фон дер Лејен, изразува и заедничка волја да се наруши глобалниот енергетски систем, кој повеќе нема да подлежи само на законите на пазарот, туку би бил расцепкан според моменталните геополитички поделби. САД и нивните „пријатели“ на тој начин би контролирале огромна мрежа за дистрибуција на енергија, додека остатокот од светот би делел помали мрежи, дефинирани според политичката лојалност на нивните актери. Дури и ако овој доста грандиозен план и понатаму е тешко остварлив, треба да се очекува дека безмилосната енергетска борба ќе зазема сè поцентрална позиција на светската сцена, а водечката улога ќе ја имаат главно САД.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] Michael A. Palmer, Guardians of the Gulf: A History of America’s Expanding Role in the Persian Gulf, 1833-1992, Free Press, New York, 1992.

[2] “Weekly U.S. Field Production of Crude Oil”, Energy Information Administration (EIA), U.S. Department of Energy.

https://www.eia.gov

[3] Говор одржан на Универзитетот Колумбија на 24.04.2013.

[4] “U.S. Natural Gas Gross Withdrawals”, Energy Information Administration (EIA), U.S. Department of Energy.

https://www.eia.gov

[5] “Donald Trump’s remarks at the Three Seas Initiative Summit in Poland”, Time, New York, 06.07.2017.

[6] “Interim National Security Strategy Guidance,” White House, 03/2021. https://www.whitehouse.gov

[7] “Joint declaration between the United States and the European Commission on European Energy Security,” 25.03.2022, https://www.whitehouse.gov

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW