На неколку километри југозападно од градот Киркук, во воената база во која се наоѓа 5-та дивизија на ирачката федерална полиција, колона оклопни возила е паркирана во една линија, со митралези вперени кон небото. Генералот Хајдер Јусеф (69) го подготвува излезот на своите трупи од базата. Седејќи мирно во градината на својата база и тврдина, офицерот се чини дека е во состојба на целосно спокојство. Барем тоа е сликата што тој сака да ја прикаже, гордо евоцирајќи ги неодамнешните успеси на неговите сили против „преживеаните“ од организацијата позната како Исламската држава (ИСИС, позната и по арапскиот акроним „Даеч“). Како шеф на безбедносните операции во ирачката провинција Киркук, тој не сака многу да збори за загубите што ги претрпеа неговите трупи последниве месеци.
Сепак, областа што тој треба да ја помине со својот конвој, е многу опасна. Ние сме во западниот дел на она што сега во Ирак е познато како новиот „триаголник на смртта“. Во текот на 2000-тите, овој термин се однесува на упориштето на сунитските бунтовници северно и западно од Багдад, вклучувајќи ги градовите Фалука, Тикрит, Рамади и Бакуба; денес се однесува на област на длабока нестабилност што се појави во последните години во три провинции: Киркук на север, Дијала на југоисток и Салахедин на југозапад. Во оваа област, речиси секогаш под закрила на ноќта, групи мажи кои тврдат дека се од ИСИС секојдневно ги напаѓаат позициите на ирачките безбедносни сили, цивилите или инфраструктурите за нафта или електрична енергија. Стратегија на вознемирување што добива нова димензија од почетокот на 2021 година. „Од 995 напади изброени меѓу 1 јануари и 20 октомври 2021 година на национално ниво, дури 655 се случија во триаголникот Киркук-Салахедин-Дијала“, така оценува француско-ирачкиот политиколог Харди Мед. „ИСИС сега изгледа дека е способна да заземе и град. Се доаѓа до нова фаза, од целни напади до територијална контрола“.
Официјално поразена во Ирак во 2017 година, ИСИС веднаш се прилагодува на пост-територијалната ситуација, напуштајќи ги големите градови и повлекувајќи се во тешко достапни рурални области. Прераспоредување олеснето со постојаниот безбедносен вакум на териториите спорни од ирачката држава и Регионалната влада на Курдистан (КРГ)[i]. Овој појас на земја од околу 40.000 квадратни километри, од кој курдските сили се повлекоа во септември 2017 година под притисок на Багдад[ii], забележа истовремено пристигнување на неколку ирачки милитаризирани актери – особено шиитските милиции на Единиците за народната мобилизација (Хачд Ал-Шааби). Меѓутоа, во отсуство на политички договор меѓу Ербил и Багдад, ниту една од овие сили не е во состојба да ја наметне својата контрола и власт во областа. Оваа конфузија ѝ овозможи на ИСИС да се преструктуира, олеснувајќи го движењето на нејзините кадри и борци во појасот што се протега од сириската граница дури до иранската граница.
По автопатот 24, која се протега југозападно кон Тикрит, касарните го надополнуваат локалниот пејзаж. Тешко е да се поверува дека во оваа високо милитаризирана рурална област, владее голема несигурност. А сепак. Токму тука, во текот на ноќта меѓу 4 и 5 септември, ИСИС изврши напад со редок интензитет, при што од заседа уби дури 13 припадници на федералната полиција.
Планинскиот венец Хамрин – кој ја означува јужната граница на спорните територии – се наѕира на хоризонтот. „Од тука потекнуваат голем дел од нашите проблеми“, ни вели полковникот Басам Казем. Позборлив од генералот Јусеф и видно погоден од неодамнешната загуба на животи, офицерот зборува за „прибежиште“ за борците на ИСИС и не се двоуми да ја опише оваа област како „најопасниот дел во Ирак“ до денес. Историски нестабилна област која веќе била користена како засолниште од страна на организацијата Ал Каеда во текот на 2000-тите.
Стрмниот терен на Хамрин, кој е тешко пристапен, е дом на голема мрежа од галерии и тунели, ископани долги години во срцето на природните и вештачките пештери. Особено од оваа оперативна база – во која, според ирачката војска, се сместени бројни складишта за оружје – борците на ИСИС вршат значителен дел од нивните напади во регионот. „Најдовме голем тајни складишта“, забележува полковникот Казем. „Имаше вреќи за спиење, остатоци од храна. Но, свесни сме дека џихадистите се добредојдени и во околните села. Жителите на овој регион се непријателски настроени кон нас, мораме добро да ги обезбедиме сите наши движења таму“.
Со поддршка на локалните сунитски популации во сите три провинции, борците на ИСИС се вкопани многу подалеку од Хамрин, особено на југот на спорните територии. Ранливи, ирачките вооружени сили се сведени на палење на вегетацијата која обезбедува засолниште за џихадистите во рамнините. Уништената панорама покрај патиштата подучува. Ако, во моментот на изнесување бројки, ирачките воени власти спомнат „неколку стотици“ борци, се чини дека сепак милитантната џихадистичка организација се потпира на многу поголема локална база. Во пролетта 2020 година, неколку недели пред неговиот атентат, ирачкиот истражувач Хичам Ал-Хачеми – специјалист за џихадистички движења, кој ја презеде каузата на народни протести што го осудуваат преземањето на Ирак од Техеран – ја спомена хипотезата за „1.200 активни членови“ и „85 до 200 напуштени села во триаголникот, узурпирани од ИСИС и претворени во герилски кампови, складишта или командни центри“.[iii] Една година подоцна, други соговорници што ги сретнавме во Багдад, укажуваат на веројатноста дека неколку илјади мажи се подготвени да преземат акција, веродостојно сценарио со оглед на драматичното зголемување на нападите во последните месеци.
На контролниот пункт што ги разграничува провинциите Киркук и Салахедин, вкопани зад дебели бетонски ѕидови, војниците го контролираат доаѓањето и заминувањето на возилата. Погледот на патниците понекогаш е исплашен, а понекогаш пркосен. Погледот е јасен: овде ирачките безбедносни сили дејствуваат на непријателски терен. Ова стражарско место, лоцирано на ридскиот терен на Хамрин, е како линија на фронтот, жариште каде што некои стражари имаат потешкотии да ја сокријат својата вознемиреност пред лицето на дифузна, но постојана закана.
Каков е профилот на овие борци? Адел Тахман, кој работи за Федералното полициско разузнавање, објаснува: „Мнозинството џихадисти кои дејствуваат во регионот се постари од 30 години и се ветерани на ИСИС, за која веќе се бореле од 2014 до 2017 година. Тие не се уапсени, но многумина се идентификувани и го знаеме нивното потекло. Покрај тоа, има и помлади борци кои не учествувале во претходната војна“. Генералот Јусеф го потврдува појавувањето на нова генерација борци на ИСИС и инсистира дека тие ја споделуваат „истата идеологија“ како нивните постари соборци. Овде како да нема логика: ИСИС, дури и кога е поразена и се повлекува во негостопримливи области, не само што се враќа во борба поради своите преживеани борци, туку и расте во бројот.
Додека федералната полиција тврди дека има „сигурни извори“ на теренот, се чини дека силите на ИСИС се потпираат и на посветени локални информатори. Како резултат на тоа, многу полициски интервенции завршуваат со неуспех – како шлаканица, со оглед на огромните ресурси кои понекогаш се мобилизираат, а сето тоа се претвора во комуникациски операции многу исмејувани од локалното население.
„ИСИС нема проблем да регрутира нови борци меѓу овие сиромашни популации без иднина, особено бидејќи од 2003 г. [датум на американската инвазија, забел. на уредникот], секој имал близок или далечен контакт со бунтовниците во овој регион“, забележува истражувачот Артур Квеснеј, автор на книга за конфликтите во провинцијата Киркук[iv]. Така, локалните цивили се под двојна закана од џихадисти кои не се двоумат да ги рекетираат, да барат откуп или убиваат, како и од безбедносните сили кои сеат терор при секоја интервенција, вклучително и преку акти на рекетирање, но и во репресалии по нападите. Покрај тоа, меѓу цивилите има и многу обиди за порамнување на сметките и казнени експедиции. ИСИС, на 26 октомври изврши масакр во шиитско село во регионот Дијала (15 мртви). Следниот ден, нападнато племе нападна сунитско село обвинето за соучесништво (11 мртви).
Зголемувањето на вооружените актери на спорните територии – полиција, војска, специјални сили, шиитска милиција – е отежнувачки фактор во контекст на општата несигурност: недостатокот на соработка и редовните судири меѓу овие различни компоненти, сепак не придонесуваат за враќање на довербата. Случаите на корупција и измами во кои се вклучени шиитските милиции, исто така, ја зголемуваат недовербата во овој претежно сунитски регион, кој го осудува ширењето на паравоените групи поврзани со Техеран.
Дали одиме кон нова меѓународна војна против ИСИС? Засега, Ирак, поддржан до 2017 година од коалиција од повеќе од шеесет земји, се најде сам во оваа нова битка. Парите веќе не доаѓаат од надвор, а и американскиот „партнер“ започна со динамика на дезангажирање. Во Багдад, парадоксално, се чини дека повторното заживување на ИСИС не загрижува премногу. Затоа што земјата е заглавена во многу тешкотии, секоја погорлива од претходниот: околу една третина од 40-те милиони Ирачани живеат во сиромаштија, невработеноста достигна 13,74% во 2020 година – највисока бројка во последните 20 години, и стравувања од конфликтите помеѓу заедниците или дури и внатре во самите заедници остануваат силни. Во Багдад, постојат стравувања дека ривалските шиитски милиции ќе прибегнат кон вооружен конфликт, додека во Курдистан повторно се појавува сеништето на граѓанската војна што ги спротивстави Патриотскиот сојуз на Курдистан (ПУК) и Демократската партија на Курдистан (КДП) во 1990-тите.
Предвремените избори на 10 октомври ја зголемија тензијата, при што неколку актери, вклучително и шиитските милиции, ги отфрлија резултатите од изборите. На 7 ноември, резиденцијата на ирачкиот премиер Мустафа Ал Казими беше нападната со дрон-бомба, дел од постизборните превирања. „Ирачките политички сили во земјата се фокусирани на сопствената агенда и се чини дека не го земаат предвид степенот до кој прераспоредувањето на ИСИС е опасно“, се жали француско-ирачкиот социолог Адел Бакаван, кој штотуку напиша книга за проблематичната историја на Ирак.[v]
За разлика од внатрешните кавги во Багдад и Ербил, враќањето со сила на ИСИС се чини дека е факт. На лице место, нашите соговорници од сојузната полиција признаваат дека „не направиле никаков напредок во нивната борба против ИСИС“ веќе неколку недели и скромно се споменуваат „блокирачки политички проблеми“. Ударната сила на ИСИС сега е таква што џихадистите можат да нападнат далеку од нивните бази: ваков беше случајот на 30 октомври, кога двајца курдски борци беа убиени на повеќе од 50 километри северно од Киркук, со што повторно се отвори дебатата за безбедносната соработка меѓу курдските и ирачките сили.
Иако евентуалното враќање на курдските сили на спорните територии е едно од многуте индиректни прашања кои се загрозени во ова повторно заживување на ИСИС, нема индикации дека тоа ќе доведе до подобрување на безбедносната ситуација. Зашто, иако ИСИС го преживеа воениот пораз во 2017 година, тоа е затоа што војните и антитерористичките операции сами по себе не решаваат ништо. Во отсуство на вистинска политичка волја за отворање на регионот и справување со многуте социо-економски проблеми, историјата се чини дека е предодредена да се повтори. Ова е уште повистинито, бидејќи законот за одмазда што го применува ирачкиот безбедносен апарат, ја засилува огорченоста на населението кое не знае ништо освен за воена окупација или маргинализација речиси 20 години. Токму во овој политички, безбедносен и социо-економски вакуум, ИСИС продолжува да се ангажира.
Фусноти:
[i] Прочитајте: Shahinez Dawood, “Kirkouk la disputée”, во: “Le Combat kurde”, Manière de voir, 1920-2020, февруари-март 2020 година.
[ii] Прочитајте: „Un référendum pour rien?“, во: „Le Combat kurde“, op. cit.
[iii] “ISIS Thrives in Iraq’s ‘Money and Death’ Triangle”, Newsline Institute, Вашингтон, 11 август 2020 година, https://newlinesinstitute.org/
[iv] La guerre civile irakienne. Ordres partisans et politiques identitaires à Kirkouk (2003-2020), Karthala Éditions, Париз, 2021 година.
[v] L’Irak, un siècle de faillite. De 1921 à nos jours, Tallandier, Paris, 2021.