понеделник, 14 Окт 2024 / 0:04:59
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Во Тајпеј, има една многу дискретна „амбасада“

По признавањето на Народна Република Кина во 1979 година, Вашингтон ја премести својата амбасада во Пекинг и презеде серија мерки за да избегне какво било официјално присуство во Тајван. Пред 2002 година, нагласува Стентон, американските вработени мораа да поднесат оставка како дипломати пред да прифатат позиција во Тајпеј. Исто како и војската на САД. Но, сега ова веќе не е така.

Од Алис Ере
Новинар, Тајпеј


Фото: Timo Volz/Pexels

Во квартот Неиху, на периферијата на Тајпеј, се наоѓа релативно дискретниот Американски институт во Тајван (АИТ). Нема знамиња, нема вооружени маринци, нема автомобили со дипломатски таблички; само знакот што го прикажува американскиот орел на влезната врата потсетува кому му припаѓа зградата. Отворен во 2018 година, институтот се пресели од предградието Ксини, каде што обично се наоѓаат дипломатските структури од целиот свет, „претставништва“ на држави – а не амбасади, бидејќи повеќето држави во светот не го признаваат Тајван како посебна и суверена земја.

Вредна околу 255 милиони долари (190 милиони евра), „де факто амбасадата“ на САД, како што се нарекува, сепак има огромни димензии. Ако ги додадеме канцелариите во Каосиунг, вториот град на островот, американското присуство вклучува скоро 500 вработени (наспроти оние 1.300 во Пекинг). Официјално, АИТ се дефинира како непрофитна организација спонзорирана од американската влада. Неофицијално, тоа е една од нивните најскапи дипломатски згради во Азија.

Според Лук Мартин, раководител за културни прашања, АИТ е структуиран „како и секоја амбасада: има раководител за политички, економски, културни прашања, канцеларија за односи со печатот, оддели задолжени за трговија, земјоделство, одбрана“.[i] Од друга страна, Вилијам А. Стентон, директор на АИТ помеѓу 2009 и 2012 година, не го крие тоа: „АИТ отсекогаш бил, всушност, амбасада. Генерално, нашиот мандат е да ги подобриме односите меѓу Тајван и САД. (…) Најголемата разлика е во имињата што ги користите. „Политичката канцеларија“ се нарекува „општи работи“. Официјално бев „директор“, но Тајванците ме нарекуваа „г. Амбасадор.“ Тој не бил назначен од Белата куќа или потврден од Сенатот како и другите амбасадори на САД, но ги извршувал истите функции. „Наместо да ги добијам моите акредитиви од претседателот, јас ги добив од Хилари Клинтон  [тогаш државен секретар]“, рече поранешниот дипломат. Тој се уште живее во Тајван, каде што ја има функцијата проректор на Медицинскиот универзитет Јанг-Минг (Тајпеј).[ii] 

По признавањето на Народна Република Кина во 1979 година, Вашингтон ја премести својата амбасада во Пекинг и презеде серија мерки за да избегне какво било официјално присуство во Тајван. Пред 2002 година, нагласува Стентон, американските вработени мораа да поднесат оставка како дипломати пред да прифатат позиција во Тајпеј. Исто како и војската на САД. Но, сега ова веќе не е така.

Односите меѓу Тајван и САД добиваат се поголем официјален пресврт, особено од мандатот на Доналд Трамп. Ваквиот развој на настаните ги поттикна тензиите што веќе постојат помеѓу двете страни на теснецот Формоза, особено по изборот на претседателот Цаи Инг-вен во 2016 година. На 10 јануари 2021 година, непосредно пред инаугурацијата на Џозеф Бајден, државниот секретар на САД Мајкл Помпео дури и јавно изјави дека „принципите утврдени со цел да не се лути Пекинг, треба да се поништат“. Тој ги поништи и  сите ограничувања за контактите меѓу американските и тајванските службени лица.

Денес, и демократите и републиканците поддржуваат „цврста“ политика кон Пекинг. Бајден го покани претставникот на Тајван во САД, Хсиао Би-Хим, на неговата церемонија на инаугурација. Првиот! Потоа следеше серија посети, на ниво на функции што не беше направено од 1979 година: Министерот за здравство Алекс Азар, во март 2020 година (како дел од владата на Трамп), американскиот амбасадор во Палау, каде Вашингтон планира во иднина да инсталира нова воена база, на 1 април 2021 година.

Според извесната Хсијао Би-Хим, „Одбраната и безбедноста се примарна цел  [за Тајван]. Потоа доаѓа полето на економските односи и, на трето место, нашето меѓународно учество и други политички партнерства“, како што се доверува во интервју за азиско-пацифичкиот весник Дипломат, на 9 февруари 2021 година.   

Тајван и САД не се обврзани со ниту еден одбранбен договор. Но, преку американскиот Закон за односи со Тајван, потпишан во 1979 година, САД ветија дека ќе им обезбедат на 23,5 милиони луѓе на островот средства за да можат самите да се бранат. Вашингтон има виртуелен монопол за продажба на оружје на Тајван (со исклучок на неколку испораки, особено од Франција). Сукцесивните директори на АИТ го мерат својот успех со износот на потпишаните договори: „За време на мојот мандат, продадовме околу 13 милијарди долари вооружување [9,6 милијарди евра], промет нешто понизок од она што беше постигнато за време на Трамп“, нагласува Стентон.

На 9 јули 2019 година, американскиот Конгрес одобри продажба на 66 повеќенаменски борбени авиони Ф-16В, 108 тенкови М1А2Т Абрамс, 250 ракети за воздушна одбрана „Стингер“ и друго ексклузивно американско оружје. Владата на Трамп усвои еден систем за преглед базиран исклучиво на потреби што овозможува побрз одговор на барањата на Тајпеј за воена опрема. Во ноември 2020 година, „Тајванската висока команда на морнарицата за прв пат го потврди присуството на активен американски корпус на маринци – а не некои пензионирани советници – стационирани во поморската база на Зуојинг“,[iii] на југот на островот, со цел да се обучи тајванскиот воен персонал за период од четири недели.

Сепак, Вашингтон одбива да продаде свои авиони од типот Ф-35 способни да се справат со кинеските борбени авиони, сакајќи да остане единствен чувар на геостратешката рамнотежа во регионот. „Целта не е да се поништи сегашниот баланс на моќ“, вели Је Јао-Јуан, раководител на Одделот за меѓународни студии на Универзитетот „Свети Томас“ во Хјустон, оправдувајќи ја одлуката на САД.

Додека владата на Цаи и меѓународниот печат ги поздравуваат овие блиски тајванско-американски односи, опозицијата тука гледа опасност. Портпаролот на партијата Куоминтанг Хо Чих-Јунг вели: „За жал, тајванската влада престана да води претпазлива политика меѓу САД и Кина; таа избра да стане пион на геополитичката шаховска табла помеѓу двете големи сили.“ Оваа тајванска политичка партија, која долго време го сметаше обединувањето со Кина како апсолутна цел, сега е широко внатрешно поделена. Некои од нејзините членови сега тврдат дека се за „мирен статус кво“: Вашингтон како стратешки сојузник, Кина како клучен економски партнер. Спротивно на тоа, владејачката Демократска напредна партија (ДПП) ги гледа САД како водечки сојузник за да се спротивстави на кинескиот притисок и да се приближи до дефинитивната независност, широко поддржана од помладата генерација, истовремено застапувајќи и свој „мирен статус кво“. „Тајван нема интерес да заземе страна, бидејќи преговара со две големи сили чии интереси се антагонистички“, ни изјави Хо Чих-Јунг. „Бидејќи никој не сака да гледа како избувнуваат конфликти“. Според Је Јао-Јуан, моменталната врска е, напротив, избалансирана: „На Тајван му е потребна американска помош за да го зачува својот суверенитет, а на САД им треба Тајван за да ги унапредат своите стратешки интереси и да се спротивстават на Кина.“

И спомнатата Цаи не пропушта прилика да ја потенцира ефикасноста на ова зближување. На 6 јуни 2020 година, трите букви “USA” („САД“), видливи од далеку, беа ставени на целата фасада на хотелот Гранд, репрезентативно здание на главниот град, како благодарност за донацијата на 750.000 вакцини од САД. Четиринаесет дена подоцна, кога Америка објави дека се испраќаат 2,5 милиони вакцини, на многу симболичната кула „Тајпеј 101“ се прикажува слоганот: „Да живее пријателството меѓу САД и Тајван“.

Мора да се каже дека речиси и да нема сенка во сликата на односите, откако претседателот на Тајван ја поништи, во август 2020 година, точката на постојана напнатост: забраната за увоз на месо од свиња гоена со рактопамин, супстанција наменета за зајакнување на мускулите на животните и забранета особено во Европа. Ова прашање го пореметува Рамковниот договор за трговија и инвестиции (ТИФА) потпишан во 1994 година помеѓу Вашингтон и Тајпеј, кој беше суспендиран неколку пати поради производи од месо од САД. Тајванската влада се надева дека продолжувањето на преговорите ќе доведе до еден поширок договор за слободна трговија, со што ќе се прекине зависноста од Кина, се уште најголемиот трговски партнер на Тајван.

Мора да се признае, извесната Цаи постојано нагласува дека – за разлика од Чен Шуи-биан, нејзиниот претходник во ДПП како претседател (2000-2008) – таа не е отворено за независност на островот. Но, потајно, секогаш бара повеќе гаранции и поголема официјалност. „Зајакнувањето на капацитетот на Тајван за одвраќање е од клучно значење за нашиот долгорочен опстанок“, вели Хсијао Би-ким.[iv]

Во Вашингтон, тајванското лоби, кое останува повеќе во сенка од американското израелско лоби, не е помалку ефикасно, особено во поттикнувањето продажба на оружје на Тајван. “[Разни групи за лобирање и на експерти] произведуваат анализи кои јасно се направени за да влијаат на надворешната политика на САДно не спомнувајте директно дека тие се финансирани од претставништвото на Тајван во Вашингтон“, вели извесна Ели Клифтон, научен соработник во Институтот за одговорно водење на државни работи „Квинси“, што ја поддржува демилитаризацијата на американската надворешна политика. Од друга страна, Институтот „Проект 2049“ е една од оние организации што го користат своето влијание на еден посуптилен начин. Финансирана од Тајпеј и американскиот воено-индустриски комплекс, организацијата објавува бројни написи во кои се залага за Вашингтон да го брани учеството на Тајван во меѓународни организации, да го зајакне легитимитетот на АИТ и да ја поттикне економската интеграција меѓу сојузниците од регионот на Пацификот. Но, затоа пак, други студии го потенцираат сеништето на кинеската инвазија на Тајван.[v]

И да го потенцираме говорот на Кси Џинпинг, претседателот на Народна Република Кина, по повод стогодишнината на Кинеската комунистичка партија, на 1 јули 2021 година. Повикувајќи за „унапредување на мирното обединување на татковината“ и „решително спречување на секој обид за „независност на Тајван“,[vi] тој упати тенко скриена закана: „Никој не смее да ја потцени решеноста, волјата и компетентноста на кинескиот народ да го брани националниот суверенитет и територијалниот интегритет“.

Што се однесува до точната улога во Тајван на веќе спомнатиот АИТ, раководството на оваа квази амбасада одбива да одговори на нашите прашања, а и доаѓањето на новата директорка Сандра Оудкирк не промени ништо во оваа насока. Истиот молк и од тајванското Министерство за одбрана. Иако „сигурно треба да има канали за комуникација помеѓу војските“, забележува Хуго Тиерни, докторанд специјализиран за одбранбени прашања во теснецот Формоза, „овој дел од односите, сепак, се карактеризира со голема дискреција“. Во најмала рака.

Преведно од: Дарко Путилов


Фусноти:

[i] Interview with Mr. Luke Martin, The KK show #67, 16 February 2021.

[ii]Испратен во Кина, Австралија, Јужна Кореја, меѓу другото, овој дипломат го доби Орденот за „Извонредна цивилна служба“ од Министерството за одбрана на САД, за неговиот придонес во командата на американските сили во Јужна Кореја од 2006 до 2009 година.

[iii] Catherine Bouchet-Orphelin, « Exercices militaires conjoints des marines. La gifle américaine », Asie21-Futuribles, Paris, n°144, November 2020.

[iv] Shannon Tiezzi, “What to expect from US-Taiwan relations in 2021 (and beyond)”, interview with Ms. Hsiao Bi-Khim, The Diplomat, Arlington (United States), 11 February 2021.

[v] Jae Chang, “Coordinated competition in the Indo-Pacific,” Project 2949 Institute, Arlington, 1 July 2021.

 [vi]Целосниот говор на француски јазик, е достапен на веб-страницата на Xinhua, Пекинг, http://french.xinhuanet.com

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW