Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Во САД, да се биде или не пронуклеарен екологист

Со 93 реактори во функција, САД сè уште ги имаат најголемите капацитети на нуклеарната енергија во светот, но индустријата е во лоша состојба. Во однос на својот удел во националното производство на електрична енергија (20 отсто), американската нуклеарна енергија останува далеку зад шампионот во оваа област, Франција. Приватниот сектор го презеде лавовскиот дел, а техничкото знаење исчезнува со пензионирањето на реакторите и инженерите. Единствените два реактори кои во моментов се градат (Вогтл 3 и 4, во Џорџија, САД) – акумулираат дополнителни трошоци и одложувања.


Од нашиот специјален дописник Максим Робин*
*Новинар


Фото: markus-distelrath/pexels

Можеме ли да бидеме и екологисти и поборници на атомската енергија? Нема сомнеж за извесната Хедер Хоф, тоа оди рака под рака. Оваа 43-годишна мајка, велосипедист и планинар, која вози користен електричен автомобил, работи како редактор на интерни правилници во последната оперативна нуклеарна централа во Калифорнија, нуклеарката „Диабло Кањон“, што владата на Калифорнија вети дека ќе ја затвори во 2025 година. Свртена кон Тихиот Океан, на половина пат помеѓу Сан Франциско и Лос Анџелес, „Диабло“ е опкружена со огромен ридски, тивок природен простор, каде пасат стада кафени крави. Нејзините два реактора обезбедуваат 10% од електричната енергија во Калифорнија, и повеќе од половина од калифорниската декарбонизирана електрична енергија, во еден пејзаж од разгледници, за јаглероден отпечаток еквивалентен на една голема американска фарма.

Со кампања за спасување на нејзиното работно место – наспроти советите на нејзиниот работодавач Пасифик Гес & Електрик (ПГ&E) – и за заживување на нуклеарната енергија во САД, оваа Хоф се опишува себеси како „крајно позелен екологист“, дури и ако тоа е спротивно на основата на еколошката борба која трае веќе половина век. „Не можев да направам ништо покорисно за животната средина. Како што растев, мислев дека ќе водам кампања за спасување на китовите и зачувување на дивиот свет. Но, поддршката на нуклеарната енергија индиректно води кон овие работи“, ни објаснува таа во еден бар во центарот на Сан Луис Обиспо, градот кој е најблиску до нуклеарната централа. Хоф носи приврзок за ториум околу вратот, слабо радиоактивен метал со флуоресцентни својства и чува самопроизведени налепници кои ги дистрибуира, за да ги залепи на лаптоп или шише за вода: слоганот ‚I ♡ U 235‘, или цртеж на срце околу кое се вртат мали електрони. „Кога нуклеарните централи ќе се затворат, тие се заменуваат со фосилни горива. Признавам дека ми требаше некое време да дојдам до овој заклучок.“

Во 2016 година се појави прашањето за продолжување на дозволата за работа на „Диабло“, како и на сите нуклеарки кои се приближуваат до период од четириесет години работа. На изненадување на сите, ПГ&Е и калифорниската влада се согласија да ја запрат. Со оглед на тоа што прописите во Калифорнија даваат приоритет на обновливите извори на енергија пред другите извори, централата ќе работи само на половина работно време, загрозувајќи ја нејзината профитабилност, изјави ПГ&Е, приватна компанија котирана на берзата.

„Диабло“ ќе биде втората и последна нуклеарна централа што ќе биде затворена во Калифорнија по „Сан Онофре“ во 2013 година. Помеѓу тој датум и 2025 година, уделот на нуклеарната енергија во миксот на електрична енергија во Калифорнија се очекува да се намали од околу 20 отсто на нула; истовремено, Калифорнија се надева дека ќе го зголеми тројно својот  капацитет на обновлива енергија. Како родно место на високо загадувачката дигитална индустрија (Епл, Гугл, Фејсбук, Убер итн.),[1] Калифорнија сака да биде во првите редови на еколошката борба. Во последниве години, таа се изјасни за намерата да ја сврти страницата од нуклеарната енергија, истовремено поставувајќи си цел за декарбонизација на нејзината електрична енергија до 2045 година – како што се бара според законот усвоен  од калифорнискиот сенат од 2018 година – и забрана за продажба на возила на бензин и нафта од 2035 година, што механички ќе доведе до огромна дополнителна побарувачка на електрична енергија во целата сојузна држава.

Сметајќи дека затворањето на централата е апсурдно со оглед на императивите на декарбонизацијата и идната наметната, поголема побарувачка на електрична енергија, Хоф во 2016 година го основа здружението „Мајки за нуклеарна енергија“ заедно со извесна Кристин Зајц, колешка инженерка, по повод Денот на Земјата. Насловната страница на нивниот веб сајт, уредувана во слободното време, е преполна со фотографии на жени обединети со убедувањето дека нуклеарната енергија е од суштинско значење за борбата против глобалното затоплување и за обезбедување на животна иднина за нивните деца. Во разни сведоштва, тие ги наведуваат нејзините придобивки – ниско-јаглеродна, густа, контролирана енергија, со мал отпечаток… – внимателно заборавајќи ги нејзините недостатоци. „Речиси никој не се бори за продолжување на работата на централите, а камоли екологистите како нас. Сепак, екологистите се тие кои најмногу треба да се грижат“, ни објаснува спомнатата Хоф. Таа ги смета соларната и ветерната енергија за сојузници, но тие не можат сами да ги покријат сегашните потреби, а камоли идните потреби, поради нивната мала густина на енергија и нивната непредвидлива природа. „Ветерот и сончевата енергија се одлични“, признава Џенифер Клеј, водач на групата и професор по физика на Политехничкиот Универзитет на Калифорнија. „Но, тие ја намалуваат употребата на фосилни горива само кога ветрот дува и сонцето свети, додека нуклеарната енергија може да ги замени фосилните горива деноноќно.“ Затворањето на централата „Диабло“ и ветувањето дека ќе се замени на краток или среден рок со 100% обновлива енергија, според неа, би било нереално размислување. За енергетскиот микс во Калифорнија, Хоф се залага за „цврста нуклеарна база“, која би ја покривала барем целата побарувачка вон шпицот. Остатокот би се произведувал со обновливи енергии: хидроенергија, соларна енергија, ветер и геотермална енергија.

НВО Мајките за нуклеарна енергија, беше основана во една општа рамнодушност, без дури и финансиска поддршка од атомскиот сектор. Но, оттогаш, глобалното затоплување, неговите ризици од суша и пожар, дефинитивно станаа најголемата закана во Калифорнија. Дефинитивноста за затворањето на „Диабло“ е разнишана и групата сега ужива солидна поддршка. Заедничката студија на научниците од Технолошкиот институт на Масачусетс (МИТ) и Универзитетот Стенфорд, објавена во ноември минатата година, го зададе првиот удар. Според авторите, продолжувањето на „Диабло“ за десет години, дефинитивно ќе ја намали емисијата на јаглерод за 10% – а со тоа и зависноста на Калифорнија од гас.[2] Работејќи до 2045 година, централата „Диабло“ би можела да заштеди до 21 милијарда американски долари во трошоци за електрична мрежа и да заштеди 364 квадратни километри земјиште првобитно наменето за производство на обновлива енергија. Студијата, исто така, препорачува користење на енергијата од централата „Диабло“ за работење на погон за десалинизација и ублажување на актуелниот, сега веќе хроничен недостаток на вода за пиење во цела Калифорнија. Потоа, на почетокот на февруари, седумдесет и пет научници (вклучувајќи го и Стивен Чу, лауреат на Нобеловата награда за физика и министерот за енергија на Барак Обама) – потпишаа заедничко писмо во кое се повикува демократскиот гувернер на Калифорнија Гавин Њусом да го продолжи животот на централата: „Заканата од климатските промени е премногу реална и премногу итна – за да се скокне без размислување“, пишуваат тие бидејќи самото затворање на „Диабло“ ќе ја направи целта за 100% декарбонизирана електрична енергија до 2045 година многу потешка и поскапа“. Според Комисијата за воздушни ресурси на Калифорнија, затворањето на нуклеарната централа „Сан Онофре“ резултираше со зголемување на емисиите од електраните во Калифорнија дури за 35%. Во отсуство на хидроелектрична енергија поради хроничната суша, електраните на гас во голема мера ја презедоа работата за да ја задоволат големата побарувачка во Калифорнија.[3]

Во Вашингтон, навистина постои официјално атомско лоби, Институтот за нуклеарна енергија, составен од компании за електрична енергија со нуклеарни централи. Но, овие компании немаат ставено сè на една карта: имаат и електрани на гас или на јаглен. „Затоа тие се амбивалентни за важноста што ја придаваат на нуклеарната енергија“, ни објаснува Ед Ки, експерт за економија на атомската енергија, консултант на влади и приватни групи, и автор на книгата „Неуспех на пазарот“.[4] Наместо класично бизнис лоби, тоа е група на компании со мешавина на различни и понекогаш контрадикторни интереси. Асоцијацијата Мајките за нуклеарна енергија ја искористи оваа неодреденост за да ја етаблира својата позиција, иако скромна: шест години по нејзиното создавање, групата има 5.600 следбеници на Твитер. Сепак, доволно влијание за да се привлече вниманието на германски еколошки активист кој во септември 2020 година стапил во контакт со калифорниската НВО, а со цел да создаде филијала во Европа. Во јули 2022 година, европските „Мајки за нуклеарна енергија“ отидоа директно во Стразбур за да ја поддржат одлуката на Европскиот парламент да ги вклучи нуклеарните (и гасните) активности во списокот на „еколошки одржливи активности“ – многу на штета на еколошките активисти на континентот.

Изненадувачки, еколошкото движење во Калифорнија не секогаш било исправено против нуклеарната енергија. Во 1960-тите, атомот се сметаше за подобар од хидроелектричната енергија, обвинета за уништување на водната фауна и поплавување на долини, а јагленот се сметаше за енергија на најмалото зло. Позициите се разликуваат според времето и перцепцијата на заканата. Меѓутоа, откако беше јавно изнесен случајот против нуклеарната енергија, од 1970-тите, протестите на калифорниските екологисти беа одлучувачки фактор за намалување на големината на нуклеарната централа („Диабло“ првично требаше да има дури 6 реактори, на пример). Во 1981 година, две години по несреќата во електраната на островот Три Мајлс во Пенсилванија, две илјади луѓе беа уапсени во огромните демонстрации, за да ја блокираат изградбата на „Диабло“. Ова останува како најголемите антинуклеарни демонстрации некогаш организирани во САД; будистички монаси патувале пеш од Санта Барбара, Калифорнија, за да стигнат на протестите во Пенсилванија, на источниот брег на земјата. Но, тврдокорните први анти-нуклеарни активисти, исто така, стареат, како што сугерираше возраста на учесниците кои се противат на „Диабло“ на јавниот состанок одржан на Политехничкиот Универзитет на Калифорнија, на почетокот на април.

Централниот брег на Калифорнија одамна е земја на изобилство, благословена со медитеранска микроклима, каде лимоновите дрвја се аклиматизираат прекрасно. Новинарскиот магнат Вилијам Рендолф Херст, кој делумно го инспирираше ликот на Граѓанинот Кејн во истоимениот филм, ја изгради својата легендарна палата Ксанаду таму во првата половина на XX век, на добро растојание северно од пространиот Лос Анџелес. Но, во 2022 година, Калифорнија повторно доживува драматично суво и неплодно лето. Задушувачката топлина предизвикува кулминации во потрошувачката на електрична енергија (поврзана со широката употреба на климатизација во цела Калифорнија), големо преоптоварување на мрежата, особено навечер – кога сончевата енергија не произведува ништо. Државата тогаш нема друг избор освен да користи повеќе фосилна енергија за да избегне масовни прекини во снабдувањето со електрична енергија, вклучувајќи ги и познатите исклучувања на електричната енергија.[5] За справување со „милениумската суша“, која беснее со години во Калифорнија, беа воведени невидени ограничувања на секаква потрошувачка на водата. Електричната мрежа, недоволно сервисирана и несоодветна за такви вонредни услови, станува директната причина за чести избувнувања на големи и фатални пожари во цела Калифорнија. ПГ&Е ја призна својата одговорност за почетокот на големиот пожар на локацијата „Кемп Фајр“ кој во 2018 година го збриша градот Перадајз, комплетно уништи 19.000 објекти и уби 85 луѓе. Во јануари 2019 година, компанијата прогласи банкрот откако акумулираше вкупно пресуди од околу 30 милијарди долари – како компензација за пожари предизвикани од нејзината исклучително лошо одржувана електрична опрема.[6] Електричната мрежа, исто така, се покажува како целосно несоодветна на „балканизацијата“ на производството предизвикана од развојот на сончевата и ветерната енергија. Што се однесува до почитуваната хидроелектрична енергија, „рбетот на декарбонизираната енергија во комбинација со нуклеарна енергија“, според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), таа нема да биде од голема помош во иднина, и покрај наведените намери на калифорниската влада да се потпре на неа за управување со пост-„Диабло“ периодот, за само три години. Низ западниот дел на САД, реките и браните, полека но сигурно – пресушуваат. Производството на хидроелектрична енергија најверојатно ќе се преполови ова лето, што е само една индикација на годините што допрва доаѓаат за САД, особено за самата Калифорнија.

За климатските активисти од НВО, поддршката за нуклеарната енергија често се толкува како предавство, ако не и едно големо „еколошко богохулење“. Управување со отпад, ризици од несреќи, лошо одржување и стареење на нуклеарната постројка, снабдување со гориво…: нема недостиг од аргументи против оваа енергија,[7] која се внесува во програмите на еколошките организации, во САД како и на други места. Меѓутоа, соочени со недостаток на остварливи алтернативи, еретиците стануваат сè поприсутни, како што е Британката Зион Лајтс, поранешен портпарол на НВО Бунт против изумирањето, движење родено директно од базата, во Велика Британија и голем застапник на т.н. директна акција. Вегетаријанка, апостол на трезвеноста, оваа Лајтс постепено се најде во расчекор со своето движење, обвинувајќи го и за катастрофална реторика и за отсуство на конкретни предлози. Таа отсега смета дека „секој рационален, поткрепен пристап покажува дека стратегијата – што вклучува и нуклеарна енергија – е единственото реално решение за намалување на емисиите до обемот и брзината што се бара“. Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), во своите четири главни сценарија за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени, предвидува многу големо зголемување на обновливата енергија, како и значително зголемување на глобалните нуклеарни капацитети. Лајтс се брани дека не е превртлива и, наместо тоа, зборува за „логична фаза“ во потрагата по решенија за климатските промени. Во Германија, Зелените се вклучени во внатрешна борба околу енергетските избори направени во последните дваесет години. Историчарката Ана Вероника Вендланд, германски екологист кој некогаш водеше кампања против нуклеарната енергија, сега ги обвинува Зелените за „ирационален страв од атомот“.[8] Иако тие остануваат многу мало малцинство, овие конверзии минираат постигнување на одреден консензус внатре во организацијата. И во Калифорнија, сè поголем број жители, вклучувајќи ги и оние кои се загрижени за климатските промени, се прашуваат дали нуклеарните централи треба да бидат затворени, ако потоа бидат заменети со фосилни горива со висока емисија на јаглерод диоксид?

САД воопшто немаат недостиг од вакви фосилни горива. Револуцијата во екстракцијата на нафта и гас преку хидраулично кршење на слоевите на земјата, или „фрекинг“, го зголеми производството на крајот од 2000-тите, правејќи ја земјата најголем производител на нафта и гас во светот. Па, така, овој процес ги направи застарени десетиците проекти за нуклеарни централи кои беа напуштени во текот на изминатите дваесет години. „Природниот гас е изобилен и евтин“, го забележува ова спомнатиот Ки. „Можете да изградите гасна централа за брзо време. Тоа е полесно и помалку економски ризично од нуклеарната енергија. Досега, САД практично ги исполнија целите за емисиите од Парискиот договор без да преземат ништо освен замена на електрани на јаглен со природен гас [многу штетен, но половина штетен од јагленот], кој механички ги намали емисиите. Го спуштивме гардот“, алармира тој. Дури и во нуклеарните држави, ниската цена и изобилството на гас од шкрилци – ја обесхрабруваат изградбата на нуклеарните централи.

Со 93 реактори во функција, САД сè уште ги имаат најголемите капацитети на нуклеарната енергија во светот, но индустријата е во лоша состојба. Во однос на својот удел во националното производство на електрична енергија (20 отсто), американската нуклеарна енергија останува далеку зад шампионот во оваа област, Франција. Приватниот сектор го презеде лавовскиот дел, а техничкото знаење исчезнува со пензионирањето на реакторите и инженерите. Единствените два реактори кои во моментов се градат (Вогтл 3 и 4, во Џорџија, САД) – акумулираат дополнителни трошоци и одложувања.

Единствен исклучок од ова е сојузната држава Вашингтон, според спроведувањето на законот за заштита на животната средина од 2019 година, т.н. Закон за трансформација на чиста енергија, кој бара од електричните компании да презентираат биланс со неутрален јаглерод во многу блиска иднина (2030 година), или да се соочат со тешки казни. Со хидроелектричната енергија која ги достигнува своите граници, државата Вашингтон се обидува да развие нов тип на нуклеарни реактори, СМР (Мали модуларни реактори), кои не се помалку проблематични од нивните претходници. Првите четири се очекува да бидат изградени долж реката Колумбија. Стартап во сопственост на Бил Гејтс, исто така, планира да изгради најсовремена нуклеарна централа во Кемерер, Вајоминг, САД, на местото на стара термоелектрана.

Иако изградбата на нова нуклеарна централа е многу скапа на Запад (многу помалку отколку во Азија), трошоците за изградба на стари централи како „Диабло“ одамна се амортизирани. Дури и земајќи ги предвид трошоците за одржување, „старата“ нуклеарна енергија останува најевтиниот извор на декарбонизирана електрична енергија на американскиот пазар, според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), која ја пресмета комплетната цена во текот на целиот животен век на опремата. По оваа енергија, следуваат соларна и ветерна енергија на копно. Следува новата нуклеарна енергија, која е многу поскапа, и конечно, енергијата добиена од ветерот на морето, најскапата од сите нискојаглеродни енергии, според ИЕА.[9] Овие статистики се сериозно сфатени од администрацијата на Џозеф Бајден, која на 19 април покрена иницијатива за продолжување на животниот век на застарените нуклеарни централи – со нудење помош од дури 6 милијарди долари. Десет дена по најавите на федералната администрација, демократскиот гувернер на Калифорнија, Гевин Њусом, неволно се согласи да го преиспита исклучувањето на овие капацитети, доколку дел од тие милијарди дојдат во неговата држава.[10]

Додека нуклеарниот сектор е главно приватизиран, управувањето со отпадот се претпоставува дека е јавна работа, контролирана директно од Вашингтон. Во 1982 година, Конгресот донесе закон со кој се бара од федералната влада да обезбеди решение за депонии за приватните оператори кои управуваат со реакторите. Всушност, речиси никаков отпад не е транспортиран подалеку од овие нуклеарни централи. Извесно време, владата размислуваше да користи подземно складиште во планината Јука, Невада, САД. Но, локацијата, два часа возење северозападно од Лас Вегас, комбинираше практични и политички тешкотии. Така, во изминатите четири децении, отпадот продолжи да се трупа на околу 60 места во близина на централите, а федералната влада им плаќаше на компаниите стотици милиони долари секоја година за прекршување на нејзиниот договор – пари кои операторите не треба да ги трошат за складирање. Прашањето за иднината на овој отпад е како морска змија и не е на повидок трајно решение, но НВО Мајките за нуклеарна енергија покажуваат оптимизам близу до слепило. „Отпадот се складира на лице место на исклучително безбеден начин, во запечатени контејнери на кои може дури и безбедно да се спие. Која друга индустрија од овој размер го држи својот отпад целосно изолиран од околината?“, прашува спомнатата Клај.

Противниците на нуклеарната енергија се вознемирени од самата локација на електраната „Диабло“, недалеку од сеизмички расед. Од трите линии на раседување на почвата кои поминуваат низ теренот околу централата, една беше откриена дури откако централата беше изградена, првично дизајнирана да издржи земјотрес со магнитуда од 6,5 степени. Потоа централата беше модернизирана за да издржи поинтензивен земјотрес, со магнитуда од 7,5 степени. За време на последниот земјотрес во регионот на Сан Симеон во 2003 година (магнитуда од 6,5 степени), централата немаше никакви проблеми. Но, што ако се случи земјотрес со магнитуда од 9,1 (како во Фукушима) и ако следува цунами? Прашање без одговор.

Поранешниот новинар Дејвид Вајсман добро ги познава овие прашања: тој е координатор за комуникации на Алијансата за нуклеарна одговорност, организација која се залага за затворање на електраната „Диабло“, веќе многу години. Неговиот скромно наместен стан во Моро Бич се наоѓа во зоната за евакуација на нуклеарната централа. Покрај прашањето за застареност и безбедност, Вајсман посочува и еден економски проблем: нуклеарната енергија е „премногу скапа – не велам јас, туку операторот на централата, ПГ&Е!“ Калифорнија ќе помине, според него, со „енергетска трезвеност“ (концепт што ретко се споменува во Сан Луис Обиспо) – и со нов увоз на електрична енергија. Тој полага големи надежи за енергијата на ветерот во државата Вајоминг, која би можела да ја снабдува калифорниската мрежа во наредните години со изградба на високонапонска линија која ќе се протега повеќе од 1.500 километри. Операцијата ја финансираат инвеститорот Ворен Бафет, осмиот најбогат човек на светот, и милијардерот Филип Аншуц, магнат на нафта и спортски настани – два лика кои не дишат „енергетска трезвеност“…

Џин Нелсон, правен советник за Калифорниската зелена нуклеарна енергија (ЦГНП), вели дека жителите на државата навистина веруваат во Дедо Мраз – ако  мислат дека новата електрична енергија од Вајоминг ќе биде еколошки „чиста“. Ветерни електрани се градат на ветровитите висорамнини на оваа ненаселена територија, сè додека даночните кредити поставени од администрацијата на Обама гарантираат добар поврат на инвестициите, но нивниот вкупен капацитет изгледа бледо во споредба со гигантската количина на јаглен произведена во Вајоминг – која сè уште претставува дури една четвртина од вкупната потрошена енергија во САД! Додека државите како Вашингтон го забранија увозот на „валкана“ струја, Калифорнија не го забрани, забележува Нелсон, пензиониран професор кој носи зелена лента на секое јавно појавување, и кој ја направи борбата за животната средина и заштитата од нуклеарната енергија – кауза на својот живот. Калифорнискиот сенат создаде правен еуфемизам, „неопределен увоз“ во 2009 година, дозволувајќи и на државата да не води сметка за увезената енергија во контекст на еколошките важни јаглеродни биланси. Едноставно кажано, објаснува тој, електричната енергија што Вајоминг ќе и ја продаде на Калифорнија нема да има мирис, а ветувањата за зелениот ветер на Вајоминг се т.н. зелено перење. „Жителите на Калифорнија ќе загубат по двете основи: со губењето на „Диабло“, ќе платат повеќе за позагадена струја.“

Во основата на дебатата за идниот микс на електрична енергија на шестата по големина светска економија (Калифорнија) – се тешките компромиси со кои се соочуваат напредните економии, кои инвестирале во периодични обновливи извори, како што се соларната и ветерната енергија, притоа занемарувајќи ги предизвиците за складирање. Вишокот електрична енергија произведена од калифорниските фотоволтаици во средината на денот често се продава со загуба на соседните сојузни држави – кои се опремени со соларна енергија и, од своја страна, страдаат од истите проблеми. Тоа е затоа што скапите литиумски батерии за складирање на вишок струја – се празнат за неколку часа и имаат животен век од пет до десет години. Исто така, постои опција за станици со „пумпано складирање“: создавање на ефемерно вештачко езеро на повисока кота со вишок на електрична енергија, а кое ќе тече низводно во догледно време, придвижувајќи ги турбините и произведувајќи електрична енергија. Калифорнија веќе има два такви капацитети, „Хелмс“ и „Кастеик“. Изградбата на повеќе вакви капацитети би вклучувала многу напорна работа и голем јаглероден отпечаток – за релативно скромна ефикасност. Останатото сè уште постои на експериментално ниво: секторот е во самата почетна фаза и со недоволно инвестиции.[11]

Сепак, во Калифорнија не недостасува амбиција за развој на обновлива енергија. Проектот на фармата за ветерници беше претставен оваа пролет пред печатот и пред населението на Сан Луис Обиспо. Таа би била лоцирана на околу четириесет километри од брегот на „Диабло“, со цел да ја искористи нејзината електрична мрежа по незиното дефинитивно затворање. Проектот е дел од првиот национален план за енергија од ветер на море, во САД. Тој е гигантски во секој поглед, со евентуална инсталирана моќност од 3 гигавати до 2030 година (за вистинска излезна моќност поделена со два, поради каприците на ветерот), речиси три пати повеќе од Хорнси 1, најголемата инсталација во светот до денес со 174 турбини во самото Северно Море. Планиран е и литиумски погон за складирање на струја – повторно најголем во светот, вели неговиот производител, корпорацијата „Вистра“ од Тексас. Објектот ќе биде свртен кон Тихиот Океан во заливот Моро, заменувајќи ја поранешната електрана на јаглен. Со капацитет од 600 мегавати, се очекува во три згради да бидат сместени 180.000 литиумско-јонски батерии за складирање струја. Локалниот печат е воодушевен: проектот ветува работни места и приход за округот, кој ќе изгуби многу по затворањето на нуклеарката „Диабло“.

Што се однесува до заштитеното природно подрачје околу централата, ПГ&Е планира да го врати на домородното население на Северен Чумаш. Затоа затворањето на „Диабло“ е априори одлична шанса за локалната заедница. Сепак, тоа има и свој дел од скептиците. Скот Латроп, еден од водачите на племето, се залага за продолжување на работењето на нуклеарката, додека не се најде подобро решение за племето. Тој не е многу воодушевен во врска со проектот за ветер на морето: „Ќе биде неопходно да се изгради пристаниште за конструкција на стотици турбини и нивно транспортирање до отвореното море. Ќе биде неопходно да се создаде нова индустрија од нула – за да се произведе на крајот помалку енергија од инсталацијата што веќе ја имаме на брегот. Количината на сончева и ветерна енергија потребна за замена на „Диабло“ е просто неверојатна. Се прашувам: што е најдобро да се направи?“ Тој проценува дека секторот на гасната индустрија ќе профитира од Калифорнија без нуклеарни централи.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] Прочитајте: Guillaume Pitron, « Quand le numérique détruit la planète », Le Monde diplomatique,  X/2021.

[2] « An Assessment of the Diablo Canyon Nuclear Plant for Zero-Carbon Electricity, Desalination, and Hydrogen Production », Stanford Energy, XI/2021, https://energy.stanford.edu

[3] « California Emissions Rise in 2012 on Gas-Fired Power Output », Bloomberg, 04.11.2013.

[4] Edward Kee, Market Failure : Market-based Electricity is Killing Nuclear Power, Nuclear Economics Consulting Group, Washington, DC, 2021.

[5] « To avoid blackouts, California may tap fossil fuel plants », Associated Press, 30.06.2022.

[6] « California Regulators Back PG&E Bankruptcy Plan », The New York Times, 28.05.2020.

[7] Прочитајте посебно: Gilles Balbastre, « Sécurité nucléaire, les risques de la dérégulation », Le Monde diplomatique, IV/2011 ; Cédric Gouverneur, « Déchets radioactifs, angle mort de la relance du nucléaire », Le Monde diplomatique, V/2022 ; Teva Meyer, « Moscou et Pékin se partagent la planète électronucléaire », Le Monde diplomatique, VI/2022.

[8] « “Irrationale Atomangst”: Kernkraft-Expertin entlarvt die Doppelmoral der Grünen », 13.07.2022, www.focus.de

[9] « Levelised cost of electricity in the United States, 2040 », 18.11.2019, www.iea.org

[10] « California promised to close its last nuclear plant. Now Newsom is reconsidering », Los Angeles Times, 29.04.2022.

[11] « The Renewable-Energy Revolution Will Need Renewable Storage », The New Yorker, 25.04.2022.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW