На крајот на септември, температурите се ладни – близу до нула во Екатеринбург, но светлото сонце ги засилува златните бои на есента. Сè уште постои атмосфера на враќање во главниот град на Урал, дури на 1.500 километри источно од Москва. Главната зграда на Сојузниот универзитет (УРФУ), со својата импозантна колонадна фасада се наоѓа на улицата Мир. Веднаш зад нив, концентрирани во ограничен периметар, студентските домови го оживуваат округот.
На улица Комсомолска 70, млад човек на возраст од дваесет години штотуку е избран за шеф на домот број 8 на Студентскиот сојуз на УРФУ. „Многу сум среќен со оваа одговорност“, вели тој, бидејќи ќе му биде доверено раководењето со бригадата од дваесет и шест доброволци. За каква мисија? Да се олесни животот на 1.200 студенти сместени во оваа зграда која се изгради пред пет години. Тука, апартманите имаат две спални соби, секоја со по два до три кревети, со заедничка кујна и бања. Киријата изнесува 1.000 рубли месечно (16 евра).[1] Секое ниво има и сали за одмор и работа, како и просторија за перење алишта. Светли ѕидови и подови, функционален мебел: декорацијата е минималистичка, но инфраструктурата е чиста. Во Русија, еден од десет студенти е сместен во студентските домови – стапка споредлива со онаа во Франција (12%).[2]
Во Студентскиот сојуз – единствениот дозволен сојуз на УРФУ – не го менуваме светот; го анимираме животот во кампусот како студентските канцеларии во бизнис училиштата во Франција. Хобијата и ноќниот живот се организирани од околу 30 студенти вработени и 600 постојани волонтери на сојузот на студентите. Работилници, театарски вечери, конференции, спортски и годишни состаноци, како што е фестивалот „назад во училиште“ или денот на дипломирањето: секоја година, „повеќе од шестотини настани“, претседателот на студентскиот сојуз Оибек Партов го покажува својот ентузијазам во канцелариите обезбедени од универзитетската администрација.
Екатеринбург има околу 50 универзитетски институти и околу 90.000 студенти. Повеќе од една третина од нив (36.000) – вклучувајќи и 4.300 меѓународни студенти од сите континенти – се запишани на Сојузниот универзитет на Урал, кој привлекува сè повеќе и повеќе кандидати. Во 2021 година, УРФУ имаше најголем број на новопримени студенти во земјата.[3] Овој универзитет од голем формат е роден од спојувањето, во 2010 година, на две реномирани и комплементарни институции: Политехничкиот универзитет на Урал (УГТУ-УПИ) и Државниот универзитет на Урал (УРГУ), две институции основани од болшевичката влада уште во 1920 година. Едвај во полн замав, и уште среде граѓанска војна, советската влада штотуку донесе одлука за бесплатно и задолжително образование. Во 1918 година, таа финансирала создавање на десетици високообразовни институции. Вклучувајќи го и Екатеринбург, наскоро преименуван во „Свердловск“. Поранешната рударска престолнина на Руското Царство е предодредена да стане важен индустриски и научен центар. „Нѝ требаа многу инженери“, вели заменик-ректорот за меѓународни односи на Универзитетот на УРФУ, Сергеј Курошкин. „Кога бил изграден, Политехничкиот универзитет на Урал бил еден од најголемите кампуси во светот.“
Во 1930-тите, присилната индустријализација дополнително ја зголемила потребата за нови квалификувани кадри. За една деценија, бројот на институции на високото образование во СССР, се зголемил дури петпати, од 90 во 1927 година на 481 во 1940 година.[4] Сепак, нивниот квалитет не бил хомоген, според Борис Салтиков, поранешен министер за образование и наука: „Постоеше јасна разлика помеѓу институциите на висок квалитет и т.н. масовни институции“.[5]
Особено во советскиот систем, високото образование и базичните истражувања се одделни: полето на истражување е доделено исклучиво на специјализираните институти на Академијата на науките на СССР. Се спроведуваат неколку експерименти на позитивна дискриминација во корист на работничките класи. Новоотворените работнички и народни универзитети ги примаат младите луѓе од руралните средини и од работничката класа за да ги подготват за влез на државниот универзитет…[6] Децата на буржоазијата се исклучени или мораат да плаќаат многу високи трошоци за запишување. Принципот на слободен пристап за сите не важеше до 1936 година и речиси веднаш беше доведен во прашање во 1940 година. Војната се приближуваше и беше неопходно да се охрабрат младите луѓе да се приклучат во фабриките. Повторно воспоставено во 1956 година, бесплатното високо образование е едно од главните општествени достигнувања на СССР.
По распадот во 1991 година, советската, тогашна руска држава беше блиску до банкрот. Јавните трошоци по студент се намалија за 70 проценти во текот на 1990-тите. Универзитетите тогаш веќе немаат средства да ги плаќаат своите професори, па дури и своите тековни сметки за струја или греење. Повеќето институции се обидуваат да најдат други ресурси: изнајмување на простории, продажба на експертиза, организација на платени подготвителни курсеви за конкурси за упис итн… „На универзитетот, сите услуги беа платени: отсуства, поправни сесии, полагање тестови итн.“, пишува Татјана Кастуева-Жан, истражувач во Ифри.[7] Понекогаш е препорачливо да земате приватни часови од професор, за да се надевате дека ќе добиете добра оценка на вашиот испит. Можете дури и да купите лажна диплома или комплетна докторска дисертација на црниот пазар.
Истовремено, земјата доживува голем момент на слобода, каде што сè мора да се изгради. Во Екатеринбург, додека градот сè уште бил затворен за странци, професорот Валери Михајленко ја формира првата руска Катедра за меѓународни односи во рамките на Факултетот за историја при Уралскиот државен универзитет на почетокот од 1990-тите. Историчарката, истражувачка на ЦНРС, Ирина Чернева, ги започна своите студии на оваа катедра во 1999 година. „Нашиот професор по историја ни рече: „Ова е време на пресврти, не сакам да ја следам официјалната програма“. „Тој нè натера да гледаме документарни филмови, да пронајдеме други извори освен учебниците [уредувани во советскиот период]. Ги изучувавме сталинистичките репресии“. По перестројката, алтернативни рок бендови и театарски трупи настапуваа во подрумите на пренаменетите згради. „Претставите беа за политика; се отиде многу подалеку од критикувањето на политичарите. Авторите биле субверзивни и сакале да го разнишаат општеството. Тие имаа голем успех меѓу студентите“, објаснува оваа Чернева.
Во средината на 1990-тите, студентските сојузи, од кои многу се појавуваат за прв пат на сцената, ги напуштаат политичките слогани во корист на социјалните слогани. Економската криза силно ги погодува младите луѓе, кои бараат поголема слобода и средства за студирање. Адвокатот за човекови права и истражувачки новинар, Станислав Марлеков – кој ќе биде убиен во 2009 година – учествуваше во иницијативата за создавање на „Студентска одбрана“, еден од најактивните сојузи во тоа време. „Тоа беше движење што дојде директно од базата“, изјавува тој во интервјуто со социологот Александар Бикбов, во 2006 година. „Со барања кои директно ги засегаат студентите“. Движењето обединува помеѓу 10.000 и 15.000 луѓе, во главниот град, но и во неколку градови ширум земјата (Санкт Петербург, Тула, Новосибирск, Ростов…). По неколкуте големи демонстрации организирани во Москва во 1994 и 1995 година, некои од неговите барања беа исполнети, како што е слободното движење на студентите во домовите и кампусите или навременото плаќање стипендии и надоместоци за студирање…
Триесет години подоцна, и долго пред војната во Украина, протестите целосно избледеа. Додуша, „официјалните“ студентски сојузи, кои постојат на сите поголеми универзитети, треба да ги бранат правата на студентите: конфликт со професор, административен проблем, инцидент во студентскиот дом, материјална поддршка за студентите на кои им е потребна, правна помош. Но, блиската соработка со администрацијата ја поткопа нивната борбеност. „Водачите [на студентските организации] добиваат плати директно од државниот универзитет; тие имаат траен судир на интереси“, потенцира Дмитриј Тринов, еден од основачите на Синдикатот на работниците во високото образование „Универзитетска солидарност“. „Овие формални студентски организации го задушуваат незадоволството и дури се обидуваат да извршат притисок врз одредени опозициски групи. На пример, кога студентите, кои не добиле места во студентските домови, ќе се обединат и ќе постават протестен камп во близина на универзитетот.“
Со своите 17.000 членови (од вкупно 36.000 студенти на универзитетот), студентскиот сојуз на УРФУ воспостави систем на награди за охрабрување на членството (500 рубли месечно, или 8 евра) и стимулирање на вклученоста на студентите. Присуството или организирањето на активност понудена од сојузот, му дава кредит на студентот со поени. Кога еден учесник ќе заработи 5 поени, организаторот добива 10 или 15. Секој месец се објавува листата на најактивни студенти. Наградите се движат од едноставни рекламни подароци (џемпер во универзитетските бои, шише-термос за вода итн.) до материјални предности, како што е место во поудобен студентски дом. Најдобрите три резултати добиваат годишна стипендија од 5.000 рубли месечно (околу 60 евра). „Првично, започнавме со едноставна табела во формат на Ексел, а потоа универзитетскиот ректорат разви посебна апликација со која управуваме“, вели овој Партов, лизгајќи го на својот телефон рангирањето на студенти чиј резултат се ажурира во реално време.
И кај наставниот кадар, обновувањето на финансиите резултираше со поголема хиерархиска контрола. Всушност, наставниците никогаш немале вистински статус на државни службеници. Во СССР, нивниот работен договор беше подложен на обновување на секои пет години, иако стабилноста на вработувањето стана норма од 1950-тите па наваму. Дури и денес, универзитетите се слободни да избираат и да им нудат на професорите договори на определено време, од кои само основната плата е загарантирана од страна на државата. Ова поттикнува бонуси според целите, дури и отпуштање на најмалку ефикасните наставници. Повеќе од 27.000 професори ги напуштиле своите работни места во периодот 2014-2015 година.[8]
Организацијата на наставата е слична на онаа што постои во Франција, имено предавања кои можат да соберат голем број студенти, и вежби со надгледувани задачи, во помали групи од 15 до 30 студенти. Со една значајна разлика – често е истиот професор кој држи и настава и вежби, за разлика од францускиот систем каде што вежбите ги држат исклучиво млади асистенти, докторанди или дури и надворешни професионални соработници. Повеќе од 40% од студентите во Русија избираат да учат од далечина или како вонредни студенти со вечерни и викенд часови.
По две години од пандемијата, универзитетите продолжија со работа со физичко присуство, во повеќето региони на почетокот на 2022 година. И покрај привидот на нормалност, војната во Украина започната на 24 февруари о.г., го потресе академскиот свет и создаде длабоки поделби помеѓу оние кои ја поддржуваат „специјалната воена операција“ и оние кои го изразија своето противење.
Во Екатеринбург, од почетокот на војната, студентите, наставниците и вработените на Сојузниот универзитет на Урал апелираа за „крај на оваа катастрофа“ во петицијата која собра повеќе од илјада и сто потписи. „Секој куршум и секоја граната се удар во руската наука, значително уништувајќи го квалитетот на високото образование“, напишаа тие во отвореното писмо.
Како одговор на тоа, наставно-научниот совет на УРФУ веднаш ја потврди својата поддршка за „политиката на претседателот (…) за осигурување на безбедноста на земјата“. Ова е предвидлив одговор бидејќи повеќето универзитетски ректорати се директно назначени од самата федералната влада на Русија. Студентите, пак, се загрижени за состојбите и изгледите за иднината. Иако стремежот за високо образование може да го одложи задолжителниот воен рок, многумина се загрижени и за нивните постари пријатели, додека печатот откри неколку случаи на нови регрути директно испратени на фронтот во Украина, спротивно на посветеноста повторувана од претседателот Владимир Путин.
Економската криза која се случува во Русија по усвојувањето на драстичните западни санкции – ризикува дополнително да ја ослаби состојбата на студентите. Особено откако политичкиот либерализам во 1990-тите години роди универзитет со две брзини. Од една страна, дел од студентите е ослободен од трошоци за школарина – ова се нарекува во Русија „буџетски места“ кога државата плаќа за студентот од буџетот, доделени само врз основа на меритократски критериуми (во зависност од резултатите на матурата и приемниот испит или за време на самите студии). Од друга страна, уделот на платени места за студенти од државата – се зголемува. Во 2020 година, ова претставувало една третина од запишаните студенти, за кои трошоците за упис се зголемиле повеќе од двојно за десет години.[9] Просечната цена на еден семестар беше 155.200 рубљи во 2021 година (1.825 евра), што е еднакво на 4,3 пати повеќе од просечниот месечен приход по лице. Сепак, грантовите врз основа на социјалните критериуми се однесуваат само на неколку студенти (сираци, инвалиди, млади родители итн.).
Правото на бесплатно студирање, гордост на советскиот систем, сега е веќе далечно минато. Неговиот многу конкурентен карактер, сепак, останува. Во СССР, секој универзитет или институт имал свој приемен испит, чии барања варирале според престижот на институцијата. Покрај тоа, хиерархиите речиси не се променија: меѓу повеќето странични установи, само „Вичка“ (Високата економска школа или ХСЕ) беше формирана по 1991 година. „МГИМО“ (меѓународни односи), „МГУ“ (општо високо образование), „Високата школа Бауман“ (техничка) – се секогаш на врвот во своето поле. Воведувањето на унифициран државен завршен испит за средно образование (ЕГЕ – државна матура), што е еквивалентно на францускиот ‚бакалауреат‘, уште повеќе ја зголеми конкуренцијата. Од 2009 година, средношколците се рангираат на национално ниво: нивната оценка (од 100) одредува ранг, што, пак, ги одредува нивните шанси за пристап до универзитетите. Во 2021 година, на пример, затоа беше неопходно да се добие најмалку 42 за да се добие бесплатно место на УРФУ (33 за платено место), наспроти 74,8 за да се искачите по скалите на славниот Московски државен универзитет-МГУ (наспроти 26,8 за платен билет).[10]
Кога беше воведен во 2009 година, целта на ЕГЕ беше да го направи пристапот до универзитетот пофер и потранспарентен. Но, ректорите на престижните универзитети, кои стравуваа дека ќе ја изгубат својата слобода при изборот на студенти, добија право да организираат разни „олимпијади“, со други зборови – специфични влезни конкурси. Според нив, посоодветен начин е да се најдат најдобрите елементи и да се тестираат нивните вештини во одредени области на специјалност, за разлика од ЕГЕ, „добар само за да се контролира знаењето на масата на кандидати“.[11] Оттогаш, милиони средношколци учествуваат на овие олимпијади секоја година, силно охрабрени од своите наставници, кои и самите се оценети според бројот на ученици кои победиле на еден од овие натпревари.
За кандидатите, влогот е голем: победниците (прво место) добиваат бесплатен прием на универзитет без приемен испит. Медалистите (второ и трето место) добиваат државна стипендија или дополнителни поени на резултатот од ЕГЕ. Сепак, системот ја зголемува конкуренцијата и притисокот врз средношколците и нивните родители. Како резултат на тоа, семејствата се уништени преку приватните часови дома, што е секојдневната судбина на мнозинството руски деца. „Повеќе од половина од мојата плата оди за воннаставните активности на моите деца“, се жали мајка на три деца во Екатеринбург, поранешна студентка на УРФУ за која средното образование – наводно бесплатно – не е навистина бесплатно.
Покрај овој образовно-институционален натпревар, финансиски притисок има и врз самите руски студенти. Недоволниот број места во студентските домови, ги принудува да најдат други, често поскапи, типови на станови. Според студијата на Високиот економски колеџ,[12] помеѓу 2006 и 2015 година, повеќе од половина од студентите работеле на задоволување на нивните основни потреби. Од магистратурата, сите предавања се одвиваат во вечерните часови, од 17 до 21 часот, за да се остави денот слободен за самите студенти. На пример, Иван Бирноков, студент на Институтот за физичка култура, работи во автоперална. И покрај добивањето на буџетска позиција благодарение на неговите одлични резултати, тој веќе има работено многу мали работи, како келнер или шанкер. „Образованието е многу скапо,“ коментира тој. „Ако студирате во техничка област како што се математика или компјутерски науки, има многу места финансирани од буџетот. Во спротивно, многу е потешко“.
Со куса кафеава коса, извесна Марија Деменева студира на 4-та година на Факултетот за новинарство при УРФУ. Таа живее во Екатеринбург со нејзините родители, во нејзиниот роден град. Дури и да сакаше, никогаш немаше да може да студира во друг град во Русија: тоа е премногу скапо. Во првата година од студирањето, таа мораше да плати скоро 100.000 рубли (1.176 евра) за школарина. Значајна сума за нејзините помалку среќни родители. Почнувајќи од средината на втората година, таа успеа да обезбеди буџетска позиција. „Тоа беше големо олеснување“, вели студентката, која работи за еден универзитетски весник паралелно со нејзините студии.
На тој начин, високообразовниот систем во Русија генерира многу големи нееднаквости. Во отсуство на социјална политика, системот ги наградува најталентираните и најситуираните: бесплатните студии одат за најдобрите студенти, често од семејства кои можат да финансираат приватни наставници или подготвителни часови за ЕГЕ и студентските олимпијади. Потопено во меритократска култура, руското општество и не мора да ја согледува неправдата на таквиот систем. „Во советско време, со оглед на тоа што високото образование беше бесплатно за сите, немаше стипендии врз основа на социјалните критериуми“, анализира Александар Бикбов. „Ниту денес. Така, системот не се перципира како нееднаков, туку како извор на дифузна огорченост.“
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Според курсот на рубљата на 08.07.2022.
[2] « Repères 2020 », Observatoire national de la vie étudiante, 2021, www.ove-national.education.fr
[3] « Qualité d’admission dans les universités russes : 2021 », Haute école d’économie, Москва, www.hse.ru
[4] « Les établissements publics supérieurs », statistiques de l’enseignement de Russie, 2008, www.stat.edu.ru
[5] Boris Saltykov, « Enseignement supérieur en Russie : comment dépasser l’héritage soviétique ? », Notes de l’Ifri, Париз, IV/2008.
- [6] Види: Nicolas Fornet, « Priorité à l’éducation des masses », Le Monde diplomatique, 10/2017.
[7] Tatiana Kastouéva-Jean, « Enseignement supérieur en Russie : comment redonner de l’ambition à un secteur en détresse ? », Ifri, 2013.
[8] Carole Sigman, « Contourner la compétition par la compétition : les universités russes et les olympiades », Revue française de sociologie, vol. 62, n° 1, 2021.
[9] « Qualité d’admission… », op. cit.
[10] Според референтниот сајт за можностите за обука во високото образование, Vuzopedia, www.vuzopedia.ru
[11] Carole Sigman, « Contourner … », op. cit.
[12] « La jeunesse russe : éducation et science », Haute école d’économie, Institut de recherche statistique et d’économie de la connaissance, Москва, 2017, https://issek.hse.ru