Од 2018 година, во Сирија, гувернератот на Идлеб и северозападниот дел на гувернератот на Алепо, претставуваат де факто енклава под контрола на силите кои се борат како бунтовници против режимот во Дамаск, а под турско заштитно покровителство. Овој случај илустрира како една погранична територија може да стане место на интерпозиција меѓу воинствените борци од истата земја (режимски сили, исламистички милиции) и политичкото прашање (турско влијание и воено присуство). Без разлика дали се зборува за тампон зони, ничија земја или безбедносни зони, сите овие имиња се однесуваат на политички систем на исклучување или со забрана на цивилите да пристапат до нив, било со мерките за демилитаризација што се однесуваат на нив или со територијалниот аранжман што го отелотворуваат во време на конфликт. Во последниве неколку години, неколку зони на конфликт на Блискиот Исток забележаа оживување на овие процеси, преку воена окупација за стратешки цели.
Во 1990-тите, со поимот „сива зона“[i] беше модерно да се опишуваат простори надвор од контрола на централна држава, како што се племенските области на Западен Пакистан. Освен тоа, ова беше резултат на пост-биполарен контекст полн со неизвесност. Подоцна, направени се некои теоретски обиди да се оди понатаму, како што е критичката рехабилитација на концептот на „тампон зона“;[ii] сепак, многу е обележан со стратешко толкување кое ја заборава судбината на актерите или концептуализацијата на терминот „ничија земја“[iii] како ограден и напуштен простор каде луѓето коваат оригинални средства за мобилизација. За да ги покриеме сите овие територијални реалности, би сакале овде да го предложиме поимот на т.н. „интерстицијален простор“: затворен, слабо регулиран, слабо институционализиран, кревок и променлив простор; простор кој генерира малцинства и делегирани актери. Во таков контекст, тие веројатно ќе ја искористат можноста да ја редефинираат и трансформираат својата околина.[iv]
Меѓународно признатите т.н. интерстицијални простори или зони, може да се разликуваат од оние што не се тоа. Првата категорија вклучува територијални аранжмани како што се тампон зони или ничија земја, а со државни и меѓународни институционални гаранции кои овозможуваат почитување на правата за оние кои живеат таму, и покрај посебниот статус на територијата или зоната. Едно де јуре признавање на статусот на овие интерстицијални зони, како резултат на договор меѓу завојуваните страни, е клучна точка која гарантира одредена стабилност, без тоа да значи дека овој статус е непроменлив. Замислени според Женевската конвенција (1951 година) за заштита на локалното цивилно население на кус рок за време на конфликт, овие аранжмани постепено се прошируваат со текот на времето како еден, сега веќе, постконфликтен модалитет. Ваков е случајот, на пример, со т.н. зелената линија, под контрола на ОН, која ги дели турските и грчките зони на островот Кипар. Или Голанската висорамнина, сириска територија окупирана од израелската армија уште од 1967 година, каде набљудувачка мисија на ОН патролира една демилитаризирана ничија зона меѓу Сирија и Израел, по војната на Јом Кипур (1973).
И во двата случаи, парадигмата на демилитаризираната „добра граница“ би требало да генерира „добри соседи“, според класичната формула за мировен инженеринг. Сепак, реалноста на теренот веќе ги покажа ограничувањата на овој модел: не се дискутира или преговара за основните причини за конфликтите, што, од своја страна, ги прави иницијалните привремени решенија да добијат карактер на постојани. Всушност, треба да се посочи дека на Кипар недостасува политичка волја, а мировните преговори се долго во застој. Слично на тоа, на Голанската висорамнина, мисијата на ОН не можеше да стори ништо за едностраната анексија на таа територија од страна на Израел, уште во 1981 година. Границите на акцијата на ОН изгледаат очигледни, дури и кога таа е поодржлива, како во јужен Либан, каде што се распоредени 14.000 војници (т.н. „сини шлемови“) на привремените сили на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ). Речиси секојдневните повреди на сината линија – линијата на повлекување на израелските сили (2000) под надзор на ОН – и континуираната тензија меѓу Хезболах и Израел, очигледно го илустрираат овој проблем со ваквите зони на раздвојување.
Во втората категорија, може да се најдат низа територијални аранжмани, наметнати од држави или од невладини актери, вторите понекогаш поддржани од првите, а во контекст на војна и државен колапс. Бидејќи нивната независност или автономија не е меѓународно признаена, ваквите простори или зони се доминирани, но и фрагментирани од системот на локалните милиции, на платен список од поголема соседна сила или не, а нивната окупација произлегува од произволни правила без никаква законска гаранција за населението што живее таму и често без никаков надворешен набљудувач. Затоа тие го формираат она што може да се нарече „простори или зони на исклучување“.[v] Надвор од Блискиот Исток, прво на ум нѝ паѓа случајот со украинските сепаратистички републики – т.н. Донечката Народна Република и онаа на Луганск, кои се под контрола на големата и силна соседна Русија. Или, во Машрек, сирискиот џеб на Идлеб, контролиран од локалните исламистички фундаменталистички групи. Како повеќе подложни на геополитички флуктуации и пресврти, зафатени од силна институционална нестабилност, ваквите зони, кои не се меѓународно признати, обично имаат краток век на траење.
На Блискиот Исток, тежината на историјата придонесува за политичка инструментализација на териториите. Од крајот на XIX век, француските и британските мандатски сили не се двоумеле еднострано да ги исцртаат локалните граници и да ги користат териториите, под нивен мандат, како што сакаат, според нивните колонијални интереси: од пазарењето за поморски пристап на Ирак во функција на британските дипломатски императиви во Кувајт и Саудиска Арабија, па сè до донацијата од Франција на Турција под Кемал Ататурк на регионот на Искендерун (Александрета) ампутиран од Сирија, со цел да се обезбеди беневолентна неутралност на Анкара за време на Втората светска војна.
Со независноста, тешко може да се заборават, значи, израелските територијални амбиции на палестинските, сириските и египетските земји, бидејќи тие го етаблираа владеењето на најсилниот во играта на меѓународните односи на Блискиот Исток. Од своја страна, мнозинството арапски режими не ги кријат обидите за „национализирање“ територии населени со малцинства (Курдите во Ирак, Турција, Иран и Сирија; Сахаравите во Мароко), на штета на правата на вториве и покрај легитимните идентитетски и територијални барања. Накратко, современите напори за грабеж на пограничните простори не произлегуваат од ништо.
Периодот на Студената војна ја наметна идејата за потчинување на одредени територии кон поголемите стратешки планови, повлекувајќи го населението далеку зад приоритетите на владите, и на Северот и на Југот на глобусот. Иако најиндикативниот случај беше советската окупација на Авганистан во 1980 година, Јемен исто така го понесе товарот на овој глобален поредок, при што социјалистичкиот Јужен Јемен трпи територијални напади од Саудиска Арабија уште од доцните 1960-ти. Во помала мера, израелската окупација на јужен Либан во 1978 година беше дел од оваа конфронтација Исток-Запад, што ја удвои поделбата меѓу палестинската револуционерна борба, обележана со социјалистичките идеали, и државата Израел, поддржана од САД. И покрај гласањето на резолуцијата на ОН за осуда на ова територијална повреда, Израел ја заврши оваа операција, кога се повлекуваше од Либан, со предавање на граничниот појас длабок десет километри на т.н. Армијата на Јужен Либан (СЛА) – либанска милиција финансирана од Тел Авив со задача да служи како тампон зона меѓу фундаменталистите и Израел. По 1982 година, динамиката Исток-Запад избледе во еден конфликт, а кој се претвори во национално-ослободителна борба наскоро да биде монополизирана од шиитското движење Хезболах. Затворено, одвоено од Либан со воена граница и направено сателит од страна на Израел, населението на јужен Либан живее 22 години под јаремот на една сила која воспостави политички поредок заснован на соработка, самоволие и страв. Во срцето на оваа тампон зона, затворот Киам – каде што палестинските и либанските активисти беа затворени без судење и систематски мачени – го симболизираше овој систем надвор од секоја јурисдикција и правен систем.
Друг затворен простор, оној на Газа, е во првите редови на регионалната сцена, уште од 2000-тите. И овде, локалното население земено како заложник ја плаќа цената за мерката што го комбинира територијалното напуштање од страна на Израел по 2005 година со просторното ограничување, вклучително и со поморската зона под израелска блокада. Со секоја воена конфронтација (2008, 2012, 2014, 2021), повторно го откриваме неверојатниот политички острацизам и нехуманите санкции кои осиромашуваат, го блокираат развојот и деградираат локално население од два милиони. Одбивањето на Западот да контактира со политичките актери во Газа – опишани како „терористи“ – овозможуваат премолчено да се одобрува системот на санкции што се граничи со колективно казнување, практика која е осудена со меѓународното право. Така, овој интерстицијален простор се појавува како еден вид израелско-западна заедничка конструкција што ја прави оваа територија како затвор на отворено.
Во Сирија, од народното востание во 2011 година, националната територија стана фрагментирана со неколку интерстицијални погранични зони, а како резултат на локалните борби за моќ меѓу внатрешните и меѓународните актери, од кои секој има свои сопствени цели. Како индикативен и најпубликуван случај, турската окупација на територијалниот појас во непосредна близина на нејзината јужна граница започна во 2016 година со операцијата „Штитот на Еуфрат“, а потоа продолжи, во следните години, со две други инвазии со официјална цел да се одбијат радикалните фундаменталисти на Организацијата на Исламската држава. Неофицијално, пред сè станува збор за фактот дека Анкара се бори против конституирањето на курдска автономна територија под контрола на Партијата на Демократската унија (ПЈД), блиска до турската Работничка партија на Курдистан (ПКК), така создавајќи дисконтинуитет меѓу курдските зони во Сирија, притоа отсекувајќи ги од нивната заднина во Турција. Тампон зоната, создадена на тој начин под контрола на турската армија, делумно и беше доверена на локалната милиција финансирана од Анкара, составена од поранешни борци на Слободната сириска армија (ФСА) и поранешни џихадисти. Ова резултираше со бројни изнуди и малтретирање на курдското цивилно население што живее во зоната, бидејќи ова е добра илустрација за слабата регулација на оваа интерстицијална територија, нејзината нестабилност, како и препуштањето на нејзините жители на добрата волја на креаторите на оваа зона.
Истиот стандард на систем на исклучување, со напуштање и затворање, постои во пограничната зона создадена и контролирана од САД околу сириско-јорданскиот граничен премин Ал-Танф, каде се наоѓа сирискиот бегалски камп Рукбан. ОН тука немаат пристап и може да влезе само сирискиот Црвен крст (поврзан со сирискиот режим). Во 2016 година Јордан го затвори граничниот премин, кој беше прогласен за воена зона, но продолжи да го снабдува кампот со храна, повремено и без да им дозволи на неговите жители да бараат засолниште во Јордан. Препуштени сами на себе, на милост и немилост на стратегиите на миграциското задржување на некои и безусловно потчинување на други, неколку бегалци немаа друг избор освен да стигнат до областа контролирана од сириската влада со ризик да завршат во затвор.
Од друга страна, безбедните зони воспоставени со процесот од Астана (2017), спонзориран од Русија, Турција и Иран, формираа толку многу територијални енклави, каде опозицијата на сирискиот режим беше ограничена, преку разни т.н. хуманитарни џебови. Сепак, руско-сириските стратешки планови беа повеќе насочени кон нивно изолирање на едни од други, а со цел посилно да ги намалат на воен план. Единствен исклучок е џебот Идлеб, во кој живеат дури три милиони луѓе, и каде владее територијален статус кво поради неговата географска локација на границата со Турција. Анкара преговараше со Русија да не ги премине границите во однос на нападите врз овој џеб, особено од воздух, и одбива да види масовен прилив на сириски бегалци на нејзина територија во случај на офанзива на лојалистите во зоната. Земен во заложништво од регионалните сили во сложената игра на пошироко влијание, овој интерстицијален простор сепак покажа дека неговите исламистички актери развиваат систем на владеење, па дури и со план на отвореност кон Западот, особено преку репресирање на најрадикалните џихадистички локални фракции.[vi]
Конечно, во Ирак, новиот Устав од 2005 година во својот член 140, го споменува постоењето на „спорни територии“ меѓу ирачките власти во Багдад и властите на Курдската регионална влада (КРГ). Со површина од околу 30.000 км2, овие зони, населени со Курди, Арапи и различни малцинства, од 1960-тите се подложени на политиката на насилна арапизација од страна на режимот во Багдад, со цел да се заробат големите резерви на нафта и гас, кои се наоѓаат под земјата. И покрај враќањето на курдското население прогонето од режимот на Садам Хусеин во другите делови на земјата и уставниот механизам кој нуди територијално решение засновано на локален референдум, ирачките и курдските власти, сепак, покажаа мала желба да најдат заеднички јазик, експлоатирајќи ги локалните идентитети за свои политички цели. Оваа територијална хибридност, имаше штетни последици: КРГ беше во можност да ги експлоатира нафтените ресурси таму со заобиколување на владата во Багдад и потоа да ја воспостави својата управа, а по ирачкото повлекување пред трупите на Организацијата на Исламската држава (ИСО). Ваквата територијална фрагментација на Ирак, придонесе за појавувањето на локални милиции или паравоени формации – кои го штитат локалното цивилното население – поддржани од регионалните сили (Турција, Иран) или антагонистичките курдски групи.
Интерстицијалниот простор е пред сè прашање на борба меѓу поголемите ривалски актери, подготвени да ги инструментализираат локалните актери уште подиректно, бидејќи засегнатите територии содржат големо природно богатство, а кое може да се експлоатира. Ненадејниот развој на таквите локални погранични простори или зони, е поврзан со стратегии овозможени со две структурни динамики, а што сега влијаат на Блискиот Исток: од една страна, ширење на регионален „хетерархиски“ систем, односно со повеќекратни и хетерогени центри на моќ; и, од друга страна, фаза на интеррегнум меѓу големите сили, плод на рецентниот американски дезангажман.[vii] Ова сценарио може доста добро да се примети во контекст на политичкото и територијалното потврдување на сириските курдски региони (Роџава), во американското користење на антитероризмот против ИСО, преку напуштање на овие простори кои станаа жртва за време на американското повлекување и безбедносниот одговор што Турција го даде како реакција на нивното постоење на нејзиниот праг. Но, и покрај се, сириските Курди ги користат своите капацитети за самоорганизирање. И нивното потврдување на идентитетот – нешто кое тешко да биде сведено само на моментална блиц појава – има тенденција да создаде нова географска поделба во дефиницијата на една идна Сирија. Овој обид ја илустрира можеби најперспективната верзија на употребата на интерстицијалните простори и зони, а во контекст на прераспределба на моќта.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Amaël Cattaruzza, « Zones grises et interstices durables de la carte politique ? Relecture critique d’un concept géopolitique », Bulletin de l’Association des Géographes français, Париз, n° 1, 2012 г.
[ii] Сп. Lionel Beehner, Gustav Meibauer, « The Futility of Buffer Zones in International Politics », Orbis, Филаделфија, vol. 60, n° 2, 2016 г.
[iii] Сп. Noam Leshem, Alasdair Pinkerton, « Re-inhabiting No Man’s Land: Genealogies, Political Life and Critical Agendas », Transactions of the Institute of British Geographers, Лондон, 2015 г.
[iv] Сп. Daniel Meier, « No Man’s Land et zones grises », во: Anne-Laure Amilhat-Szary et Grégory Hamez (sous la dir.), Frontières, Armand Colin, Coll. „Capes Agrégation“, Париз, 2020 г.
[v] Giorgio Agamben, Homo Sacer. Sovereign Power and Bare Life, Standford University Press, 1998 г.
[vi] Sultan al-Kanj, « HTS Leader Shocks Popular Base after Interview with Western Journalist », Al-Monitor, 7 февруари 2021 г.
[vii] Сп. Raffaella Del Sarto, Helle Malmvig, Eduard Soler i Lecha, Interregnum: the regional order in the Middle East and North Africa after 2011, Middle East and North Africa Regional Architecture (MENARA) final report, n° 1, февруари 2019 г.