Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Со репресија против народното незадоволство

Во Колумбија, расте опсесијата на владата со „внатрешниот непријател“

Инициран од владата на Клинтон во 1999 г., значително проширен во времето на Буш и продолжен во мандатите на Обама и Трамп, Планот за Колумбија – преименуван потоа како За мир во Колумбија, за време на Мировните разговори во 2015 г. – е меѓу најсилните билатерални односи засновани на безбедност на САД.

Од Лола Ален и Гијом Лонг


Фото: Ricardo Gomez Angel / Unsplash

Демонстрациите кои избувнаа во цела Колумбија беа предизвикани од предлог-законот за даночна реформа што беше претставен од владата на претседателот на Колумбија Иван Дуке (мандат 2018-2022 г.) на 15.04.2021 г. Претседателот Дуке прокламираше дека предлог-законот за данок ќе собере 6,4 милиони долари и ќе помогне да се намали фискалниот дефицит на Колумбија, кој треба да достигне 8,6% од БДП во 2021 г. (пораст од 7,6% во 2020 г.), спасувајќи 2,8 милиони луѓе од сиромаштија и ќе помогне да се формира фонд за решавање на последиците од глобалните климатски промени1.

Предлог-законот, во меѓувреме, стана широко непопуларен и почна да се соочува со отпор од целиот политички спектар. Ден по неговата објава, најголемиот синдикат на Колумбија, ЦУТ (Central Unitaria de Trabajadores – Централната унија на трудбениците), ја отфрли предложената даночна мерка, дури и нарекувајќи ја „напад врз економската стабилност на средната класа и групите со ниски примања“ и повика општ национален штрајк да се одржи на 28.04.2021 г. Штрајкот доби поддршка од широка коалиција на разни социјални движења.

Дури и центристички политички групации како што е Партијата на У (Partido de la U), партијата на поранешниот претседател Хуан Мануел Сантос (мандат 2010-2018 г.) и на Либералната партија (Partido Liberal), се согласија дека предлог-законот ќе ги „погоди енормно ранливите Колумбијци чии средства за живот веќе ги испумпа пандемијата2“. Некои меѓународни критичари го нарекоа предлог-законот „регресивна даночна реформа наменета за финансирање на отплата на обврските на Колумбија за надворешниот долг и одржување на нејзиниот меѓународен кредитен рејтинг“3.

Штрајкот се претвори во големи народни протести. Во основата на несогласувањата околу предлог-законот, се криеја поплаки закопани со години. Извештајот на државниот завод за статистика од 29 април покажа дека дури 45% од Колумбијците живеат под прагот на сиромаштија, а кое претставува раст од 10% во однос на 2020 г. и 15% во екстремна сиромаштија4. Претседателот Дуке, кој брзо ја губеше контролата над зовриената ситуација, конечно се реши да го повлече предлог-законот во неговото претседателско обраќање на 02.05.2021 г., пред ТВ камерите. Неговиот министер за финансии, Алберто Караскилја, поднесе оставка уште следниот ден. Но, ниту овие два потега не успеаја да го смират гневот на народот. Демонстрантите беа пречекани од бесни борбени полициски сили кои започнаа смртоносен бран на репресија. Незадоволството од народот во врска со предлог-законот за даночна реформа отстапи место на незадоволство од насилството направено во име на државата.

Педро Пиедрахита, политиколог од Универзитетот во Меделин, нотира дека „органите за јавна безбедност на Колумбија сè уште работат според анахронистички доктрини на антикомунизам, на внатрешен непријател, и како такви на демонстрантите не се гледа како на граѓани, туку како на легитимна воена цел5“. Мрежите на социјалните медиуми широко циркулираат слики од одредот за борба против демонстрации ЕСМАД (Escuadrón Móvil Anti Disturbios – Мобилен ескадрон против безредие) како насилно и безмилосно напаѓа граѓани6. ИНДЕПАЗ (INDEPAZ), добро познат Институт за студии за развој и мир во Колумбија, забележа 47 смртни случаи, вклучувајќи еден полицаец, 548 исчезнати, 963 произволно приведени и 12 случаи на сексуално насилство7.

Овие бруталности предизвикаа голем број меѓународни осуди, вклучително и на 04.05.2021 г. од страна на портпаролот на Високиот комесаријат на Обединетите нации за човекови права, кој бил „длабоко вознемирен“ од настаните8. Заменик-портпаролот на Стејт департментот на САД издаде повоздржан одговор кој се однесува на „вандализам“ и повика на „најголема воздржаност од јавните сили за да се спречи дополнителна загуба на живот9“. Во своите забелешки на 04.05.2021 г., за време на 51-та Годишна конференција за Америките во Вашингтон, американскиот државен секретар Антони Блинкен ги осуди Венецуела, Куба, Никарагва, па дури и Хаити како проблематични земји во однос на демократијата или човековите права, но не ја спомна Колумбија во овој контекст10.

Претседателот Џо Бајден уште од самиот почеток јасно стави до знаење дека неговата влада ќе продолжи да ја смета Колумбија како „столб на американската политика во Латинска Америка и Карибите“. За време на неговата претседателска кампања, Бајден ја доби поддршката од латиноамериканските гласачи во Флорида – вклучително и на локалните Американци по потекло од Колумбија, изјавувајќи ја неговата поддршка за продолжување на остра, конзервативна политика, фокусирана на безбедноста во Колумбија. Во еден флоридски весник, тој напишал: „Јас уште од самиот почеток го поддржав Планот за Колумбија и обезбедив двопартиска поддршка за негово усвојување во Конгресот. (…) По сè што е кажано, тој е еден од најуспешните – и двопартиски – надворешнополитички зафати во последниот половина век11“.

Како што се покажа, ова и не беше претерување. Инициран од владата на Клинтон во 1999 г., значително проширен во времето на Буш и продолжен во мандатите на Обама и Трамп, Планот за Колумбија – преименуван потоа како За мир во Колумбија, за време на Мировните разговори во 2015 г. – е меѓу најсилните билатерални односи засновани на безбедност на САД. Со децении Колумбија е најголем примател на американска воена помош и еден од најголемите купувачи на американска воена опрема на западната хемисфера. Нејзиниот најголем подвиг е проширување на моќен воен сојуз меѓу колумбиската и американската војска што вклучува присуство на американски воени „советници“ и разни договарачи и лиферанти во Колумбија, заеднички воени операции, ефективна употреба на американски произведени комплети за наведување со ГПС инсталирани на колумбиска муниција така што локалните герилски водачи можат да бидат мета на американски „паметни бомби“, и поддршка од Националната агенција за безбедност на САД (НСА) за прислушување и хакирање во Колумбија. САД плаќаат на колумбиските војници да држат обука на безбедносните сили во десетици земји12. Треба да се спомне и дека Амбасадата на САД во Богота е сè уште едно од најголемите комплекси на една американска амбасада во светот13. Колумбија е сè уште единствениот „партнер“ на НАТО во Латинска Америка и Карибите14.

Ако Бајден често ги воздигнува доблестите на американските двопартиски безбедносни односи меѓу САД и Колумбија – и честопати ја истакнува сопствената улога во зацврстувањето на истите – тој е далеку помалку гласен за последиците од овој однос врз човековите права. Понатаму, декларираната намера на Бајден да раскине со политиката од ерата на Трамп и да ги стави „демократијата и човековите права“ во центарот на надворешната политика на САД, се чини дека е неспоива со сегашното статус кво. Експлицитната поддршка на Бајден за Колумбискиот мировен договор од 2016 г. е исто така некомпатибилна со непрекинатите обиди на колумбискиот претседател Дуке да го саботира мировниот договор15.

Како штитеник на поранешниот претседател Алваро Урибе (мандат 2002-2010 г.), Дуке е решително против Мировниот договор од 2016 г. Целосната незаинтересираност на Трамп за Мировниот договор во Колумбија му даде на Дуке одврзани раце; особено затоа што Дуке можеше да го искористи својот придонес во неколкуте обиди на САД за соборување на претседателот Николас Мадуро во Венецуела, главен приоритет за владата на Трамп.

За да го ослабне Мировниот договор од 2016 г., Дуке ги скрати средствата до ниво на неговите најосновни компоненти, вклучувајќи ја и Специјалната надлежност за мир (Jurisdicción Especial de Paz – ЈЕП), правниот механизам одговорен за преодна правда, вистина и национално помирување во Колумбија. Во 2019 г., приврзаниците на Дуке во Конгресот на Колумбија се обидоа значително да ги ограничат овластувањата на овој правен механизам. Во 2020 г., поранешниот претседател на Колумбија Урибе предложи референдум, со едно прашање со кое се бараше реформа или дури и укинување на ЈЕП како таков16. Ако ЈЕП издржа, тоа е благодарение на законодавната и меѓународната поддршка што ја има овој правен механизам за помирување во Колумбија. Треба да се истакне дека особено Меѓународниот кривичен суд е силен поборник на ЈЕП, а неговиот заменик-обвинител Џејмс Стјуарт го нарече „иновативен систем што може да биде модел за светот“17.

Што се однесува до грижата на Бајден за човековите права, Колумбија претставува парадигматски случај. Само во текот на минатата година, ИНДЕПАЗ пресмета вкупно 91 масакр, со 384 изгубени животи18. Во април 2021 г., Мисијата за верификација на ООН во Колумбија јавно обвини дека 262 поранешни герилци на ФАРК, потписници на мировниот договор, биле убиени од потпишувањето на Мировниот договор во 2016 г., и покрај фактот дека една од клучните владини обврски во договорот е должноста да се даде безбедносна заштита на поранешните герилци19. ЈЕП се пожали во неколку наврати дека „напорите на Владата и другите државни субјекти да се избегнат нови атентати врз поранешни борци на ФАРК се недоволни“20.

За да се направи непопустлив кон дрогата за домашната публика, Трамп исто така ја притисна Колумбија да ги засили своите напори за искоренување на посевите со илегалните култури, со какви било можни средства. „Ќе мора да прскаш“21, изјави Трамп, осврнувајќи се на обновувањето на воздушното прскање со глифосат, силен хербицид, суспендирано од Светската здравствена организација од 2015 г., врз основа на здравствени и еколошки причини. Дуке ќе беше пресреќен да го стори ова, но беше спречен поради немање на дозвола од Уставниот суд на Колумбија. Авионската фумигација би прекршила и клучен дел од Мировниот договор од 2016 г22.

Стратегијата на Дуке беше да се обиде да ја убеди американската влада дека неодамнешното зголемување на производството на дроги во Колумбија е резултат на пермисивноста на Мировниот договор. Но, ако криминалните организации, вклучително и мексиканските нарко картели, направија важен упад во Колумбија, тоа најмногу се должи на неуспехот на сегашната влада да го пополни вакуумот што го оставија герилците. Инсистирањето на Дуке за присилно искоренување на посевите со илегалните култури, што ги охрабрува производителите да бараат заштита од криминалните организации и занемарувањето на програмата за замена на земјоделските култури, исто така, беа главните фактори во неуспехот да се намали недозволеното производство на кока23.

Дуке исто така се залагаше за крај на мировните преговори со ЕЛН (Ejército de Liberación Nacional – Армија на национално ослободување) Во јануари 2019 г., ЕЛН гранатираше една полициска академија, предизвикувајќи смрт на 21 човек. Националниот гнев му обезбеди легитимитет на Дуке да стави крај на разговорите. Потоа тој побара од Куба, каде се водеа преговорите, да ги предаде членовите на делегацијата на ЕЛН, за да им судат за тероризам во Колумбија. Куба ова го одби со образложение дека со тоа ќе се наруши протоколот за преговори потпишан од сите страни24. Нејзината одлука беше поддржана и од Норвешка, една од гарантите25. Но, одговорот на Куба му овозможи на Трамп да ја врати на американската листа на државни спонзори на тероризмот, откако Обама претходно ја отстрани од списокот. Така, барањето за екстрадиција поднесено од колумбискиот претседател Дуке отиде во полза на претседателската кампања на Трамп во Флорида, каде што суровите мерки против кубанската влада се одлично прифатени од локалното гласачко тело26.

Врската Дуке-Трамп се одвиваше длабоко. Партијата на Дуке, Демократскиот центар (Centro Democrático), отворено ја поддржа кандидатурата за реизбор на Трамп. Поранешниот претседател на Колумбија Урибе учествуваше во предизборните настани, инсистирајќи на својата порака за заканата од ширење на „кастро-чавизам“, додека републиканците од Флорида предупредуваа дека САД дури можат да станат и жртви на социјализмот. Ова го натера американскиот амбасадор во Богота, Филип Голдберг, јавно да предупреди дека „успехот на односите меѓу САД и Колумбија во текот на многу години се заснова на американската двопартиска поддршка (…) Ги повикувам сите колумбиски политичари да се воздржат од вмешаност во изборите во САД“27. Свежа од успехот на Флорида, колумбиската крајна десница подоцна ќе интервенира на претседателските избори во Еквадор во 2021 г., за да помогне да се спречи победата на левичарот Андрес Арауз28.

Некои од природните сојузници на Бајден, како што се главните организации за човекови права и тинк-тенковите критички настроени кон ерозијата на мирот форсирана од Дуке и бруталниот одговор на неодамнешните социјални протести, ќе го натераат да го смени курсот во Колумбија. Разни демократски членови на американскиот Конгрес, исто така стануваат, сè поактивни. Во јули 2020 г., 94 демократски членови на Претставничкиот дом на САД потпишаа отворено писмо до Мајк Помпео во кое ја изразуваат својата крајна загриженост за мировниот процес во државата Колумбија29. Некои од овие конгресмени остро ја осудија репресијата на неодамнешните народни протести.

Постои очигледна неконзистентност помеѓу заложбата на Бајден за нови односи со Латинска Америка и извлекувањето во прв план на една веќе застарена доктрина за безбедност што ја поткопува секоја значајна посветеност кон демократијата и човековите права.

Владата на Дуке ќе продолжи да ги прикажува протестите како дел од меѓународниот заговор. Колумбиската министерка за надворешни работи Клаудија Блум објави видео на англиски јазик, во кое тврди дека „Сенаторот Петро [веројатен претседателски кандидат во 2022 г.], со помош на претседателот Николас Мадуро и нарко-терористичките групи, ја искористија оваа ситуација и ги организираа овие умислени урбани терористички напади, со плаќање на луѓе да излегуваат на улица за да ги тероризираат и вандализираат градовите“30.

Дуке ќе сака да го убеди Бајден дека тој е најпосветениот и најсигурен адут таму каде што е важно: крстоносната војна на САД против Венецуела. Дури и на штета по мирот во регионот, тој исто така жестоко ќе се спротивстави на секој договорен исход од кризата во Венецуела.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти: 

  1.  Latin American Newsletters, Latin American Weekly Report, 22.04.2021.
  2.  Ibid.
  3. https://progressive.international/wire/2021-05-05-sos-colombia/en
  4. https://www.dane.gov.co/files/investigaciones/condiciones_vida/pobreza/2020/Presentacion-pobreza-monetaria_2020.pdf
  5. https://www.theguardian.com/global-development/2021/may/04/colombia-protests-violence-deaths-missing-un
  6. https://twitter.com/DeCurreaLugo/status/1389459283746729986
  7. http://www.indepaz.org.co/cifras-de-violencia-policial-en-el-paro-nacional/
  8. https://www.ohchr.org/EN/NewsEvents/Pages/DisplayNews.aspx?NewsID=27054&LangID=E
  9. https://www.state.gov/briefings/department-press-briefing-may-4-2021/
  10. https://twitter.com/StateDept/status/1389639734394298369
  11. https://www.pressreader.com/usa/south-florida-sun-sentinel-sunday/20201011/281809991365287
  12. https://www.foxnews.com/world/u-s-funds-colombian-training-of-central-america-security-forces-documents-show
  13. https://www.washingtonpost.com/sf/investigative/2013/12/21/covert-action-in-colombia/?wpisrc=al_national
  14. https://www.nato.int/cps/en/natohq/search.htm?query=Latin+America&submitSearch=
  15. https://colombiareports.com/biden-increases-pressure-on-duque-with-explicit-support-for-colombias-peace-process/
  16. https://www.eltiempo.com/politica/proceso-de-paz/como-es-el-referendo-para-derogar-la-jep-propuesto-por-uribe-542961
  17. https://www.elpais.com.co/colombia/la-jep-es-un-sistema-pionero-que-puede-ser-referente-para-el-mundo-asegura-la-cpi.html
  18. http://www.indepaz.org.co/informe-de-masacres-en-colombia-durante-el-2020/
  19. https://colombia.unmissions.org/sites/default/files/2103819e_0.pdf
  20. https://www.jep.gov.co/Sala-de-Prensa/Paginas/JEP-advierte-que-sigue-desarticulaci%C3%B3n-entre-entidades-del-Gobierno-para-evitar-asesinatos-de-firmantes-del-Acuerdo-de-Paz.aspx
  21. https://www.foxnews.com/world/trump-colombia-cocaine-spray-coca-crops
  22. https://www.crisisgroup.org/latin-america-caribbean/andes/colombia/87-deeply-rooted-coca-eradication-and-violence-colombia
  23. https://www.crisisgroup.org/latin-america-caribbean/andes/colombia/87-deeply-rooted-coca-eradication-and-violence-colombia
  24. https://www.iris-france.org/129192-colombie-vers-une-nouvelle-situation-de-guerilla/
  25. https://norwaytoday.info/news/norways-foreign-minister-criticizes-trump-administration-over-cuba-decision-unreasonable/
  26. https://www.reuters.com/article/us-usa-cuba-terrorism-list-idUSKBN29G1Y9
  27. https://www.latimes.com/politics/story/2020-11-01/colombia-far-right-support-trump-florida
  28. https://www.elespectador.com/noticias/politica/congresistas-llaman-la-atencion-a-fiscal-barbosa-por-intromision-en-elecciones-ecuatorianas/
  29. https://mcgovern.house.gov/uploadedfiles/colombia_2020_-_final_-_hr_defenders_in_time_of_covid-19.pdf
  30. http://lalineadelmedio.com/lacancillerblumcirculavideoqueacusaapetrodeterrorismo/

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW