Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Во Јемен, толку драгоценото Муслиманско братство

Партијата Ал-Ислах, често опишувана како јеменски огранок на Муслиманското братство, е неопходна воена сила во таканаречениот „лојалистички“ блок, кој се бори против Хутите од 1994 година. Но, ветерот почнува да дува од друга страна. Изгледите за трајно враќање на мирот и волјата на Обединетите Арапски Емирати да го маргинализираат ова движење, го ставаат во дефанзива, политички и воено.


Од Халед Ал-Халед и Адлин Мохамеди*
*Новинар и истражувач во Центарот за стратешки истражувања АЕСМА; Научен директор на АЕСМА


Фото: Kira Schwarz/Pexels

Вниманието на медиумите на политичката ситуација во Јемен најчесто е насочено кон бунтот на Хутите и војната против нив од страна на коалицијата предводена од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.[i] Ако ги споменеме сепаратистичките сили на југот или џихадистичките фракции поврзани со Ал-Каеда, ние ја поткопуваме, од друга страна, улогата на Јеменското собирање за реформи (Ал-Ислах), партија често опишувана како јеменски огранок на Муслиманското братство, која одржува двосмислени и напнати односи со Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

На крајот на декември 2021 година, Ријад испрати два контрадикторни сигнали до својот наводен сојузник. Од една страна, саудискиот амбасадор во Јемен, Мохамед Ал-Џабер, примаше партиска делегација со наведената цел за „сплотување на редовите“ против „милициите на Хутите“. Од друга страна, Хасан Ал-Шехри, прекумерно медиумски експониран саудиски коментатор и познат како близок до владата, беше – на ТВ каналот Скај њуз Арабија на ОАЕ – особено суров и заканувачки кон оваа формација, при тоа осврнувајќи се и на нејзините врски со Муслиманското братство (сметано за „терористи“ од Ријад и, пред сè, Абу Даби). Оваа случајност ја открива нејасноста на саудиската позиција: помеѓу потребата за и отфрлањето на Ал-Ислах; меѓу зависноста со Ал-Ислах на јеменска почва и стратешкиот сојуз со ОАЕ на регионален план. Ова се случува во контекст кога коалицијата – формирана од саудискиот престолонаследник Мохамед Бен Салман, во 2015 година, со цел да се стави крај на Хутите само за неколку недели – конечно се најде во воен ќор-сокак и се сведе само на еден обид, што сочинува ништо повеќе од саудиско-емиратски пар со многу несовршена кохезија.[ii]

Во есента 2021 година, кога Хутите се втурнаа во регионот Мариб, војската и племенските водачи блиски до Ал-Ислах јавно ја критикуваа стратегијата на коалицијата, верувајќи дека таа ги привилегира сопствените интереси на штета на оние на јеменскиот народ. Како одговор на тоа, Ријад и Абу Даби одлучија да ги прекинат бомбардирањата против Хутите за неколку дена, а пред да ги продолжат откако гувернерот на Мариб, Султан Ал-Арада, племенски водач и поддржувач на Ал-Ислах, даде послушна изјава за Саудијците и Емиратите.

Овие настани, кои можеби изгледаат анегдотично, ја одразуваат комплексноста на односот помеѓу Ал-Ислах и владата на Ријад. Да се потсетиме, дека Саудиска Арабија е одговорна за генезата на милитантното исламистичко движење во Северен Јемен. Навистина, Ал-Ислах – официјално формиран во 1990 година – е делумно резултат на паралелниот образовен систем, на т.н. „Научните институти“ (Маахид илмија), финансирани од монархијата и векторите на вахабистичкиот радикален ислам во Јемен, уште од 1970-тите. Подетално, Ал-Ислах претставува точка на приближувањето на влијанието на тројца актери: Саудиска Арабија, се разбира, но и Муслиманското братство – особено со доаѓањето, од крајот на 1960-тите, на многу египетски, сириски и судански учители често обележани со оваа сунитска транснационална идеологија и, конечно, локалните племиња. Тука треба да се спомне и поглаварот на племенската конфедерација Хачед, извесниот Абдала Ал-Ахмар, кој го основаше Ал-Ислах во 1990 година, заедно со верскиот фундаменталистички водач Абделмаџид Ал-Зиндани, кој исто така го основаше т.н. Универзитетот Ал-Иман („верата“), познат по својата улога во промовирањето на  џихадот.

И покрај овие врски и значителната финансиска поддршка на Саудиска Арабија за исламистичкото движење, Ријад и Ал-Ислах двапати се најдоа во спротивставени блока. Прво, за време на граѓанската војна во 1994 година. Додека првите ги поддржуваа јужните сецесионисти, вторите ја предводеа војната што ја водеше претседателот Али Абдула Салех (претседател на Северен Јемен од 1978 до 1990 година и претседател на Обединет Јемен од 1990 до 2012 година). Потоа, кога „Арапската пролет“ во 2011 година му понуди на Ал-Ислах можност да ја истакне својата реформистичка, дури и револуционерна димензија, на големо изненадување на саудиската туторска власт. Искористувајќи го народното востание, „братската“ партија чија тежина во парламентот беше систематски намалена (околу педесет места од вкупно 301), сметаше дека конечно е дојден нејзиниот ред да ја преземе целосната власт и дека е време да се ослободи од претседателот Салех и неговата партија, Генералниот народен конгрес (ГПЦ).

Во првите месеци од 2011 година, ова востание, кое се одвиваше во еден поопшт револуционерен контекст, ја изненади контрареволуционерната Саудиска Арабија, иако истава, на крајот, ќе придонесе за соборување на Салех во 2012 година. Ова исламистичко движење потоа, на поширок план, се вклопи во Муслиманското братство во останатиот дел од арапскиот свет. Со тоа, спорот е поддржан од сојузниците на Ријад: заменик-водач на Ал-Ислах и син на шеикот Абдула, Хамид Ал-Ахмар; контроверзниот директор на Универзитетот Ал-Иман, Абделмаџид Ал-Зиндани (духовниот татко на Ал-Ислах); но и од исламистичката личност на армијата, генералот Али Мохсен Ал-Ахмар (кој ќе се префрли на страната на револуционерите на 20 март 2011 година).[iii]

Во овој период, Абдрабо Мансур Хади, претседател на Генералниот народен конгрес (ГПЦ), го отпушти Салех и, потоа го наследи на функцијата. Но, всушност, Ал-Ислах има значајно место во јеменските власти и Хамид Ал-Ахмар, реално, станува највлијателен човек во земјата. Помеѓу 2011 и 2013 година, тој беше дури и генерален секретар на Подготвителниот комитет за Конференцијата за национален дијалог во Јемен. Но, Салех – кој ја задржа контролата врз дел од армијата по неговото заминување – не го кажа својот последен збор во ќор-сокакот помеѓу него и  членовите на Ал-Ислах. Неговата одмазда се гледа во конвенционалниот сојуз со Хутите, а кои успеваат да ја заземат Сана во 2014 година.

Во однос на оваа епизода, два конкурентни наративи се спротивставуваат: поддржувачите на Салех, и денес, му го припишуваат овој пад на Ал-Ислах поради неговото лошо извршување на власта; исламистите го припишуваат на „предавството“ на Салех и неговите сојузници. Победата на Хутите на крајот ќе дојде на сметка на двете страни, бидејќи, по уште една промена на сојузот, Салех е убиен од бунтовниците Хути, додека поголемиот дел од локалните водачи на Ал-Ислах се принудени на егзил, на ист начин како и претседателот Хади. Хутите отидоа дотаму што ја презедоа одговорноста за востанието во 2011 година (во име на нивните минати бунтови), за кој тие тврдеа дека било узурпирано од страна на Ал-Ислах.

Во 2015 година, на ред е Ал-Ислах да биде изненаден од Саудијците. Кога саудискиот престолонаследник Мохамед Бен Салман, сега министер за одбрана на Саудиска Арабија, одлучи да интервенира воено против Хутите во Јемен, исламистичката партија не сакаше да го поддржи првично на хуманитарна основа. Во соопштението за печатот од 26 март 2015 година, тој првично изјави дека му е „жал“ за ситуацијата и се чини дека жали за бомбашкиот напад од Саудиска Арабија, кој резултираше со цивилни жртви. Сепак, на 2 април истата година, членовите на партијата беа киднапирани од страна на Хутите, кои ќе ги зголемат воените операции против Ал-Ислах. Следниот ден, партијата ја објави својата поддршка за интервенционистичката саудиска воена операција.

Денес, слободно може да се констатира, дека политичкиот пејзаж во Јемен претставува само еден збир на фрагментација. ГПЦ, противник на Ал-Ислах, како партија, е поделена на три струи: фракција предводена од Саудиска Арабија со која претседава Хади; друга фракција од кланот Салех која сега е под контрола на ОАЕ; и трета фракција која кохабитира со Хутите во Сана. Ал-Ислах, од своја страна, претставува и мрежа и движење чии елементи бараат одредена автономија додека се согласуваат за неколку точки: претежно сунитски ислам, и покрај она што истражувачот Френк Мермиер го нарече „еден процес на стандардизација на верските верувања и практики“ уште пред 1960-тите;[iv] реформизам; транснационална солидарност со други претставници на сунитски политички ислам; желба за усогласување на конзервативизмот и политичката современост; реторика фокусирана на народните барања.

Истовремено, некои личности познати по својата блискост со движењето, па дури и некои традиционални личности поврзани со партијата, одбиваат да се дефинираат себеси како членови на  Ал-Ислах, или на Муслиманско братство, или и двете. Интервјуиравме некои од нив, но сега во Истанбул: Хамид Ал-Ахмар (племенски и политички водач); Абдала Ал-Зиндани, син на Абделмаџид Ал-Зиндани (интелектуален и религиозен поддржувач); Хамуд Ал-Макхлафи (основач на „Народен фронт“ против Хутите во Таиз). Тројцата негираат каква било врска со Муслиманското братство и само првиот го прифаќа неговото членство во Ал-Ислах.

Исто така, геополитичкиот контекст е тој кој му дава кредибилитет на идентификувањето со исламистичкото движење независно од партијата: гореспоменатите личности, како и Мохамед Ал-Јадуми (лидер на партијата), живеат во истанбулскиот мегалополис и уживаат заштита од Турција, една од земјите која работеше најмногу за Муслиманското братство во контекст на „Арапската пролет“, особено во Египет и Сирија.[v] Овие интервјуирани личности исто така делат критички настроени погледи кон коалицијата, чија искреност на борбата против Хутите ја доведуваат во прашање. Овде повторно се појавуваат различни струи: „најлојалистичкото“ крило (најпро-саудиско) претставено од партијата; „критичкото“ крило (каде што би можеле да го ставиме Ал-Макхлафи), блиско до Турција и Катар; анти-саудиската струја (каде што го наоѓаме поранешниот лауреат на Нобеловата награда за мир Тавакол Карман, кој се дистанцираше од движењето, но останува блиску до Турција и Катар); конечно, и членовите на Ал-Ислах кои престојуваат во Сана, а се принудени на еден модус вивенди со Хутите таму.

Неподготвеноста на многу членови на Ал-Ислах да ја прифатат категоријата „Муслиманско братство“ – може да се објасни со стравот дека ќе бидат обвинети за радикален џихадистички тероризам. Формулирано повеќе од страна на Абу Даби, ова доведување во прашање е сфатено од оние кои се борат (војници, членови на милиции, џихадисти итн.) – како оружје кое има за цел да ги уништи политички. И некои високи кадри сметаат дека Саудиска Арабија понекогаш е чувствителна на ова обвинување поради инсистирањето на ОАЕ. Екс-претседателот на Јемен Хади – долго критикуван од Абу Даби поради доминантноста на овие радикални исламистички борци во неговите трупи и поради формалното присуство на Ал-Ислах во неговата влада и во сите сегменти на државата – тешко би можел да помине без вакво нешто. Од една страна, тој и бил персона нон грата на териториите под контрола на актерите спонзорирани од ОАЕ (Аден, во кој доминираат јужните сепаратисти). Од друга страна, тој им ги должеше неколкуте „лојалистички“ победи на трупите на  Ал-Ислах.

Политичката фрагилност на Ал-Ислах, односно постојаната закана да биде отфрлен од коалицијата или дури и да стане нејзина цел, затоа не смее да не натера да го заборавиме неговото значително влијание врз јеменското население, понекогаш дури и во областите контролирани од Хутите и јужните сепаратисти. Со други зборови, Ал-Ислах е истовремено и топовско месо на „лојалистичкиот“ блок и негов најсилен и највкоренет елемент во јеменското општество. Додека траеше војната против Хутите, Саудијците, за разлика од нивните емиратски партнери, мораа да ги поштедат овие најбројни исламистички борци на теренот, а кои претставуваат единствена идеолошка алтернатива на Хутите на северот од земјата.

Но, ситуацијата се чини дека се промени од 7 април, кога Хади го отстапи местото на „претседателскиот совет“ во кој доминираат личности блиски до Емиратите, големи победници во ова преуредување. Потпретседателот Али Мохсен Ал-Ахмар, патем, беше сменет во согласност со желбите на Абу Даби. Ниту еден официјален член на Ал-Ислах не е застапен во овој претседателски совет. Султан Ал-Арада, познат како близок до оваа партија, е секако присутен, но само како гувернер на клучниот регион: Мариб. Згора на тоа, надвор од примирјето меѓу Хутите и коалицијата по повод Рамазан, Саудијците се чини дека не се склони да ја продолжат војната во Мариб уште долго, на што укажуваат бројните повици за дијалог со Хутите, што секако би било на штета на Ал-Ислах. Дури и една Турција се впушти во стратешка преориентација – кон која мора да пристапиме со претпазливост – напуштајќи го својот став за исламски револуции и за отворена поддршка на Муслиманското братство од пред десет години во корист на своите билатерални односи – вклучувајќи ги и нејзините довчерашни противници, како што се Емиратите.[vi] Анкара би можела да ги жртвува членовите на Ал-Ислах засолнети на нејзина територија или да бара нивно повлекување од политичкиот живот во замена за финансиска компензација што можеби ќе ја обезбеди Катар. Сепак, нема индикации дека политичкото и военото влијание на Ал Ислах ќе исчезне од јеменската почва.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[i] Pierre Bernin, “Les chemins tortuses de la paix au Yémen”, “Fiasco saoudien au Yemen”, Le Monde diplomatique, 03/2019, 01/2021.

[ii]  « La stratégie saoudienne au Yémen : une impasse à toutes les échelles », Moyen-Orient, Areion group, Aix-en-Provence, n° 46, 04-06/2020.

[iii]  Laurent Bonnefoy, Le Yémen: De l’Arabie heureuse à la guerre, Fayard, Paris, 2017, p.113.

[iv] Rémy Leveau, Franck Mermier et Udo Steinbach (sous la dir.), Le Yémen contemporain, Karthala, Paris, 1999.

[v] Killian Cogan, « Istanbul, miroir d’un monde arabe fracturé », Le Monde diplomatique, 06/2021.

[vi] Marie Jégo, « Le président turc Erdoğan, isolé diplomatiquement, renoue avec les Émirats arabes unis », Le Monde, 15.03.2022.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW