Следните парламентарни избори ќе се одржат во Израел на 1 ноември, по петти пат за нешто повеќе од три години. Анкетите го потврдуваат подемот на националистичката десница со нејзините сојузници во религиозните ционистички формации – феномен особено видлив кај младите од 18-25 години. Проекциите даваат големо мнозинство од седумдесет и едно од сто дваесетто место на коалицијата предводена од г. Бенјамин Нетанјаху. Во рамките на коалицијата, „Sioniste religieux“ партија на г. Безалел Смотрич и „Otzma Yehoudite“ („Еврејска сила“), на Итамар Бен-Гвир, би добиле меѓу единаесет и четиринаесет мандати. Овој развој е резултат, меѓу другото, на вкоренувањето на религиозната националистичка идеологија во дел од израелското општество. Еден од главните промотори на овој тренд е никој друг туку израелско-американецот Јорам Хазони, кој го рашири помеѓу американските и европските ултрадесничари. Прифатена по објавувањето во септември 2018 година од американските конзервативни кругови, неговата книга „The Virtue of Nationalism“ („Доблеста на национализмот“) стана бестселер, преведена на околу дваесет јазици[1]. Тој одлучи да го напише две години порано, имајќи предвид дека национализмот е во пораст по гласањето за Брегзит во Обединетото Кралство и изборот на г. Доналд Трамп во САД. Тој стана референца за многу ултра-националисти ширум светот и се вели дека е основач на „доктрината на Трамп“ во надворешната политика[2]. Во Будимпешта тој има отворена врата во домот на претседателот Виктор Орбан, кој редовно го цитира.
Неговата теорија ги содржи повеќето елементи на интегралниот национализам на Шарл Маура, без антисемитизмот : отфрлање на универзализмот, на идеалите на просветителството и на принципите на Француската револуција ; сите прилагодени на современиот период. Според него, Европската унија би се карактеризирала со форма на империјализам мотивиран од нејзината желба да ја пресоздаде Светата Римска Империја. Што се однесува до Хитлер, според Хазони, тој не бил националист, туку империјалист.
Неколку месеци по објавувањето на книгата, сакајќи да удри додека железото е врело, г. Хазони ја основа Фондацијата Едмунд Бурк во Вашингтон, со цел „да го зајакне националниот конзерватизам на Западот и другите демократии“. Британскиот државник, Бурк беше водечки критичар на Француската револуција и „Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот“ во 1790 година. Копретседател на организацијата е г. Дејвид Блог, поранешен извршен директор на десетмилионската Американска организација Христијани Обединети за Израел.
Во јуни 2022 година, Фондацијата Бурк ја дефинираше својата идеологија со објавување манифест со наслов : „Национално-конзерватизам. Декларација за принципи[3]“. Францускиот читател ќе открие силен мирис на петаинизам, но повторно, со отсуство на антисемитски референци. Во преамбулата може да се прочита : „Сметаме дека традицијата на независни, самоуправни национални држави е неопходна основа за праведна јавна ориентација кон патриотизам, храброст, чест, лојалност, религија, мудрост и семејство, маж и жена, Шабат, разум и правда. Ние сме конзервативни затоа што сметаме дека овие доблести се суштински за одржување на нашата цивилизација.“ Членот 4, насловен „Бог и [јавната] религија“, предвидува : „Каде што постои христијанско мнозинство, јавниот живот треба да биде вкоренет во христијанството и неговата морална визија да се почитува од државата и другите јавни и приватни институции. Евреите и другите малцинства треба да бидат заштитени“.
Хезони го започна своето религиозно и идеолошко патување во Принстон, додека работеше на својата дипломска. Една вечер во пролетта 1984 година, рабинот Меир Кахане дојде да зборува пред двесте и педесет еврејски студенти. Основачот на Jewish Defense League (Еврејската одбранбена лига) (JDL), осуден за тероризам во Соединетите држави, неколку пати затворен во Израел за подготовка на напади против Палестинците, спикерот штотуку беше избран во Кнесетот на отворено расистичка листа. За Хазони тоа беше откровение : „Бевме како хипнотизирани. […]. Рабинот Кахане беше единствениот еврејски водач кој покажа интерес за нашите животи, кој дојде да ни каже што треба да правиме. Тој беше единствениот што се чини дека сфати колку сакаме добра причина да останеме Евреи[4]“.
Хазони објасни дека никогаш не ја прифатил насилната политичка визија на каханизмот, чиј основач беше убиен во 1990 година. Тој сепак ќе ја прифати неомесијанската теологија која Кахане ја дефинираше на следниов начин : „Да не заборавиме дека дојдовме во земјата на Израел за да воспоставиме Еврејска држава, а не држава од западен стил. Еврејските вредности, а не минливите западни вредности, мора да не водат. Ниту либерализмот, ниту демократијата, ниту таканаречената прогресивна визија не треба да одредуваат што е добро или лошо за нас[5].“
Пет години по состанокот во Принстон, предводејќи група американски семејства, со сопругата и нивните четири деца, тој им се придружил на основачите на населбата Ели во центарот на окупираниот Западен Брег. Додека работеше на својата дисертација по политичка филозофија, која ќе ја презентира во 1994 година на Универзитетот Рутгерс во Њу Џерси, тој се приклучува на редакцијата на Jerusalem Post, најголемиот израелски дневен весник на англиски јазик, кој штотуку се сврте надесно по неговото преземање од канадска новинарска група. Г. Дејвид Бар-Илан, главниот уредник, ги цени вештините за пишување на младиот израелско-американски доселеник и му обезбедува контакт со г. Бенјамин Нетанјаху, претседателот на Ликуд.
Хазони учествуваше во уредувањето на A Place Among the Nations, програмската книга на идниот премиер, чија хебрејска верзија беше објавена во 1995 година. Веќе можеме да го видиме неговиот допир во начинот на кој ја прилагодува историјата на своите теории. На пример, верзијата – многу оспорувана од историчарите – според која, во антиката, Римјаните не ги протерале Евреите од Палестина по еврејскиот бунт во Бар Кохба, во 135 година, туку Арапите при раѓањето на исламот, во 637 година[6]. Друг пример за влијанието на Хазони во оваа книга е пасусот во кој г. Нетанјаху наведува дека „израелската левица би страдала од хронична болест која ќе го погоди еврејскиот народ цел век : марксизмот кој ги проникнал еврејските, крајно левичарски и комунистички движења во Источна Европа“. Неволја што ќе објасни зошто левичарските Израелци по војната во јуни 1967 година сакале да ги вратат освоените територии.
Благодарение на финансиска поддршка на богатите Американци блиски до Нетанјаху, Хазони го создаде во 1994 година, во Ерусалим, Центарот Шалем, тинк-тенк наменет за „да одговори на кризата на идентитетот во која се соочува еврејскиот народ“. Во Некуда, органот на движењето на населбата, тој објаснува : „Мојата цел во животот е да покажам дека марксистичко-ционистичкиот концепт не успеа во Израел. Никој повеќе не верува во него, а сега треба да се бориме за иднината на размислувањето на еврејскиот народ како целина, а особено на Израел.[7]“
Во The Jewish State. The Struggle for Israel’s Soul[8], објавена шест години подоцна, Хазони го разоткрива и анализира она што тој го смета за големиот заговор против еврејската природа на Израел. Заговорот датира од 1920-тите со создавањето на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим од страна на водечки еврејски интелектуалци, вклучувајќи го Јуда Леон Магнес, американски Евреин, реформски рабин, пацифист и непријател на национализмот и филозофот Мартин Бубер, застапник на договор со Арапите и поддржувач на бинационална држава. Што се однесува до Гершом Шолем, големиот историчар и филозоф, специјалист за еврејски мистицизам, се вели дека го извршил злосторството да ги советува ционистичките водачи да ги неутрализираат месијанските елементи во нивното движење. Според Хазони, ова ја отстрани секоја еврејска основа за ционистичките политички тврдења. Неодамна, Аса Кашер, професор по филозофија на Универзитетот во Тел Авив, се вели дека е виновен за одбрана на демократската природа на Израел : „Еврејска држава, во целосна смисла на зборот, е држава чија социјална природа е изведена од еврејскиот идентитет на нејзините граѓани. Во еврејска и демократска држава природата на државата не се одредува со сила, туку со слободниот избор на граѓаните“. И поранешниот доселеник од Ели (тој сега е со седиште во Ерусалим) се навредува : „Кашер тврди дека „еврејска и демократска“ држава е онаа во која жителите се Евреи, а државата универзалистичка демократија. Со други зборови, „еврејската и демократска“ држава е нееврејска држава!“ Според оваа логика, демократскиот принцип на тој начин би придонел за обезљубување на Израел.
Списокот на непријатели на Израел што одговара на ставовите на Хазони е долг. Судиите на Врховниот суд се на врвот на листата, со г. Арон Барак, кој е одговорен за уставните реформи и кој ги дефинираше вредностите на Израел како еврејска држава на следниов начин : „Тоа се универзалните вредности што ги споделуваат членовите на едно демократско општество“. Водечките израелски писатели не ја избегнуваат стигмата. Хазони ги обвинува дека го отфрлаат самиот концепт на еврејска држава. Меѓу нив се Амос Оз, кој национализмот го смета за проклетство на човештвото и А.Б. Јехошуа, кој проповеда за нормалноста на Израел. На мета е и Дејвид Гросман, кој „ги учи Израелците дека слабоста го прави човек доблесен, а со тоа ја слабее нацијата“.
Поради неговите врски во САД со републиканците и еврејската десница, г. Хазони е централен дел од религиозниот ционистички идеолошки екосистем кој растеше со текот на годините, составен од месијански рабини и ултра-националистички организации. Фондот „Тиквах“, основан во 1998 година, ги финансира повеќето од нив со пари од претежно богати американски донатори. Основан во 2012 година, Kohelet Policy Forum е религиозна ционистичка тинк-тенк, која, според весникот Haaretz, тивко би го водел Кнесетот[9]. Тој ќе успее, преку лобирање, да го изгласа дискриминаторскиот закон на 19 јули 2018 година, во кој се вели : „Државата Израел е национална држава на еврејскиот народ, кој го остварува своето природно, културно, религиозно и историско право на самоопределување. Остварувањето на ова право на национално самоопределување во државата Израел е резервирано само за еврејскиот народ.[…] Државата го смета развојот на еврејските локалитети како национална вредност и ќе дејствува на поттикнување и промовирање на нивното воспоставување и консолидација“. Дваесет и четири години по основањето на Шалем центарот, идеите на Јорам Хазони станаа закон на Израел.
Преведено од: Павлина Димовска
Фусноти:
[1] Француската верзија е објавена од страна на Жан Кирил Годефрој и предговорот е пишуван од страна на адвокатот Жил-Вилијам Голднадел кој го смета Хазони како « братски дух ».
[2] Michael Anton. « The Trump Doctrine », Foreign policy, Вашингтон, 20 април 2019 година.
[3] « National conservatism : a statement of principles », The Edmund Burke Foundation, 15 јуни 2022 година, www.theamericanconservative.com
[4] Jerusalem Post, 9 ноември 1990 година.
[5] Meir Kahana. Le défi : la terre choisie (en hébreu), Édition Le centre pour la conscience juive, Ерусалим, 1973 година.
[6] Benjamin Netanyahu, A place Among the Nations. Israel and the World, Transworld Publishers Ltd, Лондон, 1993 година.
[7] Nekouda, Ariel, n° 180, септември 1994 година.
[8] Француското издание има поинаков наслов : L’État juif. Sionisme, postsionisme et destins d’Israël, Éditions de l’éclat, Париз и Тел Авив, 2007 година.
[9] « The right-wing think tank that quietly ‘‘runs the Knesset’’ », Haaretz, Тел Авив, 5 октомври 2018 година.