понеделник, 14 Окт 2024 / 0:32:04
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Велика Британија: демократските илузии на Лотаријата

Во раните 2000-ти, просечната сума потрошена за извлекување на лотарија беше 2,66 фунти, во споредба со 8,50 фунти во салата за бинго. Дури и ако добивките се исклучително ретки, лото тикетот се сфаќа како доблесна и одговорна инвестиција, не многу болна финансиски и „во согласност со типот на рутина и однесување што генерално се очекува од жените задолжени за управување со нивното домаќинство“.

Од Луси Елвен*
*Писателка, авторка на The Weak Spot (Soft Skull Press, Њујорк, 2021 г.).


Фото: Ron Lach/Pexels

 

Во античка Атина, јавните функции во градот најчесто се доделувале со ждрепка. Додека изборите биле во корист на аристократите, распределувајќи ја моќта според нивното богатство и елоквентност, ждрепката била дизајнирана да обезбеди еднаквост пред законот (изономија), самата заснована на слободата на говорот (исегорија). Ова ги намалило ризиците од секташтво, корупција и формирање на висока политичка класа, ставило крај на постојаните изборни маневри и овозможило поправедна прераспределба на ресурсите. За време на својот полнолетен живот, секој слободен Атињанец уживал голема шанса да пристапи до јавна функција. „Се смета дека е демократски ако судството е распределено  според судбината и олигархиски ако е изборно“, Аристотел забележал, и покрај фактот што „демократската“ лотарија во никој случај не била достапна за сите класи на општеството. „Една од формите на слобода  е наизменично да се управува и да се биде управуван“, додал тој.

Во денешната Велика Британија, играчите на Националната лотарија исто така чувствуваат дека придонесуваат за подобрување на нивната земја, дури и ако нивната примарна мотивација е помалку егалитарна од онаа што ја спомнал Аристотел. „Секогаш кога вие играте, Обединетото Кралство победува“, прокламира официјалната веб-страница на Националната лотарија, првата државна лотарија во светот што е приватизирана. Нејзиниот оператор, Камелот Груп, конзорциум од пет мултинационални компании, им даде на машините за печатење имиња извлечени од легендата на Кралот Артур – Гиневер, Мерлин, Екскалибур… –, начин кој сугерира дека првиот купувач на тикети кој ќе дојде, може да го извади мечот од стената и да се искачи на тронот, ако тоа е неговата судбина.

Лотариите беа забранети во Англија три века, законот од 1698 година беше исклучок само за јавни лотарии одобрени за финансирање војна, споменик или добротворни организации. Приватните лотарии биле дозволени само во 1934 година, и тоа само во потесен амбиент. Кога Националната лотарија беше основана во раните 1990-ти, моралниот бес – вклучително и од епископите на англиската црква – против дерегулацијата на индустријата за игри, ги натера нејзините промотери да задржат низок профил. Во својата комуникација со пошироката публика, Камелот се грижи да го избегне зборот коцкање и да го увери купувачот: обложувањето повеќе не е грев, немање свест или слабост, туку демонстрација на алтруизам, па дури и патриотизам. Со учеството во Националната лотарија, за прв пат замислена во 1978 година од лордот Виктор Ротшилд под името „лотарија на добри причини“, Британците се поканети да се гледаат себеси не како водени од сонот за лесно среќа, туку како дел од планот за социјална прераспределба.

Во 1992 година, во изборната програма на идниот премиер Џон Мејџор, беше претставен модел на лотарија, кој требаше да „го разубави животот на нашата нација“, со распределба на дел од својата заработка во добротворни цели, уметност, спорт и културно наследство, на што би се додале и проектите за одбележување на милениумот. Денес, 60% од прераспределените средства одат подеднакво во корист за уметноста, спортот и културното наследство, а останатите 40% одат за „добри причини“ – здравје, образование, животна средина… Камелот не се лишува од величењето на плодовите на своето изобилие. На неговата веб-страница, можете да видите дебати за менталното здравје, за спортистите кои го слават Денот на мајката или за церемониите за доделување филмски награди, т.е. за сите убави нешта овозможени од изобилието токму на Националната лотарија.

Од тој ден во 1994 година, кога дваесет и два милиони гледачи присуствуваа на првото историско извлекување на Националната лотарија, таа стана предводник на системот кој е повеќе склон кон филантропија отколку да плаќа даноци, и на кој не би му сметало да ги замени јавните социјални расходи со приватни добротворни работи.

Во април 2020 година, Камелот објави дека ќе плати шестотини милиони фунти за да ги амортизира ефектите од пандемиската криза. Половина од оваа сума беше алоцирана за неговиот Социјален фонд, за субвенционирање на банките за храна, на пример, или за кампањи за борба против изолацијата на самохраните луѓе, со други зборови, за програми за поддршка на најранливите. Шкотска организација која дистрибуираше бесплатни оброци доби десет илјади фунти, додека во исто време владата тврдоглаво одбиваше да финансира помош во храна за учениците од најдолните социјални класи.

Ако идејата за една „лотарија на добри причини“ не наиде на разбирање кај Маргарет Тачер за време на нејзините години на власт како британски премиер, Железната дама, од друга страна, ја разгледа можноста за национална лотарија за финансирање на Националната здравствена служба (НХС), т.е. британскиот јавен здравствен сектор. Кога дефинитивно реши да не продолжи со овој проект, Тачер објасни дека нејзиниот избор се должи повеќе на нејзиното морално неодобрување на коцкањето како такво, отколку на скрупули за самиот принцип на државното неангажирање: „Чувствував дека владата не треба да го поттикнува коцкањето, особено кога е во прашање здравјето на луѓето“. Сеништето на НХС финансирано од лотаријата не исчезна, напротив. Милијардерот Ричард Дезмонд, кој изрази планови да ја преземе контролата врз Националната лотарија кога ќе истече концесијата на Камелот Груп во 2023 година, предводи групација наречена Здравствена лотарија, која обединува педесет и една лотарија посветена на медицински добротворни цели. Одлуката ќе биде донесена во ноември 2021 година: меѓу конкурентите што се појавија се италијанската компанија за игри Сисал, во партнерство со Британскиот Телеком и добротворната организација Барнадос, операторот на чешката лотарија Сашка и индиската Сугал & Дамани.

Првично, Националната лотарија не беше замислена да служи како закрпа за една социјална држава погодена од буџетски кратења. Во 1995 година, кога за оваа идеја се расправаше во Долниот дом, еден министер сепак призна дека за лотаријата „никогаш не постоело намера да им користи на добротворните организации“. Политичкиот избор да и се даде филантропска функција, оправда уште една иновација: спонзорски систем за уметноста и зачувување на културното наследство. Во доцните 1970-ти, Лордот Ротшилд сметал дека функцијата на Лотаријата треба да биде да го компензира исчезнувањето на приватните донации, што се смета за неизбежно, „во едно општество каде што акумулацијата на богатство стануваше сè потешка“. Во тоа време, во Англија се чувствуваше голема вознемиреност во врска со ситуацијата на замоците на аристократијата, бидејќи владата помпезно одби да ја купи палатата Ментмор по смртта на нејзиниот сопственик, роднина на Лордот Ротшилд, а кое потоа доведе до продажба на скапите колекции, што таму беа чувани, на странски инвеститори.

Иако маркетинг стратегијата на Камелот му дозволи да си даде слика на добар Самарјанин и да ја подигне Лотаријата како столб на британското општество, компанијата и понатаму е верна на својата првобитна мисија. Добротворните организации на кои помислуваме кога ќе го слушнеме терминот „добри причини“ одат во втор план. Всушност, дури 81% од жителите на земјата сметаат дека никогаш не виделе презентација на социјална програма финансирана од оваа институција.[i] Трошењето за добротворни цели, здравство, образование и животна средина изнесува само 40% од буџетот наменет за „добри цели“ (самото културно наследството апсорбира 20%), што само по себе претставува едвај 25% од профитот остварен од Националната лотарија. Треба да се напомене, и дека една од првите субвенции доделени од Меморијалниот фонд за националното наследство, беше доделена на наследниците на Винстон Черчил за зачувување на неговата кореспонденција… Во 2018 година, неколку пратеници укажаа на не толку добротворното управување на лотаријата од страна на Камелот, чиј профит се зголеми за 112%, додека неговите придонеси во добротворните организации се зголемија за само 2%.

Лотаријата делумно напредува врз основа на перцепцијата дека државата не ги субвенционира секторите на општеството кои го прават животот вреден за живеење, па дури и за да напредува, доволно: на пример, уметноста и спортот. Но моделот каде што еден комитет одлучува каде да се распределат средствата за уметност и спорт, не е единствената можност, ниту пак е најдобра како таква. Многумина посочуваат дека јавната потрошувачка, која сега се демонтира, беше она што ги произведе некои од најголемите уметнички и музички креации од 1960-тите; Битлсите тврдеа дека добиваат паричен надоместок за невработеност, како и рок групата Д Клеш. Во својата книга Крадете колку што можете повеќе, новинарката Натали Олах го анализира влијанието на неолибералните политики и обликувањето на вкусовите од страна на елитите врз културното творештво, уште од реформите на благосостојбата во 1990-тите: елиминацијата на работничката класа од уметничката продукција.

Така, британската верзија на лотаријата, прилагодена на сега веќе хиперкапиталистичкото општество, е илјада милји оддалечена од системот на лотарија што бил на сила во античка Атина. За разлика од зголемувањето на демократската компонента на општеството, Националната лотарија обезбедува на мала група поединци, кои не се одговорни пред никого, целосни овластувања за распределба на средства од повеќе милијарди британски фунти. Договорот меѓу лотаријата и владата е невообичаен: изборот на „добри причини“ во трошењето, целосно и припаѓа на комисија од познати јавни личности, без никаква маргина на интервенција од владините  функционери, а згора на тоа, лотаријата ужива и статус на монопол.

На индивидуално ниво, неспорно е дека прераспределбата обезбедена од Националната лотарија е од корист за членовите на работничката класа – оние кои ги штиклирале точните шест броеви на мрежата. За другите, придобивките се помалку очигледни. Во однос на класните ефекти, Лотаријата ја зајакнува моќта на богатите преку учество на сиромашните. Многу истражувања покажуваат дека кај работниците е најизразена инклинацијата за коцкање, а кај високите менаџери таа има најмалку следбеници. Учеството во лото се намалува, како што се зголемуваат личните приходи. Во отсуство на веродостојни и точни статистики, Камелот се фали дека дури 70% од Британците играат лотарија, што сепак е претерана бројка, но нема сомнеж дека лото е убедливо најпопуларната игра на среќа во земјата. Лотаријата носи повеќе профити во Велика Британија од Пепси, Пурина, Кока-Кола, Несле, Кадбури и Вокерс заедно. Што се однесува до профилот на играчите, во 2017 година 37% биле постари од шеесет години, 41% биле на возраст од 50 до 59 години и само 3% биле на возраст од 18 до 24 години. Камелот ја постигна својата најдобра онлајн продажба – 1,62 милијарди фунти – во првите шест месеци од кризата со Ковид, што е дури за 39% повеќе од претходната година. И покрај затворањето на малите продажни места, препознатливи по маскотата со вкрстени прсти, Националната лотарија сепак ја забележа втората најдобра бројка во својата историја.

Трудот на социологот Ема Кејси, сугерира дека структурата на Лотаријата лесно се испреплетува со материјалната состојба на жените од работничката класа. Како што објаснуваат интервјуираните женски играчи на лото во нејзините студии, тие не го сметаат лотото како начин да избегаат од своите грижи, туку како едно хоби приспособено на барањата на нивниот дневен распоред, нивниот семеен живот и нивниот буџет. Во раните 2000-ти, просечната сума потрошена за извлекување на лотарија беше 2,66 фунти, во споредба со 8,50 фунти во салата за бинго. Дури и ако добивките се исклучително ретки, лото тикетот се сфаќа како доблесна и одговорна инвестиција, не многу болна финансиски и „во согласност со типот на рутина и однесување што генерално се очекува од жените задолжени за управување со нивното домаќинство“. Женските играчи кои и кажувале за себе на Ема Кејси, биле горди на нивниот избор на слободното време и го спротивставиле овој скромен трошок на расипништвото што ги мачи повисоките класи, симболизиран во нивните очи со употребата на средства од лотаријата за изградба, во Лондон, на Милениумската купола или реновирањето на Кралската опера.

Што се однесува до медиумите, нивното покривање на Лотаријата има тенденција да поттикне сомнеж меѓу социјалните групи. Таблоидите се обидуваат да возбудуваат со ксенофобични наративи, како на пример кога инсистираат на етничкото потекло на победникот – како во оној наслов од Сан   со потсмевање за „националната свесност“ како реакција на добивката на играч со кинеско потекло – или да пишуваат сензационално за националната димензија на Лотаријата. На што понекогаш се додава и сервира една доза на социјален презир: добитникот на главната награда, замислете, кој имал дури и нерви да припаѓа на работничката класа, бил наречен „големиот тапчо на лото“ и  „кралот на ѓубрињата“ во медиумите. Богатството на среќникот често се споредува со она на кралското семејство („Побогат и од кралицата Елизабета“), нагласувајќи ја субверзијата на класната хиерархија во Велика Британија.

Од своја страна, на самата рационална интелигенција на левицата тешко и одговара институционалното тркало на среќата, кое понекогаш го нарекува „данок на глупоста“. Во една статија во Лондон ривју оф букс со наслов „Заговорот за да нè направат глупави“, политикологот Дејвид Ранциман во 1996 година тврдеше дека „при воведувањето на Лотаријата, државата ја смета глупоста не како зло, туку како инвестиција“. Во исто време, во весникот Гардијан, драматургот Алан Блесдејл ја опиша својата одбивност: „Мојот инстинктивен морален ужас пред Лотаријата повторно се доживува секоја сабота пред сите киосци во земјата, кога старите, излитените и очајните чекаат таму со надеж дека ќе го добијат својот единствен излез“. Во делото 1984, објавено во 1949 година, Џорџ Орвел има сличен поглед на игра асимилирана со измама: „Лотаријата, и огромните награди што ги плаќаше секоја недела, беше единствениот јавен настан на кој пролетерите обрнаа сериозно внимание. (…) Тоа беше нивното задоволство, нивното лудило, нивното смирување, нивниот интелектуален поттик.(…) Само малите суми всушност беа исплатени. Добитниците на големите награди беа луѓе кои всушност и не постоеле“.

Меѓутоа, постојат добри причини за луѓето да играат: ако меритократијата во која ги убедуваат да поверуваат, сепак не е ништо подобра од лотаријата, зошто тогаш да не се купи еден лото тикет? Како што пишува мексиканскиот есеист Габриел Заид, „да се игра лотарија, значи да се обидете да воспоставите врска со божествената промисла, давајќи му на Бога шанса да интервенира во нашите животи и отфрлајќи ја нарцистичката премиса дека успехот зависи само од нашите сопствени напори – накратко, со прифаќање дека благодатта преовладува над заслугите.“ Друг елемент често се заборава во дебатите за „добрите причини“: значителен дел од младите играчи (еден од четворица, според истражувањето) велат дека играат Лотарија затоа што тоа е забава. Понатаму, еден од четворица млади играчи ја припишува оваа навика на фактот дека доаѓа од неговото семејство. Како што се согласуваат истражувачите, социјалната средина е одлучувачки фактор за зависноста од коцкање, како и за алкохолизмот или навиките за јадење.

Во овој поглед, грепките на Националната лотарија се поизразен облик на искористување на духот на зависност, бидејќи тие беа измислени токму за да ги привлечат најранливите играчи. Меѓу купувачите на овие картички, домаќинствата со ниски приходи се застапени во уште помасовни размери отколку кај клиентите на лото, со уште поголем ризик од компулсивно коцкање. Потсетена на фактот дека младите играчи се особено изложени, владата конечно одлучи, среде пандемијата, да ја зголеми старосната граница од 16 на 18 години, за купување грепки или лото тикети.

За разлика од релјефите на оваа сложена социјална топографија, визијата за светот предложена од Камелот, е пријатна флоскула. Ритуалот на лотаријата создава илузија дека играчите работат на еднаква основа, во рамките на хомогена заедница на потреби. Џекпотот се заснова на друга фатаморгана: дека најдоброто нешто што може да ви се случи, е одеднаш да заработите огромно и претерано богатство. Спротивно на идеалот за помалку нееднакво општество, лотаријата го одржува сонот за колосално богатство за поединецот и неговото семејство. Малку е веројатно дека создавањето на личност побогата со време и пари ќе зароди политички проект. Парадоксално, оваа колективна игра пар екселанс има за цел, само да издигне поединец од заедничката судбина.

Дека ова доаѓа во форма на џекпот или гром, е чиста случајност изолирана. Зборот лотарија ги заменува стравовите на општеството за дрската или незаслужената природа на среќата – на пример, кога потенцијалните имигранти за САД „играат лотарија за зелена карта“, или кога родителите, кои се преселуваат за да имаат пристап до подобри училишта за нивните деца, се надеваат дека ќе победат на „лотаријата за поштенски код“. Во романот Примирјето од Марио Бенедети, канцелариски работник, кого неговите колеги го натералe да поверува дека добил на лотарија, е отпуштен поради експлозивна реакција, оставајќи го и невработен и без богатство. Во расказот на Чехов, Лотаријата, парот, кој замислува дека освоил џекпот, раскинува, а секој од двајцата сопружници сака да ги задржи парите од соништата само за себе. Принципот на играта е радикално спротивен во горката новела на Ширли Џонсон, исто така насловена Лотаријата, каде што селаните, по традиција, секоја година одлучуваат со ждрепка кој од нив ќе биде каменуван до смрт. „Не е фер, ова не е добро“, протестира несреќната победничка, напуштена од нејзината заедница, држејќи во рака лист означен со црна точка. „И потоа се фатија за работа.“

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[i] Paul Bickley, « The National Lottery: Is it Progressive? », Theos, Лондон 2009 г.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW