понеделник, 14 Окт 2024 / 1:10:25
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Третата ера на пензиските реформи

Во 2020 година, поголемиот дел од вработените се пензионираат на 62-годишна возраст, а поголемиот дел од директорите на 63-годишна возраст. Затоа се чини дека сите професионални категории се погодени од предложената реформа. Сепак, последиците најверојатно ќе бидат потешки за некои. Во 2019 година, на 61-годишна возраст, 35% од француските работници немале ниту работа ниту пензија, а само 28% имале работа.[i] За нив, одложувањето на старосната граница за пензионирање ќе го продолжи периодот поминат во невработеност, надомест за невработеност, инвалидитет, болест или неактивност.

 


Од Мајкл Земур*
*Виш предавач по економија на Универзитетот Париз 1 Пантеон-Сорбона, Париз.


Фото: cottonbro-studio/pexels

„Ако сакаме да го зачуваме сегашниот пензиски систем базиран на солидарна дистрибуција чии корисници се нашите сограѓани“, објасни премиерката Елизабет Борн уште на 22 мај 2022 година (во Ла Трибин),ќе мора постепено да работиме малку подолго.“ На многу начини, проектот што го најави претседателот Емануел Макрон за време на неговата изборна кампања има изглед на „дежа ви“. Премиерот, експертите или колумнистите, истиот хор ја пее старата песна: „Да работиме повеќе за да си ги спасиме пензиите“. Како и во 2010 година, ова може да значи одложување на возраста за исполнување на условите за пензионирање; или понатамошно зголемување на должината на стажот потребен за полна пензија, како што се оние одлуки донесени од страна на владите на премиерите Едуар Баладур во 1993 година, Жан-Пјер Рафарин во 2003 година и Жан-Марк Ајро во 2014 година; или дури и една комбинација од двете работи. На прв поглед, „параметричката“ реформа најавена за 2023 година соодветствува на она на што се навикнати експертите за социјалните прашања и е во контраст со целокупниот ремонт кој би претставувал воведување на „универзален систем на поени“, поткопан од мобилизациите во зимата 2019-2020 година, а потоа напуштен кога се појави здравствената криза.[1]

Познат впечаток, тогаш… на кој веројатно е подобро да не му верувате. Ако владата на Борн успее во своите намери, тогаш ова ќе потврди дека пензиските реформи влегуваат во нова ера: времето за доброволно намалување на времетраењето и просечниот износ на пензиите. На агрегатно ниво, целта е да се намали уделот на исплатените пензии во бруто домашниот производ (БДП) на Франција на еден начин без преседан – иако процентот на пензионери во населението се зголемува. Ако, врз основа на главните економски показатели – нивоа на трошоци, стапки на замена, релативен животен стандард на пензионерите, па дури и стапката на придонеси, се разликуваат фазите во историјата на францускиот пензиски систем, по периодот на проширување кој започнува по Втората светска војна, по периодот на „контрола на трошоците“ – кога, од 1987 до 2010 година, ефектите од подобрувањето на работната кариера компензираат за значително заострување на условите за пензионирање, се чини дека сега почнува еден трет момент, оној на (делумната) деконструкција на пензискиот систем, како цел сама по себе.

Сегашниот пензиски систем заснован на задолжително и солидарно пензиско осигурување воведен во 1945 година, ги немаше тогаш сите карактеристики што ги знаеме денес: процентот на опфатеното население сè уште беше релативно низок (сè уште имаше тогаш многу самовработени лица) и повеќето луѓе починаа пред полната возраст за пензионирање (поставена на 65 години), или кратко потоа. Потоа, пензионирањето добива изглед на скромна полиса за животно осигурување што помага да се заштити од сиромаштија и економска зависност.[2] Во втората половина на дваесеттиот век, опфатот се зголеми, поради проширувањето на редовното вработување со плата и зголемувањето на стапката на вработеност кај жените. Пресметката на пензијата станува поповолна благодарение на зголемувањето на стапката на замена на општата шема или на зголемувањето на дополнителните пензии. И, во 1972 година, воведувањето на т.н. „гаранција за ресурси“ од 60-годишна возраст – овозможува порано завршување на работниот век. Дотолку повеќе што, во 1981 година, кога левичарската влада напиша „пензионирање на 60 години“ во соодветниот закон, организациите на вработените стравуваа од влошување на нивните права.[3] Во секој случај, овој период ја нотира универзализацијата на вистинска замена на платата, која беше целосно реализирана околу 1980-тите. Висината на пензијата тогаш дозволува, во огромно мнозинство случаи, одржување на животен стандард близок до оној на периодот на работна активност, за просечно времетраење од повеќе од дваесет години за мажи и дваесет и четири години за жени.[4]

Поради долготрајните ефекти од овие мерки и подобрувањето на работната кариера, условите за пензионирање сè уште напредуваат „во просек“ речиси три децении. Ова претставува едно континуирано подобрување иако, од 1980-тите наваму, реформите беа насочени кон забавување на зголемувањето на пензиските права. Од една страна, станува збор за справување со она што е претставено како „демографска бомба“ и кое комбинира подолг животен век, доаѓање на бројни генерации во пензија и значително подобрување на правата на жените кои достигнуваат возраст за пензионирање. Од друга страна, во услови на „компетитивна дезинфлација“, т.е. умереност на платите, се работи и за задржување на зголемувањето на вкупниот износ на исплатените пензии.

Во текот на оваа втора фаза од реформската историја, владите ја менуваат, повеќе или помалку дискретно, пресметката на пензиите и, секундарно – и подоцна – го продолжуваат времетраењето на потребниот стаж за одење во пензија. Со тоа референтната плата за идната пензија ги зема предвид најдобрите дваесет и пет години – наместо најдобрите десет, од 1993 година. Пред сè, бидејќи е помалку видливо, но многу ефикасно во однос на економизирање, пресметката на пензиите и ревалоризацијата на пензиите исплатени од растот – се деиндексираат, а со цел сега да се индексираат со цените.[5] Првично прилично нерестриктивни (повеќето вработени кои наполниле 65 години, всушност придонесувале триесет и седум и пол години за пензијата), времетраењето на придонесот за пензијата – сега добива централна улога. Прогресивно утврден на 40, а потоа дури и на 42 години како потребен целосен стаж, ги наведува луѓето кои сè уште се вработени на 62 години да го одложат своето заминување во пензија – за да ја достигнат целосната стапка која им дава право на оптимално пензионирање. Покрај тоа, механизмот на редукција (казна во случај на нецелосен стаж потребен за пензија) влијае на поединци, чии пензии се и онака веќе особено ниски. Во 2016 година, 20% од пензионерите со најниски примања (87% жени, а чија просечна пензија, вклучувајќи ги и корисниците на семејна пензија, беше помала од 800 евра бруто) беа, пропорционално, четири пати повеќе од другите пензионери што ги трпат последиците од оваа редукција, иако пензијата ја остварувале во просек две години подоцна од останатите.[6]

Иако овие реформи објективно ги поткопаа индивидуалните права, во текот на овој период вистинското ниво на пензии продолжи да се подобрува „во просек“, додека, пак, должината на  периодот на користењето на пензијата се зголеми. Новите пензионери имале рана работна кариера во ера обележана со економски раст и ниска невработеност. Работната кариера на жените била подобра од оние на нивните постари колешки. И пензиите веќе утврдени – се релативно заштитени од цикличните шокови на економијата. Релативниот животен стандард на пензионерите во однос на остатокот од населението го достигнува највисокото ниво во 2014 година. Просечната (проектирана) должина на користење пензија, исто така, продолжи да се подобрува поради зголемувањето на животниот век до 2010 година, на крајот од работната кариера на генерацијата од 1950 година. Исто така, и покрај низата реформи, а можеби и благодарение на неуспехот на некои од нив, во 1995 или 2020 година, пензионирањето останува позаштитничко и порамноправно во Франција отколку во други споредливи земји.

Од 2010-тите, пак, пензиите се намалуваат, а просечниот животен стандард на пензионерите постојано се влошува. Владите наметнуваат деиндексација на пензиите или, во 2018 година, неочекувано зголемување на стапките на општите социјални придонеси (ГСС) – поради стагнацијата на животниот стандард на работниците во периодот 2008-2018 година. Хоризонтот станува уште помрачен за новите пензионери. Проектираната должина на користење пензија за некој што ќе се пензионира во 2022 година е една година пократок отколку за некој што заминал во 2010 година. Минатите реформи – чии ефекти дополнително ќе бидат нагласени со планираното продолжување на потребниот работен стаж, сега на дури 43 години – веќе ги „изедоа“ повеќето од сите придобивки во контекст на очекуваниот животен век над 60-годишна возраст, додека придобивките во контекст на очекуваниот животен век – стагнираат веќе две децении. Згора на тоа, генерациите што сега стануваат пензионери, имаат право на пензии кои се релативно помали од нивните работни приходи. И ова нема да се оствари во иднина за луѓето чии рани работни кариери беа обележани со период на масовна невработеност, а потоа и со кризите од 1993 и 2009 година. Продолжувањето на периодот на студирање го одложи и влезот на пазарот на трудот кога зголемувањето на стапката на вработеност кај жените ги произведе најголем дел од своите ефекти.

Во отсуство на какви било нови реформи, периодот на користење пензија ќе станува сè пократок (со просечна возраст за пензионирање која достигнува 64 години за генерацијата од 1976 година според ЦОР – Советот за ориентација на пензиите) и може повторно да стане еден период на социјално деградирање. Како што е наведено во извештаите на овој ЦОР, животниот стандард на идните пензионери веројатно значително ќе се намали во споредба со остатокот од населението во следните 25 години. Овој тренд во суштина се должи на политиката на плати на државата, која ги фаворизира бонусите (исклучени од пресметката на пензиите) пред платите, како и на изборот што го направија раководителите за дополнителните пензии, кои досега одбиваа да се планира постепено зголемување на стапката на пензиските придонеси, а за да се одржат идните стапки на замена.

Во овој контекст, новиот реформски проект добива посебно значење. Сега веќе не станува збор за ограничување на зголемувањето на трошоците – кои веќе се под контрола по цена на влошување на пензиите, туку за започнување на една нова фаза, односно демонтажа на самиот систем. Владата на премиерката Борн има намера да го забрза намалувањето на пензиските правата – за да обезбеди побрзи пензии. И, како резултат на тоа, да се зголеми расположливата работна сила и да се намали социјализацијата на француската економија. „Помалку задолжителни давачки, помалку јавни расходи“ е мантрата на одговорниот министер Бруно Лемер. Иако не е јасно со кој механизам, стратегијата на министерот за економија треба да ја постави Франција на нов пат на раст (видовме што направи ова неодамна во Велика Британија). Според оваа логика, намалувањето на расходите за пензиите особено мора да гарантира укинување на придонесот за додадената вредност на компаниите (ЦВАЕ) од 2024 година, односно трошок од 8 милијарди евра годишно за Јавниот трезор на Франција. Владата го претпоставува ова во своите буџетски документи или во програмата за стабилност на Франција, а која е испратена до Европската комисија. Лемер, исто така, не го крие ова кога ги повикува работодавците да ја поддржат реформата „со ентузијазам, со решителност. Тоа се 8 до 9 милијарди евра заштеда за петгодишниот период!“ (Франс интер, 27 септември 2022). Намалувањето на расходите за пензиите навистина може да и овозможи на државата да направи такви „заштеди“ сè додека, покрај финансирањето на пензиите на своите вработени, балансира одредени шеми и обезбедува солидарност меѓу осигурените лица.

Друга цел на реформата е да се зголеми работната сила достапна на пазарот на трудот. Прво, луѓето да работат повеќе за да произведат повеќе. Зголемувањето на старосната граница за пензионирање од 60 на 62 години помеѓу 2010 и 2018 година го покажа тоа: ваквата мерка ги наведува луѓето кои сè уште работат на возраст за пензионирање да останат во работен однос, неволно за повеќето вработени – пред сè, на штета на здравјето на работниците изложени на физички или психички тешкотии.[7] Потоа, луѓето да работат повеќе за да ја зголемат конкуренцијата на пазарот на трудот. Додека невработеноста се намалува, владата е загрижена за тешкотиите за вработување на нови кадри, кои се реални во одредени сектори како што се хотелиерството и угостителството, и со тоа, и ризикот од зголемување на платите. Според тоа, нејзината реформа за социјално осигурување при невработеност има за цел, во случај на „тензии“ на пазарот на трудот, да ја намали социјалната заштита – за да промовира прифаќање на вработување при деградирани работни услови или плати. Пензиската реформа не е туѓа на оваа логика. Според макроекономските модели на  Јавниот трезор на Франција финансии или Француската опсерваторија на економските услови (ОФЦЕ), а според кои владата ги донесува своите одлуки, одложувањето на пензионирањето би резултирало со зголемување на активното население од околу 100.000 дополнителни луѓе секоја година за 9 години, што би довело до привремено зголемување на невработеноста (особено затоа што некои од активните постари лица, веќе невработени на 62-годишна возраст, би останале невработени) и затоа до умереност на платите.

Во 2020 година, поголемиот дел од вработените се пензионираат на 62-годишна возраст, а поголемиот дел од директорите на 63-годишна возраст. Затоа се чини дека сите професионални категории се погодени од предложената реформа. Сепак, последиците најверојатно ќе бидат потешки за некои. Во 2019 година, на 61-годишна возраст, 35% од француските работници немале ниту работа ниту пензија, а само 28% имале работа.[8] За нив, одложувањето на старосната граница за пензионирање ќе го продолжи периодот поминат во невработеност, надомест за невработеност, инвалидитет, болест или неактивност. Покрај тоа, како што знаеме, социјалните класи не се еднакви при соочувањето со смртта. 40% од мажите во најниските социо-професионални категории во возрасната група од 48-55 години, имаат 30% поголем ризик да бидат корисници на пензија помалку од 10 години (и приближно 15% поголем ризик дури и да не стигнат да бидат корисник на пензија).[9] Конкретно за овие луѓе, одложувањето на пензионирањето за една, две или три години, претставува голем удар и чекор назад.

Соочени со такви изгледи, се разјаснува социјалната конфигурација: во коминикето од 4 октомври 2022 година, сите репрезентативни организации на вработени и младински синдикати го потврдија своето цврсто противење „на какво било зголемување на законската возраст за пензионирање и на зголемување на должината на стажот за пензионирање“. Колку и да е јасно како и без преседан, ставот го повторува масовното отфрлање на пензиската реформа меѓу населението – повеќе од 60% од испитаниците се спротивставија на зголемување на потребниот стаж за пензионирање или зголемување на законската возраст за пензионирање, според истражувањето на ФИФГ од септември 2022 година; дури 72% сметале дека е можно добро да се реформира пензискиот систем без зголемување на законската возраст за пензионирање, според Одокса (Ле Фигаро, 22 септември 2022 година). Затоа, овој пат, и покрај изгледот на „дежа ви“, работите, сепак, стојат поинаку.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] Martine Bulard, « Briser le collectif », Le Monde diplomatique, I/2020. Henri Sterdyniak, « Les apprentis sorciers de la retraite à points », Le Monde diplomatique, XII/2010.

[2] Bruno Palier, Réformer les retraites, Paris, Les Presses de Sciences Po, 2021.

[3] Ilias Naji, Le retournement des retraites (1983-1993). Acteurs, histoire, politiques de l’emploi et circuits financiers, thèse de doctorat, Université de Versailles Saint-Quentin (Paris Saclay), 2020. Ilias Naji, « Le projet de réforme en perspective historique : de l’expansion à la compression des dépenses de retraite », Langage et société, vol. 170, no. 2, Éditions de la maison des sciences de l’homme, Paris, 2020.

[4] Anne-Marie Guillemard, « De la retraite mort sociale à la retraite solidaire. La retraite une mort sociale (1972) revisitée trente.europa.eu après », Gérontologie et société, vol. 25/102, no. 3, 2002. Nicolas Castel, La Retraite des syndicats. Revenu différé contre salaire continué, La Dispute, Paris, 2009. Bernard Friot, L’enjeu des retraites, La Dispute, Paris, 2010.

[5] Anthony Marino, « Vingt ans de réformes des retraites: quelle contribution des règles d’indexation? », Insee analyses, n° 17, 15.04.2014. Antoine Bozio, Simon Rabaté, Audrey Rain et Maxime Tô, « Quelle réforme du système de retraite? Les grands enjeux. » Les Notes de l’IPP, n° 31, IV/2018.

[6] L’Echantillon interrégime des retraités, DREES, données 2016, Direction de la recherche, des études, de l’évaluation et des statistiques (DREES).

[7] Thomas Barnay et Éric Defebvre, « La retraite : un évènement protecteur pour la santé de tous », LIEPP Policy Brief, n° 59, III/2022.

[8] Michaël Zemmour, « Les effets du report de l’âge légal de la retraite à 62 ans : une approche par catégories socio-professionnelles », note de recherche, 2022, d’après Enquête emploi, Direction de l’Animation de la recherche, des Études et des Statistiques (DARES), 2022.

[9] Ulysse Lojkine, « Une retraite pour les morts », note de travail, septembre 2022, d’après les données de Clément Dherbécourt, Gautier Maigne et Mathilde Viennot, « La retraite, le patrimoine de ceux qui n’en ont pas ? », France Stratégie, Note d’analyse n° 89, V/2020.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW