„Ако ме праша некој странец, одговарам дека сум од некаде, помеѓу Украина и Молдавија“, возвраќа Лудмила Кључ малициозно. Со шолја кафе во рацете, оваа триесет и шестгодишна бринета знае дека изговарањето на името на земјата во која живее би оставило збунет секој нејзин странски соговорник. Како наставничка по француски јазик, таа живее во Тираспол, главниот град на Транснистрија, малку познат и таму „некаде“. Официјално наречена Молдавска Република Днестар (или Транснистрија), оваа прото-држава која се наоѓа во источниот дел на Молдавија, помеѓу реката Днестар и украинската граница, не е призната од ниту една членка на Обединетите нации. Како знак на сложеноста на ситуацијата, спомнатата Кључ има три пасоши: еден руски, еден молдавски и еден од Транснистрија. Од 2006 година, Москва им дели лични документи на граѓаните на Транснистрија, на големо жалење на Република Молдавија, која тврди дека има суверенитет над сецесионистичкиот ентитет. Суштински за патување, пасошот на трета земја е клучот што го поседуваат сите жители на Транснистрија. „Но, тоа не значи дека се придржувам до политиката на една или друга земја“, побрза да прецизира наставничката. „Ова е само едно практично прашање“. Во нејзиниот случај, се работеше за тоа да може да ги продолжи студиите во Молдавија.
Транснистрија се врати во центарот на вестите по изборот, на 16 ноември 2020 година, на еврофилката Маја Санду за претседателка на Република Молдавија (со 57% од гласовите), резултат потврден осум месеци подоцна со општите избори на кои победи нејзината партија, Акција и солидарност (со 48% од гласовите). Оваа поранешна економистка, која работеше за Светската банка, веднаш штом ја презеде функцијата се истакна со обновено непријателство кон сецесионистичкиот сосед. Потсетувајќи дека „Регионот на Транснистрија е составен дел на Република Молдавија“, новиот лидер повика на повлекување на руските трупи, стационирани во безбедносната зона што ја маркира границата со сецесионистичкиот ентитет, според договорот од 21 јули 1992 година меѓу Руската Федерација и нејзината земја. Таа може да смета на поддршката на САД кои, преку својот амбасадор, во мај 2021 година дадоа изјава во корист на „целосна реинтеграција на Транснистрија во Република Молдавија“. Наследувајќи ја претходната влада опишана како проруска, Санду има агенда одлучно свртена кон европската интеграција на земјата. Нејзиниот украински сосед, кој ја дели истата амбиција и се соочува со прорускиот сепаратизам на регионот Донбас, сведочи за својата солидарност со Кишињев (главниот град на Молдавија). Од 1 септември Киев забрани возила со регистерски таблички на Транснистрија да влегуваат на негова територија.
„Европската унија се чини дека сака да ја воскресне Молдавската Советска Социјалистичка Република“, иронизира Витали Игнатев, министер за надворешни работи на Транснистрија, кога го прашуваме за политичките промени што се случија од другата страна на границата. Човекот мисли, пред се, на превратот што доведе до создавање на молдавскиот ентитет во рамките на Советскиот Сојуз во 1940 година. Под власт на Руската империја уште од осумнаесеттиот век, регионот на Транснистрија првпат стана дел од Украинската Советска Социјалистичка Република на крајот на Граѓанската војна во тогашниот СССР (1917-1923 г.). Овој регион тогаш имаше во истата статут на автономија што гарантираше, особено, јазични права на големото малцинство кое тогаш беше опишано како романско. Но, Москва ја промени својата политичка линија кон крајот на 1930-тите. Советските власти прават напори да го потврдат постоењето на специфичен молдавски идентитет. Кирилицата ги заменува латинските букви од романската азбука, за да се нагласи фактот дека словенското влијание навлегло во малцинствата кои зборуваат романски на рабовите на Царската империја до степен на формирање на сопствена специфична култура. Ова ќе се прошири до Бесарабија, регион надвор од Днестар, кој успеа да не биде под новата болшевичка власт во 1918 година, пред да биде апсорбиран од Романија. Во 1940 година, Црвената армија го повратила поседувањето според тајните клаузули на германско-советскиот пакт. Соединета со регионот на Транснистрија, која потоа се отцепи од Украина, Бесарабија стана Молдавска Советска Социјалистичка Република.
Поврзани со одлуката на Москва, двата брега на реката Днестар видоа дека нивната судбина повторно се дели кога се распадна Советскиот Сојуз. На 2 септември 1990 година, неколку месеци откако молдавската влада го прогласи својот суверенитет од СССР, Транснистрија, од своја страна, побара независност од Молдавија. Тогаш новиот национален проект на Кишињев, главно спроведен од поддржувачите на унијата со Романија, е масовно отфрлен од рускофонските жители на истокот на земјата. Во март 1992 година, обидот да се врати воената контрола на левиот брег на реката доведе до судири, а што беа прекинати со договор за прекин на огнот потпишан на 21 јули истата година. Три децении подоцна, прото-државата Транснистрија опстојува како некој остаток од оваа геополитичка криза. „Нашата независност е веќе реалност. Останува само да се регулира тоа“, вели со доза на самоувереност министерот Игнатев.
Сепак, не постои гаранција дека овој свршен чин ќе биде и неповратен. Затоа што, паралелно со потрагата по меѓународно признавање, властите на Транснистрија може навистина да се соочат со проблемот на внатрешната легитимација на нивната држава. Таму веќе израсна една цела генерација без да биде актер или сведок на конфликтот со соседот и, како што одминуваше времето, ентузијазмот за победа забележливо еродираше. „Сакате навистина да знаете како е да се живее во земја што не е призната?“, вели извесна Ана Н. со лесно прикриен замор. Со цигарата едвај запалена меѓу прстите, младата жена седи на терасата на ресторанот лоциран на булеварот „25 Октомври“ што го пресекува главниот град Тираспол од исток кон запад. На артеријата, уживајќи во пријатна пролетна вечер, групи тинејџери талкаат наоколу и се среќаваат, со пријателите или како двојка. Оваа функционерка на Министерството за земјоделство, на возраст од некои дваесет и кусур години, се чини дека нема никаков интерес за иднината на државата која ја вработува. „Можеби земјата ќе биде признаена, можеби ќе стане автономна провинција на Молдавија“, саркастично вели таа. „Во секој случај, денот кога ќе се случи тоа, се надевам дека веќе ќе бидам дефинитивно замината одовде.“
Ослабен од политичкиот контекст, регионот на Транснистрија гледа како неговото население рапидно се намалува, исто како она во Молдавија. Со население од 706.000 жители во 1990 година, регионот сега има само 450.000 жители.[1] Младите во голем број заминуваат во странство за да студираат или да работат. Во 2016 година, во земјата, просечната месечна плата беше само 336 долари (298 евра), според истражувачката група „Експерт-груп“.[2] „Секој има пријател или член на семејството во странство“, објаснува 25-годишна бринета која повеќе не живее во градот каде што пораснала. „Заминав со моите родители на 16 години и сега живеам во Кина.“ Бидејќи Кина ги затвори своите граници за време на пандемијата, таа остана заглавена во главниот град на Транснистрија, каде сè уште живеат нејзините баба и дедо. Благодарение на интернетот, сега таа ја продолжува својата работа од далечина, како редактор на содржини за една компанија за односи со јавност. „Мило ми е што пораснав овде, но немам намера да се вратам. Јас не сум толку патриотски расположена,“ се смее таа.
За Иван Воит, историчар и професор на Државниот универзитет на Транснистрија, поддршката на младите за националниот проект, сепак, „зависи од перспективите што ќе им бидат понудени“. Вознемирени и со желба да го спречат иселувањето, властите, од своја страна, се обидоа да го консолидираат „идентитетот на Транснистрија“. Ова би се засновало, не на етничката припадност, па дури и на рускиот јазик, туку на асимилаторскиот модел наследен од советската ера. „Создавањето на нашата земја е само реакција на распадот на СССР,“ објаснува професорот Воит. „Регионалниот идентитет историски бил неопходниот цемент за кохезија на различните народи кои живеат во областа: Словени, Романци, Евреи, Турци… Потоа се кристализираше околу категоријата советски граѓанин: тогаш навистина немавме проблеми поврзани со националните прашања.“ Оваа изјава, сепак, игнорира некои од темните страници на сталинистичкиот период: како и во остатокот од СССР, Транснистрија го доживеа својот дел од големите репресии поврзани со осцилациите на советската политика кон националностите. Сепак, изјавата укажува на важноста што Тираспол ја придава на релативно мирниот мултиетнички соживот што преовладуваше во втората половина на дваесеттиот век во Советскиот Сојуз, пред поранешните советски републики да бидат погодени од локалните националистички ерупции во 1991 година. Како доказ за оваа приврзаност, сепаратистичката Транснистрија првпат го усвои официјалното име на Молдавската Советска Социјалистичка Република Днестар, и тоа кога прогласи независност во 1990 година. Новата држава на тој начин ја потврди својата желба да ја зачува советската структура, тогаш веќе во распад. На 17 март 1991 година, 97% од регионалното население гласаше за задржување на СССР на референдум што молдавските власти одлучија да го бојкотираат. По распаѓањето на Советскиот Сојуз, Трансднестарската Република се преименувала во Молдавска Република Днестар. „Реакција на предавството на тогашните елити“, објаснува историчарот Воит, за кого вторите беа виновни дека работеле на распуштање на СССР, и покрај победата на гласањето „за“ (76% од гласачите низ Советскиот Сојуз).
Изборот на спомнатата Санду, според професорот, би бил доказ дека „Молдавската политика останува жртва на овој романски национализам“. Тој потсетува дека претседателот минатиот април пред Парламентарното собрание на Советот на Европа зборувал за измена и дополнување на членот 13 од Уставот. Неговата цел: да го направи романскиот официјален јазик на земјата, според одлуката на Уставниот суд од 2013 година. Неговата изјава е последната епизода од дебатата што започна уште во 1989 година, кога молдавскиот јазик беше прогласен за официјален јазик на новата држава, а кирилицата беше напуштена во корист на латиницата. Потоа следеше лингвистичка и политичка кавга, во која учествуваше и Академијата на науките на Молдавија, која во 1996 година изјави дека „романскиот јазик“ е точното име на јазикот што се зборува во земјата. „Ние сме тие што го браниме молдавскиот јазик“, заклучува проф. Воит, задоволен.
Во Транснистрија, официјални се три јазика: руски, молдавски и украински. „Секое семејство може да одлучи на кој јазик детето ќе посетува училиште“, убедува Татјана Диордиева, директорка на градинката број 1 во главниот град. Во ходниците на нејзиниот објект, цртежите што висат на ѕидот покажуваат луѓе, облечени во традиционална молдавска и украинска облека, како се држат за рака под знамето на Републиката. Во собата за музика, дваесетина мали руси глави, облечени во униформи на Црвената армија, се подготвуваат за проба по повод 9 мај (годишнина од победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија). На програмата: танц и воени песни, патриотски, на СССР. „Остатокот од годината децата работат на регионален фолклор и пеат на други јазици“, вели директорката Диордиева, која сака да ја нагласи мултикултурната природа на образованието. Како и да е, рускиот останува сеприсутен јазик, како во ходниците на училиштето, така и на улиците на Тираспол.
„Го учев молдавскиот за време на моето школување, како втор јазик, но никогаш не го практикувам во секојдневниот живот“, признава Алиона Золотиј, млада професорка по англиски јазик. Како неа, повеќето жители на Транснистрија имаат школско познавање на молдавски или украински. Се разбира, секој од трите јазици се појавува на таблите на фасадите на јавните згради, но молдавскиот и украинскиот сепак исчезнуваат во корист на јазикот на Пушкин на натписите на продавниците, рекламите или разговорите во кафулињата. Оваа ситуација го фаворизира западниот наратив кој го претставува регионот на Транснистрија како територија „окупирана од Русија“. Москва има, навистина, огромно влијание врз иднината на малата република. Иако никогаш формално не ја признала нејзината независност, Русија и дава значителна економска помош, исто како што ја снабдува и со евтин руски гас.[3] Во замена, таа и понатаму е политички зависна од Русија и игра улога на заштита од евентуален пристап на Молдавија во НАТО – перспектива што Кремљ не ја исклучува, и покрај вклучувањето на принципот на неутралност во молдавскиот устав.
На улиците на Тираспол, импулсот кон Москва почувствуван во 2006 година, во времето на уште еден референдум, се чини дека ослабна. На прашањето, дали се одобрува независноста и „можна идна интеграција“ во Руската Федерација, 97 отсто од гласачите одговориле со „да“. „Постарите луѓе сакаат повторно да се приклучат кон Русија“, додава спомнатата Золотиј. На 23-годишна возраст, младата жена што зборува руски не се смета себеси за Русинка: „Јас сум од Транснистрија, но во странство велам дека сум Молдавка, поедноставно е“. Како и повеќето млади луѓе што ги запознала, таа верува дека унијата со Молдавија останува, сепак, „најреалниот“ пат. „Нешто како Гагаузија“, објаснува таа, осврнувајќи се на автономниот регион во јужна Молдавија во кој претежно се зборува турски јазик. Дали доаѓањето и созревањето на новите генерации, веќе ја ослабело желбата за соединување со големиот, словенски брат? Веќе уморни од чекање на меѓународно признавање, се чини дека младите се стремат, пред сè, кон прагматично решавање на овој долгогодишен замрзнат конфликт.
[1] Sabine von Löwis et Andrei Crivenco, « Shrinking Transnistria – older, more monotone, more dependent », Center for East European and International Studies, Берлин, 27 јануари 2021 година,
[2] Adrian Lupușor, Alexandru Fala et al., « What are the economic treats for Transnistrian economy in 2016-2017 », Expert-Grup, Кишињев, 26 јули 2016 година.
[3] Прочитајте: « De la Transnistrie au Donbass, l’histoire begaie », Le Monde diplomatique, март 2015 година.