понеделник, 20 Јан 2025 / 22:23:24
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

На националните канали, има многу широк спектар на мислења

Ток-шоу – големата руска занимација

За противниците на владината политика, „пропагандистите од Кремљ“ – читај: главните водители на овие ток-шоуа – се виновни за бесрамната промоција на ставовите на „кланот Путин“ пред заробената публика, која од наивност или недостаток на запознавање со нови технологии, продолжува да ја добива својата визија за светот исклучиво од руската државна телевизија

Од Кристоф Тронтин
Новинар.


Фото: Paul G / Unsplash

„Дали би презеле на себе да управувате со народ кој расудува? За да ги спречите луѓето да расудуваат, мора да им наметнете чувства“, вака Оноре де Балзак и потенцира на војвотката од Ланже (Ланже, 1834 г.). Како луѓе кои расудуваат на најдобар начин, на Русите во последниве години им се нуди наплив од политички ток-шоуа, во живо и во ударно време како наутро, среде попладне и на крајот на вечерта, на главните национални канали. Секој ден на крајот на утрото на првиот национален канал, водечката програма се нарекува „Иднината ќе раскаже“; таму се зборува за „Теми што не можат да се премолчат“. На каналот Росија-1, емисијата двапати дневно се нарекува „60 минути“, во текот на кои се започнува со разгледување, наутро и попладне, „на свежите траги на вестите“. На ТВ Центр, со „Секој со својата вистина“, се оди директно „во основата на нештата“. Каналот НТВ нуди „Точка на средба“, чија цел е да биде „местото каде што сè станува јасно“, додека  „Вечер со [Владимир] Соловиев“ го завршува денот на каналот Раша-1. Разни неделни дебатни програми, поакадемски интонирани, ја комплетираат сликата: „Право на знаење“, „Пост-скриптум“, „Големата игра“, „Незапирлива логика“… Вестите бараат, овие емисии да се прикажуваат во живо, на теми кои понекогаш се одлучуваат буквално во последен момент.

Повеќе од самото постоењето на овие ток-шоуа, изненадува нивниот голем раст во последните пет-шест години. Секој канал нуди една или две вакви емисии; некои се реемитуваат навечер и траат помеѓу еден час (како „60 минути“) и два часа и 15 минути („Иднината ќе покаже“), па дури и на недефинирано време како „Вечерите“ со Соловиев. Сè на сè, повеќе од петнаесет часа дневни дебати се достапни за гледачите, а да не ги спомнуваме репризите на интернет платформите како што се Јутјуб и Јандекс. Иако доминираат темите на надворешната политика поврзани со актуелните настани, овие емисии, исто така, третираат секакви социјални теми, обично започнувајќи од работите кои предизвикуваат најголема реакција, како што е пожарот во трговскиот центар во Кемерово во 2018 година, фаталната несреќа предизвикана во 2020 година од режисерот Михаил Ефремов, возење во пијана состојба или ерупција во Русија на „културата на вознемирување“ на социјалните мрежи.

„Всушност, овој формат се покажува како единствен инструмент на генерализирано политичко образование, донесувајќи анализа на тековните настани и трендови во светската политика на милиони руски граѓани“, истакна во својата неодамнешната колумна Геворг Мирзојан, декан на Факултетот за масовна комуникација на Универзитетот за финансии близок на руската влада во Москва. „Кои се другите решенија? Книги, и специјализирани списанија не би се читале. Покрај тоа, научните списанија не можат, по дефиниција, да објавуваат документи што зависат од вестите. (…) Покрај тоа, руското општество веќе нема никаква врска со читатели од советската ера. Ја изгубивме навиката и можноста да читаме сериозни документи1.

Токму во овие понекогаш диви дебати, каде академското знаење се судира со банална реторика, каде што сите зборуваат истовремено, каде понекогаш се појавуваат и јавни закани, се наоѓа балансот помеѓу забавата и образованието. Врската помеѓу долгогодишните модератори и редовните гости е видлива; некои се запознаени едни со други; јавноста препознава познати ликови таму, како во рецептите на серијата Нетфликс, потврдува од своја страна Сергеј Марков, редовен коментатор на ваквите емисии2. Сето ова придонесува за атмосферата што го прави успехот на овие емисии: комерцијално кафуле каде идеолошките судири не спречуваат форма на меѓусебно почитување, дури и пријателство меѓу учесниците.

Не секогаш нежно за Русија, странските говорници повремено признаваат дека таа не е ужасниот пекол опишан во западниот печат. Понекогаш дури си дозволуваат и поента на хумор. Во дуплекс од Берлин во емисијата „Иднината ќе покаже“, на 1 март 2021 година, германскиот новинар Феликс Шултес се жали на мерките за ограничување таму: „Барем во Москва имаме слобода на движење. Овде, во Германија, смееме да се сретнеме само со едно лице истовремено. Ограничувања кои несомнено ќе бидат пролонгирани до изборите.“ Пред да прашате повеќе за кампањата за вакцинација: „Нашата убава демократија не е во можност, иако има 9 милиони дози, да вакцинира луѓе, поради недостаток на шприцеви!“ Во студиото, водителката Екатерина Стријенова малку претерува со емоцијата и пука во сожалувачка смеа: „Ние би сакале да ве спасиме, да ве вратиме овде, во Москва! Само храбро, Феликс!“

За противниците на владината политика, „пропагандистите од Кремљ“ – читај: главните водители на овие ток-шоуа – се виновни за бесрамната промоција на ставовите на „кланот Путин“ пред заробената публика, која од наивност или недостаток на запознавање со нови технологии, продолжува да ја добива својата визија за светот исклучиво од руската државна телевизија.

Со 2,5 милиони претплатници, на каналите на Јутјуб, како што се Дојд’, витрина на либералниот противник Ксенија Собтчак, или Навални во живо, на активист-антикорупционер – сега затворен – Алексеј Навални3 се допушта  послободен дискурс, со хумор и талент, заедно со нивната омраза за „режимот“ и емитување на своите фанови радикална критика за оваа „срамна и одвратна пропаганда4. Нешто кое продолжува да им се допаѓа на големото мнозинство Руси, барем ако сакаме да веруваме во неспорниот успех што овие ток-шоуа продолжуваат да го постигнуваат на главните канали на јавната телевизија. „Вечерите со Соловиев“ постигнаа гледаност од скоро 20% (на самиот крај на вечерта, точно е), проследено со „60 минути“, со 12%, на истиот канал Росија-1. На Првиот канал, и на каналите ТВ Центр и НТВ, нивните колеги се помалку гледани, но останаа, од 2017 година, на нивоа помеѓу 5 и 10% од вкупната гледаност5.

„Сметам дека владата има право да има свое гледиште и да го пропагира. И не гледам ништо лошо во овој термин „пропаганда“, иако тоа доведува до различни толкувања. На пример, што не е во ред со промовирање на здрав начин на живот? Или мир во светот?“, изјавува Андреј Норкин, ѕвезда-водител на една од најгледаните емисии „Точка на состанокот“6. Со одмерен тон, бела коса и строги очила во облик на правоаголник, тој е еден од најискусните водители на руската аудиовизуелна сцена, бидејќи неговата кариера датира од 90-тите години на минатиот век, на каналот НТВ, за кој тогаш се сметаше дека е воена машина на милијардерот Владимир Гусински против претседателот Борис Елцин.

Три децении подоцна, тој се врати на истиот канал откако го купи холдинг компанијата Гаспром Медиа, чиј капитал е целосно во сопственост на државата, за да се најде под индиректна владина контрола. Овој очигледен пресврт на никаков начин не влијаеше на смиреното уверување на модераторот, чија непристрасност при водењето на дебатите е препознаена дури и во редовите на опозицијата. „Одредена агресивност е неизбежна: таа е поврзана со позиционирање на нашите емисии во распоред на програмата и со потребите на публиката“, смета Норкин. „Ток-шоуата се разликуваат во зависност од времето кога се емитуваат. „Точка на состанокот“ е попладневно шоу, затоа има своја посебна публика (…). Кај нас, покрај рационалните аргументи, мора да има и емоции“7.

Ако тие постоеле и еволуирале уште од советскиот период, време кога се разменувале долги и учени тиради во темно студио, златното доба на руските ток-шоуа, односно на нивното чудесно растење, датира од 2014-2015 година. Нивната основна, ако не и исклучителна, тема тогаш беше Украина и нејзините потреси, нејзиниот стратешки пресврт кон Западот, јазичната војна што беснееше таму и насилниот пресврт што наскоро ќе настапи. Токму за справување со оваа траума, политиколозите, истражувачите, дипломатите и другите самопрогласени „експерти“ започнаа да се множат на екраните за време на жестоките вербални дуели.

Најзабавните моменти се тие во кои, од самиот почеток, водителите презедоа обврска систематски да ги покануваат „адвокатите на ѓаволот“, повикани да ја претставуваат, понекогаш на безобразен начин, спротивната страна. Целиот спектар на Украинци, многу вознемирени против нивниот северен сосед, беа во можност да ги пренесат своите поплаки во живо на телевизија на „земјата агресор“. Во последно време, новинарката Јанина Соколовскаја и политиколозите Васил Вакаров и Вјачеслав Ковтун наизменично го оцрнуваат руското мешање во украинскиот регион на Донбас, ги бранат силно законите, со кои се забранува на руските говорници да го користат нивниот мајчин јазик и со минимизирање на заканата од неофашистичките милиции како Азов или Прави Сектор8. Нивните противници, поддржувачи на Украина со интереси неразделни од оние на мајка Русија, не пропуштаат да ги потенцираат апсурдите кои се користат во противењето кон Русија од владата на Украина, како на пример во емисијата „Иднината ќе покаже“ (од 13 декември 2019): „Ама, зошто да одбиеме руски гас? Само да и се наштети на Русија? Но, вие самите ќе си наштетите! Вие ги купувате, од трети страни, по светски цени, истите овие тоталитарни глупости!“  Иронични се исто така – и во емисијата „60 минути“, на 25 март о.г. – за трагикомичните неуспеси на  политиката за справување со епидемијата на Ковид-19 на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој, откако со гордост ги одби руските вакцини, виде дека испораката е одложена од Грција на западните вакцини, за конечно да се врати на индиските вакцини Ковишилд, во минимални количини и по висока цена.

Накратко, Русите ги обвинуваат своите украински соседи дека избрале, со ентузијазам кој во моментот е слабо награден, да преминат на страната на Запад, кој не е многу заинтересиран да им ги понуди предностите за кои сонуваат. Она што Соловиев го резимира во една лапидарна тирада на 11 март: „САД ви испраќаат воена помош, но не и вакцини.“

Еден странски гледач би бил изненаден од слободата на тонот што владее во овие емисии, но исто така и да слушне забелешки, а за некои од нив би вредело авторот да биде медиумски екскомунициран дури и во контекст на нашите демократски ширини. Така, Николај Стариков може да изјави во „Иднината ќе покаже“,  на 5 март 2019 година (годишнина од смртта на „малиот татко на народите“): „Мнозинството Руси, а јас сум еден од нив, го сметаат Сталин за најдобар лидер во нашата историја.“ Олег Барабанов во емисијата „Точка на средба“ на 3 март о.г. потврдува: „Да сум на место на Москва, и јас исто така би лажел [на темата за поголема смртност како резултат на Ковид-19]“. И Михаил Делјагин се истрчува да поентира во „Иднината ќе покаже“, на 14 април 2021 година, во врска со конфликтот со низок интензитет во регионот на Донбас : Една спречена војна е смртоносна закана за САД.“ А да не ги спомнуваме насилните и крајно навредливи коментари дадени од руски соговорници кога дебатата се врти околу парадите на геј гордоста во Европа и најновите случувања во родовата политика во САД.

Меѓутоа, понекогаш трпеливоста на водителите ги достигнува своите граници. Ваков беше случајот кога полемичарот Александар Ситин, понесен од резонирање со силни индиции за европска супремација, се пушти да поентира во „Иднината ќе покаже“, на 16 април 2019 година, ден по пожарот на катедрала Нотр Дам во Париз: „Погрешно споредувате два пожара: едниот уништи скапоцен објект на класичната европска култура, а другиот [пожарот во Синдикалниот дом во Одеса, каде неколку десетици проруски демонстранти загинаа на 2 мај 2014 година] предизвика губење на некои човечки материјали со слаб генетски квалитет“. Потоа водителот Анатолиј Кузичев го замоли, без да ја изгуби присебноста, да го напушти студиото. Еден Макијавели со темни очила и педантни фрази, кој, сепак, мораше брзо да го најде своето место на сите сцени каде што се појавувал.

Без сомнение, најконтроверзниот од водителите е Артјом Чејнин. Со ретка коса, со ланче врз црно-бела брада, со нозе воинствено раширени во центарот на арената, тој и не го крие својот патриотизам и не се двоуми да ги искара гостите чии реплики не му се допаѓаат. Друга негова манија се состои во поставување на неговите прашања на долг, научен и развиен начин, за да се спречат со детални предупредувања лажните аргументи, а со кое, потврдува тој, неговиот соговорник веќе е во процес на уништување, потоа за да го предупреди дека одговорот, поразен однапред од неговите незапирливи аргументи, нема да се смета за валиден или искрен, повеќе од такви други, исто така искинати на парчиња како превентивна мерка, а потоа да ги предложи, полн со педагошка посебност, видот и содржината на одговорот за кои смета дека се најточни за неговото прашање, од кое, тука, еве веќе, можеме да почувствуваме како се појавува прашалникот, а со што конечно ќе му даде право на прашаното лице и да одговори… пред Чејнин скоро веднаш да го пресече, извикувајќи театрално: „Бев сигурен во тоа! Знаев! Тоа е вашето лошо убедување на кое сте навикнати! Сакате да ми кажете дека – итн.“ На крајот на краиштата, неговите цврсти мислења, заедно со неговиот недостиг на скрупули за да ја искористи својата предност како водител на дебати, му обезбедуваат водечка улога во блокбастерите со кои раководи.

Меѓу неговите омилени поединци за зафркавање се и Мајкл Бом и Мајкл Васиура, американски граѓани кои се многу непријателски настроени кон Доналд Трамп. Со нивниот руски јазик обоен со средно-западни акценти, и двајцата изразуваат – секогаш кога станува збор за американска политика или нови антируски санкции – демократски, атлантистички, прогресивни позиции што водителот ги очекува од нив со цел нежно да ги искористи. Друга корисна вреќа за удирање: политикологот Андреј Никулин, претставник на систематското спротивставување кон Владимир Путин, дека никогаш нема да се согласиме со руската влада, кога е против странска земја или какво било наднационално тело. Од малтретирање од страна на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) до американски санкции, исклучување од Советот на Европа, во нивните очи сè е оправдано и потребно, во согласност со најдобрите интереси на рускиот народ. Чејнин не се двоуми да го погази дигнитетот на таквите соговорници истовремено заедно со нивните аргументи.

Под неговата „разнебитувачка“ надворешност, на Чејнин не му недостасува луцидност во врска со телевизиската улога што е негова. „Јас сум само производ на моето време. Денес, на телевизијата и требаат експлозивни, импулсивни, категорични водители и модератори. После еден период на гламур на телевизијата, таа доживува период на војна, во смисла дека два добро дефинирани табора се борат едни против други. Порано, никогаш човек со мојата фигура и мојот темперамент не можеше да биде ТВ водител. Се појавив на екранот само затоа што времињата се променија.9 Раздробеното општество и хипер-партиските медиуми не се карактеристични само за западниот и атлантскиот свет10.

Во Русија, идеолошката линија на поделба е далеку од дихотомијата лево-десно. Таа ги тера „суверенистите“ да се спротивстават на „странските субјекти“. Првите, во моментот мнозинство, сакаат да продолжат, и покрај жртвите што ги подразбира, со политика на голема руска моќ промовирана од Путин. Вториве, понекогаш квалификувани дури и како „петта колона“, „агенти на странско влијание“  или, неутрално, „либералите“, напротив, би сакале Русија да го усвои патоказот што и го покажува Западот, дури и ако тоа значи прифаќање на вознемирувања и понижувања, за да се докаже и со тоа да ја добие довербата на своите партнери. Застапниците на катодниот патриотизам ги гледаат како предавници: „Мора да се нарекуваат работите според нивното име: нашите противници, кои се вон системот, во реалност се агенти на влијание на платниот список на земјите кои не се наши пријатели“, така тврди Соловиев на 11 март 2021 година. Општо, студијата се поделени помеѓу оние кои се залагаат за интеграција на Русија во усогласениот систем на „цивилизираните“ нации и оние кои со премолчена поддршка на водителот, го потврдуваат неговиот повик да биде на исто ниво со Кина и САД. Стариот руски спор меѓу „Европејците“ и „Славофилите“ ја добива својата модерна форма.

Една позната размена на реплики ја резимира оваа полемика. Се мисли на спротивставувањето на политикологот Ариел Коен на сенаторот Вјачеслав Никонов во емисијата „Вечери со Соловиев“, на 22 јуни 2017 година: „Ако Русија продолжи да и се спротивставува на американската доминација и да добива сè поостри санкции од западниот свет, нејзината економија ќе ја нема. (…) Кој ќе ни ги обезбеди технологиите, пазарите, капиталот за да се развиваме?“, алармира првиот. Вториот возврати: „Технологии, нешто кое Американците никогаш не ни дадоа или продадоа, како резултат на ембарго што датира од крајот на Втората светска војна (…). Денес сме светски лидери во употребата на нуклеарна сила за мирни цели. И не само тоа: нашите системи за вооружување, нашите вселенски технологии, нашите вакцини се извезуваат, демонстрирајќи ја нашата способност да дојдеме на највисоко ниво без надворешна помош.“

Во емисијата „Право на знаење“, на 27 март о.г., политикологот Сергеј Караганов сметаше дека е потребно да се стави точка на овој вид размена на реплики: „Треба да се соочиме со фактите: вечното прашање „Дали сме [ние Русите] добри, достојни, оригинални Европејци?“, веќе не е актуелно. Европа што ја цениме повеќе не постои, освен во нас самите. Со Толстој, со Чехов, со Чајковски, придонесовме за европската култура исто колку што извлековме од неа. За жал, Европа како извор на нови идеи пресуши и време е да се свртиме кон други култури за кои не знаеме ништо и кои се појавуваат на сцената.“

Маргарита Симонијан, самата медиумски покровител на телевизискиот канал РТ, дезертер од американската програма „Идните лидери зборуваат“, редовно зборува на разни руски платформи. Својата обемна новинарска обука ја имала во САД како секташка индоктринација што, далеку од тоа да ја заведе, ќе и ги отвори очите кон идеолошката војна што Западот ја води против нејзината голема татковина. „На колеџот за новинарство – ова беше по советскиот период – нè учеа на принципите на плурализам и објективност“, рече таа во емисијата „Право на знаење“, на 14 октомври 2017 година. „Кој тогаш би помислил дека тоталитаризмот ќе дојде од Западот? Во Америка, ако имате нерв да искажете дури и неутрално мислење за Путин и Русија, се гледате како си ја лепите етикетата на корисниот идиот на Путин, и тоа е тоа. Крај на сè. Многу новинари одат во лов на вештерки. Погледнете ја оваа статија од Њујорк Тајмс која тврди дека новинарите кои зборуваат со РТ мора да бидат казнети на некој начин… На нив се врши луд притисок да ги спречат да работат со нас, да го забранат изразувањето на мислење различно од официјалната линија. Ако ова не е тоталитаризам, се прашувам што е тоа!“

Една од постојаните теми на овие ток-шоуа е токму ова „недоразбирање со Западот“ – за најоптимистите – или „вродена русофобија на Западот“, за најкритичните. Олег Барабанов, професор по меѓународни односи на московскиот Државен институт за меѓународни односи и чест гостин во емисијата „Точка на средба“, на својот блог (8.06.2017) пишува дека ова стана за повеќето западни елитни еден „прифатлив расизам“ кој има за цел да ги заштити политичките системи кои се дестабилизирани од општата радикализација. Неодамнешна манифестација на ова беше изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон (25 март о.г.) во која ги обвинува Русија и Кина дека ја користеле својата вакцина против Ковид-19 како инструмент за влијание во контекст на една „светска војна од нов вид“, додека Русија и понуди на која било заинтересирана европска земја снабдување со дози или заедничко производство на својата вакцина Спутник-V. На  платформата „Секој со својата вистина“, политикологот Максим Јусин реагираше на следниов начин, на 26 март о.г.: „Како љубител и бранител на Франција, признавам дека паѓам заради тоа: Франција штотуку доживеа експлозија во бројот на заразени лица со 45.000 нови случаи за дваесет и четири часа, што е најлош индикатор од почетокот на пандемијата. Таквата забелешка ќе беше достојна за [Анджеј] Дуда [полскиот претседател] или Зеленски [неговиот украински колега], но од Макрон, кој ми даде неколку причини да се надевам на затоплување во односите меѓу нашите земји, сега оваа забелешка ме втурнува во длабок песимизам.“

Ваквите емисии секако не се објективни. Оркестрирани од канали на руската државна телевизија, водени од познати новинари потврдени со беспрекорен руски патриотизам, со учество на „експерти“ избрани според политички позиции познати однапред, лесно може да се насети какви ќе бидат нивните заклучоци. Но, тие имаат заслуга да организираат една форма на плурализам, со давање на збор главно на критичарите на моќта, вклучително и на странците. Дали, навистина, толку често слушаме руски, кинески или ирански соговорник во американско или европско ток-шоу?

Руската аудиовизуелна сцена им задава удар по удар на западните медиуми кои ја демонизираат Русија. Откако се исмејувавме со скоро хрушчовските ексцентричности на Трамп, сега треба да сме загрижени за конкретно брежневската интелектуална вискозност на новиот американски претседател. Правејќи алузии на изјавите на Џозеф Бајден, кој го оквалификува својот колега Путин – на  американскиот ТВ-канал АБЦ на 17 март о.г. – како „убиец“, Евгени Попов, познат водител на емисијата „60 минути“, започнува, саркастично: „Или реши да му бидат поумерени неговите забелешки, или се предомисли, или можеби веќе заборави, но еве, дванаесет дена подоцна, Бајден го поканува претседателот Путин на конференција за климата“ (29 март 2021 година).

Иако руската телевизија нема на што да им позавиди на своите западни конкуренти во смисла на енергичниот стил и идеите, нејзината меѓународна ударна сила, од друга страна, практично е нула. Секое американско тврдење за Русија, без оглед колку е срамота, парцијално, па дури и апсурдно, веднаш ги обиколува сите редакции, потоа и лудите наслови на светскиот печат. Ништо такво директно во лице. „Во оваа медиумска војна“, резимира спомнатата Маргарита Симонијан во емисијата „Иднината ќе покаже“, на 1 април о.г., „нашите непријатели имаат атомско оружје, ние немаме.“

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

  1.  Gevorg Mirzoyan, « Pourquoi la Russie a besoin de talk-shows politiques », Snob, Москва, 06.01.2021 (на руски јазик).
  2.  Sergueï Markov, « Le mystère des talk-shows politiques russes », Moskovski Komsomolets, 26.05.2017 (на руски јазик).
  3.  Види: Hélène Richard, « Alexeï Navalny, prophète en son pays ? », Le Monde diplomatique, март 2021.
  4.  Parasites, документарец на Алексеј Навални, 10.03.2020, на Јутјуб.
  5.  Податоци од: Institut Mediascope pour la population urbaine.
  6.  Youlia Doudkina, « Comment sont organisés les talk-shows politiques russes », Esquire, 09.07.2019.
  7.  Ibid.
  8.  Види: Emmanuel Dreyfus, « En Ukraine, les ultras du nationalisme », Le Monde diplomatique, март 2014.
  9.  Youlia Doudkina, « Comment sont organisés les talk-shows politiques russes », art. cit.
  10.  Види: Serge Halimi et Pierre Rimbert, « Un journalisme de guerres culturelles », Le Monde diplomatique, март 2021. 

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW