Веднаш по својот избор за претседател на САД, Џозеф Бајден потврди дека Америка се „враќа назад“ и дека неговата земја е „подготвена да управува со светот, а не да се оддалечува од него; подготвена да се соочи со своите противници, а да не ги отфрла своите сојузници; и подготвена да ги брани своите вредности како такви“. Ѕвездата на реалната телевизија која му претходеше во Белата куќа вети дека неговите квалитети како безгрешен преговарач од приватниот сектор ќе му овозможат да ги реши сите светски проблеми, ама на свој начин. Сепак, билансот на неговата „трансакциска“ дипломатија разочара. По четири години хаос, претседателските избори во 2020 г. означија враќање кон една потрадиционална концепција. Новиот тим во голема мерка го сочинуваат ветерани од владата на Барак Обама. Новиот американски државен секретар, Ентони Блинкен, беше тогаш број два во министерството со кое раководи денес. Други сегашни високи функционери, како Аврил Хаинс, директорка за национално разузнавање или пак Џејк Саливан, советник за национална безбедност, работеа заедно со него во тоа време.
Познати се главните линии на блискоисточната политика на новата американска влада. Приоритет ќе се даде на враќањето на иранскиот нуклеарен договор од Виена, склучен на 14.07.2015 г.1, а потоа и осуден од Доналд Трамп нешто помалку од три години подоцна. Роберт Мали, еден од архитектите на овој „заеднички глобален план за акција“ (најчесто спомнуван под неговиот англиски акроним, JCPOA), исто така е назначен за специјален пратеник за Иран. Овој план предвидува да ја регулира нуклеарната програма на Исламската Република Иран, во замена за постепено намалување на меѓународните санкции.
Друга сигурност: „рекалибрација“ на американската политика кон Саудиска Арабија. Американската толеранција на оваа земја веќе нема да биде соодветна2. Но, како и да е, по неговата изјава за време на предизборна кампања дека Саудиска Арабија ќе се третира како „парија“, сега стратешките интереси сепак му наметнуваат одредена воздржаност на новиот американски претседател Бајден. Меѓутоа, има и некои конкретни чекори, како што е ставање крај на безусловната поддршка на САД за војната во Јемен. Исто така, новиот американски претседател стави до знаење и дека сега ќе комуницира директно со саудискиот крал Салман, ставајќи крај на привилегираните врски што долго време ги имаше престолонаследникот Мохамед бин Салман со американските лидери, а особено со Џаред Кушнер, зетот на тогашниот претседател Трамп. Извештајот подготвен од американската Централната разузнавачка агенција (ЦИА), каде се утврдува одговорноста на престолонаследникот во атентатот врз саудискиот новинар Џамал Кашоги сега е декласифициран, а седумдесет и шест Саудијци кои се дел од дворската клика на семоќниот принц се предмет на санкции, без американската влада да настојува да го вклучи и главниот виновник за ова дело. Отсега Ријад ќе биде повикуван на одговорност кога човечките права ќе бидат премногу видливо повредени.
Во врска со арапско-израелскиот конфликт, новата американска влада, која потсети дека нејзината посветеност на „безбедност на Израел“ е „света работа“, нема да се навраќа на признавањето на Ерусалим за главен град на Израел, особено затоа што Сенатот ја заврши оваа работа со конечен резултат од деведесет и седум гласа „за“ и три „против“. Иако тимот на претседателот Бајден смета дека единствениот остварлив исход е „решение со две држави“, тој проценува дека сепак ова не е реално на краток рок и дека во моментот е потребно да се задоволи со убедувањето на „двата табора“ за да се избегнат провокации и еднострани мерки што може да ги искомплицираат работите. А што се однесува до т.н. Абрахамски спогодби, договорени во август 2020 г., со цел нормализирање на односите меѓу Израел и четири арапски држави – Бахреин, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Мароко и Судан – владата на Бајден не пропушти истите и да ги поздрави.
И покрај актуелната рамномерна распределба на местата во американскиот Сенат (педесет демократи и педесет републиканци, за што би гласала и потпретседателката на САД Камала Харис, доколку е потребно), сепак потврдата на номинациите не беше тешка како таква. Парадоксално, само изборот на Мали за специјален американски пратеник за Иран, позиција за која не е потребна потврда од Сенатот, предизвика бура критики и предупредувања, главно од таборот на републиканците3. Добар познавач на регионот и неговите главни актери, поранешен претседател на Меѓународната кризна група, позната невладина организација специјализирана за решавање конфликти низ светот и ветеран од владите на Клинтон и Обама, специјалниот пратеник Мали е посебно критикуван за неговата улога во иранскиот нуклеарен договор.
Да се реанимира овој договор, кој продолжува да го обврзува Иран и другите потписнички – Русија, Кина, Франција и Велика Британија, како постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (ООН), потоа и Германија – сигурно ќе претставува еден од главните предизвици на мандатот на претседателот Бајден. Ќе биде невозможно да се продолжи по ова прашање од местото каде претходната влада на демократите го напушти. До последниот ден, владата на Трамп, а особено државниот секретар Мајкл Помпео, донесуваа одлуки со намера да создадат минско поле за новиот американски претседател и неговиот тим. Поважно е, што годините на мандатот на Трамп, иако далеку од тоа да претставуваат заграда без последици, ги трансформираа и геополитичкиот контекст и институционалната рамка на американската надворешна политика. Како што е резимирано во неодамнешната книга на Итамар Рабинович, поранешен амбасадор на Израел во САД, регионалните неарапски актери, „како Иран, Турција и Израел, сега играат главни улоги“4. Бирократските дисфункции, како и персонализираната и нагласено деловната дипломатија на поранешниот претседател од редовите на Републиканската партија, исто така, создадоа безброј сиви области.
Така, само што Трамп го именува на функцијата државен секретар на САД, Рекс Тилерсон, поранешен шеф на нафтениот гигант Ексон Мобил, изјави дека не треба да се меша во ништо што ги допира земјите од Заливот или, не дај боже, во израелско-арапскиот конфликт… Односите на шефот на дипломатијата со претседателот, кого требаше да го оквалификува како „кретен“, беа изгубени. Бргу беше отпуштен од функцијата, за да биде заменет со Помпео, еден евангелистички христијанин опседнат со Иран, чии политички амбиции му забрануваа да се спротивставува на збеснатиот претседател. Досиејата задржани од професионални дипломати беа ексклузивен домен на Кушнер. Потомок на семејство на сопственици на недвижнини од сојузната држава Њу Џерси, многу близок со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така имаше и многу блиски врски со двајцата моќници од Заливот, Мохамед Бен Зајед, престолонаследник на ОАЕ, и особено со Бен Салман, неговиот саудиски колега. Израелскиот премиер, од своја страна, ја направи иранската закана за негова дневна деловна активност и веројатно тајна на неговата издржливост5. Сега, Израел, Саудиска Арабија и ОАЕ, кои сметаат дека Иран е егзистенцијална закана, ќе сторат сè за да спречат САД да се вратат во иранскиот нуклеарен договор.
Еден месец пред овој договор – потпишан на 14.07.2015 г. – Трамп одлучи да се кандидира за претседателските избори планирани за следната година. Треба да се потсети дека малку набљудувачи веруваа во неговите шанси за успех. Запрашан за иранскиот нуклеарен договор, тогаш тој одговори: „Иран добива сè и не губи ништо.“6 Идниот претседател виде само една зделка повеќе, една т.н. игра со нулта сума. Со вакво однесување, Трамп беше во согласност со шеснаесет други републикански кандидати и со значителен дел од американската политичка елита. Тогаш некои водечки демократи, како сенаторот од Њујорк, Чарлс Шумер, сегашен лидер на демократското мнозинство во Сенатот, исто така, се спротивставија на нуклеарниот договор со Иран. Во текот на целата своја претседателска кампања, Трамп ја правеше истата реторика за сè што можеше да помине како дипломатски успех на владата на Обама: „Ние изгубивме при замената; сега целиот свет ни се смее.“
Повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор беше во центарот на ветувањата на тогашниот републикански кандидат. Откако беше избран, Трамп продолжи да го напаѓа договорот. Залудно чекаше да види како Иран пропаѓа во своите обврски: Иран продолжи да ги почитува, а Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) истиот договор дури и го потврди… Уморен од водење битки, и покрај силните предупредувања од другите потписници, на 08.05.2018 г. Трамп најави повлекување на САД од договорот и непосредно враќање на санкциите против Иран, според него, единствениот начин да се спречи Иран да стане нуклеарна сила. Како и да е, договорот остана во сила, но висеше на конец, со што Иран повторно ги започна своите активности за збогатување ураниум далеку над границите предвидени со договорот. Тогаш Трамп се обложуваше дека, со помош на санкции, и со оглед на неговите (самопрогласени) квалитети како преговарач, ќе добие поповолни услови. Во таборот на републиканците, неколку јастреби, вклучувајќи го и Џон Болтон, кој некогаш беше советник за национална безбедност, или поранешниот градоначалник на Њујорк, Рудолф Џулијани – еден од првите сојузници на Трамп, сакаа да одат дури и подалеку. Нивната цел не беше ништо помалку од „промена на режимот“, односно распад на Исламската Република како таква.
Малку фокусиран на идеологијата и нестрплив да го прекине присуството на американските трупи во регионот, Трамп, и покрај неговите громогласни изјави, не споделуваше такви цели. Наместо тоа, тој се надеваше дека ќе ги убеди иранските лидери да преговараат со него за „подобрен“ договор за кое нешто тој би ја добил заслугата. Подобрен како? Со додавање тука на два елементи: надзор врз балистичката програма и стопирање на иранските „дестабилизирачки“ активности во регионот, кои вклучуваат поддршка дадена на претседателот Башар ал-Асад во Сирија, на либанскиот Хезболах и на ирачките шиитски милиции. Всушност, и покрај своите патетични тиради, Трамп повеќепати упати директни апели до иранскиот претседател Хасан Рухани, повикувајќи го да преговара со него. Во септември 2019 г., за време на Генералното собрание на ООН, францускиот претседател Емануел Макрон се обиде да го убеди Рухани да го посети американскиот претседател во неговата хотелска соба во Њујорк. По тешките преговори, Рохани даде до знаење дека тој бара претходно да бидат укинати санкциите како такви7.
2020 г. посебно го ставаше Иран на проба. Годината започна со атентат од американски дрон врз иранскиот генерал Гасем Сулејмани, поранешен шеф на елитната единица на револуционерната гарда, кој стана олицетворение на „отпорот“ на Исламската Република. И заврши со атентатот врз иранскиот физичар Мохсен Фахризадех, еден од водечките личности на иранската нуклеарна програма. Непрекинатото натрупување на санкции од сите видови, на кои им се додадоа и ефектите од Ковид-19, ја стави земјата на колена.
Откако Бајден ја презеде функцијата на американски претседател, иранските лидери се поделени. „Умерените“ како претседателот Рухани и министерот за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф, би се вратиле на преговарачката маса. Тие сметаат дека нивната земја веќе има направено значителен гест на смирување со тоа што не бара финансиски репарации за штетата нанесена од САД. Сепак, тие се под голем притисок на радикалите, кои ги обвинуваат за наивност, ако не и за предавство. Според последниве, кои како пример го наведуваат ненадејното и необјаснето ослободување на Курдите – сепак долгогодишни сојузници на САД – во Сирија, во октомври 2019 г., веќе не може да им се верува на САД. Уште повеќе, зошто да се потпише договор ако може истиот да се осуди штом новата влада на САД дојде на власт? Но, други ја цитираат Северна Кореја, која, по тврдиот суд на американскиот претседател, одлучи дека сопствениот нуклеарен арсенал, сепак, нуди подобра заштита од ветувањата за просперитет со кои беше опсипана. Од своја страна, врховниот водач ајатолахот Али Хамнеи ја прифаќа идејата за повторно иницирање на договорот, под услов двете земји да дејствуваат брзо и извршувањето на текстот и отстранувањето на санкциите да се прават истовремено. Веќе се водат преговори зад сцената за да се донесе одлука за кореографијата и „секвенционирањето“, т.е. одредување на неговите фази.
За Вали Наср8, професор на Факултетот за напредни меѓународни студии Пол Х. Ниче на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, САД, и еден од најдобрите експерти за односите меѓу двете земји, „американската политика на ‚максимален притисок‘ даде слаби резултати. Само брзо враќање на преговарачката маса ќе спречи разгорување“. Всушност, Белата куќа не може да си дозволи луксуз да го губи своето време, бидејќи истовремено мора да управува со катастрофалното наследство и да го расчисти теренот што и го остави претходната американска влада – додека се надева претседателските избори во јуни во Иран да не доведат до избор на јастреб кој би се залагал за прекинување на преговорите со САД.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- Види: Camelia Entekhabifard, « Les Iraniens dans l’incertitude du lendemain », Le Monde diplomatique, септември 2015.
- Види: « Singulière amitié entre Riyad et Washington », Le Monde diplomatique, декември 2017.
- Види: Lara Jakes et Michael Crawley, « US names Iran envoy in battle of wills with Tehran over nuclear negotiations », и Michael Crawley, « Why Biden’s pick for Iran is “a proxy for everything” », The New York Times, засебно за 29.01.2021 и 13.02.2021.
- Itamar Rabinovich и Carmit Valensi, Syrian Requiem: The Civil War and Its Aftermath, Princeton University Press.
- За една друга израелска перспектива, види: Yair Golan, « Why some Israeli generals want to see the US return to the nuclear deal with Iran », The Washington Post, 03.03.2021.
- Tom LoBianco и Sophie Tatum, « GOP 2016 hopefuls slam Iran nuclear deal », CNN, 15.07.2015.
- Farnaz Fassihi et Rick Gladstone, « How Iran’s president left Trump hanging, and Macron in the hall », The New York Times, 30.09.2019.
- Види: Vali Nasr, « Biden’s narrow window of opportunity on Iran », Foreign Affairs, Њујорк, 02.03.2021.