Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Тешката одговорност на Белгија

Дури во април 2000 година премиерот Ги Верхофстад, кој во 1998 година беше шеф на парламентарната комисија за Руанда, оди во Кигали и ги изговара овие решавачки зборови: „Во името на мојата земја, во името на мојот народ, барам прошка од вас“

Колет Брекман
Новинарка, Ле Соар, Брисел


Фото: Paul Deetman / Pexels

Отсега па натаму, одговорноста на Белгија за геноцидот во Руанда е турната настрана со настаните што конечно дојдоа во центарот на вниманието во Франција. Сепак, одговорноста на бившата колонијална сила не се протега само за неколку години, туку со децении: откако на Белгија, како земја-победник во Првата светска војна, тогашната Лига на нациите и го довери мандатот и старателството врз две поранешни германски колонии, Руанда и Бурунди.

Управувајќи оддалеку две мали земји за кои не знаеја ништо, Белгијците за возврат решија да практикуваат индиректна администрација и да се потпрат на локалните структури, во овој случај феудална моќ на божествено право во која доминира т.н. Мвами (суверенот). Не сакајќи да преземат трошоци за територии, многу посиромашни од огромното Конго на кралот Леополд Втори, тие тогаш ги повикаа европските мисионери од редот Белите отци да помогнат во Африка, така што покрстувањето да стане и елемент на колонијална доминација и фактор на „развој“.

Импрегнирани со науката на таа епоха, антропометријата, и опседнати со класификација и разликување помеѓу „расите“, Белгијците со големо убедување ја прифатија т.н. „хамитска“ идеологија. Тие сметаа дека Тутсите, во поглед на нивната морфологија, биле од хамитско или нилотско потекло; дека тие припаѓале на народ на сточари, кои, доаѓајќи во Централна Африка во потрага по пасишта за своите големи стада, им се наметнале на земјоделците „Банту“ (Хуту), како и на народите Тва (Пигмејците), првите жители на Руанда1.

Во оваа африканска земја каде што, како и во соседниот Бурунди, легитимноста на монархијата се потпираше на повеќе верска отколку етничка основа, колонизаторите и мисионерите го поткопаа авторитетот на Мвами Мусинга, кој на крајот бил разрешен во 1931 година со образложение дека  одбил да се преобрати во католик. Локалниот култ на Имана, единствен бог и елемент на кохерентност, потоа беше заменет со католичката религија, и „аристократијата“, т.е. Тутсите, станаа предмет на целото внимание на мисионерите пратени од Европа.

Во 1930-тите, верските преобразби беа огромни, вообичаени се крштевања со вода, а во 1950 година Руанда, како модел на евангелизацијата, беше осветена на Кралот Христос. Познатите Тутси, кои се увериле во супериорноста што им беше припишана, станаа локални инструменти на колонијалната моќ. Одговорни за наметнување на присилна работа и санкции, тие предизвикаа големо непријателство кај Хутите, чии водачи Белгијците ги симнаа од власт. Со текот на времето, Хутите беа подложени на сè потешки работи, а што предизвика неколку пати глад; од друга страна, само децата на Тутсите имаа пристап до образование, меѓу друго и во првото локално средно училиште (во Бутаре, на југо-исток од земјата), каде што беа обучувани локалните кадри како помошници на колонизацијата.

Но, Белгијците успеале да уништат и уште еден елемент на локалната социјална кохезија: традиционалниот систем кој се потпирал на тројца шефови – едниот за земјата, другиот за говедата и третиот за армијата. Од 1930 до крајот на 1950-тите, колонизаторите и белите европски мисионери започнаа да ја одврзуваат „плетенката“ на руандската нација, одејќи дотаму што ќе им обезбедат на своите граѓани лични карти со споменување дури и на нивната „етничка група“. Системот функционираше до промената: кога елитите на Тутсите се покажаа чувствителни на барањето за независност која се стекнуваше се повеќе ширум Африка, и додека ООН ја увидоа потребата да се стави крај на белгискиот мандат и старателство, тогаш Белгијците – вклучително и прогресивните демохристијани – одеднаш забележаа дека Хутите, сметани за побројни и попослушни, се жртви на дискриминација и се држат настрана од власта. Апостолскиот нунциј Андре Пероден, по потекло од Швајцарија, го охрабри својот африкански млад секретар Грегоар Кајибанда да го објави манифестот Бахуту во 1957 година, а потоа да го основа социјалното движење Мухуту, кое подоцна стана Партија на движењето за еманципација на Хуту (Пармехуту), кое успешно се залагаше за идејата за „расна“ конфронтација со „напаѓачите Тутси“. Белгискиот каноник Ежен Ернот го охрабрува Пармехуту да се преструктурира на терен користејќи го системот на локални ќелии, според моделот на Легијата на Марија2, додека Тутсите го формираат Националниот сојуз на Руанда (УНАР), што се залага за итна независност и уставна монархија.

Како и да е, немирите започнаа веќе во 1959 година, во форма на селански бунт. Интересно е овде да се спомне дека оваа селска буна и не беше воопшто насочена против белгискиот колонизатор, туку против елитата и локалните власти од заедницата на Тутсите; една т.н. социјална „револуција“, која беше дури и поддржана од белгискиот локален полковник Гијом Ложиест. Овој моќен човек, кој живееше во Јужна Африка и кој имаше целосни овластувања, јавно беше симпатизер на Пармехуту и на Каибанда, кој потоа стана првиот претседател на земјата.

Независноста прогласена во 1962 година беше претставена како победа на обичниот народ. Изгореа колибите на Тутсите и триста илјади од нив тргнаа по патот на егзил, особено кон Уганда, со што стануваат најстарите бегалци во Африка. До 1990 година, Белгијците стојат на страната на своите пријатели од Руанда, имплицитно споделувајќи ја идејата дека етничкото мнозинство се совпаѓа со политичкото мнозинство. Претседателот Жувенал Хабјаримана, претставен како умерен во споредба со неговиот претходник Кајибанда, кој не ја криел својата омраза кон Тутсите, редовно беше пречекан во Белгија и поканет од кралот Бодуен да присуствува на молитвените собири организирани во кралската палата. Три децении, Руанда, „земјата на илјада соработници“, беше една од главните корисници на белгиската помош за развој, а споредбата со неконтролираниот Заир (сегашна Демократска Република Конго) на Џозеф-Дезире Мобуту редовно одеше во нејзина корист, дури и ако, кон крајот на осумдесеттите години, земјата, задавена од политиките за структурно прилагодување, беше принудена да ја девалвира својата валута и затоа се разви голем гнев кај локалното население веќе осиромашено и уништено од СИДА.

Меѓутоа, кога во октомври 1990 година започна војната на границата со Уганда, Белгија одбива да го поддржи својот лојален сојузник против Руандскиот патриотски фронт (РПФ), составен од бегалци Тутси кои добиваат оружје како членови на Армијата на националниот отпор (НРА), што го донела претходно Јовери Мусевени на чело на Уганда во 1986 година. Муницијата што е веќе платена не се доставува; долгоочекуваната белгиска воена поддршка се заменува со дипломатска турнеја во земјите од регионот. Потресен, режимот на Руанда потоа се свртува кон Франција, која испраќа „неколку плашливци“, според формулата на Жан-Кристоф Митеран, тогашен советник за африкански работи на неговиот татко во Елисејската палата4. Заедно со армијата на Заир, Французите успеваат да ја одбијат офанзивата на РПФ за некое време.

Од 1990 до 1994 година, Белгија сакаше да верува со сета сила во шансите за дијалог. Ги поддржува што е можно повеќе преговорите во Аруша и принципот на поделба на власта меѓу страните. Соочена со режим кој станува потврд, таа ги охрабрува опозициските партии на Хутите. Дури и ако кршењето на човековите права, политичките убиства и етничките масакри се осудат бескомпромисно, се чини дека сè покажува дека белгиските власти никогаш не верувале дека оние што биле нивни штитеници толку долго, ако не и нивни пријатели, ќе можат да продолжат понатаму со чинот. Дека тие навистина ќе ги спроведат заканите за истребување на Тутсите толку често и отворено формулирани, особено на радио станицата Мил Колинс5 и дека тие наголемо ќе ги надминат поединечните атентати и локализираните масакри.

Доколку беше донесена вистинската мерка против заканата од страна на Белгија, особено од тогашниот социјал-христијански министер за одбрана Лео Делкроа, на 550-те белгиски мировници испратени во Кигали есента 1993 година и предодредени да станат столб на мисијата на Обединетите нации за помош на Руанда (МИНУАР), несомнено ќе им беше обезбедена многу поефикасна опрема. Ќе добиеја подобри мапи на Кигали; немаше да бидат расфрлани во четиринаесет неодбранливи кантони и немаше да им биде ветено „годишен одмор“ во „земјата на илјада ридови“. На почетокот на 1994 година, кога имаше сè повеќе сериозни инциденти, Белгија, конечно преземајќи мерка во однос на непријателството против нејзините трупи, залудно побара од ООН – да го модифицираат на некој начин подиректно и поофанзивно мандатот за „одржување на мир“ кој, сепак, на крај, ги потчинува нејзините војници на воената команда на Руанда.

Масакрот на десет белгиски сини шлемови утрото на 7 април 1994 година, омразата изразена преку радио станицата Мил Колинс, заканите што ги оптоваруваат иселените лица, асимилирани со Тутсите и кои беа набрзина евакуирани, уште повеќе го револтираат белгиското јавното мислење, особено поради фактот што овој излив на насилство беше дело на земја што дотогаш се сметаше за пријател. Така, Руанда стана одбивно огледало на белгискиот систем заснован на рамнотежа и компромиси меѓу јазичните, ако не и „етничките“ групи. Кога на 14 април 1994 година, министерот за надворешни работи Вили Клас го извести генералниот секретар на ООН Бутрос Бутрос-Гали дека Белгија ќе ги повлече своите мировници и ги повика другите земји да го сторат истото, во Белгија немаше ниту еден глас да протестира против оваа одлука која ја остави Руанда на џелатите.

Дури во април 2000 година премиерот Ги Верхофстад, кој во 1998 година беше шеф на парламентарната комисија за Руанда6, оди во Кигали и ги изговара овие решавачки зборови: „Во името на мојата земја, во името на мојот народ, барам прошка од вас.“

 

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти: 

  1.  Види: Gérard Prunier, « Le mythe des Hutus et des Tutsis », Le Monde diplomatique, февруари 2016.
  2.  Здружението е основано во Ирска во 1921 година и обединува католички верници кои се ставаат во служба на Црквата.
  3.  Види: Makhtar Diouf, L’Endettement puis l’ajustement. L’Afrique des institutions Bretton-Woods, L’Harmattan, coll. « Forum du tiers-monde », Париз, 2002.
  4.  Види: Gérard Prunier, Rwanda 1959-1996. Histoire d’un génocide, Dagorno, Париз, 1997.
  5.  Види: François Misser, « Rwanda : médias et génocide », Le Monde diplomatique, август 1994.
  6.  Види: Anne-Cécile Robert, « En Belgique, jusqu’au cœur du pouvoir », Le Monde diplomatique, септември 1998.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW