Колку навистина Доналд Трамп беше лош претседател? Прашањето е важно за проценка на вонредниот бран хистерична реторика што доминираше во американската култура во последните пет години.
Трамп беше ужасен водач: полн со предрасуди, самобендисан, неспособен за емпатија, заљубен во сопствената слика, и тотално немаше поим што вклучува и претставува неговата работа и функција. Лажеше постојано, вклучително и во контекст на лесно проверувани јавни изјави. Трамп, како американски претседател, беше еден голем демагог кој се преправаше дека се грижи за работните луѓе, но во реалноста не беше така. Тој ја злоупотреби највисоката функција во државата за да се збогати себе си и своите приврзаници. Тој им дозволи на американските приватни индустрии да ги ремоделираат американските закони, како им одговараше. Тој дури и ја одби легитимноста на сите избори чии резултати не му одговараа.
Секоја од овие констатации би ги опишала и особините што Трамп ги споделуваше и со многу други американски политичари во последните педесет години – вклучително и претседатели кои отидоа далеку над Трамп во деструктивната употреба на моќта на претседателската функција. Роналд Реган, на пример, тотално го дерегулира финансискиот систем, дозволи да се вратат монополите на пазарот, ја разби моќта на американските синдикати, па дури и се обиде да ја приватизира надворешната политика на САД; Џорџ В. Буш започна голема војна под лажни изговори и ја започна програмата за надзор и следење во САД што расте и се шири до денес; Ричард Никсон, добро, можете и сами да побарате за него.
Сите тие беа способни луѓе, кои ги промовираа долгорочните цели на нивната Републиканска партија со ладна рационалист. Од друга страна, Трамп беше толку некомпетентен скоро и да не се поверува; всушност, една голема будала кој беше бесен против силите што воопшто не ги разбираше како такви. Навистина, Трамп успеа да добие големо намалување на даноците преку Конгресот и беше во можност да назначи многу високи федерални судии; но освен тоа, тој не постигна никаква голема работа. Самиот претставувајќи се како човек со јак карактер и цврста рака секогаш спремен да ја користи својата моќ, Трамп во основа не стори ништо како американски претседател, кога дојде период на вистинска национална вонредна состојба во форма на пандемија Ковид-19: тој, едноставно, ги предаде работите на сојузните држави и на приватниот сектор. Само да се потсетиме, кога се појавија масовни протести во многу градови летото 2020 година, Трамп реагираше само со неговата жалопојка против американските медиуми. Претпоставен како голема закана за слободата на говорот, тој самиот беше цензуриран кога Твитер и Фејсбук му ги затворија неговите профили.
Во контекст на сите горни елементи, како треба да ја толкуваме политичката култура која доминираше во САД, во последните пет години? Од 2016 година до почетокот на 2021 година, поголемиот дел од американските коментатори, општествени дејци и други „експерти“ се собраа во неколку публикации, радио-станици и ТВ-канали што го водат интелектуалниот живот на САД, за да го опишат Трамп како авторитарен, тиранин, лудак кој сака атомска војна, фашист, нацист, најлошиот лидер на која било држава после Хитлер. Нивната хистерија беше универзална, хегемонична. Да се биде лево и да се има некое друго толкување на настаните не само што не беше дозволено; тоа претставуваше дури и гест за ограничување на сопствената кариера. Да се одбие да се учествува во хистеријата, значеше да се замолчиш самиот себе.
За да се разбере оваа работа, да почнеме со веста што стоеше како основен напис на кредото во хистеричниот свет: теоријата дека Трамп не само што ја добил претседателската функција благодарение на руското мешање во изборите, туку и дека самиот Трамп всушност бил инструмент на непријателска странска сила. Скоро секој престижен американски медиум барем еднаш се има согласено со ова застрашувачко обвинување дека милијардерот од Њујорк, всушност, бил инфилтриран агент.
Критичните елементи на хипотезата за заговор со Русија, никогаш и не биле докажани воопшто; останатите елементи дефинитивно се покажаа дека биле погрешни – како наводната приказна за руските награди за авганистанските муџахедини за секоја исечена американска глава. Други примери на лажно известување против Трамп може да се најдат наголемо. Навистина, имаше толку многу од вакви известувања, а кое, според новинарот Мет Таиби, сугерира дека брзата сукцесија на скандалозни „бомби“ против Трамп – секоја од нив ја зголемува хистеријата против Трамп кај гладната публика, потоа секоја од нив се покажува дека на некој начин била неточна, и секоја од нив веднаш се заборава кога ќе се појави следната „бомба“ – едноставно стана деловен модел за масовните медиуми и новинарската професија во САД.
*
Според едно истражување од август 2020 година, весникот Њујорк Тајмс извести дека се објавени околу 1200 книги само за Трамп за време на неговиот мандат: поплава од осуди и критики. Трамп беше во фокусот на скоро секоја поважна репортажа во последните четири години во САД; кабелските канали за вести ги покриваа неговите скандалозни постапки, толку еднолично, што и често немаа ниту време за она што се случуваше во други земји, па дури и за другите, секундарни актуелности во САД. Неговото појавување на националната сцена беше, за нив, толку добредојдено, како профитабилно, колку и за најголемите поддржувачи на изборната програма на Трамп – МАГА („Направија ја повторно Америка голема“ – “Make America Great Again”). Давање отпор против Трамп им даваше на нивните животи цел – слично како еден популарен слоган на интернет од ерата на Трамп кој вели: „Ако некогаш сте се запрашале што би правеле за време на ропството, холокаустот или ерата на движењето за граѓански права [!]; тоа го правите токму сега“.
Војната против Трамп го поедностави самиот контекст на светот, со боите на едноставни, итни морални тонови. Војната ги трансформира медиумите во херои, „кои се борат во првите борбени редови во војната на претседателот Трамп против вистината“ (како што се вели во описот даден на Амазон од една сметка). Ваквата медиумска војна направи инстант успех за небитните политичари кои и немаа друга политичка програма освен нивната опозиција кон Трамп, а која пак направи од нив политички претприемачи и опортунисти. И консеквентно, ова овозможи продавање на книги и весници и ТВ реклами како никогаш досега во САД.
Сепак, треба да се нотира дека администрацијата на Трамп претставува, во однос на зборовите изречени или напишани за нејзе според секој месец од мандатот на Трамп, влада која била најмногу проверувана и била најмногу предмет на посматрање од будното око на целата јавност во историјата на САД. Соодветниот феномен на либерална хистерија, сепак, главно помина без некои посериозни анализи. Сепак, либералната анти-Трамп хистерија беше исто толку дел од американската општествена историја на мандатот на Трамп, колку и самиот Трамп како претседател на САД во тој период. Всушност, таа беше веројатно повеќе важна од фалбаџијата од Њујорк, бидејќи, како социјален феномен, ги претставуваше мислите и стравовите на доминантната социјална група во Америка; тука мислам главно, на нејзините милиони богати, високообразовани професионалци, т.е. технократите и бирократите – еден дел од американската популација што многу добро се котира последните неколку децении. И додека самиот Трамп ја напушти националната сцена (барем засега), класата на високите корпоративни службеници, експерти, адвокати и сл., што толку многу го презираше, продолжува во својот триумф; нивниот светоглед денес е втемелен во семоќните институции на Силиконската долина, финансискиот систем, т.е. Волстрит, универзитетите, медиумите, непрофитните организации, корпорациите сега наеднаш свесни за социјалните неправди, итн.
Сепак, значењето на либералната хистерија го надминува сето ова. Ерата на Трамп започна со бес кон „популистите“ кои дури и не ги слушаа високо образованите професионалци и технократи и кои инсталираа авторитаризам во Америка. Ова заврши со неверојатен триумф на повисоките класи во САД, каде моќните корпорации постојано му кажуваат на светот какви големи и благородни антирасисти тие биле; каде информативните медиуми не само што се пост-објективни, туку активно се вклучени во крстоносна војна за сузбивање на идеолошкиот Друг; каде ситни политички погрешни чекори не само што прават луѓето да бодат отпуштени, туку понекогаш ги доведуваат да бидат и жртви на огромна бура на јавно понижување.
Во најголемата иронија на нашето време, многу од тие исти либерали кои беа толку загрижени за авторитаризмот на Трамп, пред четири години, полека, но јасно се приближуваат до предлогот на сегашната американска влада да ги користи државните овластувања за следење и надзор на она што сега се нарекува „домашен екстремизам“.
Стравувањата од авторитаризмот на Трамп, сега го овозможија овој нов, либерален авторитаризам.
*
Извонреден првичен пример за страв од Трамп беше делото на Ејми Сискинд, поранешна извршна директорка на Волстрит, која стана голем поддржувач на Хилари Клинтон, а потоа западна во еден вид хорор без дно, откако Трамп стана американски претседател во ноември 2016 година. Сискинд реши да реагира на овој незамислив настан, пишувајќи еден вид сеопфатен каталог на сè што направил Трамп, а кое било шокантно или ново или, како што самата рече: „Не е нормално“. Зошто да се започне со еден таков проект? Еве, како Сискинд објаснила во изјавата што ја повторувала секоја недела: „Експертите за авторитаризам [ве] советуваат да чувате список на работи што суптилно се менуваат околу вас, па ќе се присетите“. Целта на таквиот список, тврди оваа Сискинд, е еден вид книга со инструкции за национален спас, цртајќи „карта на маршрутата за да се вратиме кон нормалноста и демократијата“. Со други зборови, едноставно требаше да се документира нашиот, американски пад: „Вака завршува демократијата“, како вели поднасловот на нејзината веб-страница.
Целта на оваа вежбовна активност била да се состави хроника на свеста за одбивноста на Трамп, т.е. за секој негов напад врз „нормите“. И така, секоја недела оваа госпоѓа Сискинд објавувала индекс на алармантни вести кои го привлекле нејзиното внимание; како што авторката се загревала на нејзиниот проект, забележала сè поалармантни наслови, предизвикувајќи нејзиниот список да се зголеми, од само девет иницијални наслови при неговото прво објавување (ноември 2016 година), до енциклопедиско објаснување за 370 различни вознемирувачки наслови, само за една недела во декември 2020 година. Патем, проектот на Сискинд станал толку популарен што бил публикуван дури и во форма на книга: Списокот: Правење сметки од недела во недела за првата година на Трамп.
Како тоа, зачувувањето на „нормите“ станало главна грижа на либералниот ум? И само погледнете ги „промените“ на кои таа се спротивставила! Покрај вообичаените елементи на овој каталог на индигнации (вулгарноста на Трамп, неговиот наводен дослух со Русија), каталогот вклучува и многу банални работи (функционери во Белата Куќа кои даваат оставка), и политички ретроградни работи (критикувањето од страна на Трамп на принципот за процедура за парламентарна опструкција (т.н. филибастерство) во Сенатот било ептен скандалозно затоа што тоа било „долгогодишна норма“.)
Иновацијата на Сискинд беше да застане пред оваа серија на испраќања на вести на крајот на светот што го вознемируваат срцето и да се мачи во агонија на секоја една вест – како да не може весниците, профилите на Твитер и ТВ-емисиите, а кои биле нејзини извори, да имаат каква било агенда освен транспарентно кажување вистини. Додека се натрупуваат шокантните наслови на најновите вести, ние, читателите, ја следиме на овој врв на паника и хорор.
На секој чекор во ова бесно разоткривање, либералната хистерија одеше рака под рака со експертизата. Создавањето таков список, ќе се потсетите, беше вежбовна активност која наводно ја препорачале „експерти за авторитаризам“ и додека Сискинд ја испитува нашата сцена на трагично разбиени норми, таа се среќава и насекаде со такви експерти: експерти кои безобразно ги игнорира самиот Трамп, експерти кои потврдуваат дека е безобразен Трамп, и така натаму. Тие се војниците од првата борбена линија во оваа модерна војна против „диктатурата на популистите“. Дури и докторите по медицина треба да ја препознаат тиранијата, кога ќе ја видат. Кога Сискинд оди кај ендодентист за скршен заб, специјалистот веднаш и вели: „Ова се случува во диктатурите. Викате и во сон!“
Сискинд не згреши што ги асоцира експертите со хистерија. За нив, подемот на Трамп претставуваше отфрлање на нивната класа, и против него требаше да се борат како што се бори против класниот непријател – со какви и да се средства што се при рака.
Како куриозитет, една група експерти кои се појавија како истакнати водачи на хистеријата беа експерти за Источна Европа, каде авторитаризмот има долга историја и каде руската нечесност е познат квантитет. Па, така, историчарот од Јејл, Тимоти Снајдер, експерт и за нацистите и за Советите, напиша мега-бестселер во 2017 година, наречен За тиранијата, каде повеќепати ја споредуваше реториката на Трамп со таа на Хитлер: на нацистичкиот водач му се допаднал зборот „борба“, ни вели Снајдер, додека на Трамп му се допаѓа зборот „победа“. Исто така: Нацистите го мразеле печатот, а и Трамп сака да ги осудува „лажните вести“ (самиот Снајдер несреќно ја користи фразата само шест страници откако го изнесува овој аргумент.) Потоа, тука е овој многу вкусен пасус што го поврзува Трамп и со холокаустот. „На кој период точно се однесува тоа „повторно“ во слоганот на претседателот: „Направи ја Америка повторно голема?“, се прашува еминентниот научник, очигледно несвесен дека Трамп го позајмил слоганот од Роналд Реган. „Совет: Тоа е истото „повторно“, што го наоѓаме во: „Никогаш повторно“ (т.е. во контекст на изјавата на Трамп, никогаш повторно да не се случи холокауст).
Снајдер може да биде високо рангиран универзитетски професор, но делото За тиранијата, всушност, беше дел од низок и познат американски жанр: прирачник за тоа како да се справите во тешките времиња. Секое кратко поглавје му нуди на читателот совети за тоа што да прави кога ќе го стегне железната рака на Трамп: Спротивстави се на лошите момци како што направи Винстон Черчил. Прави пријатели како што правеа луѓето во комунистичка Полска. Почитувај и верувај им на новинарите (освен кога ги објавуваат електронските пораки на претставниците на Демократската партија, во тој случај Снајдер ги смета прото-тоталитаристи).
Мојата намера тука не е да го обвинувам Снајдер за прибегнување кон најевтината политичка клевета – изедначување на неговите противници со нацистите. Секој ги правеше тие работи за време на мандатот на Трамп, а освен тоа, неговата книга беше перцептивна на некои забележителни начини. Кога Снајдер предупреди во 2017 година дека САД ризикува да потоне во една „култура на осуда“, тој беше сосема во право – само што сега тоа беа либералите на интернет, а не Доналд Трамп, кои наскоро бесно ќе бараат фрлање низ прозорец на неправедните во САД. Кога Снајдер предвиде „суспендирање на слободата на изразување“, тоа беше уште еден точен погодок во целта – само што цензорите кои го исполнија неговото пророштво беа пријателските монополи на социјалните медиуми, главно Фејсбук и Твитер, а не режимот на Трамп.
*
Во еден момент во својот прирачник за спротивставување на скорешната диктатура, Тимоти Снајдер директно им се обраќа на професионалците и технократите, молејќи ги да започнат да мислат на себе си како членови на една иста класа, што, според него, ќе им овозможи да имаат „одреден вид на моќ“.
Овој вид на повикување всушност претставува една постојана тема во корпусот на хистерија: Единствениот начин да се запре она што беше нарекувано „авторитаризам“, беше зајакнување на моќта на традиционалните авторитети во општеството – неговите т.н. „авторизирани авторитети“, ако сакате – тука, пред се, мислам на високообразованата кохорта, кои ја сочинуваат нашата американска класа на коментатори, т.е. нашите професори, нашата новинарска елита, нашите финансиери, нашите лекари, адвокатите и деканите на нашите правни факултети, нашите генијалци на новите технологии, потоа технократите и бирократите итн. Во едно вакво училиште за хистерија, нема зошто да се плашиме од практикувањето на власта од оваа група на вакви авторитети; навистина, дури и ако треба да користиме цензура и надзор со следење за да ги натераме луѓето да ги прифатат овие „авторизирани авторитети“, тоа ќе претставува едно праведно и толерантно постапување.
Оваа идеја беше разработена на безброј начини за време на ерата на Трамп. Трамп е она што го добивате како краен продукт кога се сомневате во авторитетите, би напишале ваквите авторитети. Варијациите на темата беа бесконечни и сите тие се сведуваа на една основна поента: почитувајте ги оние кои се подобри од вас. А, во спротивен случај…
Една работа се случува кога вистинската елита е растурена, а тоа е Самрак на демократијата, како што гласи насловот на книгата од 2020 година на многу славната писателка Ен Еплбаум. Она што го доведе светот во ужасна состојба за која Трамп стана симбол, тврди оваа Еплбаум, беше еден вид на Големо заладување внатре во самата вистинска владејачка елита во американското општество. Авторката Еплбаум со радост се сеќава на деновите кога интелектуалците беа сите заедно сплотени, кога нејзините пријатели се согласуваа за користа од глобализацијата и пазарот, и сите беа „надувани“ од екстазата на неолибералната едногласност. Ах, но во денешно време, одредени „членови на интелектуалната и образована елита“, вклучително и за жал, некои пријатели на Еплбаум, се расправаат против „останатата интелектуална и образована елита“.
Проблемот со погрешно размислување или нелегитимна елита е незгоден; од друга страна, два од зборовите со кои се игра Еплбаум при опишување на нејзиниот подем се „предавство“ и „неверство“, двата збора која таа ги црпи од една позната книга напишана во 1927 година („Мојата борба“). Сè уште не ми е целосно јасно, зошто е толку страшно, па дури и извонредно, кога образованите луѓе не се согласуваат едни со други, но очигледно ова има врска со светата доктрина на „меритократијата“, што е вистинскиот начин за едно општество да ја избере својата елита, и кое ти дава една елита која верува во сè во што верува и самата Еплбаум – што значи точно во стандардната фразеологија директно на уредничката страница на весникот Вашингтон пост. Еплбаум сака да каже, дека кога интелектуалците веруваат на други работи отколку на пазарната еуфорија во стилот од 1999 година, тие не прават ништо друго, туку предавство на меритократијата, предавство на нивното занимање како интелектуалец.
Ниту еден од промоторите на хистеријата, кои ги опишав овде, не ги сфаќа сериозно прашањата или социјалните сили што всушност и ги убедија луѓето да гласаат и да го направат Доналд Трамп претседател на САД1. Повторно, ваквите писатели воопшто и не требало да се мачат. Литературата за движењето МАГА (“Make America Great Again” – „Да ја направиме Америка повторно голема“ – како тогашна предизборна поддршка на Трамп) беше огромна; и меѓу добро образованите луѓе во САД неговите заклучоци беа генерално познати во тие денови: најголемите гласачи за Трамп, всушност, беа членови на белата работничка класа мотивирани од расистички стравувања за падот на нивниот социјален статус. Секој што можеше да вклучи телевизор во времето на Трамп го знаеше ова. Размислувањата и стравовите на гласачите на Трамп не претставуваше нешто за кое треба сериозно да размисли една добро образованата личност.
Но, што е со самите тие, кои се добро образовани? Што ја поттикна анти-Трамп хистеријата што ја опишав овде?
Не беше тоа дека хистеријата ја одразуваше реалноста. Типичните либерални стравови од времето на Трамп – дека руската доминација, цензура и диктатура се на пат! – се претворија во влажни фантазии. Треба отворено да се каже дека главните карактеристики на претседателството на Трамп беа инфантилен нарцизам и некомпетенција, а не лукаво калкулирање. Трамп, во улога на американски претседател, пропушти неколку златни прилики за силно освојување моќ како некој човек со цврста рака, кои другите претседатели веднаш ќе ги искористија. Во меѓувреме, неколкуте силни весници во САД стана уште посилни за време на неговиот мандат. Етаблираниот дел на американскиот печат гордо ја отфрли објективноста во вестите за да може наместо тоа да се кажат разубавени вистини. Либералите ги прифатија лидерите на државата на надзорот и следењето, и одлучија дека поддржуваат сузбивање на крајните политички ставови.
Водачите на Демократската партија, од своја страна, очигледно ја сметаа хистеријата меѓу нивните приврзаници само како една реторика. Демократите во Конгресот дури и немаа никаков проблем да гласаат за гротескните воени буџети кога Трамп беше претседател – самоубиствен потег ако навистина мислевте дека човекот подготвува друг холокауст. Освен поставување ограда околу зградата на Капитол и зајакнување на полицијата во самиот Капитол, демократите не презедоа вистински активности за да спречат можни избувнувања на авторитаризам во иднина.
(Споредете го ова со последиците од администрацијата на Ричард Никсон, кога членовите на двете партии во Конгресот изгласаа далекусежен пакет на реформи, така дизајнирани да ја ограничат моќта на претседателот и да ги тргнат корпоративните пари од американската политика.)
Па, така, која е социјалната функција на епизодите на хистерија како онаа од која штотуку се извлекуваме? Зошто Америка сака од време на време да станува хистерична?
Се разбира, има лесни одговори. Хистеријата е забавна. Луѓето се чувствуваат како херои, кога ќе им се каже дека се последната, осамена надеж на цивилизацијата, или дека се дел од „Отпорот“, или дека помагаат да се спаси самата демократија од судбина полоша од Хитлер. Хистеријата ги продава работите. Книгите стануваат бестселери. Политичките групи и елити тогаш стануваат енормно богати. Луѓето зјапаат во телевизорот цел ден, станувајќи радикални од вестите на Си-Ен-Ен или од Фокс Њуз. Хистеријата збунува. Таа ги дезориентира луѓето. Масовната хистерија го прави критичкото размислување невозможно, бидејќи нацијата на индивидуалисти учи, сега, да се движи со стадото. И, што е најважно: Хистеријата мотивира. Додека и двете партии проповедаа за крајот на светот, изборите во 2020 година ќе останат забележани по најголемиот излез на гласачите во САД, уште од 1900 година.
Можеби, од овие причини, хистеријата е едноставно начинот на кој партиите се борат и ги водат изборите во денешно време и можеби е добра работа што сега тоа го сфатија и самите либерали во САД. Впрочем, досадниот и доста стар центрист, кој ја предводеше демократската изборна листа за претседател и потпретседател во 2020 година, тешко можеше да создаде некој поголем ентузијазам кај бирачите, само на своја рака. Беше потребна една хистерија да се вметне Џо Бајден во Белата куќа – а сепак, според кој било стандард, Бајден е далеку подобар претседател од Трамп. Консеквентно: можеби треба да бидам благодарен на културата што се занимава со постојана хипербола и стравувања од фашизам.
Но, хистеријата што ја опишав овде е нешто многу специфично. Ова е феномен не само на органи на ТВ-пропаганда, туку и на сериозни мислители. И, сега, разгледајте ги вистинските елементи на кошмарот: стравот дека игноранцијата само што не дошла; дека обичните Американци ја изгубиле почитта кон нормите, институциите и елитите; дека самата цивилизација е загрозена од авторитарните пориви на пониските социјални слоеви. Како што и се случува, овој точен сет на стравови нè зафати и порано, поттикнати од финансиери и рентиери, богати сопственици на весници, професори и елита на менаџери и корпоративни технократи и бирократи, фрлајќи нè во бурен оган на хистерија. Во никој случај не треба да ја проучуваме нацистичка Германија за да ја разбереме оваа социјална динамика; наместо тоа, треба само да ги разгледаме двата такви периоди на хистерија што ги опишав во мојата книга Народот, Не, кога земјата попушти на пароксизам на паника заради дрскоста на работничката класа, што ќе се каже, заради „популизмот“.
Првиот од нив се случи летото 1896 година, кога работничката политичка партија наречена Партија на популистите2 номинира за претседателската функција еден најжесток критичар на американските елити по име Вилијам Џенингс Брајан, кој исто така беше номиниран – и од Демократска партија. Со овие две партии обединети во поддршката на нејасно левичарскиот кандидат, се чинеше дека има добри шанси Брајан да победи и да го исполни предизборното ветување дека ќе ја сруши нормата што стои во основата на сè друго – да ја тргне Америка од златниот монетарен стандард. (Воздишка.) Владееше хистерија. Водачите на новинарските, финансиските и научните институции во земјата врескаа дека Америка сега е лице в лице со „анархија“ и „нихилизам“, во форма на човек што го прикажале како ѓавол, како револуционер, како јакобинец, како демагог кој ги предводел простите народни маси во движење кое не се разликувало од ментална болест. Истакнати членови на Демократска партија каде и Брајан бил член, се вклучиле во борбата против него. Омразата кон Брајан меѓу источните елити на САД беше скоро едногласна, бидејќи тие го презираа она што мислеа дека тој претставува: отфрлање на финансиската ортодоксија и со тоа нивниот сопствен висок статус како сопственици на нацијата.
Се случи нешто слично и во средината на триесеттите години од минатиот век, бидејќи американскиот експеримент со социјалдемократијата доби во брзина. Претседателот Френклин Рузвелт, избран во амбисот на Големата депресија во 1932 година, им дал работни места на невработените, го регулирал Волстрит, ги легализирал синдикатите, и всушност ја симнал земјата од златниот монетарен стандард. За естаблишментот на нацијата, Рузвелт стануваше вистинска ноќна мора. Хистеријата повторно владееше, кога новинарските, финансиските, деловните, правните и економските елити на нацијата се групираа, за да ги шират најневеројатните обвиненија против тогашниот претседател на САД. Тој да ти бил и диктатор, и комунист, и фашист, и лудак, и демагог. Френклин Рузвелт ја уништувал слободата и ја рушел најголемата норма од сите нив, американскиот систем на слободно претприемништво. Истакнати поранешни лидери на партијата на Рузвелт се обединија против него. Чикаго Трибјун, поддржувајќи ја паниката против претседателот, ги одбројуваше деновите до изборите во 1936 година, со соопштенија на правата страница на кои пишува: „Остануваат уште само икс денови за спасување на твојата земја“.
Доналд Трамп очигледно не е Френклин Рузвелт и тешко е да се поверува дека Трамп зборува дури и со истиот јазик како Вилијам Џенингс Брајан, длабоко религиозен човек кој ја презираше вулгарноста и имаше многу слабо мислење за њујоршките велепоседници и рентиери на недвижнини. Но, се чини дека спротивставувањето на тројцата одговара на еден постојан американски модел, сè до најситните детали: едногласност од повисоката технократска и бирократска класа, грижа за „нормите“ и непишаните американски традиции, хистерични стравови од странски сили, бесконечна хипербола, поддршка на дисидентските членови на партијата на лошото момче.
Што ги предизвикува овие периодични појави на хистерија? Една заедничка нишка во секоја од овие избувнувања на хистерија е екстремната нееднаквост. Во секој од периодите што ги опишав, најхистеричните гласови доаѓаат од некои од најпривилегираните класи на американското општеството – во минатото, тоа беа големите магнати на тогашниот печат, деловните лидери и адвокатите на големите корпорации; сега, тоа е високообразованата кохорта од корпоративни технократи и бирократи, што денес спроведува хегемонистичка контрола врз главните медиуми на нацијата и нејзините водечки индустрии на „знаење“.
Оваа елита, во секоја од епизодите што ги опишав, го перципира тоа што се случува во националната политика како смртоносен предизвик за сопствениот водечки статус. Заканата од социјалдемократите како Брајан и Рузвелт беше очигледна. Со Трамп не е толку директно. Впрочем, тој и не е непријател на богатите: напротив, како американски богаташ и тоа од Њујорк, им ги намали даноците. Но, Трамп, исто така, го осуди, на неговиот доста груб и самобендисан начин, говорот за глобализацијата што претставува централен столб на светогледот на високата технократска класа од 90-тите години на минатиот век. Има изречено доста груби работи за Силиконската долина и Волстрит. Дури тврдеше дека се спротивставува на „бесконечната војна“ и на нашиот, американски етаблиран систем на воени сојузи. Иако малку исполни за секое од овие прашања, Трамп, сепак, успеа да предизвика бес кај милиони белци, членови на американската работничка класа, кои претставуваат пропаст за удобната филозофија на просветлената елита од 60-тите години на минатиот век.
Мислителите против Трамп што ги цитирав се свесни дека општеството, со кое тие и нивните пријатели претседаваат, не е здраво. Тие знаат дека милиони обични Американци ја презираат добро образованата елита.
Зошто? Погледнете ја епидемијата на опиоиди што беснееше низ средните делови на САД во периодот пред 2016 година – подарок од големите фармацевтски компании и медицинската професија. Погледнете ја деиндустријализацијата што ги погоди истите географски региони на САД – производ на нашите брилијантни договори за слободна трговија. Погледнете ја глобалната финансиска криза и програмата за спас – делата на најголемите математички и финансиски генијалци во САД, кои речиси и да немаа последици за своите постапки. Погледнете ја ирачката војна – врв на естаблишментот на нашата надворешна политика. Погледнете го неверојатниот факт дека американскиот животен век всушност опаѓал во периодот пред 2017 година, наместо да се зголемува.
Трамп нема сторено ништо за да ги реши овие проблеми. Но, секој знае дека тие сепак постојат. Едната страна разговара, држи предавања, кара и поучува, а другата страна – молчалива по дефиниција овие денови – врие од незадоволство. Секој знае дека оваа ужасна динамика имала голема улога во издигнувањето на расистичкиот демагог Трамп на претседателската функција. Секој исто така знае дека оваа земја е подготвена да експлодира. „Културните симболи, произведени од источните и западните крајбрежни елити на САД (т.е. елитите од Волстрит и Силиконската долина), потоа се шират и се наметнуваат преку брановите во етерот до регионите на внатрешноста на САД“, анализира Анусар Фаруки. „Бидејќи станува збор за еднонасочен сообраќај, ја имате оваа длабока структура каде што работничката класа гледа, од своите вкопани позиции во провинцијата и далечните предградија, како нејзината култура е исмејувана во една зловолна, наметната тишина. Ова е моторот кој постојано се разгорува и со сигурност го репродуцира, навистина зајакнатото, класно незадоволство…“
Постојат два можни начини на справување со оваа ситуација. Од една страна, либералите можат да бараат очигледни материјални активности што се неопходни за да се излечи ова општество. За почеток, мора да ги реформираме расистичките полициски сили во Америка и нејзиниот расистички правосуден систем. Но, мора да одиме уште многу подалеку. Американците треба да имаат можност повторно да формираат синдикати и да започнат свои лични и семејни бизниси и да одат на колеџ без страв да бидат доживотно осакатени со долгорочни кредити и долгови и, исто така, да живеат добро дури и ако воопшто не оделе на колеџ. Указот на претседателот Бајден од јули о.г. да започне повторно да ги спроведува антимонополските закони во САД, претставува навистина еден огромен исчекор во оваа насока.
Другата алтернатива е да се забрза она што би можеле да го наречеме либерален авторитаризам; т.е. да се повлечеме чекор назад згрозени од една земја што не одговара на нашите просветлени стандарди и да сонуваме начини да бараме од народните маси да прифатат една „овластена власт“; да се цензурираат исказите на овие злобни Американци, да им наметнеме острацизам, за да ги принудиме да ја прифатат нашата визија на светот.
Хистеријата против Трамп често се смета дека претставувала прогресивен развој, дури и преродба на левата политика. Но, тоа беше и патот кон либералниот авторитаризам, практикуван од некои членови на Демократската партија. Четири години на хистерија против Трамп ја скиселија волшебната визија на САД за либералите. Америка, ни велат повторно и повторно овие денови, е фундаментално злобна земја. Економските реформи претставуваат игра за глупи луѓе. Она што сега го бара Америка е дисциплина.
Копнежот по „диктатурата на експертите, технократите и техноменаџерите“ е само малку поживописен израз на авторитарните тенденции кои сега, во периодот по Трамп, сочинуваат се повеќе од либералното кредо на членовите на Демократската партија. Погледнете наоколу во американската политика денес и ќе видите истакнати адвокати кои го искажуваат своето гадење од слободата на говорот. Ќе најдете банки и претприемачи ангажирани во одбраната кои јавно го прокламираат своето сојузништво со угнетените, либерални законодавци со правење притисок за цензура на социјалните мрежи и насекаде со верување во суштинската злоба на белото, работничко население. Ова се ставовите на една елита што сега ги смета за неподносливи многу од милионите над кои таа претседава. Сега изгледа, дека единствените норми што се важни, се оние што ги одржуваат вистинските луѓе на американскиот врв.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- Типичен потег, преку примерот на колумнистот на Вашингтон пост, Макс Бут, е да се признае постоење на нееднаквост, но да се прокнижи во контекст на некоја безлична техничка сила како „автоматизација“, а што значи дека политичарите не можат да сторат ништо во врска со тоа.
- Популистите, меѓу другото, го измислија и зборот „популизам“.