Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Од Наполеон до бурманската хунта

Техники и двосмислености на државниот удар

Со Француската револуција, државниот удар го менува своето значење и асоцира на нелегално заземање на власта од страна на поединец или мала група на луѓе. Во една хаотична состојба, генералот Наполеон Бонапарта успеа – со зачувување наизглед на правниот систем пред да  прибегне кон употреба на сила – не само да ја преземе власта, туку и да стави крај на републичката фаза на револуцијата. 

Од Доминик Пинсоле
* Предавач по современа историја. Соработник на Никола Патин, во заедничкото дело Дестабилизација на државата со напад на финансиски наплив. Од анти-даночен бунт до саботажа, 17-19 век, Arbre bleu uditions, Нанси, 2020 година.


Фото: Filip Andrejevic / Unsplash

Полесно е да организирате медиумски отколку државен удар. Колумната објавена на 21 април во магазинот Современи вредности е доказ за тоа: доволен е само еден повик потпишан од дваесетина пензионирани генерали. Особено среде комеморацијата на смртта на Наполеон (автор на најпознатиот државен удар) и шеесетгодишнината од последниот пуч во Франција. Двосмисленоста на текстот, кој спојува голем дел од параноичните опсесии на крајната десница (за „расна војна“, исламизам, „приградски орди“ и насилници), поттикна полемика.

И, повикувајќи ја владата да спречи „граѓанска војна“, потписниците се заканија вербално со воен удар, со помош на суптилна формула која може да се објасни на повеќе начини: „интервенција на нашите сопартијци во опасна мисија за заштита на нашите цивилизациски вредности и заштита на нашите сонародници на националната територија1.

Во ситуација кога крајната десница е во позиција на сила и кога поранешен началник на Генералштабот кој има поднесено оставка (генерал Пјер де Вилие) тврди дека сака да ја „врати Франција на вистинскиот пат“, се работи за нешто повеќе една обична афера. Позицијата која ја заземаат одредени маргинални делови на армијата нè потсетува дека интервенцијата на офицерите во политиката има долга историја и дека воениот удар не е само  една необична традиција.

Не е нова идејата дека се потребни итни мерки кога тежината на ситуацијата го побарува тоа. Во оваа смисла државниот удар е оправдан во 17 век: во интерес на државата и за одбрана на јавното добро, владетелот може, а понекогаш и мора да ги искористи сите потребни средства, вклучително и оние каде се употребува најмногу сила. За да бидат ефективни и во иднина, овие престапи мора да останат да бидат ретка појава, прецизира библиотекарот научник Габриел Ноде, автор на трактат посветен на ова прашање во 1639 година:

„Она што е ретко дава сјај и боја на многу работи, кои одеднаш се губат кога се користат премногу често (…). Исто така, ако принцот се воздржува од овие практики, тој не може лесно да биде обвинет, ниту ќе биде признаен за тиранин, предавник или варвар, уште повеќе што не треба навистина да се даваат овие квалитети освен на оние на кои ова им станало практика2“.

Со Француската револуција, државниот удар го менува своето значење и асоцира на нелегално заземање на власта од страна на поединец или мала група на луѓе. Во овaa смисла, настаните од 18 и 19 брумер VIII година (9-10 ноември 1799 година) даваат нов модел во однос на ова прашање. Во една хаотична состојба, генералот Наполеон Бонапарта успеа – со зачувување наизглед на правниот систем пред да  прибегне кон употреба на сила – не само да ја преземе власта, туку и да стави крај на републичката фаза на револуцијата. Славата што ја уживаше императорот Наполеон и понатаму, во текот на 19 век, продолжи да ја разгорува легендата на бонапартистите за „добриот“ државен удар.

Од неа имаше корист неговиот внук, претседателот Луј-Наполеон Бонапарта. На 2 декември 1851 година, тој го прекрши Уставот на Втората Република со тоа што остана на власт со силата на оружјето. „Франција сфати дека јас излегов надвор од законот  само за да се вратам на правниот систем“, се израдува тој после референдумот на кој што издвојува победа и кој му претходи на обновувањето на Империјата.

Италијанскиот писател Курцио Малапарте, автор на скандалозно дело под наслов „Техниката на државниот удар“ од 1931 година, смета дека сенката на 18 брумер продолжува да виси над субверзивните заговори од неговото време3. Особено во Германија, каде два обида за пуч не беа успешни: оној на националистот Волфганг Кап, соочен со масовен генерален штрајк во март 1920 година и оној што го испрати Адолф Хитлер во затвор од 1923 година. Но, револуцијата во октомври 1917 година, смета Малапарте, наметна нов востанички модел. Навистина, болшевиците се првите (пред италијанските фашисти) кои ја разбраа потребата да се искористат инфраструктурите кои се од суштинско значење во индустријализираните општества: електрани, станици, телеграфски и телефонски централи … Заземањето на власта, која дотогаш се сметаше како политички маневар, сега исто почнува да  станува и технички.

Оваа материјална димензија на бунтот, скоја станува се поочигледна како што светот се индустријализира, е во срцето на прирачникот за државен удар објавен од неоконзервативниот историчар Едвард Лутвак во 1968 година. Во ерата на деколонизација, операциите од овој тип се множат: од 1946 до 1964 година, авторот избројал 88 (од кои 62 биле потполно успешни). На малку провокативен начин, во книгата се наведени правилата што треба да ги следи  пучистот приправник, разликувајќи на почеток шпански пуч (каде не мора да има заземање на власта), пуч (кој мобилизира само еден дел од армијата) и државен удар (кој може да вклучува како цивили така и војници).

Ако сакате да ја преземете власта со сила, советува Лутвак, подобро изберете економски неразвиена земја, во која политичкиот живот не е достапен за мнозинството од населението. Некои социјални експлозии понекогаш оставаат простор во кој е можна армиска интервенција – како онаа во 1952 година во Египет, кога кралот Фарук е симнат од власт. Подобро е да избегнете земји кои се протекторати – како Габон, каде пучистите беа поразени од француските трупи во 1964 година. Откако ќе се утврди целта, тајно регрутирајте обучени и опремени агенти (кои ги има во голем број во  армијата), како и членови на полициските и безбедносни служби.

Операцијата потоа може да се започне. Секој тим мора да ги искористи однапред утврдените стратешки точки што е можно побрзо, пред владата да го дознае целиот план. Преземете ја контролата врз телекомуникациите, радио и телевизиските станици и транспортните мрежи. Веднаш онеспособете ги најопасните опозициски сили (партии, синдикати, верски водачи …). Конечно, имобилизирајте ги лојалистичките јадра (по можност избегнувајќи пукање во нив). Откако седиштето на владата е под опсада и владетелите ќе бидат уапсени, формализирајте го преземањето на власта со изјава емитувана на радио и телевизија.

Иако стар, овој модел помага да се процени неподготвеноста на пучот во 2016 година во Турција (фокусиран на војската), како и заштрачувачката моќ на онаа на бурманската хунта, која, на власт од 1 февруари 2021 година, ги држи под контрола и социјалните мрежи. Лутвак се фокусира на земјите од „третиот свет“, но тој тврди дека некои развиени земји на Запад можат да станат главни цели во случај на продолжена економска криза, воен или дипломатски пораз или постојана политичка нестабилност.

Таков е случајот со Франција, во 1958 година,  која остана заглавена во војната водена во Алжир, откако претрпе пораз во Индокина. Обвинувајќи го претседателот на Република Рене Коти дека ги напуштил, најрадикалните поддржувачи на Француски Алжир се бунтуваат во Алжир. Армијата се спротивстави на движењето: „граѓански и воен комитет за јавна безбедност“, на чело со генералот Жак Масу, беше формиран на 13 мај 1958 година. Целта беше да се принуди претседателот да го повика Шарл де Гол, кој поднесе оставка од претседателската функција на владата во јануари 1946 година. Тој одлично ја прифаќа целата ситуација која се случи и која го претстави како човек предодрен да ја прифати функцијата.

Одбивајќи да ги означи офицерите на Алжир како „фракционерски“, тој на новинарите на 19 мај им рече: „Што се однесува до армијата, која вообичаено е инструмент на државата, таа треба да остане да биде тоа што е.  Но, сепак мора да постоии држава4“. Почитувајќи ја законската процедура, Коти попушта под притисок на војската, коja  добива сѐ повеќе сила (падобранците ја преземаат контролата над Корзика на 24 мај). Овозможувајќи му на Де Гол да го преземе претседателството со Советот на 1 јуни, тој му дава можност да изврши ремонт на институциите со поддршка на мнозинството пратеници. Така се роди Петтата република, чиј Устав беше објавен на 4 октомври 1958 година, на крајот на настаните што историчарите сè уште им е тешко да ги објаснат5.

Успехот на бунтот од ваква природа зависи од многу голем број фактори, кои ја отежнуваат репродукцијата на операцијата. Три години после 13 мај 1958 година, „четвртина пензионирани генерали“ (како што кажа Де Гол) кој ја презеде власта во Алжир ноќта помеѓу 21 и 22 април 1961 година не беа во можност да се наметнат. Овој пат, освен горчливите бранители на француски Алжир, пучистите се наоѓаат веднаш изолирани, како во армијата, така и од цивилите. Сепак, државниот удар во демократскиот режим не може да ја игнорира повеќе или помалку активната поддршка на населението. Замислено само како заземање на моќта со оружје, станува театарска манифестација на немоќно насилство. Како на 23 февруари 1981 година, кога во Мадрид, граѓанските чувари упаднаа на Конгресот на пратеници под будното око на телевизиските камери. Тие се надеваат дека ќе ја прекинат демократската транзиција во Шпанија од смртта на диктаторот Франциско Франко во 1975 година. Но, нивното заложништво беше поразено за неколку часа.

Тешко е да се утврди прецизна бројка за политички и воени удари, бидејќи овие категории се преклопуваат. Сепак, бројките ја откриваат тешкотијата за вооружените единици да излезат од улогата што им е доделена со излегување од законските рамки. Помеѓу 1814 и 1982 година, само 13 од 55-те шпански пучови во Шпанија биле успешни. За случаите на воени „бунтови“ и „востанија“, Лутвак набројува помеѓу 960 и 2000, бил успешен само еден државен удар (оној на грчките полковници во 1967 година), додека седум биле неутрализирани6.

Меѓу факторите на неуспех, клучна е можноста на владејачката моќ убедливо да ги жигосува силите што се обидуваат да ја соборат. По природа, режим кој тврди дека е либерализам има предност во оваа област, дури и ако оние кои се претставуваат како најпосветени на слободата, понекогаш многу добро се прилагодуваат на политичкото насилство. Таков е случајот со либералниот економист Фридрих Хајек, кој ја оправдува диктатурата на Августо Пиноче, воспоставена по државниот удар на 11 септември 1973 година. За време на вториот престој во Чиле, во 1981 година, тој изјави: „Како долготрајни институции јас сум целосно против диктатурите. Но, диктатурата може да биде неопходен систем за време на периодот на транзиција. (…) Јас лично претпочитам либерален диктатор од демократска влада без либерализам.7“ Неодамна, поранешниот лабуристички премиер Ентони Блер го поддржа државниот удар на генералот Абдел Фатах Ал-Сиси во Египет во јули 2013 година во име на борбата против исламизмот.

Овој вид легитимација има смисла само на политички план. Во очите на еден правник, законот предвидува само еден критериум на кој може да се потпре: оној на „отпор кон угнетување“, утврден во Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од 26 август 1789 година. Но, принципот е толку нејасен што не може да се даде прецизна правна дефиниција. Затоа, од строго правна гледна точка, сите преземања на власта со сила се осудени во владеењето на правото. Оттука и критиките на кои се изложени левичарските сили, осудувајќи ги заводливите апели од друг табор, кој се повикува на  револуционерно наследство.

Сепак, државниот удар останува политички чин, за кој е легитимно да се суди како таков. Кога војската стои зад него, се очекува авторитарна и конзервативна ориентација. Но, во историјата, сите политички борби на армијата нужно  не беа насочени кон редот и отпорот. На крајот на 1810-тите и 1820-тите, либералните офицери во тајното друштво на карбонарите заговараа во Италија против монархистичкиот апсолутизам. Голем број на шпански пучови придонеле за напредокот на либерализмот во Шпанија во 19 век (оној на Рафаел дел Риего, во 1820 година, наметнува на кралот Фердинанд VII  да го почитува Уставот од Кадиз од 1812 година). Во 1974 година, во Португалија, „каранфилската револуција“ започна со пуч и дозволи враќање во демократијата по повеќе од четириесет години салазаристичка диктатура. Што и да кажува законот, не сите бунтови, дури и воените, не се вреднуваат исто.

Преведено од: Маја Малиновска


Фусноти: 

  1.  « “Pour un retour de l’honneur de nos gouvernants” : vingt généraux appellent Macron à défendre le patriotisme », Модерни вредности, Париз, 21 април 2021 год.
  2.  Gabriel Naudé, Considérations politiques sur les coups d’État, Gallimard, coll. « Le Promeneur », Париз, 2004 год.
  3.  Curzio Malaparte, Technique du coup d’État, Grasset, coll. « Les cahiers rouges », Париз, 2008 год.
  4.  Cité dans Grey Anderson, La Guerre civile en France, 1958-1962. Du coup d’État gaulliste à la fin de l’OAS, La Fabrique, Париз, 2018 год.
  5.  Patrick Lagoueyte, Les Coups d’État, une histoire française, CNRS Éditions, Париз, 2021 год.
  6.  Aaron Belkin et Evan Schofer, « Toward a structural understanding of coup risk », Journal of Conflict Resolution, vol. 47, n° 5, Thousand Oaks (Калифорнија), 2003 год.
  7.  Cité dans Grégoire Chamayou, La Société ingouvernable. Une généalogie du libéralisme autoritaire, La Fabrique, 2018 год.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW