понеделник, 14 Окт 2024 / 0:01:07
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Танго и политика

Лудоста започнала една вечер во 1911 година во еден салон на париското високо општество. Младиот аргентински писател Рикардо Гиралдес е поканет да покаже што се случува со овој танц, а за кој веќе почнува да се зборува. Тој прегрна една жена од публиката и направи неколку чекори. Ова предизвикува еден вид колективна хистерија, при што сите бараат да го научат тангото. Приказната за вечерта откако го обиколи Париз, она што ќе се нарече „тангоманија“, се протега прво на целото високо општество, а потоа постепено на сите слоеви на населението, правејќи ги танчерите од Рио де ла Плата кралеви на парискиот ноќен живот, сè уште малку под влијание на некои локални љубоморни ксенофоби


Од Жан-Луј Мингалон*
*Независен новинар-продуцент, коавтор на Dictionnaire passionné du tango, Éditions du Seuil, Париз, 2015.


Фото: Los Muertos Crew/Pexels

Се работи за танц, се разбира, за тангото. И, исто така, и за музика, песна, поезија. Вообичаено и повеќе или помалку нејасно, на тангото му се припишува аргентинско потекло, но гледајќи ги двојките што играат во просторот како еден вид кореографија на сублимирана желба, ретко се прашуваме како се родило, а камоли дали неговата историја е на некој начин поврзана со политиката. Сепак, може да се рече дека тангото е и производ на одредена политика и, од неговото раѓање, партнер на често бурните односи со претставниците на власта.

Се започнало некаде околу 1870 година. Двете земји на брегот на Рио де ла Плата, Аргентина и Уругвај, сè уште биле претежно рурални региони и нивните влади тогаш одлучиле да воведат политика на модернизација и населување – што подразбира масовно привлекување на странската работна сила. Имигрантите, главно мажи од Италија и Шпанија, ќе бидат многу бројни за да си ја пробаат среќата, сега дури во Јужна Америка. Треба да се подвлече, дека Буенос Аирес, во 1870 година, имал само 250.000 жители. За три децении пристигнале дури 1,5 милиони имигранти, кои се симнале од бродовите што се укотвиле во пристаништата Буенос Аирес и Монтевидео. Тие се трупаат во периферијата на градот, во мизерно колективно домување, во т.н. конвентили: околу главниот двор каде што се наоѓа единствената чешма, со мали соби од околу десет квадратни метри, потсетувајќи на калуѓерски ќелии. Ова нездраво живеалиште каде што владеело промискуитет и проституција, ќе постои до почетокот на 1920-тите.

Иако се групирани по заедници, сепак доаѓаат во контакт, во конвентилите или на работа, на пример, со други јазици, друга музика, други инструменти. Тие, тука, се среќаваат со локалната црна популација која танцува на сопствената музика, иако таа се намалува поради високата смртност на новороденчињата, епидемиите (колера, жолта треска) и војните, каде црнците, мулатите од африканско потекло и членовите на локалните индијански племиња, многу често служат како топовско месо за белците. Црнците, потомци на робови кои долго време пристигнувале во Рио де ла Плата со стапка од сто илјади годишно, сè уште претставувале во XIX век една третина од аргентинската популација (само 0,4% денес), а истото било и во Уругвај (едвај околу 8% денес). Новодојдените, исто така, беа донесени да се сретнат со најсиромашната фракција на креолите, името дадено на потомците на шпанските доселеници, и имигрантите од внатрешноста, гаучосите и пајадорите, овие патувачки пејачи шампиони на јавно импровизирани поетски шеги (пајада), најпрвин на село, потоа во град и кои се присутни и денес во Латинска Америка како толкувачи на фолклорот.

Тука се кубанската хабанера, африканскиот кандомбе, чиј придонес долго ќе се крие,[1] циганскиот танц, италијанската песна и одгласите на песните на пајадорите кои на тој начин ќе се спојат во единствен музичко-кореографски мозаик што ќе ги трансформира. Постепено, како музика што треба да се танцува, тангото, како милонгата, постар жанр и пожив ритам, потоа валцерот, се смести во академии (училишта за танц), трипоти, лупанари. Во дворот на конвентилите, па дури и на улицата со механичката органа, понекогаш слушаме пијано или трио гитара, виолина и флејта (кои брзо ќе бидат заменети со бандонеон, пристигнат од Германија, иден симболичен инструмент на тангото). Ова е местото каде што машкиот пролетаријат на Рио де ла Плата, од секакво потекло, доаѓа навечер да се опушти танцувајќи најчесто со единствените жени што се среќаваат таму: проститутките на тој начин ќе бидат првите танго танчерки.

Жените, музичари или пејачки, најпрво ќе бидат принудени да се маскираат како мажи за да можат да настапуваат јавно, но постепено ќе добијат многу важна улога во тангото што се пее или свири, за денес да стекнат фундаментално место кое веќе никој не им го оспорува. Тие дури поттикнаа и еволуција на односот водач/воден во танцот… Но, во тоа време, не е невообичаено да се видат двајца мажи како танцуваат заедно за да ги научат чекорите кои се измислени, да тренираат за вечерниот настап, пракса која трае долго време, дури и во моменти кога е забранета.

Не е ни чудо што, на почетокот на XX век, тангото – урбаната креација на сиромашните, со особено мачо тенденција и доста далеку од одбраната на тогашните буржоаски доблести – владејачките елити го следеа или со љубопитност или со недоверба, ако не и со анксиозност. Конечно тангото остави впечаток на акомодација на сите, бидејќи можеше да се процени дека кога се танцува, најсиромашната популација не мисли на ништо друго. Така стана мода и доста брзо се прошири надвор од првите омилени места, за да заведе дури и дел од средната и високата класа. Движење што ќе биде токму спротивното во Франција, која од почетокот на XX век стана втората татковина на тангото.

Лудоста започнала една вечер во 1911 година во еден салон на париското високо општество. Младиот аргентински писател Рикардо Гиралдес е поканет да покаже што се случува со овој танц, а за кој веќе почнува да се зборува. Тој прегрна една жена од публиката и направи неколку чекори. Ова предизвикува еден вид колективна хистерија, при што сите бараат да го научат тангото. Приказната за вечерта откако го обиколи Париз, она што ќе се нарече „тангоманија“, се протега прво на целото високо општество, а потоа постепено на сите слоеви на населението, правејќи ги танчерите од Рио де ла Плата[2] кралеви на парискиот ноќен живот, сè уште малку под влијание на некои локални љубоморни ксенофоби. Најжестоките напади против овој „проколнат танц“ дојдоа од конзервативните кругови, особено од католичките, од парискиот надбискуп, монсињор Амет, па до свештениците кои проколнуваа од проповедницата. Ле Фигаро (10 јануари 1914 година), на тој начин ја пренесува осудата од страна на бискупот од Дижон на оваа „мода позајмена од сточарите од Буенос Аирес“, а „во име на човечкото достоинство, морал и религија“. Наспроти ова, најубавата одбрана произлегува од поетот и романсиер, член на Француската академија, Жан Ришепен (1849-1926). Тој одржа говор под куполата на Институтот во кој брилијантно ги отфрли главните критики упатени во Франција за овој танц: од странско и ниско потекло, непристоен, па дури и со еротски карактер… Претседателот Рејмонд Поанкаре секако не се намурти кога се најде себеси и својата сопруга меѓу танчерите на танго на балот на Агрономскиот институт во Париз. И дваесет години подоцна, Шарл Де Гол, сè уште потполковник, ќе учи танго на познатиот курс „Жорж и Рози“ во Париз. Црквата конечно ја загуби играта, но „проколнатиот танц“ стана прифатлив само во многу разводнета и поедноставена форма како танго за во сала за бал или т.н. музета. Обидот за неутрализација траеше до 1980-тите кога, благодарение на емисиите како Танго аргентино, француската јавност (повторно) откри како се танцува во Рио де ла Плата.

Додека Франција продолжи да го усвојува тангото по Првата светска војна, и истото освои добар дел од светот почнувајќи од 1920-тите – Мустафа Кемал Ататурк го танцуваше за време на неговата церемонија на инаугурација како претседател на Турската Република во 1923 година. Во Аргентина, особено за време на воените диктатури, вклучително и оние од „неславната деценија“ (1930-1943), тангото беше предмет на цензура. Пред сè, поради самиот јазик на локалната верзија на тангото, лунфардо. Овој сленг на насилниците и сиромашните, кој стануваше сè поважен во поезијата на Тангера, го исмеваше официјалниот шпански, јазикот на националното единство, кога измеша зборови од секаде и покажа една „хибридизација“ спротивна на сликата што лидерите сакаа да ја дадат за националниот идентитет.

Тангото исто така беше цензурирано за неговите понекогаш “бунтовнички” текстови. Камбалаш (што може да се преведе како тривијалност или, подиректно, како место на нечистотија и неред) од големиот Енрике Сантос Дисеполо, претставува еден одличен пример за ироничен опис на политичката клима од тоа време.[3] Но, во исто време, триумфира, танго канцион, чиј симбол е Карлос Гардел, кој почина во 1935 година. Тој ја префрла сексуалноста кон сентименталност, додека ритамот од диригентот Хуан Д’Ариенцо ги исполнува тогаш запоставените песни. И ова е почеток на она што ќе се нарече Златно доба.

Наскоро, тангото беше промовирано во национална музика од страна на армискиот човек, претседателот Хуан Перон, кој беше избран во 1946 година од работничките класи и спроведе социјална политика во нивна корист. Перон, кој повремено цитира танго во своите говори и промовира отворање на сали за танц во секое маало, ја разбира важноста на оваа музика и танц за целото население, за кое таа не е само забава, туку и средство за изразување, дури и начин на живот. И не случајно, тогашните поети, како Хомеро Манци или Дисеполо, кои се занимаваат со општествениот напредок, беа силни поддржувачи на неговата политика пред неговиот режим да стане порестриктивен. Новиот државен удар во 1955 година, со кој беше соборен Перон, го означи затемнувањето на тангото за некое време: војската ги забрани сите популарни манифестации, вклучувајќи го и тангото. Се појавува доаѓањето на нуево танго со Астор Пјацола – што ќе биде повеќе за слушање отколку за играње. Некои оркестри ќе продолжат да го свират, како што е оној на пијанистот и композитор Освалдо Пуглизе (1905-1995), комунистички симпатизер, првиот кој ја организирал својата професија во синдикати, кој го познава затворот пред, за време и по Перон… „Секогаш кога ќе дојдеше до промена на владата, се прашувавме дали Пуглизе ќе успее да работи дваесет дена. Ако успееше, веројатно владата беше демократска.“[4] Од 1955 до 1983 година, земјата доживеа ужасен период на нестабилност и насилство под армијата што ја презеде и формално власта во 1976 година и владееше како воена хунта до 1983 година: со брутален биланс од 30.000 „исчезнати“ и 15.000 застрелани жртви. Музичарите заминале во егзил: гитаристот и пејач Хуан Седрон, кој како и многу други (Хуан Хозе Мосалини, Густаво Бејтелман итн.) ја освоил Франција, продуцира, со своето куартето, музика силна во меланхолија и отпор, испеана на ангажирани текстови од автори како Хулио Хуаси, Раул Гонзалес Туњон, Хуан Гелман или Луис Алпоста. Оваа формација ќе биде долго време уметнички сојузник на француската левица, а тангото на прогонетите ќе добие генерално силен медиумски и јавен ехо. Во почетокот на 2000-тите години е создаден брендот „Буенос Аирес“, чие танго го претставува неговото лого. Во 2009 година, тангото е наведено како нематеријално наследство на човештвото од страна на УНЕСКО. Некогаш нечист, вулгарен и пренатрупан со странски придонеси, тангото стана симбол на националниот идентитет и сега е главна туристичка атракција.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

1 Juan Carlos Cáceres, Tango negro, Éditions du Jasmin, Clichy, 2013.

[2] Оттука и изразот „танго риоплатенсе“, попрецизен од најчесто користениот израз на „аргентинско танго“, бидејќи ја зема предвид важноста на Уругвај во ова поле.

[3] « Cambalache», www.chants-de-lutte.com

[4] Личната веб-страница на Фабрис Хатем, www.fabricehatem.fr; La Salida, le magazine du tango argentin, бр. 43, април-мај 2005.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW