Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Тајван, парчето кое недостасува во сложувалката наречена „кинескиот сон“

Во 1979 година, островот имаше само дваесет и четири дипломатски сојузници, цифра блиска до петнаесетте разни канцеларии за врски кои денес го признаваат постоењето на држава на островот Тајван. Свесна дека е во позиција на сила, НР Кина потоа ја смени стратегијата од „ослободување“ на островот со оружје до промоција на мирно обединување преку зајакнување на економските и човечките врски.

Од Тангуј Лепезант
Предавач на Националниот централен универзитет (НЦУ), Таојуан (Тајван), и соработник во Центарот за француски студии за современа Кина (ЦЕФЦ), Тајпеј.


Фото: Henry Co/Pexels


„Најопасното место на светот“, пишуваше на насловната страница на списанието Економист во почетокот на мај. Насловната страница на списанието беше надополнета со радарска слика на Тајван, како островот да бил цел на подморница. Ова претставува дел од долга серија написи со слични наслови, кои самите рефлектираат множење на алармистички изјави за иднината на островот[1]. Во извештајот објавен во март 2021 година, влијателната американска експертска група Совет за надворешни односи сметаше дека Тајван дефинитивно „станува најексплозивната точка во светот што може да доведе до војна меѓу САД, Кина и веројатно други големи сили”[2]. Во исто време, адмиралот Филип Дејвидсон, командант на американските сили во индо-пацифичкиот регион, на сослушување во Сенатот на САД изјави дека може да дојде до конфликт во теснецот Формоза веќе „во оваа деценија“.[3] 

 

Иако изјавите што доаѓаат од началници на генералштабови не се лишени од задни намери за поголем воен буџет, овие стравови сепак се базираат на реалност: зголемениот воен притисок на Кина врз своите соседи, а особено врз Тајван. Пекинг прво ги прекина сите канали на разговори со владата на претседателот Цаи Инг-вен, избран во јануари 2016 година и со тенденција кон дефинитивна независност на Тајван.[4] Тензијата потоа ескалираше по неговиот реизбор четири години подоцна. Според Антоан Бондаз, научен соработник во Фондацијата за стратешки истражувања (ФРС), имало дури 380 упади на кинеската воена авијација во зоната за идентификација на воздушната одбрана на Тајван само во текот на 2020 година.[5]Фреквенцијата на ваквите упади и провокации дополнително се зголеми во 2021 година.

 

Треба да се напомни дека неодамнешните тензии имаат двојно потекло. Едното е вкоренето во геополитичката историја на односите меѓу двете страни во теснецот Формоза, другото е поврзано со местото на островот во ривалството меѓу САД и Кина.

 

Во 1945 година, по педесет години јапонска колонизација, кинеската партија Куоминтанг (КМТ), која тогаш управуваше со Кина, ја презеде контролата врз островот Тајван. Четири години подоцна, сега поразена во граѓанската војна против Комунистичка партија на Кина (КПК), оваа десничарска партија ги повлекува, на островот Тајван, државните институциите на тогашната Република Кина, основани на копното во 1912 година, по соборувањето на кинеската царска династија Кинг. Соочена со непосредната инвазија од страна на комунистичките сили, КМТ својот опстанок го должи на избувнувањето на Корејската војна во јуни 1950 година и американската заштита на Тајван како дел од политиката на САД за ограничување на комунизмот во Азија. Ситуацијата во теснецот Формоза потоа беше замрзната две децении.[6]

 

Со поддршка на САД, Република Кина, сега преместена на островот Тајван, предводена со железна тупаница од Чианг Каи-шек, го задржува седиштето на претставникот на Кина во Обединетите нации, на штета на Народна Република Кина (НР Кина), што е исклучена и изолирана во меѓународната политика. Но, во 1971 година, Резолуцијата на ОН 2758 му дозволи на Пекинг да седне во Советот за безбедност на ОН и ги протера „претставниците на Чианг Каи-шек“.[7] Последователно, Тајван се соочи со серија прекини на дипломатски односи и, конечно, Вашингтон ги прекина односите со Тајпеј, за да и формално го признае Пекинг на 1 јануари 1979 година. Оттогаш, политиката на САД кон Тајван е водена од пет главни документи (Законот за односи со Тајван, трите „Заеднички соопштенија на Кина и САД“ и „Шесте гаранции“). Овие документи сметаат дека постои само една Кина, НР Кина, но не заземаат став за „прашање за суверенитетот на Тајван“ и инсистираат на негова „мирна разрешница“. Навистина, овие документи само ја нотираат позицијата на Пекинг дека Тајван е дел од НР Кина, без експлицитно одобрување на истата.

 

Во 1979 година, островот имаше само дваесет и четири дипломатски сојузници, цифра блиска до петнаесетте разни канцеларии за врски кои денес го признаваат постоењето на држава на островот Тајван. Свесна дека е во позиција на сила, НР Кина потоа ја смени стратегијата од „ослободување“ на островот со оружје до промоција на мирно обединување преку зајакнување на економските и човечките врски. Во „пораката до тајванските сонародници“ објавена на денот на воспоставување официјални дипломатски односи со Вашингтон, комунистичките власти предлагаат отворање размена на сите полиња со Тајван. Можната употреба на сила не се напушта, туку се префрла на ниво на крајно решение.

 

Две години подоцна, Пекинг оди чекор подалеку со формулирање на условите за мирна интеграција: островот ќе може да го задржи својот „висок степен на автономија како посебен административен регион“ и Пекинг нема да се меша во ништо што ќе потпадне под „локални работи“. Со други зборови, Тајванците ќе можат да го одржат својот економски систем и начин на живот. Овие предлози претставуваат еден вид на ‘извод од матичната книга на родените’ со формулата „една земја, два система“, конечно применета за Хонгконг. Позицијата на Пекинг потоа не се променува Во својот говор по повод четириесетгодишнината од „пораката до тајванските сонародници“ на 2 јануари 2019 година, претседателот на НР Кина Си Џинпинг повторува јасно дека единствената перспектива за Тајван е интеграција во НР Кина во рамките на „една земја, два системи“, при што Тајпеј може да бара само статус на локална власт.

 

Оваа непопустливост е вкоренета во упорноста на есенцијалистичката концепција за нацијата која ги смета крвните врски за суштински: бидејќи се од копното, Тајванците се нужно Кинези. Тие немаат збор во ова; историјата и нивните предци зборуваат за нив. Сепак, историјата, според претседателот на НР Кина, Кси Џинпинг и неговиот „кинески сон“ формулиран во 2012 година, по неговиот избор за претседател на КПК, ги турка сите Кинези да ја вратат својата гордост во својата земја со бришење на „векот на понижување“ како страдање од крајот на Првата опиумска војна (1842).[8] По враќањето на Макао и Хонгконг, Тајван сега останува последната изгубена територија, последното „понижување“.

И покрај идеолошкиот спор помеѓу Тајван и КПК, овој есенцијалистички национализам, правејќи ја обновата на големината на кинеската нација света мисија, беше споделен од Чианг Каи-шек и КМТ кој го наметна на луѓето од Тајван. Со уште поголема леснотија, преку фактот дека повеќе од милион копнени жители, што е еквивалентно на 15% од населението на островот, нашле засолниште таму. Но, во пресрет на демократизацијата на островот, од крајот на 1980-тите, кинескиот национализам е оспорен преку зголемената идентификација со тајванска нација која сигурно има дел од своите културни корени во Кина, но исто така и своја историска и политичка траекторија. Оваа идентитетска динамика доведе до прва политичка алтернатива и формирање влада, која се залага за дефинитивна независност, во 2000 година на Тајван.

По неговиот пораз и сега сметајќи ја независноста на Тајван како главен непријател, конзервативното раководство на КМТ започна зближување со КПК во име на нивната заедничка приврзаност кон „Голема Кина“. Оваа партија се врати на власт во 2008 година, потпирајќи се на деловните кругови и медиумите во голема мера посветени на нејзината кауза, користејќи двоен дискурс со населението за прашања на суверенитетот и загрозување на економските придобивки од зближувањето со континентот. Под претседателство на Ма Јинг-џеу, со Пекинг беа потпишани дури деветнаесет договори, кои ги поставија темелите за „заеднички пазар на двете страни“. Трговијата од секаков вид се мултиплицира енормно и економската зависност на Тајван од Кина, веќе голема, добива загрижувачки размери во очите на сепаратистите: 40% од извозот оди таму. Се чини дека патеката што ја одбележаа триесет години претходно кинеските власти за постигнување мирно обединување, сега станува експресен автопат.

Но, „кинескиот сон“ заврши во 2014 година. Владата на КМТ тогаш беше соочена со национална мобилизација против договорот за либерализација на услугите што се обидуваше да ја протера преку Парламентот. Овозможувајќи кинески инвестиции во секторите за издаваштво, медиуми и култура, но и отворање на локалниот пазар на труд за кинеските работници од копното, овој договор предизвикува најголеми стравови кај Тајванците. Окупацијата на парламентот и околните улици три и пол недели за време на „Сончогледовото движење“[9] беше јасна кулминација на неколкугодишното незадоволство и означи пресвртница во односите со НР Кина. Ова предизвикува будење на свеста кај граѓаните помлади од 40 години, кои ја познаваат само демократијата, и открива нова генерација активисти и политичари кои се многу повеќе сомничави за политичките последици од понатамошната економска интеграција на двете страни.

Анкетите спроведени во текот на изминатите петнаесет години покажуваат континуирано зајакнување на идентификацијата со независна и суверена „Тајванска нација“. Во 2020 година, според Центарот за изборни студии на Националниот универзитет Ченчи во Тајпеј, дури две третини од населението рекле дека се „само Тајванци“, во споредба со помалку од една петтина во 1992 година. Анкета објавена во списанието Комонвелт ја потврдува оваа бројка и дава попрецизна слика за ситуацијата видена од Тајван.[10] Се појавуваат два тренда. Од една страна, односите со Кина повеќе не можат да се развиваат според патоказот на Пекинг, при што 90% од населението ја отфрла формулата „една земја, два система“ и економската привлечност на континентот е во слободен пад. Од друга страна, особено меѓу 30-годишниците, „кинескиот сон“ е дефинитивно завршен. Повеќе од четири петтини од нив се сметаат себеси за „само Тајванци“, две третини сметаат дека „Тајван“ наместо „Република Кина“ треба да биде името на нивната земја, а скоро исто толку се за независност.

Бидејќи Тајванците станаа глуви за „сирените“ на кинескиот просперитет, Пекинг повторно мавта со воената закана. Но, оваа  промена во пристапот доаѓа наспроти брзата еволуција на кинеско-американските односи. Од прекинот на дипломатските односи, Вашингтон повеќе не е врзан за Тајпеј со договор за одбрана. Законот за односи со Тајван, акт усвоен во април 1979 година, сепак, ја нагласува важноста на мирно решавање на спорот меѓу двете страни, предвидува снабдување на Тајван со оружје потребно за негова одбрана и се обврзува за „одржување на способноста на САД да се спротивстават на употребата на сила или други форми на принуда што би ја загрозиле безбедноста или економскиот и социјалниот систем“ на островот. Иако се избегнува експлицитно спомнување на хипотезата за воена интервенција во случај на кинеска агресија, формулата сепак го овозможува тоа; таа е во основата на „стратешката двосмисленост“ што ја промовира Вашингтон.

Всушност, во очите на САД, Тајван отсекогаш бил пион чијашто релативна стратешка вредност е дел од регионалните калкулации на „Реалполитик“. Сепак, оваа вредност е во пораст во последниве години. Откако беше само една „тула“ во американскиот ѕид против комунизмот за време на Студената војна, островот сега стана модел на капиталистичко и демократско општество што Вашингтон мислеше да го внесе во Кина преку политика на „посветеност“. Три децении, овој пристап – во комбинација со апетитите на мултинационалните компании кои ги фрлаат своите загадувачки и трудоинтензивни индустрии таму – преовладуваше во оптимизмот на американските лидери во врска со неговата интеграција во „нивниот свет“. Сè уште главен елемент за време на мандатот на Обама, овој пристап отстапи место за поконфронтациска перспектива под администрациите на Трамп и Бајден. Тајван е значаен дел од ова.

Геостратешки, останува суштинска алка во првиот синџир на острови што се протега од Јапонија до Индонезија, блокирајќи го пристапот до западниот Пацифик за кинеската воена морнарица. На економско ниво, се очекува Тајван да игра клучна улога во желбата на Вашингтон да го спречи подемот на Кина. Имено, во планот на администрацијата на Бајден е да формира сојуз на „техно-демократии“. Фабриките на островот произведуваат голем дел од полупроводници од најновата генерација, основни компоненти за глобалната дигитална економија (паметни телефони, поврзани предмети, вештачка интелигенција, итн.).[11] САД сакаат да обезбедат овие предности дефинитивно да останат на нивната страна.

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] Прочитајте, на пример: Gilles Paris and Frédéric Lemaître, « Taïwan, au coeur des tensions entre la Chine et les États-Unis », Le Monde, 15 април 2021; или: Brendan Scott, “Why Taiwan is the biggest risk for a US-China clash,” Bloomberg and Washington Post, 27 јануари 2021 година (ажурирано на 5 мај 2021 година).

[2] Robert D. Blackwill and Philip D. Zelikow, “The United States, China, and Taiwan — a strategy to prevent War,” Council on Foreign Relations report, Њујорк, февруари 2021 година.

[3] “China could attack by 2027: US admiral”, AFP и Taipei Times, 11 март 2021 година.

[4] Прочитајте: Tanguy Lepesant, « Taïwan en quête de souveraineté économique », Le Monde diplomatique, мај 2016 година

[5] Nathalie Guibert, « Taiwan : des incursions aériennes chinoises sans précédent », Le Monde, 25 јануари 2021 година.

[6] Видете: Philippe Pons, « L’engrenage de la guerre », во: « Corées. Enfin la paix », Manière de voir, n°162, декември 2018-јануари 2019 година.

[7] Resolution 2758, “Restoration of the legitimate rights of the People’s Republic of China at the United Nations”, 1976th United Nations Plenary Session, Њујорк, 25 октомври 1971 година.

[8] Прочитајте: Alain Roux, « Les guerres de l’opium revisitées », Le Monde diplomatique, октомври 2004 година.

[9]Сп. Jérôme Lanche, « À Taïwan, les étudiants en lutte pour la démocratie », Planète Asie, 28 март 2014 година, blog.mondediplo.net

[10] “Taiwan vs. Republic of China, generational conflict surpasses south-north division”, Commonwealth n° 689, Тајпеј, 31 декември 2019, (на кинески).

[11] Прочитајте: Evgeny Morozov, « Doit-on craindre une panne électronique ? », Le Monde diplomatique, август 2021 година.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW