Единственото француско место за длабоко закопување на отпадот, рудниците за поташа во Алзас, веќе дваесет години се домаќини на запаливи и потенцијално опасни производи за подземните води, спротивно на гаранциите дадени на почетокот. Уште полошо: државата беше посветена на реверзибилност од која денес прави сè – за да избега.
„Во тоа време, имаше потреба од реконверзија за рударски локации“, се сеќава Фредерик Биери, сега претседател на Европската заедница на Алзас, што произлезе од спојувањето на департманите Горна Рајна и Долна Рајна. Во 1990-тите, планираното затворање на рудниците за поташа во Алзас ја поттикна идејата за складирање на крајниот отпад во галериите ископани од камената сол, околу 550 метри длабоко под градот Вителсхајм, во близина на Мулхаус.
Во 1997 година, префектот на Горна Рајна ја овласти компанијата Стокамин, подружница на јавното претпријатие Рудници за поташа на Алзас (МДПА), да работи со „реверзибилно подземно складирање на индустриски отпад“ нерадиоактивен, само цврст, инертен и незапалив. Овластувањето го опфаќа закопувањето на отпад под локацијата на рудникот Џозеф-Елс од 320000 тони. Помеѓу 1999 и 2002 година, 44000 тони отпад постепено се дистрибуираат во „блокови“ на галерии ископани за таа прилика. „Државата тогаш се обврза на реверзибилно и строго надгледувано складирање, во очекување на идни технологии кои ќе овозможат обработка на материјалите добиени таму“, се сеќава Жан Ротнер, претседател на регионот Гранд Ест.
Од 10 септември до 21 ноември 2002 година, пожар го опустоши блокот 15, кој содржи 1775 тони отпад, со труење на 76 вработени. Ова доведе до запирање на складирање на индустрискиот отпад, а потоа до напуштање на оваа локација следната година. Судската истрага покажува дека одредени потенцијално самозапаливи производи се однесени долу и таму закопани врз основа на нецелосни листови за идентификација, со „сериозни и повторени прекршувања“ кои „ја одразуваат волјата за прифаќање по секоја цена“ на материјали од органско потекло и остатоци од вештачки ѓубрива од компанијата Солупак. И покрај предупредувањата од персоналот, неговиот заменик и трудовиот инспекторат, директорот на локацијата ги прекршил своите безбедносни обврски. На 15 април 2009 година, тој беше осуден, во жалбена постапка, за „загрозување на другите“ исто како и Стокамин, во својство на одговорно правно лице.
Под водената маса на Рајна, една од највисоките во Европа, сега се наоѓа темпирана бомба што ги загрижува жителите на Алзас, како и нивните швајцарски и германски соседи: „Официјалните проценки покажуваат присуство на 26 тони жива, 1747 тони арсен, 33 тони кадмиум, 32 тони хром, 250 тони олово, 100 тони антимон,“ истакнува Франсоа Зинд, адвокат на еколошката НВО Алзас Натур. „Наведени се 50 загадувачи, од кои повеќето се растворливи во вода и саламура.“
Државата не го одржа ветувањето за реверзибилност. Дури и идентификуван како опасен, отпадот се таложи на дното во време кога би било неопходно брзо да се дејствува за да се подигне и исчисти. Галериите ископани во поташата имаат природна тенденција да се повлекуваат. Тие ќе станат недостапни меѓу 2027 и 2029 година според документите, а потоа дефинитивно ќе пропаднат за неколку години. Потоа, постепено поплавување ќе ги разреди растворливите елементи и ќе ја врати контаминираната саламура во водоносот лоциран 500 метри повисоко во рок од 600 до 1.000 години, според Бирото за геолошки и рударски истражувања (БРГМ).[i]
Пријавена во 2014 година од страна на Судот на ревизори поради ставот на чекање за да види што ќе се случи, државата ги мултиплицира експертизите за да го потврди своето решение: затворање на лице место со бетонска ограда. По интервенцијата и амандманот предложен од пратеникот од Горна Рајна, Мишел Сорди, законот за животна средина беше изменет во 2004 година, две години по катастрофалниот пожар. Станува возможно неограничено одобрување за подземно складирање на опасни производи „ако снабдувањето со отпад престанало најмалку една година претходно“.
Под притисок на населението и избраните функционери од сите страни, владата сепак го дозволи вадењето на најотровниот отпад, 95% од живата беше отстранета помеѓу 2015 и 2017 година. Во рамките на 42000 тони преостанат отпад, 25% останува растворлив, „со ризик за пиење – единствениот критериум што го задржува државата – спомнат во бројни извештаи, но и можни влијанија врз целиот синџир на исхрана поврзан со површинските води, бидејќи огромното мнозинство од овој отпад се ендокрини пореметувачи“, прецизира спомнатиот Зинд. По овие ризици и бурните протести, префектот на Горна Рајна одобри затворање на неодреден период на локацијата во март 2017 година. Подготовките започнаа.
Според БРГМ, трошоците за овој проект кои се додаваат на 5 милиони евра годишни расходи од 2002 година – варираат според претходните интервенции: 87 милиони без дополнително вадење, 246 до 307 милиони само со отстранување на растворливиот отпад, и дури 379 до 440 милиони за целиот отпад. Овие две последни сценарија би биле премногу скапи и премногу опасни според мислењето на државата, која се држи до својот став за конечното останување на преостанатиот отпад под земја. Аргумент што Бири го побива: „Во Долна Саксонија, слична ситуација конечно ја натера германската влада да отстрани сè итно и имаше за ова дури 2 милијарди евра на располагање. Немаме долгорочна гаранција во случај на надојдена вода, а зборуваме за затворање долен дел на сеизмички расед. Гаранцијата не е доволна за идните генерации“.
Државата тргнува во трка… против правдата. Информиран од НВО Алзас Натур и од локалните заедници, Административниот апелационен суд на Нанси го поништува префектурниот декрет на 15 октомври 2021 година, главно поради недостаток на финансиска гаранција. Судиите на тој начин ја блокираа работата за задржување на отпадот под земја што требаше да започне уште истиот ден. Но, амандманот – усвоен на итар начин од страна на Националното собрание на Франција еден месец подоцна – ја дава финансиската гаранција од државата на МДПА и повторно одобрува затворање на локацијата на „неодреден период“. На 28 декември, Уставниот совет на Франција остро ја критикува оваа законска одредба, што ја смета за обичен „буџетски расипник“.
На 28 јануари, префектот на Горна Рајна издаде нов декрет со кој се дава дозвола за продолжување на работата на локацијата со опасниот отпад и така, се отвора патот за ново досие за одобрување, а по јавна анкета. На Ротнер му е жал што државата се држи до своите ставови: „Локалните заедници со години се обидуваат да разговараат со државата и најдовме дури и индустријалци кои би имале решенија… Се разбира, завршуваме со тоа што се прашуваме зошто постои таков недостаток на транспарентност и консултации“.
Во јануари 2021 година, посетата на министерката за еколошка транзиција, Барбара Помпили, даде надеж за почеток на дискусија. „Ја предупредивме за очигледниот иден ризик. Еден месец подоцна, владата едноставно ја потврдува својата желба да се запечати местото како такво. Се соочуваме со неразбирлив инает“, проколнува Стефан Жиро, директор на НВО Алзас Натур. На гласовите на многу национални и европски експерти кои повикуваат на дефинитивно отстранување на отпадот, сега се додаваат и гласовите на одредени рудари: не е предоцна, мораме да интервенираме додека уште е можно. Државата се заложи за реверзибилност, но, во прашање е и довербата што граѓанинот може да ја даде на нејзиниот збор.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] « Stocamine, éléments complémentaires demandés au BRGM par la DGPR », Bureau de recherches géologiques et minières (BRGM), 26.10.2018.