Пред почетокот на 20-тиот Конгрес на Комунистичка партија на Кина (КПК), над Кина лебди сенка: онаа на средната класа. Таа беше во средиштето на големата промена која започна во 1990-тите и останува во центарот на денешните предизвици. Стотици милиони Кинези (помеѓу 350 и 700 милиони според критериумите и проценките) имаат корист од реформите, добија пристап до универзитет и добро платени работни места, обезбедија образование и удобност за нивното единствено дете и акумулираа средства за недвижности. Дури 87% од домаќинствата поседуваат стан, а 20% неколку.[1] Тие, исто така, имаат корист од неурбанизираната, но стандардизирана потрошувачка, од новиот начин на живот, но по цена на натпревар на ‚сите против сите‘…
Главно, членовите на средната класа треба да имаат централна улога во економската стратегија дефинирана од партијата неколку години пред доаѓањето на власт на Кси Џинпинг во 2012 година: да се намали учеството на странските инвестиции и кинеските извозни индустрии со ниска додадена вредност во растот и да се зголеми учеството на домашната побарувачка, високата технологија и финансиите. Кој може да го поттикне растот преку потрошувачката и да ги пополни висококвалификуваните работни места што и се потребни на кинеската економија, ако не оваа средна класа?[2]
Исто така, треба да служи како модел за класичната работничка класа, односно – сега тоа се главно селаните. Засега, постои речиси совршено совпаѓање помеѓу средната класа и урбаната класа: онаа која може да ги искористи новите можности во образованието, вработувањето и акумулацијата на богатство. Сепак, единствениот начин да се прошират контурите на проектот е да се вклучат селаните работници (мингонг) кои побрзаа во градовите да послужат како мануелна работна сила за „кинеското економски чудо“. Исто така, неопходно е да се „цивилизираат“ овие маси, односно според логиката на моќта, да се воведат во добро однесување, добар вкус, учтивост. Ова е мисијата доделена на средната класа од страна на официјалниот партиски дискурс и кинескиот образовен систем.[3]
Таа, исто така, мора да биде добар политички пример. Легитимно е да се протестира, но умерено. Се поканува да учествува во континуираниот процес на подобрување на „правниот систем“, под услов да не го доведува во прашање политичкиот систем на земјата. Затоа мора да се однесува на начин кој е и прогресивен – во корист на економската модернизација – и конзервативен – со цел да се одржи политичката стабилност и статус кво.
Овој сон за речиси целосна просечност на општеството, сеприсутен во сите официјални слогани за „мал просперитет“ или „заеднички просперитет“, се соочува со актуелни економски тешкотии, социјални противречности и појава на други социјални замисли. Феноменот започна во раните 2000-ти, иако пандемијата го акцентираше.
Така, новата економија бавно ја надминува старата. Пред сè, таа веќе не е во состојба да ја задоволи желбата на големото кинеско население за општествено напредување. „Традиционалната“ економија се чини дека ги достигнува своите граници. Се зголемува преместувањето на кинески или странски фабрики, а градежната индустрија, која ја поттикнуваше побарувачката, влезе во криза на хиперпродукција. Потенцијалните идни членови на кинеската средна класа се невработени или принудени да прифатат ниско платени работни места во маркетинг платформите или во секторот за испорака.
Општествените позиции стануваат поригидни: новодојденците тешко наоѓаат место за себе, и како новодојденци – се вртат во кругови. Приходите веќе не растат, туку трошоците се зголемуваат. Цените на недвижностите вртоглаво пораснаа од доцните 1990-ти, принудувајќи ги младите луѓе да потонат во долгови или родителите да продадат стан, кога можат, за да го финансираат ова прво купување на своите деца. Школарините за децата се акумулираат за да се плати за училиште (но и за воннаставни курсеви, и покрај нивната забрана) и да се остане во населби со добри училишта, што ги зголемува трошоците за проекти за недвижности.
Покрај тоа, да се има чувство на припадност на средната класа – на „добрите луѓе“ – значи да се исполнат нејзините стандарди за добар вкус и потрошувачка. „Луксузот“ (всушност полулуксузот во контекст на Кинезите) – стана еден начин на живот. Мора да купите одреден вид облека, мебел, автомобили, мобилни телефони, да живеете во одредени населби, да одите во одредени ресторани, да гледате одредени претстави и да посетите одредени земји, да спортувате, да се грижите за вашето здравје, додека се грижите и за вашите стари родители…
Покрај тоа, трошоците за здравствена заштита се зголемија во последниве години, додека системите за групно здравствено осигурување покриваат само дел од нив кој е сè помал. Уплаќање придонеси во приватното осигурување станува веќе неопходно. Додека вработените во големите компании и државните службеници успеваат некако да преживеат, тоа повеќе не важи за самовработените или сопствениците на мали бизниси во Кина. Со оглед на тоа што милиони луѓе беа затворени во своите домови и повеќе не можат да патуваат, пандемијата ја поткопа виталноста на милиони мали и средни бизниси чии граници на опстанок веќе беа опасно притиснати. Некои сопственици на мали бизниси веќе не можат да ги плаќаат дури и своите сметки.
Додека, од отворањето на 1990-тите, идејата дека секоја генерација ќе продолжи да има корист од подобра ситуација од претходната, верувањето во постојан раст на животниот стандард, или барем во социјалната репродукција на статусот, сега веќе исчезнува. Секој се чувствува фатен во надолна спирала на трошење и долгови, доведувајќи го во прашање секое чувство на сигурност.
Ова е совршено илустрирано со секторот на недвижен имот во Кина. Бабите и дедовците и родителите имаат акумулирано значителен капитал во овој сектор, што би претставувало 70% од сите средства на домаќинството.[4] Сепак, ова богатство е илузорно. Истово се заснова на континуирано зголемување на цената на новите станови, што има влијание врз старите и ги спречува младите генерации да добијат пристап до имот, особено во големите кинески метрополи. Сите нè уверуваат дека мораме да ја запреме оваа надолна спирала. Ова ќе го намали акумулираното богатство на домаќинствата кое беше искористено за поддршка на децата, но и за обезбедување пензија која јавните системи, сепак, не ја гарантираат. Да не зборуваме за оние семејства кои купиле станови вон план и сметаат дека мора да продолжат да ги плаќаат ратите – додека изградбата е стопирана поради недостиг на средства од страна на инвеститорите.
Се разбира, секогаш е можно да се отиде на работа во средните кинески градови – но, со понизок животен стандард. Но, таму, изгледите за кариера и квалитетот на образовните институции – дефинитивно, се помалку добри. Зарем не е срамота да се напушти метрополата, симбол на успех и општествен статус?
Средната класа не е задоволна да ја искаже својата мака во приватната сфера. Таа ја споделува на социјалните мрежи и понекогаш води колективни акции. Неодамна, се појавија неколку движења на изразување на јавното мислење, од кои сите бараат прекин со нормите и вредностите на општествениот успех по секоја цена, постојана конкуренција и култот на работата. Најпознатиот, „Ајде да легнеме“ (Тангпинг), потсетувајќи се на познатото „право на мрзливост“, се залага за повлекување од социјалната игра, работење само она што е потребно за да се преживее, да не се биде во брак, немање деца и уживање во самиот живот. Според познатиот кинески социолог Сун Липинг, оние кои ја проповедаат и особено ја практикуваат оваа етика – се деца на родители кои напорно работеле за да соберат солидно богатство; „да се остане во кревет“ е луксуз.[5] Други интелектуалци ова го гледаат како израз на длабок немир на кој општеството и партијата мора да одговорат. Зошто да се занимавате со живот наречен „996“ – работата од 9 до 21 часот, 6 дена во неделата – ако повеќе не овозможува искачување на социјалната скала? Зарем не е време да се прекине со овој социјален дарвинизам ?
Истовремено, избувнаа протести, како во април о.г., кога пет регионални банки ги замрзнаа сметките на 300.000 луѓе. Се чинеше дека парите исчезнаа во ризични инвестиции, особено во недвижен имот. Од ова лето, во тек е тенденција за бојкот на отплатата на хипотекарните кредити за становите. Станува збор за 320 проекти кои понекогаш се стопирани по неколку месеци, во околу 100 кинески градови.
Куриозитет во сегашната ситуација не е ниту што сонот за кинеската просечност се оддалечува, ниту што „чудото на привилегираните“ се зголемува, туку дека партијата решила да се соочи со овој немир и се обидува да го контролира. Додуша, загрижена е за оваа сегашна кинеска младина без граѓанска (и националистичка) совест која повеќе не сака да работи. Истовремено, на истражувачите и на новинарите – им е дозволено да ја критикуваат слабоста на јавните политики. Според нив, владата треба подобро да го финансира социјалното осигурување за здравјето или пензиите, да се бори против социјалните нееднаквости и ултра-богатството, да ги намали школарините и кириите, да ги направи испитите помалку конкурентни, да ги принуди компаниите помалку да ги малтретираат своите вработени и да ја фаворизира соработката, а на штета на борбата ‚сите против сите.‘ Очигледно некои комунистички водачи сакаат такви реформи.
Така, кога властите во Хенан сакаа да ги спречат протестите на локалните штедачи измамени од банките, со апсење на неколку и укинување на здравствената ковид-пропусница на 1.300 лица за да ги спречат да одат на демонстрациите, кинеската влада брзо презеде мерки за да ги смири.[6] Воведена е компензација, уапсени се банкарски службеници и санкционирани се оние кои ги откажале здравствените ковид-пропусници. За да се спречи ова движење, донесени се мерки за да им се овозможи на локалните власти да се задолжат и да го рестартираат секторот за недвижности и многуте стопирани градилишта ширум земјата.
Се разбира, прашањето за „средната класа“ нема да биде ставено на дневен ред на претстојниот конгрес како такво. Но, тоа ќе биде присутно во сите глави на делегатите и спомнато во сите дебати. Без разлика дали станува збор за предизвиците на економскиот развој, борбата против нееднаквостите, „заедничкиот просперитет“, социјалната стабилност, „просперитетните“ се во центарот на грижата на власта. Нивните проблеми понекогаш се искористуваат дури и од локалните власти во нивните односи на моќ со централната власт. Тие треба да ги спречат ваквите движења, но играат и на картата на вознемиреноста на националните функционери пред можните ексцеси за да го принудат Пекинг да им надомести на „добрите луѓе“.
Сепак, овие движења не навестуваат следна револуција или неизбежна дестабилизација на режимот. Нема знаци за доведување во прашање на контролата на КПК во име на друг политички конструкт. Дали сегашниот општествен договор – моќна и просперитетна Кина во контекст на продолжувањето на еднопартискиот систем – би бил подобро обезбеден со некаква форма на пазарна демократија? Тешко е да се поверува во ова: движењата на изразувањето на јавните мислења и протестите што ја одразуваат вознемиреноста на средната класа – сепак, се насочени повеќе кон капиталистичкото општество отколку кон самиот етаблиран режим. Сепак, „добрите луѓе“ чекаат да бидат уверени, што ќе биде и една од задачите на конгресот.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Clark W.A., Huang Youqjin, Yi Diachun, « Can millenials access homeownership in urban China ? », Journal of Housing and the Built environment, Springer, Berlin, January 2019; « Multiple home ownership in Chinese cities : An institutional perspective », Cities, vol. 97, 102518, Elsevier, Amsterdam, II/2020.
[2] Сп. The making of the China middle class. Small prosperity and great expectations, Palgrave MacMillan, London, 2017.
[3] Сп., « The Middle class in reforming China : the Dream of classless society », во: David Blecher and all. Class and the Communist Party of China, 1978-2021, Routledge, 2022
[4] Dong Dengxin, « Houses account for about 70 pct of Chinese households’ assets, putting pressure on consumption stimulation », Global Times, Beijing, 29.04.2020.
[5] Sun Liping, « Tangping never performs at the bottom of the company » (на кинески), Weibo, 13.06.2021.
[6] Прочитај: Martine Bulard, « La peur du rouge », Le Monde diplomatique, VIII/2022.