“Нам (итно) ни е потребен голем наратив”. Стилот на Емануел Макрон е релаксиран на неговата страница на Фејсбук, каде користи извадок од неговите зборови кои се појавија во еден германски весник.[i] Но, пред протестантските јавни личности, на 26 октомври 2021 година, на вечерата во кругот на Шарл Жид, тој ја искажува истата поента, само подолго и со повеќе фантазија: „Нашите постмодерни демократски општества не се секуларизирани, туку произлегоа од еден голем наратив кој беше религиозен. Дваесеттиот век видел и други големи наративи, по големиот еманципаторски наратив, големиот наратив на тоталитаризмот, и колективно сме мислеле дека крајот на тоталитаризмот е преку крајот на големите наративи. (…) И должен сум да напоменам дека колективно сме прилично несреќни што веќе немаме големи наративи бидејќи нашите сонародници се соочуваат со малограѓанштината на малите наративи“.[ii] Макрон не е фокусиран само на повторувањето, туку е и „модерен“. Претседателскиот кандидат на француските републиканци, извесна Валери Пекрес, се обидува да формулира „голем национален наратив“ (Лес Ешо, 11 февруари 2022). Сандрина Русо, од Еколошката Европа на Зелените, има заслуга, според Кристијан Салмон, за популаризација на раскажувањето приказни,[iii] „за изнесување на еден голем наратив. Инклузивен, обединувачки наратив, (…) кој за прв пат го потврдува кредибилитетот на големиот наратив“ (Слејт, 30 септември 2021). Тука запираат примерите: терминот е модерен. Ова не го спречува и да биде малку нејасен.
Токму во почетокот на 1980-тите се шири поимот, почнувајќи од есејот на францускиот филозоф Жан-Франсоа Лиотар, кој беше топло примен, особено во САД, пред да стане и референца во самата Франција. Книгата Постмодерната состојба. Извештај на знаењето (Минуи, 1979) ги инсталира, во интелектуалниот и медиумскиот пејзаж, концептите на пост-модерност и мета-наратив, кои повеќе, едноставно се нарекуваат „големиот наратив“. Со други зборови, едно гледиште за човекот во историјата, рационално сфаќање на минатите настани кои ѝ даваат значење на иднината. Лиотар резимира: „Можеме да ги наречеме модерни општества оние кои ги поткрепуваат дискурсите на вистината и правдата врз основа на големи историски и научни наративи. Се разбира, тука има повеќе варијанти. Француските јакобинци не зборуваат како Хегел, но секогаш праведните и добрите се фатени во голема прогресивна одисеја. Во постмодерното, во она што го живееме, легитимирањето на вистинското и праведното е она што недостасува. Но, токму овие поими овозможија да се изврши терор тука, (…) на друго место, да се биде еден сталинист или маоист.“ (Ле Монд, 15 октомври 1979 година). Поради што се оправдува она што се нарекува вистина? Поради доброто? Кој ги развива овие концепти, во име на што, за што? Тие немаат ништо вечно, неспорно: постојат и флуктуираат, за да ја оправдаат моќта и општествените обичаи. Така, како што кондензира историчарот Јохан Чапутот, Лиотар, доведувајќи го во прашање „легитимитетот на знаењето“, го поткопува легитимитетот „на наративите што го поддржуваат“.[iv] Особено, мора да се каже, оние од „големата прогресивна одисеја“. Се сети дека повеќе не може да се потпира на темелите на наративот на периодот на просветителството од Средниот век, вербата во разумот која ја воспоставува вистината, вербата во напредокот базиран на работата на науката и критичкото размислување, а за да се напредува по патот на еманципација на човечкиот род. Нема веќе хуманистички, универзалистички проект, бидејќи вистината е конструкција сама по себе. И, како главна мета, марксистичката мисла се открива како мамка. Добредојдовте во светот ослободен од сите овие илузии кои го носат тоталитаризмот. Секој е вратен на својот личен избор, на сопствениот сензибилитет. Направете им пат на „малите наративи“, скромни и кои не сакаат да ја наметнат својата наводна вистина на другите. Не, нема стрелка која го покажува правецот кон иднината.
Погребот на големиот наратив беше дочекан со ентузијазам.
Мора да се признае дека идеалот на разумот не ги исполнил своите ветувања и дека совршеноста на човекот, сепак, останува да се докаже. „Пишувањето поема по Аушвиц е варварска работа“, напишал филозофот Теодор В. Адорно во 1949 година.[v] Што се однесува до комунистичкиот сон, една „секуларна религија“ која го зазеде местото на „исчезнатата вера“, колапсот [vi] на „Источниот блок“ се чини дека го надживеа. Ова му овозможи на Френсис Фукујама, советник на администрацијата на Реган, да го предвиди „крајот на историјата“, благодарение на триумфот на моделот на либералната демократија низ целата планета, како „крајната точка на идеолошката еволуција на човештвото“.[vii]
Но, иако пророштвото на Фукујама беше брзо побиено, неговата теоретска варијанта, постмодерноста и нејзините постулати, сепак процветаа. Цвета во генерализирано сомневање. Дојде време за разочарување, за осаменоста на граѓанинот исправен пред крајот на колективните идеали, опасните лаги. Кои вредности треба да се бранат, ако сите се релативни? Врз основа на што треба да се спроведе акција за една трансформација? Која вистина да ја преферираме? Еволуцијата на учењето за историјата, како и политичката употреба на „националниот наратив“, се пример за едно вакво проблематизирање. Како што истакнува истражувачот Себастиен Леду, во главните фази, „се движиме од вклучувањето на Франција во универзалната историја што ја оствари во походот кон триумфалната слобода од револуцијата во 1789 година“, кон „откривањето на скриената вистина“, заснована на „должноста на сеќавањето“. Нема веќе голем оптимистички наратив, инструментализиран од владите; отсега „иднината не се сфаќа како хоризонт на очекување проширен кон напредокот на човештвото, таа е претставена во конјуктурата на враќањето на насилното минато“. Целта е таму: едноставно да се запаметат ужасите од вчера, да не се дозволат повеќе, „да се избегнат колективните ризици“.[viii]
Оваа недоверба во тотализирањето на наративите не нè спречува да се чувствуваме како празнина, и, како што лирично се изразува писателот Ален Дамасио[ix], денес, го слушаме „овој повик кој ѕвони насекаде, во компаниите, како и меѓу активистите, во реакционерните тинк-тенкови или во стомакот на идните развојни зони – „ни требаат нови наративи“, бидејќи „големите наративи“ очигледно се „раскажани или неисполнети“… Пребрзо е да се претпостави дека сите стари големи наративи се растурени од конечно доминантната луцидност. Ако марксистичкиот наратив во голема мера е деградиран во фикција, оној на неолиберализмот, првично разработен од Американецот Волтер Липман (1889-1974), сè уште е активен. Липман, кој имал намера да се спротивстави на бруталниот капитализам одговорен за големата криза од 1929 година, го објавил делото „Доброто општество“ во 1937 година, во контекст на диктатурите во Европа и реализацијата на т.н. Новиот договор на американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт. Тој сметал дека во име на народот, нацијата, пролетаријатот и јавното мислење, се реализираат најлошите тирании, бидејќи човечкиот вид е дефектен, несоодветен на условите што самиот ги создал како такви. Затоа постои двојна потреба: да се организираат условите за трајно прилагодување на луѓето и институциите кон тенденциите на економскиот поредок, заснован на генерализирана конкуренција – Ноам Чомски намерно го позајмил од него изразот „фабриката на согласноста“; и да се довери власта на една компетентна елита, непопустлива кон страстите на широките народни маси. Значи, има простор за „лидери“, за експерти, за манипулација со јавното мислење, притиснати од масовните медиуми, образованието итн., да се придржуваат на сега веќе неопходните избори на мобилност, флексибилност и прилагодување кон новите економски услови. Нееднаквостите кои ќе произлезат ќе бидат „природни“. Како што налага социјалниот дарвинизам, нека преовладуваат најфлексибилните, најодговорните![x]
Оваа концепција може да се напаѓа како носител на неправди, но не е толку често оспорувана како еден голем погрешен наратив. Точно е дека таа го тврди она што изгледа како еден „здрав разум“… природно, иако овој здрав разум е само интернализирање на вредностите на оваа политичка визија. Исто така, вистина е дека таа ретко се претставува себеси за да се сфати во целост (социјалниот дарвинизам акцентиран од Барбара Стиглер не е истакнат овде, а експертите се претставени само како техничари). Конечно, тврдејќи дека е прагматична, а не за големи принципи, концепцијата точно знае да се прилагоди: недостасува големиот наратив? Да го запишеме! Клаус Шваб, основач на Светскиот економски форум, попознат и како Форумот од Давос, на 11 и 12 ноември 2021 година во Дубаи организираше состанок, наречен Големиот наратив, каде што филозофите, футуристите, научниците… требаше „заедно да создадат наратив кој може да помогне да се создаде една повеќе флексибилна, инклузивна и одржлива визија за нашата колективна иднина“.[xi] „Приказната“, како што ја нарекува Шваб, е во полн ек, преземена од повеќето водачи и носители на одлуки, решени да работат за „добриот живот“. Ќе си биде некогаш… и еден сакан неолиберализам, ослободен од секаква „политика“, и со морал да се сочува.
Но, се раѓаат и други, наративи, а кои го прераскажуваат светот на друг, свој начин. Тука се оние на „заговорниците“ и оние на џихадистите родени во XXI век. Постои и оној на еколошката криза, што инсистира на вината на „системот на консумеризмот“ каде секој има свој удел, и ја отвора одговорноста на секој човек да ги спаси живите. Еден од најуникатните е секако оној наратив кој го претставува терминот „метаверзум“, термин кој се среќава во научно-фантастичен роман, кој бил користен од поранешната групација Фејсбук сега преименувана во Мета, па потоа од Мајкрософт, Сони, Алибаба, Епл, Амазон итн. За Марк Цукерберг, шефот на Мета, ова не е ништо помалку од спојување на нашата физичка реалност и дигиталниот универзум. Во виртуелен универзум, каде што едно лице би било присутно во форма на избран аватар, ќе живееме во три димензии, со слушалки за виртуелна реалност и други технички помагала, ќе разговараме, култивираме, живееме, купуваме, на интернет, како конечно „инкарнирани“, како што вели Цукерберг. Нема потреба да се живее во старото реално, виртуелното е она вистинското. Како во филмот Играчот број еден (2018) на Стивен Спилберг, каде што човештвото претпочита да се заклучи во метаверзум контролиран од големиот бизнис, наместо да страда од катастрофите кои ја опустошуваат планетата Земја. Ќе бидат потребни години и години, за метаверзумот конечно да профункционира како таков. Но, купувањата на недвижности веќе се прават таму – „во реалниот живот“, брендовите веќе се продаваат, за добри пари, во криптовалута, а каде ја нема државата, таму ги нема и ограничувањата.[xii] Еден паралелен свет, каде што само желбата и парите ќе бидат закон. Ова е сосема еден нов „голем наратив“ на иднината, кој се претставува како ослободување за сите – или речиси за сите. Листата не е исцрпена. Но, овие (повеќе или помалку) нови перспективи, имаат силна тенденција да го евакуираат или да го замачкаат конфликтот: нема повеќе класна борба, само неправди; повеќе не станува збор за соочување со она што поробува, туку за процут; повеќе не станува збор за работата на разумот, ниту за напредокот, туку за моќта на имагинацијата, под која подразбираме иновација, виртуелното, или „фикција што шумоли со другоста“, да ги користиме термините на спомнатиот Ален Дамасио.[xiii] Ова е можеби едно од најголемите изненадувања на времето. Навистина е забележливо дека сè почесто, литературата, а особено научната фантастика, се нарекуваат од страна на разни коментатори – цртање на иднини. Ова е доста стимулативно. Сепак, продукциите на имагинарното, како и нивниот прием, не се надвор од идеологијата. И тие ја користат својата сила само за да го поттикнат читањето на реалноста. Читање кое ѝ дава значење и насока. Да го парафразираме Фредрик Џејмисон, голем марксистички теоретичар вљубен во жанрот на научната фантастика, ако тие отворат можности кои придонесуваат за „одредување на условите за надминување на капитализмот“, тие можат да придонесат за „враќање на агендата, на левичарската (…) идеја за еманципаторска колективна перспектива“.[xiv] Повторното полнење на големиот еманципаторски наратив со приказни кои ја оживуваат желбата за негова реализација, претставува една убава цел на… пост-постмодерната.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Der Spiegel, Hambourg, 14.10.2017.
[ii] Réforme, Paris, 27.10.2021.
[iii] Christian Salmon, Storytelling, la machine à fabriquer des histoires et à formater les esprits, La Découverte, Paris, 2007.
[iv] Johann Chapoutot, Le Grand récit. Introduction à l’histoire de notre temps, PUF, Paris, 2021.
[v] Theodor W. Adorno, Prismes, Critique de la culture et société, Rivages, Paris 2003. Во 1966. го напишал спротивното : «il pourrait bien avoir été faux d’affirmer qu’après Auschwitz il n’est plus possible d’écrire des poèmes (Dialectique négative, Payot, Paris, 2003). Оваа корекција ќе добие многу помалку одзив.
[vi] Raymond Aron, « L’avenir des religions séculières », напис од јуни 1944. во: Le Grand récit, op. cit.
[vii] Francis Fukuyama, La Fin de l’histoire et le dernier homme, Flammarion, Paris, 1992.
[viii] Sébastien Ledoux, La nation en récit, Belin, Paris, 2021.
[ix] Alain Damasio, во: Relions-nous. La Constitution des Liens. L’an 1, Les Liens qui Libèrent, Paris, 2021.
[x] Walter Lippmann, La Cité libre, Les Belles Lettres, Paris, 2011. Pierre Dardot, Christian Laval, La Nouvelle Raison du monde. Essai sur la société néo-libérale, La Découverte, Paris, 2009. Barbara Stiegler, Il faut s’adapter. Sur un nouvel impératif politique, Gallimard, Paris, 2021. Noam Chomsky, avec Edouard Herman, La fabrication du consentement. De la propagande médiatique en démocratie, Agone, Marseille, 2008. François Denord, « Un art de gouverner », Le Monde diplomatique, ноември 2007.
[xi] Локација на Светскиот економски форум. Klaus Schwab, Thierry Malleret, The Great Narrative, for a better future, Schweizer Büchänder und Verleger-Verband, Zurich, 2022.
[xii] Frédéric Lemaire, « Paiera-t-on bientôt sa baguette en bitcoins ? » Le Monde diplomatique, февруари 2022.
[xiii] Alain Damasio, во: Relions-nous, op.cit.
[xiv] Vincent Chanson, « Fredric Jameson, Totalité, postmodernité et utopie », Contretemps, Paris, n° 6, 27.05.2010.