На главниот остров на Шетланд, 180 километри северно од шкотскиот брег, сопственикот на мал индиски ресторан сонува за нешто поинакво. „Мораш да заминеш, тука не остана ништо за правење, беше многу живо пред неколку години, но сега е готово“. Пристигнувајќи во 1984 година во времето на нафтениот бум, неговото семејство отвори два објекта на архипелагот. Едниот во Брае, мало пристаниште блиску до огромниот терминал за нафта и гас, а другиот во Лервик, главниот град на архипелагот. Во тоа време, местото експлодираше од активност и течеа пари. Многу важни наоѓалишта беа откриени во раните 1970-ти во Северното Море и оттогаш се „златниот рудник“ на компаниите Шел и БП. Што се однесува до локалната заедница, таа исто така се погрижи да го добие својот дел од колачот. Од почетокот на дупчењето, секој барел што минува низ архипелагот е предмет на данок платен на властите во Шетланд преку фондација, резултат на единствен финансиски договор во Обединетото Кралство, наметнат на големите нафтени компании за да се компензира за непријатностите предизвикани од терминалот.
За четириесет години, заедницата изгради вистинско воено богатство на грбот на нафтените гиганти. Севкупно, во џебовите на овој архипелаг од едвај дваесет и три илјади жители – се слеани речиси 320 милиони фунти.[i] Ова ѝ овозможи на фондацијата да финансира културни здруженија, да плати персонал за грижа за стари лица и инвалиди, и да изгради осум базени, па дури и најсовремен културен центар што изгледа како да е излезен веднаш од трендовски лондонски кварт. „Можевме да си го дозволиме кремот на тортата, што всушност и не ни требаше, но сакавме“, резимира сопственикот на локален пансион во Лервик, поранешен општински советник.
Сепак, овој период на подем дојде до ненадеен крај со падот на цената на нафтата во 2014 година. Во текот на следните две години, цената на црното злато падна за повеќе од 70 отсто, а нафтените компании отпуштија неколку стотици локално вработени.[ii] И додека индустријата само што се опоравува од тој прв шок, ковид пандемијата удри во 2020 година, повторно предизвикувајќи неколку бранови на заминувања на жителите. Во моментов, ги има – само илјада. А резервите на нафта стануваат сè поретки. На крајот на 1980-тите, од морското дно се вадеа скоро милион барели дневно – наспроти само 100 илјади денес. Како резултат на тоа, улиците на Лервик сега изгледаат целосно напуштени, а семејството, сопственик на индиски ресторани, одлучи да го затвори и својот втор објект.
Во Абердин, блискиот град од другата страна на морето, се раскажува истата приказна. „Пред десет години беше невозможно да се остане. Сите локални станови беа окупирани од многубројните работници од секторот на нафтата и гасот, регионот беше бучен“, објаснува поранешен вработен во нафтениот сектор. Во 1970-тите, Абердин, дотогаш мал универзитетски град, стана британската престолнина на нафта. Платите експлодираат, а автомобилите со персонализирани регистарски таблички се многубројни на улиците, како симбол на успехот. Во гранитниот град, време е за забава… ама до 2014 година. „Многу луѓе кои силно се задолжија да купат големи куќи или луксузни возила – одеднаш се најдоа без работа. Видени се луѓе како возат огромни луксузни автомобили да дојдат до народните кујни“, се сеќава Гај Андерсон, лидерот на Зелените во градот Абердин. Како и во Шетланд, пандемијата потоа се погрижи за останатото. Во 2014 година, индустријата за нафта и гас генерираше скоро 463.000 работни места во Велика Британија во споредба со 260.000 во 2019 година – и само 195.000 во 2021 година.[iii] Крварење, кое ништо не може да го запре.
Економското закрепнување и војната во Украина предизвикаа неочекуван пораст на глобалните цени на нафтата и гасот, нудејќи и на локалната нафтена индустрија еден извор на надеж. „Одеднаш повторно стануваме интересни“, се присетува еден нафтен инженер во Абердин, додека прави гримаси со лицето. По руската инвазија, британската влада изгледа решена да го зголеми производството на нафта во Северното Море. Еден начин, според британскиот премиер Борис Џонсон, да се обезбеди снабдувањето со енергија во Велика Британија, истовремено спротивставувајќи му се на рускиот претседател Владимир Путин. Сепак, и во Шетланд и во Абердин, сите знаат дека црното злато е при крај. „Иако сè уште има издадени дозволи за истражување и експлоатација на нафта во Северното Море, сепак тоа претставува басен што полека се напушта“, нѝ вели Андерсон. Да не зборуваме за фактот дека еколошката криза продолжува да ги потсетува жителите. Во Шкотска, дури шест екстремно силни бури ја погодија земјата минатата зима, предизвикувајќи хаос кој чини десетици милиони евра. За првпат од своето формирање, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во 2021 година, потсети дека не треба да се создаваат нови нафтени полиња – ако дефинитивно сакаме да ги спречиме најголемите климатски катастрофи.
Но, исклучувањето на славината за нафта е голем предизвик. И покрај падот, индустријата за нафта и гас сè уште претставува речиси 5% од бруто домашниот производ на Шкотска.[iv] Таа, исто така, останува главен сектор за вработување за оваа мала и горда нација од пет милиони жители. Директно или индиректно, индустријата за нафта и гас продолжува да поддржува 71.500 луѓе. Стопанството на Шкотска, исто така, останува многу зависно од нафтата. Треба и да се потенцира, дека ветерната енергија експлодираше во текот на изминатите десет години во земјата, а кое, пак, овозможи масовно зазеленување на производството на електрична енергија. Во 2021 година, повеќе од половина од електричната енергија што ја трошат Шкотланѓаните доаѓа од ветерните фарми и хидроелектричните брани (во споредба со само 25 отсто во Франција).[v] Владата на премиерката на Шкотска, Никола Старџен, брзо сака да ги потенцира овие бројки во јавноста. Она што помалку го прави е да се истакне дека речиси 80% од вкупната енергија потрошена во Шкотска, особено за транспорт и греење, сè уште се добива – традиционално, од нафта и гас. Па, што може да се направи?
Одговорот се чини логичен: да се произведува повеќе обновлива енергија. Шкотска е навистина екстремно ветровита земја, која има стотици километри крајбрежје. Идеално за развивање на ветерната енергија на море и на копно. Во Шетланд, на пример, на улиците на Лервик, капаците на контејнерите за ѓубре се превентивно врзани со кабли, за да се спречи да бидат однесени од силниот морски ветер. Во 2011 година, тогашниот шкотскиот премиер Алекс Салмонд, беше задоволен што може да ја направи својата земја „Саудиска Арабија на обновливи енергии“. Секторот за зелена енергија, најави шкотскиот премиер, на тој начин ќе создаде речиси четириесет илјади работни места.[vi] Проблем: проширувањето на проектите за ветерни турбини не генерира активност како што ветуваше владата пред скоро десет години. Во 2019 година, само дваесет и две илјади луѓе работеа директно или индиректно во секторот на обновливите извори на енергија, од кои околу половина во електрична енергија генерирана од ветер.[vii]
Постојат неколку причини за ова. Првата е дека овие машини бараат ограничена работна сила, поголемиот дел од одржувањето го обезбедуваат дронови поврзани со компјутери. Шетландските острови се многу добар пример. Архипелагот денес е место на монументална изградба: таму се гради една од најмоќните ветерни фарми на копно во светот (треба да има капацитет од 443 мегавати, што е еднакво на потрошувачката на електрична енергија на петстотини илјади британски домови). Од патот се гледаат бетонските патеки кои се искачуваат по високите ридови на главниот остров. Во далечината, четиристотини вработени работат на поставување на сто и три ветерни турбини високи по 155 метри. Но, откако ќе профункционираат, за овие џинови ќе бидат потребни – само триесет и пет луѓе. За споредба, за една нафтена платформа се потребни помеѓу педесет и двесте вработени.
Во Шкотска, транзицијата кон обновливи извори на енергија создава помалку локални работни места бидејќи земјата ја нема потребната инфраструктура, ниту за демонтирање на старите нафтени платформи, ниту за изградба на нови ветерни турбини. Како резултат на тоа, овие две активности се спроведуваат во подобро опремени европски земји, особено во Скандинавија. Шкотскиот синдикален конгрес (СТУЦ), централното синдикално тело на Шкотска, бара огромни инвестиции од државните власти со цел да се развие локален индустриски сектор: „Имаме најмалку четири одлични пристаништа и, исто така треба, да ги модернизираме нашите производствени локации“, пледира неговиот генерален секретар, Дејв Моџам.
Многу турбини на ветер, од кои огромното мнозинство се развиени од странски мултинационални компании, се дизајнирани за Блискиот Исток или Азија, каде што трошоците за работна сила, сепак, се многу помали. Во март о.г., огромен проект за поморска фарма за турбини на ветер во близина на Абердин им побегна на локалните претпријатија. „Турбините на ветер конечно ќе бидат изградени во пристаништето Шарба, во Обединетите Арапски Емирати, каде што синдикатите се забранети, а законот за работни односи дури и не постои“, потенцира Џејк Молој, претставник на Синдикатот на железнички, поморски и транспортни работници (РМТ) за поморскиот сектор во градот Абердин. „Ако не се преземе ништо за спроведување праведна транзиција, ќе имаме и појава на локални „жолти елеци“, предупредува спомнатиот Моџам.
Според СТУЦ, едно решение би било јавните субвенции за проекти за обновлива енергија да се условуваат со отворање работни места на шкотска почва. Стратегија која Лондон ја спроведува, но која Европската унија ја оспорува пред судот на Светската трговска организација (СТО), обвинувајќи ја Велика Британија за нелегално фаворизирање на нејзината домашна индустрија.[viii] „Во такви случаи, на судовите им требаат години за да одлучат и обвинетите земји, кои на крајот се извлекуваат од тоа, имаат време да воведат политики кои им се од корист на нивните претпријатија“, нѝ потврдува Френсис Стјуарт, службеник за јавна политика на СТУЦ. „Кина, Тајван или Данска, кои изградија успешни компании за обновлива енергија, сите избраа да ја поддржат својата локална индустрија. Тоа е она што го сакаме за Шкотска, да не биде оставена на пазарните сили сами да одлучат.“
Покрај условувањето за субвенции, синдикатите сакаат да можат да наметнат и quid pro quo на мултинационалните компании кои ги добиваат договорите за енергија од ветер добиена на отворено море. Во јануари о.г., шкотската влада продаде неколку локации во Северното Море за изградба на најголемата поморска ветерна фарма во светот. Вкупно, речиси 7.000 квадратни километри морско дно се продадени на мултинационални компании за 800 милиони евра. „За возврат, успеавме да извлечеме обврски од овие компании за производство на 25% во Шкотска. Но, навистина ништо не е задолжително”, се жали Моџам. Од своја страна, еколошката организација Пријатели на Земјата за Шкотска жали што главните победници на овој повик за тендери – сепак, се нафтените и гасните компании, како БП, Шел или Тотал. „Ова ќе им овозможи да ги зазеленат своите биланси, бидејќи продолжуваат да инвестираат многу и уште многу повеќе во нафта и гас“, нѝ објаснува Рајан Морисон, кој е задолжен за прашањата за енергетска транзиција.
Со цел да се избегнат овие различни замки, синдикатите би сакале шкотската држава да формира јавна енергетска компанија по моделот на Електрисите де Франс (ЕДФ). Но, и тука повторно, проектот се соочува со многу тешкотии. За таа цел, Шкотска треба да може да позајмува на светските финансиски пазари со цел да ги собере потребните средства – преку издавање свои државни обврзници. „Но, без независност, тоа е невозможно, шкотската држава нема целосни фискални овластувања за да ги увери инвеститорите“, рече Андерсон, чија партија води кампања за излез од Велика Британија. Ако се создаде ова јавно енергетско претпријатие, СТУЦ проценува дека во рок од петнаесет години би можело да се отворат деведесет и пет илјади дополнителни работни места во секторот за обновливи извори на енергија на Шкотска.[ix]
Останува да се поедностави преквалификацијата на работниците во секторот на нафта и гас. Според студијата објавена од Пријателите на Земјата за Шкотска во октомври 2020 година, дури 80% од нив размислуваат да го напуштат нафтениот сектор.[x] Но, да се најде работа во индустријата за ветерници е тешка битка. Обуката е многу скапа и не ја плаќаат нивните работодавачи. Што е уште полошо, тие понекогаш се бескорисни, се жали Моџам: „На нафтените платформи, некои луѓе имаат задача да нуркаат за да извршат инспекциски работи. Ако еден од нив се разболи, тогаш неговиот колега мора да го причува, понекогаш и по неколку часа. Значи, овие работници имаат високо ниво на медицинска обука. И сепак од нив се бара да докажат дека можат да ги извршуваат основните безбедносни процедури на крајбрежните места на ветерните турбини. Самата обука чини дури 1.200 фунти”.
Покрај вработувањето, зазеленувањето на енергијата во Шкотска се соочува и со други пречки. Шкотската електроенергетска мрежа, пред сè, останува во голема мера недоволно развиена во однос на локалниот производствен потенцијал. На пример, речиси осумстотини турбини на ветер стојат на островите Оркни, јужно од Шетланд, територија со население од само 22.000 жители, како најголема таква концентрација во Велика Британија. Не изненадува што архипелагот произведува повеќе електрична енергија отколку што троши. Сепак, не може да го извезе вишокот бидејќи кабелот на дното на морето, што го поврзува со копното – е несоодветен. Од своја страна, британскиот регулатор за гас и електрична енергија, ОФГЕМ, одолговлекува со инсталирањето на нов кабел, велејќи дека вакво нешто би било премногу скапо.
Дури и ако мрежата е обновена, ветерот е сепак еден повремен извор на енергија. „Но, ние ја имаме енергијата на морето при рака”, потенцира Алекс Армитиџ, активист на Зелената партија и жител на Шетланд. Во северните архипелази на Шкотска, неколку компании работат на претворање на енергијата добиена од плимата, по дефиниција која не зависи од временските услови, во електрична енергија. Во близина на брегот на Оркни, шкотската компанија Орбитал Марин Пауер инсталираше 74-метарска пловна машина, способна да произведе доволно електрична енергија за напојување на 2.000 британски домови, во пролетта 2021 година. „Знаеме дека тоа функционира, но владата во Лондон, сепак, одбива да ги поддржи овие технологии. Не го гледа нивниот потенцијал. Значи, важно е да инвестираме сега пред Французите и Канаѓаните да стигнат“, подвлекува Андерсон.
Покрај енергија добиена од плимата, Малој се залага за развој на водород, гас кој може да се складира и кој може да се користи директно како гориво или да се претвори во електрична енергија. Проблемот е во тоа што поголемиот дел од водородот во моментов се произведува од фосилен природен гас преку високо интензивен процес на јаглерод. Сепак, техниките развиени за фаќање на јаглеродниот диоксид што произлегува од процесот, кои се многу скапи и сè уште во експериментална состојба – остануваат контроверзни. „Ги знам аргументите на екологистите дека тоа се системи поддржани од нафтената и гасната индустрија за да продолжат со нивните активности, но со оглед на итноста, сè е прифатливо“, пледира синдикалецот. Благодарение на масовната инсталација на крајбрежна ветерна и морска енергија, Шкотска може да развие и поголемо количество „зелен“ водород, кој се произведува директно од електролиза на морската вода. Во оваа област, СТУЦ се надева дека ќе види создавање на две илјади до тринаесет илјади работни места во наредните години.
Андерсон, исто така, апелира за енергетска транзиција која оди подалеку од обновливата енергија. „Треба да ги развиеме железниците и нафтените инженери да може да се преквалификуваат за да работат во јавниот градежен сектор, тоа е многу потребно во овој регион.“ Џонатан Вилс, поранешен градски советник на Шетланд, се залага за поголем развој на локалното земјоделство. „Овде, кога одите во супермаркет, наоѓате новозеландско јагне, тоа е апсурдно“. Кирстен Џеркинс, енергетски експерт на Универзитетот во Единбург, верува дека на национално ниво, ќе бидат потребни и големи напори, за да се заменат котлите за гас во топлинските пумпи, да се инсталираат паметни мерачи или да се постават станици за полнење на идните електрични автомобили. „Изолацијата на станови, исто така, треба да биде главен извор на вработување,“ го дополнува веќе спомнатиот Моџам. „Би можеле да имаме армија млади луѓе кои ќе се грижат за секоја шкотска куќа“. Во својата студија за идните зелени работни места, СТУЦ, исто така, ги испитува можностите за вработување поврзани со циркуларната економија во врска со отпадот и мелиорацијата на земјиштето. Вкупно, околу 367.000 работни места би можеле да бидат отворени.
Сепак, Џеркинс смета дека енергетската транзиција не може да се направи преку ноќ: „Енергетските системи се како многу тешки бродови, потребно е доста време за да се направи да го променат курсот. Веројатно ќе ни требаат гас и нафта барем уште 15 до 20 години“. Ова мислење го дели и Берт Морисон, жител на Шетланд, кој работи во нафтената индустрија веќе 30 години. Одговорен за безбедноста на платформите, нè пречекува во неговата луксузна куќа на југот на архипелагот. Крајот на црното злато? Ниту за момент, побарувачката е сè уште превисока, нагласува тој. На возраст на педесетина години, тој верува дека неговата кариера повеќе не е во опасност. “Не сум премногу загрижен за иднината. Што се однесува до моите деца, нема да ги обесхрабрам ниту да не одат на работа во индустријата за нафта и гас. Ништо нема да запре во следните пет години и тие секогаш можат да се префрлат во секторот на обновливи извори на енергија, особено на водород. Тоа не е истиот гас, но во основа, ние ги користиме истите технологии.“ Денес, секторот за нафта и гас продолжува да ги привлекува младите Шкотланѓани. Техничар на нафтениот терминал на островот Флота во Оркни може да го потврди ова: „Имаме нови чираци кои доаѓаат постојано. Познато е дека платата е многу атрактивна. Јас самиот добивам 3.700 фунти месечно [приближно 4.300 евра]. Оние кои ќе завршат средно техничко училиште на 16 години и ќе одлучат да работат на платформи за нафта во море, брзо можат да достигнат и 5.700 фунти месечно“. Во моментов, обновливата енергија не ветува исти плати. Енергетската транзиција најверојатно ќе почека уште малку.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Веб-страница на добротворната организација Shetland Trust, www.shetlandcharitabletrust.co.uk
[ii] « Cours des matières premières importées – Pétrole brut Brent (Londres) – Prix en dollars US par baril » Insee (données 2014 -2016).
[iii] Шкотски Центар за енергетска статистика, изворот, освен ако не е поинаку наведено, на статистиката претставена тука.
[iv] ‘Annual energy statement 2020‘, Scottish government.
[v] « Bilan électrique 2020 – Production », Réseau de transport d’électricité (RTE).
[vi] ‘2020 routemap for renewable energy in Scotland’, Scottish Government.
[vii] James Black, « The economic impact of Scotland’s renewable energy sector », Fraser of Allander Institute, 2021.
[viii] « Royaume-Uni : mesures relatives à l’attribution de contrats de différence pour la production d’énergie sobre en carbone – Demandes de consultations présentées par l’Union Européenne », Organisation mondiale du commerce (OMC), 30.03.2022.
[ix] « Green Jobs in Scotland », STUC, IV/2021.
[x] ‘Offshore, Oil and gas workers’ view on industry conditions and the energy transition ‘, Friends of the Earth Scotland, Platform, Greenpeace, X/2020.