Во октомври 1973 година, развиениот свет ненадејно се распадна. Во Европа и Северна Америка, големи редици се протегаат до бензинските пумпи, додека цените на нафтата и бензинот растат. Соочени со ризикот од недостаток, западните влади го ограничуваат снабдувањето со горивото – прво по завршувањето на Втората светска војна, а медиумите ги пренесуваат сите иницијативи, од наједноставните до најекстравагантните, во однос на заштедата на енергија (со што се воведува летно и зимско време во Европа). Сликата на арапскиот шеик со полни џебови со петродолари ги храни дијатрибите, а во Франција пејачот Фредерик Жерар го препознава својот момент на слава изјавувајќи „дај ми бензин, брате мој, дај ми бензин! Дај ми малку бензин, брате, за мојата мала кола.“ Ова е тежок шок! За неколку месеци, цената на барел сурова нафта се зголеми од 2,5 на 18 долари, а развиениот свет западна во долготрајна криза обележана со растечка невработеност, зголемена инфлација и забавена економска активност. Неверувајќи, земјите кои увезуваат црно злато откриваат дека ерата на многу евтини нафтени деривати – поевтини, како што беше речено во тоа време, од сокот од портокал на Флорида – дефинитивно е завршена.
Како и секој голем историски настан, нафтениот шок во 1973 година беше предизвикан како од директен настан, така и од структурни причини. Војната на Јом Кипур (6-25 октомври 1973), помеѓу Израел и неколку арапски земји предводени од Египет и Сирија, дејствуваше како катализатор. Со цел да влијаат на конфликтот, неколку арапски земји што извезуваат црно злато, се одлучија за три суштински мерки: зголемување на цената за барел за 70 отсто, намалување на нивното производство за 5 отсто и ембарго против земјите што се сметаат за „непријатели“ бидејќи директно го поддржаа Израел преку испорака на оружје, а последнава мерка ги погоди главно САД и Холандија.
Вреди да се потсети на еден специфичен факт. Спротивно на широкото верување, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) не одлучуваше за зголемување на цените и ембаргото, туку членките на Организацијата на арапските земји извознички на нафта (ОПАЕП). Создадена во 1968 година, оваа институција, чие седиште и денес се наоѓа во Кувајт, парадоксално имаше мисија да се спротивстави на зголемениот радикализам во одредени арапски земји кои произведуваат нафта, а кои сакаат да ги вкрстат мечовите со западните мултинационални компании со враќање на целото или дел од богатството од нивната почва. Кувајт, Саудиска Арабија и Либија, основачки и тогаш единствени членки на ОПАЕП, исто така имаа за цел да ги смират барањата на Алжир, Египет, Ирак и Сирија, кои беа повеќе склони да го користат оружјето на нафтата – за да се натера Западот да врши притисок врз Израел за да ги врати териториите окупирани на крајот од Шестдневната војна (5 – 10 јуни 1967).
Но, во октомври 1973 година, ситуацијата се променува. ОПАЕП е проширен со радикалните земји; во Либија, монархијата беше симната од власт од полковникот Муамер Гадафи, кој сонува за обединување на арапскиот свет; Алжир го национализираше својот сектор на нафта – и идејата за одмазда кон Израел ги надминува границите и режимите. Затоа, неарапските членки на ОПЕК можат само да ги набљудуваат и одобруваат одлуките на ОПАЕП за цените и нивото на производство. И тие не се критички настроени кон силната одлука на Саудиска Арабија да воведе ембарго за Вашингтон, а потоа и за Амстердам. Ријад беше одговорен дури за 21 отсто од светскиот извоз на сурова нафта и секоја негова одлука влијаеше на нафтените берзи во Лондон и Њујорк.
Двајца мажи го симболизираат ова стегање. Првиот е шеикот Ахмед Заки Јамани, долгогодишен саудиски министер за нафта (од 1962 до 1986 година). Како вистинска медиумска ѕвезда, тој е оној кој го носи гласот на кралството во рамките на ОПЕК, но и на Запад. Другата клучна фигура во оваа историска епизода е кралот Фајсал Бен Абделазиз Ал-Сауд, еден од синовите на основачот на кралството. Седнат на престолот од ноември 1964 година, монархот нема никакви идеи на опасен револуционер. Водејќи многу внимателна политика на отвореност на домашно ниво, тој е сосема свесен дека безбедноста на неговата земја во голема мера директно зависи од САД, кои не треба да се налутат. Но, тој не може да го игнорира влијанието на палестинското прашање врз неговиот народ, каде некои ја гледаат модернизацијата – иако чисто технолошка – на кралството во негативно светло (воведувањето на телевизијата неколку години претходно предизвика крвави немири) и се склони да ги обвинат своите водачи дека отстапуваат од строгите правила на вахабизмот.
Во Вашингтон, ембаргото воведено со декрет на кралот Фајсал – предизвикува големо изненадување. Администрацијата на претседателот Ричард Никсон, веќе вплеткан во аферата Вотергејт, отворено му се заканува на Ријад. Иако Саудиска Арабија обезбедува само 4 отсто од американските купувања на нафта, Белата куќа е свесна за влијанието на кралството врз глобалните цени на нафтата. Значи, пораката е јасна: ако е потребно, САД ќе го нападнат Арапскиот Полуостров за да обезбедат пристап до резервите на црно злато и да спречат организираниот недостиг да предизвика скок на цените. Ако е потребно, на Иран, тогаш предводен од шахот, ќе му биде доделена улогата на полицаец во регионот на сметка на монархиите во Заливот и другите арапски земји, вклучително и Ирак и Египет. Сепак, вистинскиот опсег на ембаргото мора да се стави во една перспектива. Иако тензијата меѓу САД и Саудиска Арабија е реална – до тој степен што многу Саудијци се убедени дека таа го одзела животот на кралот Фајсал, кој официјално беше убиен од “неурамнотежен човек” на 25 март 1975 година – сепак, ова никогаш не довело до распаѓање на односите, при што Ријад покажал флексибилност. Ангажирани во операции за евакуација на војници и материјали од Виетнам, авионите на американското воено воздухопловство продолжија да се полнат со керозин на саудиските аеродроми.
Укинувањето на ембаргото во март 1974 година не предизвика пад на цената на барелот, со оглед на тоа што нафтениот шок ги постави темелите на геополитичката реалност која ќе трае до крајот на 2000-тите. Прво, ОПЕК, преку тежината на арапските производители, станува главен играч со способност да влијае на цените и, исто така, да биде разумен кога е потребно, тврдејќи дека е гарант за континуирано снабдување и безбеден пазар – што нема да ги спречи неговите критикувачи, особено избраните членови на Американскиот конгрес, да го направат противник број еден трансформирајќи го неговиот акроним на англиски јазик ОПЕК (Организација на земјите извознички на нафта – OPEC Organization of the Petroleum Exporting Countries) во „ОПЕК“ („OPEC“ – „One Pure Evil Cartel” – „Еден чисто злобен картел“)…[1]
Второ, земјите-потрошувачки на нафта, ја прифаќаат идејата за крај на ерата на многу евтината нафта со множење на говорите и мерките во корист на заштедата на енергија и диверзификацијата, особено преку нуклеарната енергија. Ова е и причината зошто Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) е создадена токму во 1974 година. Конечно, доктрината на Вашингтон за „трите столба“ се кристализира со децении наназад. Така, таа ќе се состои во осигурување на безбедноста на петромонархиите во Заливот од најмалку три причини: да се спречи нивните огромни резерви на нафта да паднат во рацете на силите кои се противници на Америка; да се гарантира снабдувањето со црно злато за американската економија; и, конечно, да се осигура дека интересите на американските мултинационални компании се бранети, што, на некој начин, се совпаѓа со одржувањето на цената на барел на одредено ниво.
Покрај тоа, ова е една од структурните причини за нафтениот шок во 1973 година, без оглед на Војната на Јом Кипур. Во тоа време, светот веќе ги трпеше последиците од напуштањето на доларот од неговата конвертибилност со златото. Режимот на флуктуирачки девизен курс заедно со слабоста на доларот – валутата во која се вршат нафтените трансакции – ги погодува и земјите производители и мултинационалните компании, особено американските. Сепак, САД тогаш беа соочени со најавениот крај на нивната самодоволност со нафтата. Во 1940-тите, геофизичарот Марион Кинг Хуберт предвидел врв на производството на нафта да биде во 1970 година поради недоволните експлоатибилни резерви. Прогнозата беше повторена во 1956 година за време на познатата конференција во Американскиот нафтен институт (АПИ), која го популаризираше концептот на „врвот на Хуберт“ или „врвот на нафтата“. До средината на 1960-тите, беше јасно дека геофизичарот беше во право и Вашингтон можеше само да охрабри зголемување на цените на нафтата со цел да им даде на своите компании средства и начин за зголемување на нивните резерви преку искористување на депозитите кои претходно се сметаа за нерентабилни, поради ниските цени на суровата нафта. Вашингтон тогаш дискретно направи притисок врз членките на ОПЕК, за да го иницира значителното зголемување на цените на нафтата. Маневарот е деликатен: цените мора да се зголемат и американскиот возач, убеден дека ОПЕК е единствено одговорен, не смее да ја обвинува својата влада.
Иако нафтениот шок од 1973 година скапо ги чинеше западните економии, тој, сепак, помогна да се продолжи нафтената ера и на крајот – придонесе за бавна ерозија на тежината на ОПЕК. Навистина, тоа е затоа што барелот ги надмина праговите од 20, 30 и 50 долари со текот на времето и самите кризи, па така стана профитабилно да се искористат депозитите на Северното Море, Мексиканскиот Залив и Аљаска. Ова без да се заборават битуменските песоци на Канада, тешката нафта на Венецуела и, пред сè, познатите шкрилци за кои речиси никој не зборуваше во раните 2000-ти, и кои се основата на неодамнешната самодоволност на САД во секторот на нафтата. Перспектива – која ниту Хуберт ниту неговите следбеници воопшто не ја предвиделе. „Технологијата е вистински непријател за ОПЕК. Таа ќе ја намали потрошувачката и ќе го зголеми производството од страна на производителите кои не се членки на ОПЕК“, објаснува саудискиот министер Јамани во септември 2000 година, за време на четириесетгодишнината на ОПЕК.[2]
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Jean-Pierre Séréni, « L’OPEP, cible favorite des élus américains », Le Monde diplomatique, 06/2020.
[2] “Obituary: Yamani, the Saudi oil minister who brought the West to its knees”, Reuters, 23.02.2021.