понеделник, 14 Окт 2024 / 0:55:00
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Шок за глобалната економија

Војната во Украина и санкциите против Москва ја разгоруваат инфлацијата, особено во Европа. Како одговор на тоа, Европската централна банка планира понатамошно ограничување на активноста. Постепено, еврозоната се лизга во рецесија. Во секоја фаза, ригидноста на неолибералната ортодоксија на тој начин ја надувува бурата што доаѓа: никогаш промената на парадигмата не изгледала толку итна.


од Раул Сампоњаро*
*Економист во Одделот за анализа и предвидувања на Француската опсерваторија за економски услови (ОФЦЕ).


Фото: alesia-kozik/pexels

Во летото 2022 година, Меѓународниот монетарен фонд ги намали своите предвидувања за глобалната економија.[1] Институцијата со седиште во Вашингтон сега проектира дека глобалниот бруто домашен производ (БДП) во 2023 година ќе биде два поени понизок отколку што се очекуваше во јануари (поголема корекција од онаа што организацијата ја направи во 2008 година по катастрофалниот банкрот на американската компанија Леман Брадерс). Ова претставува недостаток на активност од повеќе од 1.700 милијарди долари, шок со големина на канадската економија.

Овој цикличен пресврт не е без ефект врз хексагоналната економија. На Министерскиот совет на 24 август о.г., францускиот претседател Емануел Макрон ја предупреди владата за „крајот на она што може да изгледа како форма на изобилство“. Во просторот од неколку месеци, промената на тонот е неверојатна. За време на изборната кампања, кандидатот за претседател најави целосно вработување до 2027 година. Овој оптимизам може да се заснова на релативно рамни показатели: кварталниот БДП се врати на нивото од пред ковид пандемијата во третиот квартал од 2021 година. На крајот на 2021 година, стапката на вработеност беше за три поени повисока од претходниот врв. Додека избувнувањето на ковид пандемијата беше брутално, враќањето на економијата што следеше се покажа подеднакво спектакуларно. Меѓу светските лидери преовладуваше – клима на еуфорија. Според нивното мислење, немаше сомнеж дека силниот и координиран одговор на економската политика и примената на новите технологии (вакцини од новата генерација, дигитален бизнис) и новите организациски форми (работење и учење од дома) ја заштитија економијата. Со постепеното укинување на ограничувањата, растот се врати на својот пат, пред ковид пандемијата.

Во текот на 2021 година, пропустите почнаа да се појавуваат, иако сè уште делумно маскирани со енергијата на стандардизацијата на производството. Последователните епидемиски бранови ги зафатија различните области на земјината топка на несинхроничен начин. Со секој нов регионален ковид бран, дел од светската економија страдаше и ги нарушуваше различните врски во производствените синџири. По неколку децении глобализација, овие синџири станаа подолги и посложени. Тешкотиите во снабдувањето се зголемија и, додека некои компоненти недостасуваа, производствените процеси беа прекинати – најкоментиран пример се микропроцесорите.[2] Кога производството можеше да се обезбеди, затворањето на пристаништата и забавувањето на воздушните врски – дополнително го нарушија глобалниот проток на стоки.

Мултинационалните транспортни претпријатија ја искористија ситуацијата за да ја ограничат својата понуда и нивните цени да експлодираат. Балтичкиот индекс Фреитос – кој ги мери просечните трошоци за транспорт на контејнер, се зголеми од 1.400 американски долари во јануари 2020 година – дури на 11.000 американски долари во септември 2021 година. Во средината на септември 2022 година, индексот останува над својата вредност пред ковид пандемијата (4.700 долари).[3] Постепено, порастот на цените на интермедијарната потрошувачка се шири низ различните фази на производствениот процес. За да се влоши проблемот, и шпекулациите ги зголемија цените на стоките. Во декември 2021 година, индексот на цените на овие производи пресметан од ММФ – беше дури 56% над нивото од декември 2019 година.

Истовремено, американската фискална политика изврши дополнителен притисок врз глобалната економија. Американската верзија на „колку и да кошта“ не само што ја задржа куповната моќ на Американците: туку и ја зголеми. Американските набавки за домаќинствата импресионираа и покрај растечката невработеност. Во овој контекст, побарувачката од страна на потрошувачите во САД остана динамична, особено за стоки, од кои повеќето беа произведени во странство. Ова ги притисна мултинационалните компании да го пренасочат протокот на стока кон американскиот пазар, со што се влошија тешкотиите во снабдувањето во остатокот од светот.

Овие тензии не беа игнорирани од страна на политичарите, но тие беа сфатени како привремени. Синџирите за снабдување мораа повторно да се синхронизираат со враќањето во понормален живот. Сепак, новите шокови ги вклучија црвените светла. Од една страна, политиката на нулта ковид на Кина се покажа сè потешка за спроведување со појавата на многу заразната варијанта ковид-омикрон. Ова вклучуваше сè помасовни рестриктивни мерки, кои го погодија средиштето на кинеската економија (особено градовите Ченгду и Шенжен). Од друга страна, руската инвазија на Украина резултираше со понатамошна експлозија на цените на енергетските суровини и ризик од намалување на снабдувањето со основни ресурси, особено гасот. Индексот на цените на енергенсите на ММФ се зголеми – дури за 43 отсто, само во првата половина од 2022 година. Со тоа, е дури 162% над нивото пред ковид пандемијата.

Франција не е остров: овие глобални шокови директно ја погодија. Инфлацијата, мерена според индексот на потрошувачките цени, изнесува 5,9 отсто во август 2022 година и се предвидува да се приближи до 7 отсто до крајот на годината од страна на Националниот институт за статистика и економски студии (ИНСЕЕ). Такво ниво не е познато уште од 1970-тите. Во последниве месеци, главната причина за инфлацијата е зголемувањето на сметките за енергија што ги плаќаат домаќинствата. Овие цени скокнаа за 23 отсто во текот на една година и покрај ефектот на т.н. тарифен штит, паушална помош за која владата одлучи во текот на оваа година. Оттука натаму се зголемува загриженоста за целата потрошувачка кошница на домаќинствата. Неодамнешниот скок на цените на храната укажува на тоа – дека најсиромашните ќе се соочат со тешки месеци што следат. Според истражувањата на ИНСЕЕ, домаќинствата се многу песимисти за идниот развој на економијата, а кое се одразува и на нивното трошење. На изненадување на експертите, францускиот БДП се намали за 0,2 отсто во првиот квартал од 2022 година, бидејќи потрошувачката на домаќинствата падна.

Иако светската ситуација не беше доволно напната, Франција, иако релативно малку зависна од рускиот гас, е во првите редови на енергетската криза. Како резултат на долгогодишните недоволни инвестиции, нуклеарните капацитети се забавуваат. Исполнувањето на роковите за работата на одржувањето на реакторите во голема мера ќе ја одреди економската динамика на следните месеци. За операторот на електропреносниот систем РТЕ, „ризикот од прекин на електричната енергија не може целосно да се исклучи“.[4] Надлежните повикуваат на енергетска трезвеност и сега се стравува од суровата зима. Освен тоа, се доведува во прашање континуитетот на јавниот енергетски сервис. Едно е сигурно: домаќинствата ќе забележат зголемување на нивните сметки за струја и гас, кои сега сочинуваат 5% од нивните трошоци. Според најавите на премиерката Елизабет Борн, тарифниот штит ќе биде променет во 2023 година, со обврска дека зголемувањата ќе бидат ограничени на 15 отсто. До 2022 година, механизмот ги ограничи зголемувањата на 4 проценти.

Во овој контекст, профитот во секторите на енергетиката, рафинеријата и транспортните услуги експлодира во историски невидени размери. Според податоците објавени од ИНСЕЕ, кумулативните добивки на овие три гранки претставуваат 6,6 поени од додадената вредност произведена од економијата во вториот квартал на 2022 година, значителен дел од производството на француско богатство. Пред избувнувањето на пандемијата, тие изнесуваа 3,6 поени на додадена вредност и никогаш не надминаа 3,8%.[5] Со тоа се врши масовен трансфер на ресурси: од џебовите на вработените и остатокот од производниот сектор за она што сè повеќе наликува на еден рентиерски сектор кој генерира екстра профити. Сепак, овие профити не одразуваат некоја посебна иновација или преземање ризик. Напротив, тоа се високо концентрирани сектори каде што олигополите се закон. Засегнатите компании имаат корист од нивната посебна позиција и го казнуваат остатокот од економскиот реален сектор. Соочени со недостигот и загубите на куповна моќ што се наѕираат на голем дел од населението, изгледа тешко да се избегне оданочувањето на овие исклучителни профити. Во Франција, само во првата половина од годината, добивката на овие три сектори се зголеми дури за 40 милијарди евра во споредба со истиот период во 2019 година. За споредба, јавниот буџет планиран за ублажување на последиците од скокот на цената на енергијата во 2023 година изнесува 18 милијарди евра.

Покрај ова искривување во делењето на додадената вредност, се појавува и една дополнителна тешкотија. Зголемувањето на цените главно се однесува на увезените производи. Загубите во куповната моќ во голема мера им користи на странските актери и се отстранети од главните текови на националната економија. Според ИНСЕЕ, неповолниот развој на цените на увозните производи, особено енергијата, би го намалил националниот доход за 1,5 процентни поени од БДП.[6] Ова се преточува во нагло влошување на трговскиот дефицит на стоки и услуги кој достигна рекордно ниво во вториот квартал од 2022 година со надминување на 4 поени од БДП. Во овие околности, сè бара амбициозна стратегија за ограничување на зависноста од фосилни горива, и од еколошка и од економска гледна точка.

Европската централна банка (ЕЦБ) и Федералните резерви на САД (ФЕД) се загрижени поради зголемените цени. Овие институции, кои се задолжени да се борат против инфлацијата – и невработеноста за вторава, имаат нејасен став за еволуцијата на индексот на потрошувачките цени. Со брзиот пораст на клучните каматни стапки, во тек е дефинитивното заострување на монетарната политика. Ова би било само почетокот. На годишниот состанок на централните банкари во Џексон Хоул, претседателот на ФЕД предупреди дека зголемувањето на каматите: „Ќе предизвика тешкотии за домаќинствата и бизнисите. Ова се несреќните трошоци за намалување на инфлацијата.“

Овој пристап е сомнителен: потпорите на дејствување на централните банки се неефикасни во борбата против тензиите предизвикани од тешкотиите во снабдувањето и високите цени на енергијата. Сепак, централните банкари се чини дека се принудени да дејствуваат на начин кој ќе го зачува нивниот кредибилитет, особено на ЕЦБ. Така, за да се задржат целите поврзани со инфлацијата, централните банки се принудени да го ограничат растот на другите цени во економијата. За да се случи ова, би било неопходно да се „создаде“ доволно силна рецесиска средина – за да се ублажат барањата за плати. Со тоа би се избегнало активирање на цикличната спирала „цена-плата“, за која нема докази дека функционира денес. Со зголемување на цената на кредитите, владите имаат помал простор за маневрирање за поддршка на куповната моќ на домаќинствата. Иронично, финансиските шпекуланти кои се навикнати да ги финансираат своите ризични потфати со евтина ликвидност, веројатно ќе настрадаат од пресвртот на ситуацијата.[7] Разорниот пад на криптовалутите е – само најкарактеристичната манифестација на овој процес.

Ако сегашните тензии се претворат во финансиска криза, големината на очекуваната рецесија се менува во обем. За разлика од кризата со секундарните финансиски пазари, каде што економиите на земјите во развој беа релативно поштедени бидејќи беа поддржани од кинеската динамика, тековната криза, сепак, ќе влијае на целиот свет. Затоа живееме во вистинска криза на глобализацијата, која ги открива сите нејзини недостатоци. Со појавата на вирусот, нејзиниот почеток е тесно поврзан со системската еколошка криза, вклучително и прекумерната експлоатација на природните средини во земјите во развој.[8] Шоковите се шират преку тесните грла во синџирот на снабдување и се надополнуваат со пазарната моќ на неколкуте глобални мултинационални компании. Конечно, основата за управување со економската политика развиена во текот на изминатите децении – најверојатно, ќе ги зголеми тензиите. Сепак, се бара промена на парадигмата за да се избегне најлошото…

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

[1] “A Darker and More Uncertain Horizon,” World Economic Outlook, IMF, Washington, D.C., VII2/2022.

[2] Evgeny Morozov, « Les semi-conducteurs au centre de la bataille planétaire », Le Monde diplomatique, VIII/2021.

[3] На 20.09.2022 година, еден долар вредеше едно евро.

[4] Прес конференција од 14.09.2022 година.

[5] Национални извештаи објавени од ИНСЕЕ.

[6] Victor Amoureux, Nicolas Carnot et Thomas Laurent, «  Termes de l’échange et revenu intérieur réel : mesurer le pouvoir d’achat de la nation », Le blog de l’Insee, 09.09.2022.

[7]  Frédéric Lemaire, « Cette dette dont les créanciers raffolent », Le Monde diplomatique, IX/2021.

[8] Andreas Malm, « La chauve-souris et le capital : Stratégie pour l’urgence chronique », La Fabrique, 2020.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW