Непосредно пред да ја претстави првата кандидатура на екологист за претседател на Француската Република во 1974 година, агрономот Рене Димон се појави на страниците на Ле Монд дипломатик со своја статија за алтернативата дека политичкиот екологизам би требало да одлучи за победникот на овие претседателски избори. Може, напиша тој, да се обидеме да ја разбудиме совеста на одговорните. Но „едно такво величествено цветање на ‚нови луѓе‘ во капитализмот ни изгледа многу малку веројатно. Христијанството се стреми кон тоа две илјади години и не успеа: затоа што секогаш советува добрина кон себичните богати, наместо да го проповеда бунтот на сиромашните, како крстоносна војна против богатите“.[i]
Борбата отелотворена од Димон веднаш станува дел од пацифистичката и интернационалистичка перспектива. Онаа за промена на системот, каде народите на Југот би биле агентот на промените. Веднаш по крајот на деколонизацијата, Конференцијата на Обединетите нации за животна средина од јуни 1972 г. ги става „рационалното планирање“, „користењето на науката и технологијата“ и борбата против „колонијални форми и друго угнетување“ на агендата на иницијалниот политички екологизам. Со Британската народна партија и, неколку години подоцна, со германските Зелени, Димон учествува во политичката игра без да се откаже од ниту едно од своите убедувања. Но, никако да „полета“. Помеѓу стравот од нуклеарната апокалипса, потребата за развој на Југот и бесот на потрошувачката на Северот, заштитата на планетата претставува само зрно песок во совеста на човештвото.
Помина половина век: сега, екологијата е насекаде. Но, која? „За ЛВМХ, зачувувањето на животната средина е многу повеќе од обврска: тоа е императив, двигател на конкурентноста,“ објаснува оваа француска холдинг групација за производство на луксузна стока, која е ценета од клиентелата и која не е многу фокусирана на принципот на одраст. Загадувањето на планетата Земја го прави едно момче да паничи, органската храна ја добива трката со конзервираната храна на полиците на хипермаркетите, новинарите и истражувачите се „лелекаат за животот“[ii] пред збунетите очи на млада фока прикажана на насловната страница на весникот Либерасион (10-11 ноември 2021 година).
Ерупцијата на „климатската вонредна состојба“ во центарот на главните прашања на општеството, логично требаше да ја стави и неодржливата природа на нашиот економски модел – и потребата да се излезе од него – во фокусот на поширокото внимание. Но, ефектот не ја откри самата причина. Како што забележува францускиот социолог Жан-Батист Комби, порастот на актуелноста на климатските прашања е придружен со нивна деполитизација. Медиумскиот третман на темата, сепак, промовира еден морален пристап кој го трансформира прашањето на меѓународната економска организираност во еден проблем на прилагодување на индивидуалното однесување[iii]. За да ја спаси планетата, секој треба да го сортира отпадот, да го отфрли стариот дизел, да ги реновира своите лошо изолирани домови, да ги компензира емисиите на стакленички гасови, да им даде предност на кратки канали за дистрибуција… Бидејќи овие мали гестови имаат трошок, високите раководители и функционери полесно ја ставаат облеката на еколошки свесен граѓанин отколку чиновниците и работниците, иако првите загадуваат повеќе од вторите, со нивните воздушни патувања, нивните пространи домови, нивните нови паметни телефони. Овој „екологизам на богатите“, што, во суштина, ја маскира нееднаквата дистрибуција на загадувањето, доминира во политичкиот и медиумскиот дискурс. „Да се промениме“, „да го направиме тоа брзо, станува се потопло“, „сепак, сите се одговорни“, „ако секој направи малку, животот е победникот“, државно финансираните комуникациски кампањи одекнуваат како чекан по нашата глава. Кога повеќе инсистираат на вредности и доблест отколку на системот и структурите, екологистичките партии придонесуваат кон оваа цел.
Меѓутоа, токму во моментот кога се откажаа од промена на светот, се инсталираат во срцето на политичките институции во Европа. Помеѓу 1993 и 2021 година, бројот на европски земји чија влада има министер од екологистичките партии, се зголеми од 1 на 11. Зелените партии учествуваат во извршната власт на многу градови кои имаат повеќе од 500.000 жители. Ова изборно посветување парадоксално прикрива двојна политичка слабост. Прво, затоа што ги одразува аспирациите за благосостојба на богатиот и урбан слој, додека работничката класа повеќе страда од нарушување на животната средина. Второ, затоа што скромните постигнувања на овие зелени партии, кога се на власт, ги става зад придружните и активистичките движења.
Добриот резултат што го доби Зелената партија на германските парламентарни избори на 26 септември (14,8 отсто), најдобро се валоризира, кога социолошките карактеристики на електоратот – кој, во овој случај, е помлад, поурбан, повеќе прозападен, подобро ситуиран и инволвира повеќе жени отколку националниот просек – се испитуваат. Партијата ги освои гласовите на само 8 отсто од физичките работници (во споредба со 26 отсто за Социјалдемократската партија на Германија – СПД), но привлече три пати повеќе државни службеници. Ниту една партија нема толку универзитетски дипломци меѓу своите гласачи и не покажува толкава огромна разлика – дури 60%! – помеѓу гласовите добиени во руралните изборни единици и оние на нивните урбани гласачи. Сликата станува уште појасна, ако ги земеме предвид само членовите: речиси три четвртини (72%) имаат високо образование – тоа е три и пол пати повеќе од националниот просек[iv].
И во Франција зелениот глас доаѓа од големите градови. Во Париз, движењето „Европа – Екологија – Зелените“ (ЕЕЛВ), ги постигнува „своите најдобри резултати во изборните окрузи, што обично се нарекуваат ‚бобос‘ во центарот и во источниот дел на градот“, забележуваат авторите на една постизборна студија[v]. Резултатите на пост-материјалистичката партија ја следат цената на станбениот квадрат и пропорцијата на дипломираните студенти. Овој мал социјален периметар ја зајакнува сликата за политички екологизам кој е рамнодушен, па дури и непријателски расположен кон оние кои многу повеќе се загрижени за крајот на месецот отколку за крајот на светот. „Легитимирани преку еколошка реторика, инвестициите во зелена инфраструктура во срцето на метрополите – еко-области, енергетски ефикасни згради, велосипедски патеки, пешачки зони, земјоделски пазари, урбани градини итн. – го поттикнуваат порастот на вредноста на недвижностите,“ заклучува географот Фламинија Падеу.[vi] Преточувањето во приградските заедници на рецепти кои биле испробани и тестирани во големите градови, како што е ограничувањето на автомобилскиот сообраќај и изнесувањето аргументи за заштита на животната средина при затворањето на фабриките, особено во челичната индустрија, дополнително ја зголемуваат разликата.
Претставување на трендовски начин на живот или основање на популарен политички екологизам, дилемата се рефлектира во текстовите кои ги изнесуваат ставовите на партиите. Секој што ќе го откине консензуалниот површен слој филуван со „вредности“, „инклузивна и ‚разновидна‘ демократија“, „отпорност“ и „оаза на удобност“, ќе открие силни предлози во „Проектот за добро живеење“ на француските Зелени или во новата програма на германската Партија на зелените[vii]: да се излезе од моделот на раст и договорите за слободна трговија, да се премести индустриското производство во кратки дистрибутивни канали за набавка, да се планира економијата, да се реинвентира работата, да се разбие предаторската моќ на мултинационалните компании, да се решаваат конфликтите преку дипломатија, да се воспостави глобален мир ослободен од нуклеарното оружје. Но, овие ориентации веднаш се неутрализираат со придржувањето кон етаблираниот економски и меѓународен поредок кој забранува нивна реализација.
Германската Партија на зелените ги исклучува активностите надвор од „социјално-еколошката пазарна економија“ – бледо зелена верзија на ордолиберализмот – и се придржува до НАТО. Француските Зелени се за напуштање на НАТО, но геополитичките анализи на нивниот кандидат Јаник Жадо се на линија на антируската и антикинеската позиција од времето на студената војна.[viii] Партијата, исто така, верува дека „Европската унија, и пошироко Европа, е вистинската рамка за справување со глобалниот финансијализиран капитализам, заедно со социјалниот и еколошки дампинг“. Накратко, единствениот пазар за борба против пустошот направен од глобалниот пазар…
Сепак, би било неправедно да се укорат само екологистите за нивната вештина да звучат лажно: на Запад, прифаќањето на економскиот систем и неговите главни институции е билет за влез во арената на политичката моќ. Останува фактот дека големата дискрепанција на прагматизмот ја расипува заслугата на зелените партии, додека расте свеста за климатската вонредна состојба: која е поентата на полу-мерките кога треба да дејствувате брзо и силно против катаклизмата поврзана со сегашната економска рамка?
Застарени според нивната цел, екологистичките формации се изложуваат на симетричните ризици од станување банални и тривијални. Актуелните социјални движења како „Петоци за иднината“ или „Бунтот против изумирање“[ix], го привлекуваат вниманието на медиумите со нивните спектакуларни акции, нивните харизматични лидери, нивната нетрпелива младост. Тие ги враќаат партиите назад кон нивните компромиси и нивното неработење: по три децении зелени министри во француските влади, се планира завршување на обработка на почвата со вештачки ѓубрива… дури за 2050 година, она на глифосатот постојано се одложува, енергетското обновување напредува со брзина од полжави, се множат патишта и автомобили, железничките линии се затвораат итн. Помеѓу институционалните активисти и поддржувачите на директна акција понекогаш поминува иницијативата, поретко гласовите: со ретки исклучоци, локалните борби против проекти за закопување на нуклеарен отпад, брани, тунели, железници, индустриски фарми или огромни депонии „не се преточуваат во поени за алармирање и запирање на несаканите анти-еколошки работи, во корист на ЕЕЛВ“.[x]
Другата опасност е таа од разводнување и рециклажа на ставовите. Партијата како „Бунтовната Франција“ и сличните нордиски партии уште од нивното основање тврдат дека се политички екологисти, но без да истакнуваат „зелена“ ознака. А потоа, со помош на помодарството, неочекувано се множат „талентите“. „Екологијата ми е приоритет“, објаснува политички памфлет од ноември 2021 година во кој на шест страници се фалат напорите на пратеникот од Бање-Монтрож-Малакоф, да „ја заштити планетата и најсиромашните“ со заземање став против пластика, пестициди, отпад, бучава и термоцентрали на јаглен. Само внимателните читатели, со најјаки лупи, ќе ги видат зборовите на партијата „Републиката во движење“ отпечатени со ситни букви на дното на документот.
Овие противречности и стапици го објаснуваат вистинското изненадување на политичкиот екологизам: дека тоj не станува помоќен, дури и тогаш кога сите ветрови дуваат во неговите едра.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусности:
[i] René Dumont, « Population, subsistance et révolution », Le Monde diplomatique, ноември 1973 година.
[ii] Прочитајте: Frédéric Lordon, « Pleurnicher le vivant », blog du Monde diplomatique, 29 септември 2021 година.
[iii] Сп. Jean-Baptiste Comby, La question climatique. Genèse et dépolitisation d’un debat public, Raisons d’Agir, Париз, 2015 година.
[iv] Извори: enquête sortie des urnes Infratest Dimap, 27 септември 2021 година ; Forschunsgruppe Wahlen e. V., 27 септември 2021 година ; Christophe Hasselbach, « Die Bundestagswahl in Zahlen: Ein geteiltes Land », www.dw.com, 28 септември 2021 година ; Oskar Niedermayer, « Die soziale Zusammensetzung der Parteimitgliederschaften », www.bpb.de, 26 август 2020 година.
[v] Jérôme Fourquet et Sylvain Manternach, « Les ressorts du vote EELV aux élections européennes », Fondation Jean Jaurès, Париз, 20 септември 2019 година.
[vi] Flaminia Paddeu, Sous les pavés, la terre. Agricultures urbaines et résistances dans les métropoles, Le Seuil, coll. « Anthropocène », Париз, 2021 година.
[vii] « Le projet Bien Vivre », достапно на www.eelv.fr ; « …zu achten und zu schützen… » Veränderung schafft Halt, Grundsatzprogramm, Bündnis 90/ Die Grünen, ноември 2020 година.
[viii] Прочитајте: Serge Halimi, « Vous avez dit unités ? », Le Monde diplomatique, мај 2021 година.
[ix] Прочитајте: Claire Lecœuvre , « Les écologistes tentés par l’action directe », Le Monde diplomatique, ноември 2019 година.
[x] Jérôme Fourquet et Sylvain Manternach, op. cit.