Застанувајќи против сите поддржувачи на продолжување на присуството на американски војници во Авганистан, претседателот Џозеф Бајден успеа да собере против себе еден огромен фронт, почнувајќи од традиционалните тврдокорни интервенционисти, загрижени да ја потврдат глобалната супериорност на САД, до „либералните интервенционисти“ што влијаат врз загриженоста за судбината на Авганистанките. Сепак, Бајден не е некој гулаб; неговата политичка кариера доволно го потврдува ова. Бајден само стави крај на ангажманот што ниту ги спречи Талибанците да добијат победа, ниту го спречи развојот на регионален огранок на Исламската држава (Исламска држава-провинција Корасан, ИСИС-К), многу повеќе опасен за САД отколку самите Талибанци.
Дебаклот на авганистанската влада и трагичниот хаос што ја придружуваше последната фаза од повлекувањето на американските – и сојузничките – војници од Кабул, сепак, беа соодветен заклучок за дваесетгодишниот циклус на „војна против тероризмот“ што го започна владата на Џорџ В. Буш по нападите од 11 септември 2001 година. Во однос на проектирањето на американската моќ, овој циклус резултираше со тежок пораз, втор од ваков вид по Втората светска војна, а во периодот по Виетнамската војна. Во „војната против тероризмот“, неуспехот во Ирак е многу посериозен од авганистанската пропаст, иако американското повлекување од Багдад беше извршено во добар ред. Од причина што ирачкиот стратешки влог се сметаше за поважен од оној на Авганистан, со тоа што регионот на Заливот претставуваше приоритетна област за американската империја од 1945 година.
Инвазијата врз Ирак беше предмет на итно барање упатено до тогашниот претседател на САД Вилијам Клинтон во 1998 година од страна на т.н. Проект за новиот американски век, една неоконзервативна група на експерти, која вклучуваше и демократи и републиканци, од кои повеќето ќе бидат идните членови на владата на Џорџ В. Буш.
Двајца од нив, министерот за одбрана Доналд Рамсфелд и неговиот заменик Пол Волфовиц, дури и јавно повикаа на инвазија на Ирак веднаш по нападите од 11 септември. Но, војската на САД инсистираше дека одговорот треба прво да започне на друго место, во Авганистан, кој тогаш служеше како база за Ал Каеда. Американските војници првично ангажирани во секоја од двете земји сепак покажуваат каде беа приоритетите: помалку од 10.000 војници во Авганистан во 2002 година (и помалку од 25.000 до 2007 година) – наспроти повеќе од 140.000 во Ирак веќе во 2003 година.[1] Како и да е, американските војници мораа да го напуштат Ирак во 2011 година под понижувачки „договор за статусот на силите“, според кој владата на Буш се повлече и ја заврши 2008 година со ирачката влада на Нури ал-Малики… еден пријател на Иран.
САД така оставија држава која стана потчинета на соседот многу пострашен за нејзините глобални интереси отколку самите Талибанци. Иако, сепак, повлекувањето на американските војници не доведе до непосреден дебакл на вооружените сили на владата на Ирак кои ги формираше Пентагон, ова беше затоа што ништо не им се закануваше во 2011 година. Од друга страна, кога три години подоцна Исламската држава на Ирак и Левант (подоцна Организацијата на Исламската држава, ИСИС или ДАЕШ) изврши инвазија на ирачка територија од Сирија, војниците на Багдад доживеаја дебакл сличен на оној на војниците на Кабул во август о.г.
Владата на Буш се надеваше дека во „војната против теророт“ го најде својот идеален идеолошки изговор за продолжување на империјалните воени експедиции на САД; трауматизирано, американското население во голема мера ги поддржа новите експедиции. Десет години претходно, друг претседател од истото семејство, Џорџ Х. В. Буш, мислеше дека се ослободил од „виетнамскиот синдром“ – противењето на американското население на империјалните војни на САД по поразот во Индокина – водејќи ја, овој пат успешно и во рекордно време, Заливската војна против Ирак. Вториот пат, илузијата не траеше долго.
Ќорсокакот во Ирак го разбуди овој „виетнамски синдром“. „Кредибилитетот“ на Вашингтон, односно неговиот капацитет да одвраќа, беше значително намален, што не пропушти да ги охрабри и Иран и Русија на Блискиот Исток. Тимот на Буш помладиот не успеа, бидејќи не ги почитуваше правилата на воената доктрина развиена од Роналд Реган (1981-1989) и Буш постариот (1989-1993) во контекст на лекциите од Виетнам и технолошкиот напредок на дигиталната ера.
Новата доктрина, која ги вклучува како свои дизајнери и Ричард Чејни и Колин Пауел, односно министерот за одбрана и началник на Генералштабот на војската на САД под Буш постариот, имаше за цел да избегне заглавување во долготрајна војна во која учествуваат десетици илјади американски војници, и, сходно на тоа, со голем број смртни случаи. Регрутирањето во САД беше укинато уште во 1973 година и Пентагон повеќе не сакаше да испраќа потенцијално бунтовни универзитетски студенти во борба некаде далеку, како што тоа го направи за време на Виетнамската војна. Затоа, воените интервенции во иднина мораа пред се да прибегнуваат кон војна од далечина, а за која новите технологии сега овозможуваат производство на „интелигентно“ оружје. Ограничено по големина и времетраење, распоредувањето на копно би го минимизирало директниот ангажман на американските војници во борбени мисии во странство. Меѓутоа, ако се бара офанзива од големи размери, војската на САД ќе интервенира од позиција на огромна супериорност, за да се избегне „ескалација“ на испраќање последователни засилувања во период од неколку години.
Воените операции извршени против Ирак во 1991 година за „ослободување“ на Кувајт, беа во согласност со оваа воена доктрина. Вашингтон одвои време да концентрира гигантска сила на поширокиот фронт на операциите (вклучувајќи дури 540.000 војници и скоро 2.000 авиони), кога претседателот Џорџ Х. В. Буш не сакаше да ризикува за време на оваа прва американска војна од поголеми размери, по виетнамската пропаст во 1975 година. Па, затоа, и самиот Ирак беше подложен на голема кампања за масовно уништување со проектили и воздушни бомбардирања пред напредувањето на копнените трупи. Борбите траеја само шест недели, предизвикувајќи ограничени американски воени жртви (148 мртви) и ги постигна своите цели: протерување на ирачките војници од Кувајт, и потчинување на Ирак под американска контрола.
Од двата конфликта иницирани од Џорџ В. Буш под знамето на „војната против теророт“, првиот, оној во Авганистан, првично беше усогласен со пост-виетнамската воена доктрина: интензивна употреба на воени удари од далечина, ограничено распоредување американски војници, борба на теренот главно испорачана од локалните сили и од воените команданти на НАТО. Спротивно на ова, инвазијата на Ирак веднаш предвиде продолжена окупација на земјата, во флагрантно кршење на „лекциите од Виетнам“. Ова беше оправдано со лудата идеја дека ирачкото население ќе ја пречека американската армија како ослободител, а што ја објаснува диспропорцијата помеѓу распоредените војници, скромни по број (130.000 американски војници), и самата задача што им беше доделена. Знаеме што се случи. Изградбата на држава во Ирак под покровителство на окупаторот, сепак беше дело на соседниот Иран. Во меѓувреме, Вашингтон постепено започна со паралелно и не помалку бесмислено преземање на надзорот за изградба на држава, сега и во Авганистан. Резултатот беше втор ќорсокак, со што оваа војна стана и најдолгата во американската историја.
Претседателот Барак Обама сигнализираше одлучно враќање на воената пост-виетнамска доктрина. Во истата насока го следеше и претседателот Доналд Трамп. Обама се спротивстави на инвазијата на Ирак; тој дури и обезбеди завршување на американското повлекување од Ирак за кое преговараше неговиот претходник и не сакаше да се вклучи во некои нови воени авантури. Воената интервенција на САД во Либија во 2011 година, се состоеше исклучиво од различни удари и беше ограничена во контекст на своето времетраење. И Обама се воздржа од директна интервенција во Сирија, се додека ИСИС не го нападна северниот дел од Ирак.
Против ИСИС, Обама водеше војна од далечина, со ограничено распоредување на копнени трупи, за да ја обликува борбата предводена од локалните сили: реконструираните владини сили, борците од курдскиот автономен регион и проиранските шиитски милиции во Ирак; заедно со левичарските курдски борци во Сирија. Успехот на кампањата против ИСИС со релативно мали трошоци за САД остро се разликува од неуспехот на скапите инвазии на Џорџ В. Буш во Авганистан и Ирак. Но, во исто време, Обама го надмина својот претходник во употребата на воените беспилотни летала, најновото оружје во војните од далечина, со значителен смртоносен данок.[2]
Трамп тргна по истиот пат, и покрај неговата опсесија да ја поништи работата на неговиот претходник. Откако, од своја страна, се обиде да ги подобри условите на договорот со Талибанците, Трамп вети дека ќе ги повлече американските војници од Авганистан до крајниот рок – до 1 мај 2021 година. Тој продолжи да користи интензивно воени дронови и се погрижи да ја отстрани оваа пракса од контрола на јавноста, дури и повеќе отколку што тоа веќе беше.[3] Онаму каде што сакаше да се разликува од Обама, беше преку прибегнување кон „удари“ поголеми од самата употреба на дронови. Помалку од три месеци откако стана претседател, Трамп нареди ракетен напад врз воените локации на сириската армија на 7 април 2017 година, а на 13 април нареди и фрлање на „мајката на сите бомби“ (ГУ-43/Б МОАБ, најмоќната ненуклеарна бомба од американскиот арсенал, некогаш користена) врз цел поврзана со ИСИС-К во Авганистан.
Бајден, од своја страна, целосно се приклучи на овој континуитет. За време на својата предизборна кампања, тој изјави дека се придржува до воената доктрина, инспирирана од „лекциите од Виетнам“, спроведени против ИСИС во Ирак и Сирија: „Има голема разлика“, беше напишал во 2020 година, „меѓу големите и неопределени распоредувања на десетици илјади борбени трупи, кои мора да престанат, и употребата на неколку стотици војници на специјалните сили и разузнавачки агенти за поддршка на локалните партнери против заедничкиот непријател. Овие мисии од помал обем се воено, економски и политички одржливи и служат на националниот интерес.[4]“
На тој начин, Бајден обезбеди повлекувањето на американските војници од Авганистан да биде завршено, давајќи си само четири месеци дополнително време без да успее да го избегне дебаклот виден од целиот свет. Со наредба, само еден месец по својата инаугурација, за нов ракетен напад во Сирија против цели поврзани со иранското присуство во таа земја, тој покажа, како и Трамп, дека нема да се двоуми да прибегне кон целиот арсенал на воени удари од далечина. Бајден, исто така, сметаше дека е соодветно да се направи јавна демонстрација на употреба на дронови преку бомбардирање, на 29 август о.г., на една авганистанска цел, која требаше да претставува возило преполно со експлозив за нов самоубиствен бомбашки напад на аеродромот во Кабул – споредлив со оној што, на 26 август о.г., предизвика повеќе од 180 смртни случаи, вклучително и тринаесет американски војници.
Соочен со опасна и упорна истрага од страна на весникот Њујорк тајмс, Пентагон мораше да признае, на 17 септември о.г., дека, сепак, имал погрешна цел на нишан и убил десет локални цивили, вклучувајќи дури и седум деца.[5] Ниту еден од воените команданти на САД не поднесе оставка[6]. Убиството на цивили со голема фреквенција претставува една „колатерална штета“ својствена за самата употреба на беспилотни воени летала, како и во сите форми на далечинско војување. Според британските невладини воени експерти, САД извршиле повеќе од 14.000 напади со беспилотни летала од 2010 до 2020 година, при што загинале меѓу 9.000 и 17.000 луѓе, од кои 910 до 2.200 цивили.[7]
Во исто време, САД ги зголемуваат воените трошоци со цел да ја одржат својата глобална превласт, да ги одвратат ривалските големи сили Кина и Русија и да се заканат на секоја помала земја, што сериозно ќе им наштети на американските глобални интереси, со лошата судбина на Ирак. Сето тоа, на радост на американскиот воено-индустриски комплекс. И покрај повлекувањето од Авганистан, новата влада на Бајден достави до Конгресот предлог-буџет од 715 милијарди долари за фискалната 2022 година. На 23 септември о.г., Претставничкиот дом одлучи, со мнозинство гласови од 316 наспроти 113, да додаде дополнителни 25 милијарди, со што ќе се приближи овој нов буџет[8] до рекордното ниво на номинални расходи (неприлагодено за инфлација) достигнато во 2011 година. Пред повлекувањето од Ирак.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[1] Сп. Gilbert Achcar, “The US Lost in Afghanistan. But US Imperialism Isn’t Going Anywhere”, Jacobin, Њујорк, 4 септември 2021 година, https://jacobinmag.com
[2] Сп. Emran Feroz, “Obama’s Brutal Drone Legacy Will Haunt the Biden Administration,” Foreign Policy, Вашингтон, 17 декември 2020 година.
[3] Сп. Hina Shamsi, “Trump’s Secret Rules for Drone Strikes and Presidents’ Unchecked License to Kill,” American Civil Liberties Union (ACLU), 5 мај 2021 година, www.aclu.org
[4] Joseph R. Biden, Jr., “Why America Must Lead Again,” Foreign Affairs, Вашингтон, март-април 2020 година.
[5] Сп. Eric Schmitt and Helene Cooper, “Pentagon acknowledges Aug. 29 drone strike in Afghanistan was a tragic mistake that killed 10 civilians,” New York Times, 17 септември 2021 година.
[6] Peter Maas, “America’s Generals Are Cowards. Fire Them All”, The Intercept, 23 септември 2021 година, https://theintercept.com
[7] “Drone Warfare”, The Bureau of Investigative Journalism, Лондон, https://www.thebureauinvestigates.com
[8] Сп. Joe Gould and Leo Shane III, “Plans for bigger defense budget get boost after House authorization bill vote,” Military Times, Виена, Вирџинија, САД, 24 септември 2021 година.