Кога ќе ставите лонец со ладна вода на оган, на почетокот ништо не се случува. Или подобро кажано, се чини дека ништо не се случува. Молекулите се зголемуваат со температурата без да покажат реакција, додека не достигнат 99° Целзиусови. И тогаш, одеднаш, сè се менува, се појавуваат меурчиња: промената на степенот доведе до промена на природата. Светот штотуку доживеа сличен момент.
Од 24 февруари и руската инвазија на Украина, меѓународните односи тектонски се поместија: тие штотуку влегоа во „нова ера“ според германскиот канцелар Олаф Шолц (27 февруари), за да доживеат „промена на ерата“, според францускиот претседател Емануел Макрон (2 март). До пред неколку месеци, повикувањето на сеќавањето на советската ракетна криза инсталирана во Куба го илустрираше растурањето на воената нуклеарна закана во XXI век; Русија, водечката светска сила во оваа област, објави дека ги става своите лансирни подморници во состојба на целосна воена готовност.
Ако светот се свртел наопаку, објаснуваат некои, тоа е затоа што претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, штотуку го превртил во лудило: неговите воени мотивации повеќе не би можеле да се најдат во учебниците по геополитика, туку во резимето на клиничката психоанализа. „Тешко е да се каже дека тој не го изгубил чувството за разум“, дијагностицира Фајненшел тајмс (4 март), додека Вашингтон пост прашува: „Дали Путин е нестабилен?“ (6 март), според една аналитичка мрежа која го следи рускиот дисидент Алексеј Навални, кој го опишува Путин како „лудак кој треба да се врзе“ (Ројтерс, 2 март). Предноста на лудите е во тоа што тие не се водат од барањата, туку од заблудените пуфки. Слушањето на она што имаат да го кажат, сепак ги изложува на ризик да потонат во неразумност.
Инвазијата на Украина е спротивна на меѓународното право и нема никакво оправдување за воените злосторства извршени таму. Ниту еден аргумент не може да ја легитимира трансформацијата на Киев во монета за поткусурување помеѓу големите сили или воената спирала во која Москва го вовлече светот. Но, дали можеме да замислиме излез од конфликтот со тоа што не ги бараме неговите корени? Со тоа што ќе се убедите дека тоа е „едноставно“ резултат на ненадејно префрлање во светот на деменцијата? Со геополитичките конфликти, како и со зовриените садови со вода, обидот да се разбере преместувањето од една во друга состојба, напротив, подразбира да се тргне погледот од меурите што се формираат и да се постави прашањето: од каде навистина потекнуваат пламените јазици? Меѓутоа, долго време многу гласови предупредуваа за огнот што тлее.
„Мислам дека ова е почеток на нова Студена војна“, тврди Џорџ Кенан, таткото на доктрината за „ограничување“ на СССР, во интервјуто од 1998 година, во кое е прашан за проширувањето на НАТО на исток.[i] „Ова сведочи за таквото незнаење за руската и советската историја. Очигледно, ова ќе произведе непријателска реакција од страна на Русија и промоторите на проширувањето на НАТО ќе ја искористат можноста да кажат: „Ви рековме дека Русите се такви“.
Во 2008 година, тогашниот директор на ЦИА, Вилијамс Барнс, ѝ напиша на државната секретарка Кондолиза Рајс (кај која претходно бил државен потсекретар): „Влезот на Украина во НАТО е најострата од „црвените линии“ за Русија. (…) Не сум сретнал ниту еден човек кој го чита овој проект како нешто друго, освен како директен предизвик за руските интереси“.[ii]
Во напис од 15 февруари 2022 година, амбасадорот на САД во СССР од 1987 до 1991 година, Џек Метлок, потсетува на својата позиција за време на дискусиите во американскиот Сенат за вакво проширување на НАТО: „Препораката на американската влада да поттикнува нови членки во НАТО, е погрешна. Доколку биде одобрено од Сенатот, тоа би можело да биде запаметено како најголема стратешка грешка на САД, од крајот на Студената војна. Далеку од подобрување на безбедноста на САД, нивните сојузници и на државите кои сакаат да се приклучат на НАТО, ова може, сепак, да предизвика верижна реакција што ќе доведе до најлошите закани за нашата безбедност, уште од распадот на Советскиот Сојуз“. Пред да додаде, денес: „Обидот да се ослободи Украина од руското влијание – наведената цел на поддржувачите на т.н. „шарени револуции“ – беше навистина еден глупав и многу опасен чекор“.[iii]
Би можеле да ја продолжиме листата на изјави, од поранешниот републикански кандидат за претседател на САД, Патрик Бјукенан – „Со носење на НАТО директно пред вратата на Русија, ги поставивме темелите за конфронтација во XXI век“[iv] – до лингвистот Ноам Чомски – „Идејата Украина да се приклучи на западниот воен сојуз, би била целосно неприфатлива за секој руски лидер“.[v] Сите тие укажуваат на западната „грешка“. Тогаш, зошто еден таков, навистина несмасен потег? Поранешниот британски амбасадор во Русија (2000-2004), Сер Родерик Лајн, нуди објаснување: „Ако сакате да започнете директна војна со Русија, ова е најдобриот начин и да го направите тоа“.[vi]
Постоењето на западниот империјализам не го негира и постоењето на рускиот империјализам. Но, светот губи двапати, кога манифестацијата на првото го охрабрува второто да се развива. Западот се чини дека претпочиташе, само да гледа како водата врие, наместо да ја спречи „епохалната промена“ која и ја забрзуваше.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Thomas L. Friedman, « Foreign affairs, now a word from X », The New York Times, 2 мај 1998 г.
[ii] William J. Burns, The Back Channel. A Memoir of American Diplomacy and the case for its Renewal, Random House, New York, 2019.
[iii] Jack F. Mathlock Jr. « I was there: NATO and the origins of the Ukraine crisis », Responsible Statecraft, 15 февруари 2022 г., https://responsiblestatecraft.org
[iv] Patrick Buchanan, A Republic, Not An Empire. Reclaiming America’s Destiny, Regnery Publishing, Washington, 1999.
“By moving NATO onto Russia’s front porch, we have scheduled a twenty-first-century confrontation.”
[v] Интервју од 2015 година, достапно на Јутјуб.
[vi] Интервју со Никита Грјазин за Универзитетскиот конзорциум, 17 декември 2020 година.