Кога пандемијата Ковид-19 се појави наеднаш во Латинска Америка во 2020 година, регионот беше целосно неподготвен за истата. Всушност, пандемијата откри приватизирани здравствени системи и недоволно финансирани јавни болници, а како последица на враќањето на власт на неолибералните латинскоамерикански влади од средината на 2010-тите. Истражувањето и развојот, кои беа целосно запоставени, добиваа во просек само 0,8% од бруто домашниот производ (БДП), три пати помалку отколку во земјите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Не изненадува што вирусот направи поголем хаос овде отколку во остатокот од светот: додека регионот има само 9% од светската популација, на крајот на октомври 2021 година имаше 20% од инфекциите со Ковид-19 и дури 30% од смртните глобални случаи.[i]
Во оваа фаза, политиките кои се залагаат за повлекување на државата од општествените и политичките процеси – во смисла на услуги од општ или јавен интерес како што се здравје, домување, храна или пристап до вода – изгледаат такви како што се: лудило, и во однос на здравјето и економијата. Пандемијата ја предизвика најтешката криза што ја доживеа Латинска Америка од Големата депресија пред Втората светска војна, ризикувајќи дополнително да се прошири нееднаквоста во регионот кој веќе ги држи најтажните светски рекорди во оваа област.
Соочени со недостаток на контрола врз ширењето на вирусот, латиноамериканските влади прибегнаа кон средновековни мерки, како што се изолација и рестрикции на движење на популацијата. Оваа изолација можеби е ублажена со некои технолошки достигнувања: дигитална или вештачка интелигенција. Тие овозможија ран развој на учење на далечина, телемедицина, работење од дома и далечинско банкарство, а кои, сепак, секој не беше во можност да ги искористи како такви. Во 2019 година, дури една третина од населението во Латинска Америка, концентрирано главно во рурални или сиромашни урбани реони, имаше потешкотии да пристапи до интернет[ii] поради недостаток на дигитална опрема.
Здравствената криза тешко ги погоди особено таканаречените „неформални“ работници (мали семејни бизниси, маалски продавници, самовработени и улични продавачи или ситни фармери), а кои претставуваат дури повеќе од половина од работоспособното население во Латинска Америка, или 140 милиони луѓе.[iii] Немајќи формални договори за вработување и социјално осигурување, тие немаат корист од ваквите заштитни инструменти како нивните европски колеги. Нема синдикат да зборува за нив и во нивно име, лишувајќи ги од можноста да преговараат со властите или со организациите на работодавачите.
Со 45 милиони луѓе кои живеат во екстремна сиромаштија, гневот дефинитивно расте. Во 2019 година, илјадници Еквадорци излегоа на улиците да протестираат против зголемените цени на горивото од страна на владата на Ленин Морено. Во исто време, во Чиле, зголемувањето на цените на превозот со метрото, предизвика народен бунт против економската политика на претседателот Себастијан Пињера. Мобилизацијата на повеќе од еден милион луѓе, сепак, доведе до избор на Уставно собрание задолжено да раскрсти со десничарскиот неолиберализам наследен од диктатурата на Аугусто Пиноче (1973-1989). Популарниот бран ја зафати и Колумбија, каде масовните демонстрации го осудија поткопувањето на мировните договори потпишани со герилското движење Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК), како и диктаторската политика на претседателот Иван Дуке.[iv] Прекинати од пандемијата, овие сенародни економски протести повторно се појавија минатата година. На пример, во април 2021 година, илјадници Колумбијци им пркосеа на здравствените рестриктивни мерки, со цел да побараат напуштање на пакетот даночни мерки, а кои се закануваа дополнително да ја осиромашат се помалата средна и веќе банкротираната работничка класа.
Сепак, ваквите народни мобилизации се соочуваат со авторитарни тенденции низ целиот свет и со палката на жестока репресија. Мобилизациите на народните маси во 2019 година оставија околу 30 мртви во Чиле, осум во Еквадор, дури 60 во Колумбија… Во Бразил, неслучајно, претседателот Жаир Болсонаро штотуку му предложи на Конгресот два закони со цел зајакнување на автономијата на полицијата во однос на државните и локалните власти. Наместо со убедување, преку создавање простори за јавна и поширока дебата за политичко преиспитување на дефиницијата на општиот или јавниот интерес, државите претпочитаат да користат одвраќање преку попречување на основните слободи и права на човекот.
Иако десничарскиот неолиберализам создаде услови за здравствена, социјална и политичка криза, некои сè уште ја користат истата кутија на алатки, за да излезат од ваквата криза. Следејќи го примерот на колумбискиот претседател Иван Дуке, тие се залагаат за „оживување на мерките за штедење“, а кое ќе вклучи намалување на платите и далеку пофлексибилен закон за работни односи. Накратко, се работи за префрлање на товарот на кризата врз нејзините главни жртви. Во реалноста, постои само еден начин да се надмине пандемијата засекогаш: да се изгради еден нов модел на социјален развој.
Во регионот, социјалните програми имплементирани во раните 2000-ти, засновани на моделот на условни социјални трансфери на пари, често се сметаат како модели за намалување на сиромаштијата. Иницирана во 1997 година во Мексико, програмата Проспера (што подоцна стана Прогреса, потоа Опортунидадес), се состоеше од исплата на парични надоместоци за сиромашните семејства и обезбедување училишни стипендии под услов децата да бидат запишани на училиште, да добиваат медицинска грижа и правилна исхрана. Во 2016 година, програмата вклучи дури 6,8 милиони семејства. Инспириран од мексиканското искуство, бразилскиот претседател Фернандо Хенрике Кардосо ја иницира Програмата Болса Ескола во Бразил во 2001 година, генерализирана две години подоцна од неговиот наследник од Лабуристичката партија, Луис Инасио „Лула“ да Силва, во 2003 година, а сега под името Болса Фамилија. Со 12,4 милиони домаќинства како корисници во 2010 година,[v] програмата има помогнато дури на 28 милиони луѓе да се извлечат од длабоката сиромаштија. Во Колумбија, Системот за идентификација на незадоволени основни потреби (СИСБЕН), воведен во 1995 г.,[vi] овозможи да се идентификуваат најсиромашните лица во државата со цел, меѓу другото, да се субвенционира нивното вклучување во државното здравствено осигурување. За само три години, бројот на лица, корисници на здравствено осигурување, се зголеми од 8 милиони дури на 18 милиони.[vii]
Иако сите овие програми придонесоа во периодот на нивното спроведување за намалување на социјалните нееднаквости во регионот на Латинска Америка,[viii] тие, сепак, сами по себе, се далеку од доволни. Со само амортизирање на социјалната штета предизвикана од десничарските неолиберални политики, тие, парадоксално, служат и како еден изговор за ослободување на владите од спроведување на длабоки структурни реформи. Дополнително, напредокот постигнат преку условните парични трансфери ретко е одржлив, на еден подолг рок. По соборувањето на претседателката Дилма Русеф од страна на бразилскиот парламент во 2016 година, новиот шеф на државата Мишел Темер веднаш направи напори да исклучи дури еден милион корисници од социјалната програма Болса Фамилија. Следната година, како резултат на ова, екстремната сиромаштија се зголеми за цели 11% во земјата[ix]…
Завршувањето на кризата, сепак бара порадикални реформи, како што се зајакнување на улогата на државата за справување со структурните пазарни неуспеси, обнова на јавните здравствени системи и финансиската архитектура, како и подигање на борбата против социјалната нееднаквост на врвен политички приоритет. Ова мора да вклучува и реактивирање на процесите на регионална интеграција и имплементација на поредистрибутивни мерки за економско закрепнување приспособени на специфичните карактеристики на Латинска Америка. На пример, справувањето со високите стапки на неформална работа, бара огромна поддршка за милиони мали и средни претпријатија (МСП), како и ситните фармери и малите претприемачи.
Сепак, едно прашање останува нерешено: како да се зголеми јавната потрошувачка, додека регионот се соочува со големи економски тешкотии? Од 2015 година, Латинска Америка има една доста просечна стапка на раст (само 1,2% од БДП во просек пред пандемијата), додека даночните приходи, како и меѓународната трговија, особено помеѓу самите земји во Латинска Америка (речиси 13% од вкупната бројка), драстично се намалуваат. Дополнително, прогнозите укажуваат и на намалување на странските инвестиции и пад на цените на суровините, со можен исклучок на златото и одредени специфични метали.
Досега, регионот ја финансираше борбата против пандемијата со сопствени ресурси – главно од паричните трансфери од големата латиноамериканска дијаспора во САД и Европа, како и прашањата на јавниот долг и локалните експанзивни монетарни политики. Но, овие ресурси остануваат недоволни: Економската комисија на Обединетите нации за Латинска Америка и Карибите (ЕКЛАК) пресметала, дека на Латинска Америка ќе и требаат најмалку 1000 милијарди долари, само за да се надмине кризата од пандемијата.[x] За да се соочат со таков предизвик, националните или регионалните одговори, мора да бидат придружени со значителна меѓународна поддршка.
Во март 2020 година, Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД), ги повика богатите земји да спроведат еден пакет од 2,5 милијарди долари[xi] за помош за земјите во развој, а што се состои од 1 милијарда долари за помош, 500 милијарди долари за субвенции за здравствени и социјални услуги, и околу 1 милијарда долари за отпишување на претходниот долг. Но, богатите земји претпочитаат да останат глуви…
Од почетокот на пандемијата, овие земји водат политика од типот „секој за себе“. Истите наметнаа себични мерки за основните лекови и прехранбени производи. Светот денес живее, ако така може да се рече, дури и во една парадоксална, речиси шизофрена ситуација, каде што вакцините кои граѓаните на развиените земји не сакаат да ги примат, се истите оние чие отсуство ги убива сиромашните во земјите на кои им се најпотребни сега и овде… Ова е ситуацијата, која, неслучајно, генералниот секретар на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, ја опиша во јануари 2021 година како „катастрофален морален дебакл“.[xii] Иницијативите на Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Интерамериканската банка за развој, исто така, се покажаа недоволни да им помогнат на земјите во развој.
Богатите земји сè уште можат да се поправат, со тоа што ќе се обврзат да им помогнат на сиромашните земји, да ги оживеат своите економии. Некои од идеите ставени на маса од страна на Г-20, претставуваат еден важен чекор во овој правец. Во март 2020 година, на виртуелен самит на овој меѓувладин форум, аргентинскиот претседател Алберто Фернандез, на пример, предложи создавање на Глобален хуманитарен фонд за итни случаи.[xiii] Во октомври 2021 година, по самитот во Рим, групата на најразвиените земји, предложи и инјектирање на околу 100 милијарди долари во глобалната економија[xiv] и се обврза да вакцинира 70% од светското население до средината на 2022 година.[xv] Сепак, како може да се спроведе една ваква амбициозна програма? Како што истакна генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предизвикот сега е да се „преточат овие зборови во дело“.[xvi]
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] « La prolongación de la crisis sanitaria y su impacto en la salud, la economía y el desarrollo social », Cepalc, Сантијаго ду Чили, 14 октомври 2021 г.
[ii] « Universalizar el acceso a las tecnologías digitales para enfrentar los efectos del COVID-19 », Cepalc, Сантијаго ду Чили, август 2020 г.
[iii] José Manuel Salazar-Xirinachs Juan Chacaltana, « Politiques de formalisation en Amérique latine », Меѓународна организација на трудот, Лима, 2018 г.
[iv] El grito latinoaméricano, Planeta, Богота, јануари 2021 г.
[v] Geisa Maria Rocha, « Bourse et favelas plébiscitent “Lula” », Le Monde diplomatique, септември 2010 г.
[vi] Заб. на уред. Оваа програма беше формирана од владата на Ернесто Сампер.
[vii] Заб. на уред. Во земја со околу 38 милиони жители.
[viii] Сп. « Panorama Social de América Latina 2018 », Cepalc, февруари 2019 г.
[ix] Julia Dolce, « Pobreza extrema aumenta 11% no último ano; economistas culpam trabalho informal », Brasil de Fato, Сао Паоло, 12 април 2018 г.
[x] Alicia Bárcenas, « Efectos socio-económicos de la Covid 19 en América Latina y el Caribe y perspectivas de recuperación », Pensamiento Iberoamericano, Сантијаго ду Чили, март 2021 г.
[xi] « Impact du Covid-19 : l’ONU demande 2.500 milliards de dollars pour les pays en développement », ООН, Женева, 30 март 2020 г.
[xii] « Vaccin anti-Covid-19 : le monde fait face à « un échec moral catastrophique », СЗО, Женева, 18 јануари 2021 г.
[xiii] « El presidente Alberto Fernández convocó a crear un Fondo de Emergencia Humanitaria », коминике за прес на Владата на Аргентина, 26 март 2020 г.
[xiv] « Le G20 prévoit de reverser 100 milliards de dollars de fonds du FMI aux pays vulnérables », BFMTV, Париз, 21 октомври 2021 г.
[xv] Jan Strupczewski and Andrea Shalal, « G20 wants 70% of world vaccinated by mid-2022, sets up pandemic task force », Ројтерс, 29 октомври 2021 г.
[xvi] Antonio Guterres, « Las palabras por sí solas no acabarán con la pandemia, ni disminuirán el impacto de la crisis climática », ООН, Женева, 8 јули 2021 г.