понеделник, 14 Окт 2024 / 0:02:44
Le Monde Diplomatique – Македонско издание

Во Калабрија, долгото судење на Ндрангета

„Причините за мафијата“

„Мафијата е човечки феномен; како и сите човечки феномени, тој има почеток, еволуција и, следствено, ќе има и свој крај. Ако сакаме ефикасно да се бориме против неа, не смееме да ја претвориме во чудовиште. Таа не е ниту октопод, ниту рак. Сепак, мора да признаеме дека таа личи на нас“…

Од Џовани Иерарди
Претседател на Секцијата на Алто Кротонезе во Калабрискиот институт Рафаеле Ломбарди Сатријани за фолклорно и социјално истражување, поранешен градоначалник на Петилија Поликастро (Калабрија, Италија).


Фото: Rodnae Productions / Pexel

Големото судење што почна минатиот 13 јануари во судницата-бункер на Ламеција Терме, во провинцијата Катанзаро, во Калабрија, најсиромашниот регион на Италија, иницира размислување за мафијата и нејзините различни компоненти – Ндрангета (калабриска мафија), но и Коза Ностра (Сицилија), Камора (Неапол) и Сакра корона унита (Апулија).

Сценографијата е импозантна: 250 обвинети, 438 основи за обвинение, 600 адвокати, 30 граѓански учесници; новинари од целиот свет се раздвижиле во огромен центар за повици од 3.300 квадратни метри трансформиран во суд со најголема конектираност и најголема безбедност. Токму во овој монументален театар обвинителството, во лицето на обвинителот Никола Гратери, има намера да ги изнесе на виделина врските на Ндрангета со политичкото милје, масонството – што се чини дека служи како канал за воспоставување контакт со локалните елити –  и деловниот свет. Не недостасуваат обвиненија: криминален заговор, убиства, изнуда, лихварство, перење пари, проневера на јавен имот… Ова судење, како кулминација на четиригодишните истраги што беа пропратени со смртни закани против обвинителот (кој живее под засилена заштита), беше наречено „Ринасита-Скот“ – ринасита, „преродба“, во надеж дека регионот ќе може да се ослободи од мафијата; и „Скот“ во чест на Сибен Вилијам Скот, агент на Федералното биро за истраги (ФБИ) од САД, кој почина во 2015 година, и кој му помогна на Гратери да ги открие врските помеѓу колумбиските нарко-картели и италијанската Ндрангета.

Овој 13 јануари, обвинителот дојде многу порано. Пред камерите точно во 08:30 часот, тој ја нагласува потребата за брзо дејствување (особено за да се избегне можноста за застарување на предметите) и го повикува јавното мислење да ги смета судиите и полициските службеници како „луѓе на кои може да им се верува“. Но, додека зборува, ни паѓаат на ум низа слики. Безброј нејасни и збунувачки случаи, судска статистика, парламентарни извештаи (првиот посветен на мафијата датира уште од 1876 г.), галерии на ликови, херои, деликвенти, судии; толку многу фрагменти од италијанската историја, земја во која од 1962 г. заседава парламентарна комисија за борба против мафијата и во која има повеќе универзитетски катедри посветени на овој специфичен феномен (при Универзитетот на Павија, на Рим, …).

Исто така, во овој контекст, се мисли на сликите и од друго големо судење, она на Коза Ностра во Палермо во 1986-1987 г., прв од ваков вид што сведочи за вистинска желба за интервенција од страна на државата, и што заврши со многу тешки пресуди (вкупно 2.265 години затвор). Конечно се сеќаваме и на кошмарните слики од одговорот на мафијата на истото судење: дел од сицилијанскиот автопат уништен со 500 килограми експлозив, на 23.05.1992 г., во невиден атентат во кој ги изгубија своите животи судијата Џовани Фалконе, неговата сопруга и неговите тројца телохранители. Оваа трагедија останува обележје во историјата на Италија. По овој голем атентат, државата значително ја засили борбата против мафијата. Коза Ностра постепено стави крај на својата стратегија на спектакуларно супер-насилство, започнувајќи ја, под владеењето на новиот „шеф“ Бернардо Провенцано (1995-2006), кој го наследи Салваторе „Тото“ Риина, својата стратегија на бездната: дејствување со потопување, во длабочините.

Ако вонредниот аспект на овие судења ја покажува моќта на државата и нејзината решителност да го искористи својот репресивен арсенал, ова исто така покренува и многу прашања: како и кога ќе заврши судскиот процес Ринасита-Скот (оној во Палермо траеше скоро пет години)? Колку обвинети на крајот ќе бидат осудени, и со какви казни? Какви ќе бидат последиците на економски и политички план? Но, пред сè: што е мафијата?

За Џузепе Питре, „значењето што овој збор накрај го доби, е скоро невозможно да се дефинира како таков“. Овој експерт за сицилијанските народни традиции зборува за една „мафијашка чувствителност“, т.е. за одредена визија за животот, правилата на однесување, начинот на делење правда надвор од законите и државата. Во Денот на бувот, во 1960 г., писателот Леонардо Скијасија (прочитајте ја статијата на стр. 27) ја дефинира Коза Ностра како „еден систем кој управува со интересите на моќта на една класа што (…) можеме да ја дефинираме како буржоаска; што не се раѓа и не се развива во вакуумот на државата, туку во рамките на државата. Накратко, мафијата е само паразитска буржоазија, буржоазија што не е претприемничка, но сепак експлоатира“ – додека го потврдува она што тој го нарекува на друго место „мафијашка чувствителност“.

„Мафијата е една голема планина од го*на!“ Оваа фраза, толку често спомнувана или испишана на ѕидовите на градовите, сепак изразува легитимна осуда. Но, осудувањето не е доволно за да се сфати природата на феноменот и со тоа да се биде во можност да се бориме против него. Ако мафијата е планина, таа е, пред сè, планина на стоки – цигари, фалсификувана стока, дрога, оружје, пари… – нешто кое беше во можност да го добие особено преку насилство и корупција. Една „мафија која е претприемачки“ многу компетентна, се развива долго време, која знае да администрира, организира, акумулира и каде што секој има свое место: шефови-менаџери, супервизори, амбасадори, соработници, сојузници, производители, добавувачи, клиенти, потрошувачи. Мафијата ги донесува и диктира своите закони, прави компромиси, се впушта во преговори, организира посредништво. Како една втора држава што се раѓа и просперира во контекст на грешките на првата.

Затоа, исто така е потребно и да се разберат „причините за мафијата“. Изразот, понекогаш сфатен дури и во позитивна конотација, можеше да скандализира.  Но, како и да е, за да може ефикасно да се води борба против криминалната организација, треба да се знаат основните причини за нејзиното постоење, нејзините вредности, нејзиниот симболичен универзум, правниот поредок во кој таа се вклопува; со еден збор, нејзината специфична култура како таква.

Сè започнува со раѓањето на нацијата. Во 1861 г., тогашното движење за италијанското обединување го постави болното и многу проблематично т.н. „јужно прашање“. Големата неразвиеност на југот на земјата (Мецоџорно или Јужна Италија на италијански), де факто го става во позиција на инфериорност во рамките на новата држава. Оваа првична разлика или поточно голем расцеп, станува од почетокот на обединувањето – расчекор на противречноста, дивергенција во процесот на економски, политички и граѓански развој на младата нација, како два организми да следат свој сопствен пат на еволуција. Многу бргу по дефинитивното обединување, буржоазијата на Северот, чии региони-држави ја развија својата економија во контакт со северните соседни земји, станува хегемонистички предоминантна.

На Југот, каде што економијата и инфраструктурата се многу заостанати, велепоседничката класа е „приземјена“ и стравува дека нејзината моќ е загрозена од можни бунтови и дека локалните селани би можеле да брцаат во нејзините богати џебови. Затоа е многу природно да се сврти кон мафијата, тогаш организирана во повеќе вооружени групи, за да ги брани своите територии и да ја воспостави својата доминација како таква. Овие јужни криминални банди веќе се бореле против Џузепе Гарибалди, „таткото на италијанската нација“ и неговото ветување за прераспределба на земјиштето во корист на селаните: мафијата уште тогаш служеше како вооружено крило на латифундистите (велепоседници) за да спречи една таква прераспределба. Треба да се потенцира дека во моментот на италијанското обединување во XIX век, Југот беше поделен помеѓу земјопоседниците и мафијата од една страна, и селаните и малите земјопоседници од друга страна. Младата држава предизвика големо народно незадоволство со воведување даноци и задолжителна воена обврска, лишувајќи ги на тој начин јужните сиромашни семејства од вредни раце за работа на нивите и од единствениот начин на егзистенција тогаш. Афирмирајќи ги своите нови овластувања, државата се зафати да го убеди непокорниот народ со испраќање на карабинери од Северот, едно тело туѓо за локалната јужна култура. Сето ова придонесе за зајакнување на мафијата и за нејзиниот легитимитет кај дел од населението.

Во ритуалот за иницијација што мора дефинитивно да го помине секој нов член на злосторничката организација, се наоѓа одреден идеал, давајќи различни квалитети: бравурозност, извонредност, заслуги, храброст, морална доблест, дистинкција, чест. Културата на мафијата се однесува на принципи слични на традиционалните и популарните вредности што се толку распространети во јужна Италија и се навраќаат на многу подалечни времиња. Мафијата ги користи овие вредности извртувајќи ги, прилагодувајќи ги на сопствената реалност, на сопствената конечност.

Вкоренета во архаична почва, Ндрангета мораше да претрпи, низ децениите, континуирани мутации, како и многу култури и супкултури. Заштитена од густиот лавиринт на големата вегетација на масивот Аспромонте, мафијата се посвети сè до 1980-тите години типично на рекетот и киднапирањето. Со дрогата, таа се претвори во меѓународна холдинг компанија за криминал и трговија со кокаин, без промена на нејзините правила и вредности како такви. Затоа се претставува како амалгам каде што архаизмот и модерноста, традицијата и иновативноста, примитивната литургија и претприемничката култура коегзистираат сите заедно. Нејзините ритуали на припадност остануваат непроменливи (прочистување на местото, квази езотерични формули, размена на крв), но нејзините членови, од друга страна, се многу „модерни“: тие се во првите редови на дигиталната технологија за да се рециклира плодот на нејзините активности на интернет.

Треба да се потенцира и фактот дека во мафијашката култура, затворот игра централна и стратешка улога. Како место на тестирање, затворот е исто така и место на учење со примена на pugnali, cuteddi e bastuni („тупаници, ножеви и стапови“), и место каде што се добиваат титулите што ќе овозможат освојување на хиерархијата во командата. Зборот „Ndrangheta“ (или „Ndranghita“) се однесува на грчките зборови aner agathόs: организацијата се доживува како асоцијација на „совршени мажи“, кои ја покриваат територијата на ндрине („клановите“ или „семејствата“). Но, целиот парадокс на калабриската организација, обвинета за мачо култура дури и во нејзиното име, е дека симболичната фигура на мајката, фактор во кохезијата на семејството, кланот, т.е. ндрина, игра централна улога во сето ова. Шефот на кланот се нарекува „il mamma santissima“,  „најсветата мајка“, т.е. оној што ја држи групата заедно. За разлика од Коза Ностра или Камора, не е случајно што Ндрангета дава многу малку „соработници на правдата“ или покајници. Дополнително, празнејќи ги градовите и селата од голем дел од нивната машка компонента, последователните миграциски бранови од Југот – поважни во Калабрија – всушност, им дадоа на жените моќ да организираат социјален простор, во двоен недостаток на татковците и на државата. Ова е клуч за разбирање на длабочината на закотвувањето на Ндрангета и заплеткувањето во нејзините последици.

Разбирањето на оваа реалност подразбира ослободување од стереотипните, редуктивни слики: мафијата е кривично дело и за неа има потреба само од механизми и дејствија од полициска и судска природа; мафијата е феномен потполно туѓ на волјата на масите, затоа што луѓето инхерентно се добри, според одреден неоромантизам што не и помага на критичката смисла; мафијата е болест, т.е. една фатална, па ништо не може да се стори во врска со тоа, итн.

Ќе се дојде ли до крајот на ова? Вистинското прашање не е дали мафијата на крајот ќе исчезне, бидејќи, како што рече судијата Фалконе во сега познатата изјава: „Мафијата е човечки феномен; како и сите човечки феномени, тој има почеток, еволуција и, следствено, ќе има и свој крај“. Но кога, и како? Навистина би било илузорно да се замисли нејзиното исчезнување преку судења и спектакуларни апсења, колку и да се потребни и корисни како такви. Судијата Фалконе повторно има кажано: Ако сакаме ефикасно да се бориме против неа, не смееме да ја претвориме во чудовиште. Таа не е ниту октопод, ниту рак. Сепак, мора да признаеме дека таа личи на нас.“ Борбата е главно да се спречи нејзиното заземање на територија. Во оваа перспектива, образованието може да има клучна улога, училиштето претставува идеално место за организирање на еден ваков „отпор“. Според обвинителот Гратери, тука се работи, најпрвин, да се вкотви „желбата“ да не се стане член на мафијата, и да се поврзуваат „вредностите“ на мафијата со апсолутна негативност. „Ако младите почнат да ги негираат своите вредности, семоќната и мистериозна мафија би исчезнала како еден лош сон“, има изјавено Паоло Борселино, уште еден сицилијански судија убиен од мафијата во 1992 г. Ова очигледно имплицира силна и непогрешлива држава, држава-заштитник, која е поблиску до самите граѓани – бидејќи не треба да се заборави на самиот факт дека мафијата им помага и ги поддржува, вклучително и финансиски, семејствата на нејзините членови кои се затворени или се во тешка состојба. Со стапка на невработеност дури од 20,1% во регионот на Калабрија (а само 9,2% во Италија), задачата пренесена на државата се чини многу голема и претешка.

„Како можеме да се бориме против мафијата, според вас?“, го прашал Саверио Страти еден студент. На ова, калабрискиот писател одговорил: „Сакам да направам опсервација што ме засега и мене. Верувам дека ние, луѓето од Југот, сите имаме мафијашки менталитет, затоа што секој од нас се грижи само за своите мали работи, за своето племе, за своето семејство. Секој од нас, кога ќе побара нешто – од институција, трговец – сака веднаш да биде услужен. Сè уште не научивме трпеливо да чекаме во редици. Да се интегрираме во оваа едноставна цивилна и граѓанска практика. Ова може да изгледа само како еден детаљ, нели, но, сè додека не можеме да чекаме трпеливо во редици, мафијата ќе просперира како таква.

 

Преведено од: Дарко Путилов


Фусноти:

  1.  Giuseppe Pitrè, La Mafia e l’Omertà, Edizioni Brancato, Катанија, 2007.
  2.  Leonardo Sciascia, Le Jour de la chouette, Flammarion, coll. « GF », Париз, 2015.
  3.  Pino Arlacchi, La Mafia imprenditrice. L’etica mafiosa e lo spirito del capitalismo, Il Mulino contemporanea, Болоња, 1983.
  4.  Група автори, Le Ragioni della Mafia. Studi e ricerche di « Quaderni calabresi », Jaca Book, Милано, 1983.
  5.  Sur les rites d’initiation, cf. Enzo Ciconte, Storia criminale. La resistibile ascesa di Mafia, ‘Ndrangheta e Camorra dall’Ottocento ai giorni nostri, Rubbettino, Soveria Mannelli (Катанцаро), 2008.
  6. Види: Nicola Gratteri et Antonio Nicaso, Fratelli di sangue. La ‘Ndrangheta tra arretratezza e modernità : da Mafia agro-pastorale a holding del crimine, Luigi Pellegrini Editore, Козенца, 2006.
  7.  Национален институт за статистика (ИСТАТ), Рим, 2020.
  8.  Група автори, Strati a Petilia, Stampa Due L, Мезорака, 2014.

Поврзани текстови

Кошничка

Cart is empty

Вкупно
ден0.00
0
LeMonde Diplomatique - македон

FREE
VIEW