Единствената директна воена конфронтација меѓу американски и руски војници датира повеќе од еден век, на крајот од Првата светска војна. Заврши со пораз на САД. Илјадници американски војници беа испратени во Русија, таму да ги заштитат воените магацини од германски напад. Но, кога пристигнаа, таа војна веќе беше завршена. Друга требаше да започне. Сега, против болшевиците.
Во февруари 1919 година, американските војници не можеа да издржат повеќе. Американските војници во четата Б мислеа дека ќе се борат против Германците, ама на Западниот фронт во Првата светска војна. Но, три месеци по 11 ноември 1918 година и потпишувањето на примирјето што стави крај на Првата светска војна, овие војници сè уште се соочуваат, но сега со болшевичките револуционери на рускиот замрзнат Далечен север. Десетици нивни другари починаа од треска за време на долгиот премин со брод на Атлантикот, но кон руското северно пристаниште Архангелск. Други загинаа во борбите против непријателот, на кого локалното население им го сподели своето знаење за патеките и селата зафрлени низ замрзнатите и калливи мочуришта и боровите шуми. Американските војници претрпеа големи загуби. Но, нивната влада ги доведе во заблуда, нивните офицери ги измамија, а нивните сојузници дури и ги злоупотребија. Дури, овие американски трупи беа многу послабо вооружени од нивните противници во една војна која и формално беше завршена.
Нивното незадоволство избива на ден на достава на храната и горивото. Додека се редат да ја чекаат својата храна, војниците во четата Б разбираат дека залихите на храната нема да бидат доволни за да се одржат до следното снабдување. „Ајде другари, прекинете со секаков проклет муабет, и да сториме нешто“, започнува редовот по име Бил Хенкелман. Заедно со тројца свои другари, тој изготвува ултиматум и го упатува директно на командантот на полкот: ако не се демобилизирани до 15 март 1919 година, тие „ќе одбијат категорично да одат напред“ против непријателот. Војникот Хенкелман, кој пред војната ги фарбал каросериите на автомобилите во една голема фабрика за автомобили во Детроит, ги предупредува другите: тој ќе ги премине линиите на непријателот сам, ќе вее бело знаме и ќе ги покани болшевиците на една проштална забава. Потоа, ќе го напушти бојното поле заедно со другите заговорници.
Четири дена подоцна, офицерите дознале за заговорот. Војникот Хенкелман е изведен на воен суд за предавство, дезертерство и бунт – кривични дела што се казнуваат со смрт. За време на судењето, тој ја искинува кошулата од униформата: „Погледнете ги овие вошки и нечистотија, кал,“ ја започнува својата одбрана и им ги покажува градите на судиите. „Никој од вас не страда од вошки или глад.“
Вашингтон и Москва биле сојузници во вистински војни и противници во т.н. студена војна. Но, единствената директна воена конфронтација меѓу двете земји се случи пред еден век, за време на оваа кампања во Архангелск. Оваа трагична епизода во американската историја, сепак, скоро и да исчезна од колективната меморија на оваа земја.
На почетокот на Првата светска војна, царска Русија се бореше против Германија и нејзините сојузници заедно со Франција, Велика Британија и подоцна САД. Но, потоа, Октомвриската револуција стави крај на овој сојуз. На 3 март 1918 година, новата болшевичка влада го потпишува мировниот договор од Брест-Литовск со царска Германија. Договорот ќе му овозможи на Берлин да ги концентрира своите сили на западниот фронт, а Црвената армија да ги зачува своите сили за одбрана на револуцијата против белите Руси, приврзаници на соборениот царски режим, кои имаат корист од британската и француската поддршка. Додавајќи на нестабилноста, тогашниот американски претседател Вудроу Вилсон решава да испрати, до почетокот на есента 1918 година, околу 5.300 американски војници во северна Русија. Наредбите што ги добиваат се непрецизни и контрадикторни.
339-тиот американски пешадиски полк го носи прекарот „Момчињата од Детроит“. Повеќето од неговите 3.800 авто-работници, заедно со даночни адвокати, земјоделски надничари, трговци и други регрути, се од сојузната држава Мичиген. По околу еден месец основна обука за пешадија во базата Камп Кастер, во градот Бетл Крик, регрутите се испратени во Њујорк, од каде тргнуваат во јули 1918 година за Велика Британија.
Овие американски војници мислат дека одат на Западниот фронт, една серија на ровови и бодликава жица што се протега на 720 километри помеѓу Швајцарија и Северното Море. Но, се појавуваат гласини за други воени дестинации. Редовот Валтер Мекензи, кој се сомнева дека неговата пошта ќе биде цензурирана, и напишал на својата девојка дека ќе употреби код за да и каже каде е: А би значело Белгија; Б, Англија; Е, Русија. Ја замолил да го научи кодот и да ја уништи писмото, но таа го зачувала истото.
Бродовите од САД пристигнуваат на 4 август 1918 година во англиското пристаниште Ливерпул. Две недели подоцна, во недела на 18 август, Мекензи беше пред заминување во црква кога командантите им наредија на војниците да се редат за дистрибуција на облека. Војниците добиваат дебели волнени алишта, долги волнени ракавици и дебели кожни ракавици без прсти. „Сè уште не сме сигурни во нашата крајна дестинација“, војникот Мекензи и пишува на својата мајка, „но се сомневам дека е сончевата Италија.“ Една недела подоцна, од друго англиско пристаниште – Њукасл, полкот, придружуван од инженерски и медицински чети, тргнува, со три пароброди, за патување, од 8 дена, до пристаништето Архангелск.
По неколку дена пловење, војниците покажуваат симптоми на шпанскиот грип, пандемија која усмрти помеѓу 20 и 40 милиони луѓе во светот во 1918-1919 година. Треската многу брзо го инфицира екипажот; лекарите се преморени и пренатрупани со итни пациенти, а лекови немаат. Додека бродовите се приближуваат до Арктичкиот круг, истите минуваат блиску до поларни мечки и ридови прекриени со огромен снег, а потоа влегуваат во теснецот на Белото Море пред да влезат во устието на руската река Северна Двина.
Во мрачното попладне, на 4 септември 1918 година, американските трупи се искрцуваат во Архангелск, северно руско пристаниште со гнасни докови и калливи улици, во кои доминира катедралата со купола украсена со златни ѕвезди на сина позадина. Градот беше освоен од болшевиците еден месец порано, во операција предводена од Французите, Британците и белите Руси. Додека преминуваат преку патеката, американските војници ги пречекува маршот од воениот оркестар на американскиот воен брод, УСС Олимпија, кој ја изведува борбената песна на Универзитетот во Мичиген, Победниците :
„Добредојде на храбрите победници
Добредојде на хероите-освојувачи
Добредојдовте во Мичиген“
Толпа гладни Руси брзаат да се фрлат во кантите за отпадоци на бродот во потрага по преостаната храна. „Ова навистина е најпустото место на Земјата“, пишува во својот дневник поручникот Чарлс Рајан, сметководител по професија. „Никогаш порано немав почувствувано таков асортиман на лоши мириси. Луѓето се валкани и се чини дека гладуваат до смрт.“ За само две недели, скоро четириесет војници починаа од епидемијата на шпанскиот грип. „Изгубивме многу војници, од кои некои беа и добри пријатели“, продолжува поручникот во писмото.
Додека испраќал сили во Архангелск, претседателот Вилсон испратил друг американски контингент во Сибир, на 5.600 километри источно. Неговата мисија е да обезбеди и спаси 40.000 чешки војници заглавени во Сибир кои застанале на страната на сојузниците и се обидуваат да побегнат од Русија. Намерата доделена на кампањата во Архангелск е помалку јасна. По пристигнувањето во Русија, војниците од 339-тиот полкот верувале дека ќе ги заштитат воените магацини од германските напади. Владата на Вилсон јасно истакна дека САД нема да интервенираат во руската граѓанска војна, што само би „додало на конфузијата што владее во Русија, наместо да се среди ситуацијата“. Но, Вилсон ги стави американските трупи под британска команда. Сепак, британските команданти имаат и други идеи: имаат намера да ги испратат британските, американските и француските сили на југ, така што тие ќе обидат да се спојат со чешките трупи и да ја соборат руската црвена револуција. Понатаму, веднаш штом полкот се искрцал на доковите на Архангелск, британскиот генерал Фредерик Пул, кој командувал со копнените трупи, повикал два американски баталјона како засилување против болшевиците. Војниците биле испратени на фронтот толку брзо што немале ни време да ја извадат својата зимска опрема од складот на бродот. Своите волнени палта ќе ги добијат дури по првите снегови во октомври.
Првиот баталјон минува повеќе од 480 километри долж Северна Двина во југо-источна насока. Истиот им се придружува на британските трупи во неуспешниот напад врз градот Котлас. Другиот баталјон е пренесен со товарни вагони до Вологда, стратешка транспортна точка на околу 450 километри јужно од Архангелск, која Британците залудно се обидуваат да ја заземат. Оваа операција е вон насоките дадени од претседателот Вилсон, но командантот на 339-тиот полк се покоруваше на наредбите од британскиот генерал, сепак без реакција на САД. Неколку дена по нивното пристигнување, овие неискусни Американци се соочуваат со болшевичките трупи опремени со авиони и артилериска опрема. Војниците на четата за митралези поминаа една недела потонати во мочуриштата до колена, наидувајќи на оган во мугрите. Оваа прва битка против „болосите“, како што го нарекоа непријателот, остави еден мртов и тројца ранети, додека петтиот ја загуби главата како резултат на бомбардирањата. Еден од баталјоните на овој деташиран американски полк останува во заднината на фронтот, во Архангелск. Војниците ја користат можноста да гледаат филмови со Чарли Чаплин и да танцуваат со медицинските сестри на Црвениот крст.
Два месеци по пристигнувањето на американскиот полк во Русија, примирјето потпишано во вагон паркиран во француската шума Компјењ, стави крај на воените дејствија во Европа. Оружјето замолкна скоро веднаш на Западниот фронт. “Изгледа како (…) можноста за враќање да станува појасна”, ѝ пишува спомнатиот Мекензи на својата мајка, ден по потпишувањето на примирјето. Но, војниците од овој полк брзо дознаваат дека војната продолжува за нив. „Не разбирам зошто сме сè уште тука, бидејќи војната беше против Германија, а не против Русија, колку што знам“, и пишува наредникот Карлтон Фостер на својата мајка две недели по примирјето. „Ако овие луѓе сакаат да се борат едни со други, тоа не е наша работа.“ Американските офицери се мачат да објаснат за што станува збор. Полковникот Џејмс Раглс, воен аташе во Архангелск, го информирал штабот за нередот во трупите. Генералот Џон Першинг, кој командува со американските трупи ангажирани во војната, е информиран.
Декември доаѓа. Деновите во Архангелск траат само четири часа и температурите може да се спуштат и до – 40 степени. Соодветно, војниците не се во состојба, да останат на должност повеќе од петнаесет минути во една смена. Гледајќи голем број американски теренски единици под директна команда на британски офицери, американските војници се чувствуваат дека „се користат за задоволување на себичните цели на Англија на самата руска територија“, според зборовите на спомнатиот полковник Раглс. Во Ливерпул, американските цензори одговорни за испитување на поштата што војниците ја испраќале до своите роднини, се пожалиле во телеграмата упатена до Архангелск на антибританските коментари. Нивниот тон „не доликува на војник“, велат тие во телеграмата. „САД немаат идеја што се случува“, подвлекува наредникот Томас Ф. Моран во писмото што е прегледано од цензорите, „затоа што, ако беше така, тие ќе нè извадеа од таму без никакво двоумење. Ние се бориме за англиски интереси, жртвувајќи крв и животи на добри Американци во име на кауза што нашата влада секако не ја разбира.“
Болшевиците охрабруваат такво разидување. Поручникот Бредли Тејлор раскажува во писмо од декември 1918 година како болшевиците им викаат гласно на своите противници на фронтот: „Млади Американци, зошто се борите? Зошто ползете низ мочуриштата додека Британците седат одзади, топли во своите бараки?“ Писмото ќе биде прегледано и нема да стигне до неговото семејство во САД. Издание на болшевичкиот пропаганден весник Повикот, со своето мото „Работници од сите земји, обединете се“, циркулира во рамките на трупите на САД. „Со вашите моќни раце срушете го трулиот систем на вашата капиталистичка држава!“, повикуваат флаерите расфрлани по должината на фронтот. „Барајте веднаш да бидете испратени дома.“ Потоа офицерите се обидуваат да го зголемат моралот на американските трупи. На Божиќ, секој војник на четата К добива 50 центи за да купи пудинг од рибизла и други продукти во британската кантина во Архангелск. Црвениот крст на сите им дава пар чорапи, од кои едниот е исполнет со суво грозје, урми, слатки, и цигари.
На 19 јануари 1919 година, болшевиците започнуваат решавачка офанзива. Американците, кои честопати мораа да се справат со слабо обучени руски регрути, сега се најдоа нападнати од искусни трупи, со околу 4.000 војници. Селото на реката Вага, каде што го поставиле својот камп, било гранатирано три дена од руски артилериски и митралески оган. Американците морале да бегаат и да поминат осумдесет километри по снег со 700 цивили кои ги придружуваат во нивното повлекување. За време на оваа операција, 29 Американци умираат, 58 се повредени, а 19 исчезнуваат. „Се проценува дека повеќето од исчезнатите се повредени и веројатно замрзнале до смрт“, известува командантот на полкот до штабот. Полковник Раглс смета дека ситуацијата околу Архангелск е критична. „Премалку Американци се расфрлани на преголем фронт, соочени со непријател супериорен по бројност и оружје и со подобар морал.“
Во САД, воинствениот ентузијазам опаѓа бидејќи се шират лоши вести од настаните на фронтот и ужасните приказни директно кажани од ранетите кои се враќаат дома. Затоа, во февруари 1919 година, илјадници роднини на војниците поднесуваат барање до Конгресот за итно повлекување од Русија – или пак, поголемо засилување и доста храна. Иако се заколнаа во својата „непоколеблива лојалност“ кон САД, семејствата се жалат дека трупите „не само што минуваат низ неверојатни тешкотии, туку се и во голема опасност“. Командантот на 339-тиот полк, полковник Џорџ Стјуарт, добива толку многу писма од родители кои сакаат да дознаат дали нивниот син е сè уште жив, што овој потоп, пишува тој, „се меша во мојата мисија“. Тој го повикува американскиот генералштаб да ги извести весниците во Детроит и Чикаго дека ситуацијата во Архангелск е под контрола.
Руската бела армијата прва се побунила таа зима. На 11 декември 1918 година, две чети од полкот во Архангелск одбиваат да одат на фронт. Бунтовниците се забарикадирале во касарната Александар Невски и пукале кон лојалните бели трупи кои дошле да ги растурат. Повикани да го запрат бунтот, Американците пукаат со митралези низ прозорците. Бунтовниците на крајот се предаваат со бело знаме. Потоа, рускиот командант им наредува на побунетите војници јавно да ги кажат поттикнувачите на бунтот, инаку секој десетти војник ќе биде погубен на лице место. Тринаесет војници се редат покрај ѕидот и се стрелани.
На 1 март, на ред е втората француска чета да ја одбие поддршката за американските трупи долж линијата Архангелск-Вологда. Французите конечно се согласуваат да напредуваат, но само до една позиција зад фронтот, каде се опиваат. Набргу потоа, тие престануваат да се борат. Истиот месец, одред на кралските Шкоти кои патролирале по должината на реката Северна Двина ја игнорирале наредбата да поминат низ голем снег за да го запалат соседното село.
Наскоро, незадоволството се трансформира во недисциплината и кај американските трупи. Војници од четата А тајно се обидуваат да преговараат за посебен мир со советските војници кои се соочуваат со нив. Еден од нив, очигледно син на руски или словенски имигранти, подготвил нацрт-примирје на груб руски јазик на хартија на католичката организација Витези на Колумбо, украсена со американско знаме. Овој американски војник таму се пожалил на измамата од британските офицери и отсуството на нивни луѓе на фронтот. „Ние се бориме против вас, само да останеме живи. Ние ја поддржуваме вашата желба да го соборите царизмот и подготвени сме да ви помогнеме бидејќи тоа е за доброто на работните луѓе.“ Белешката, потпишана од „Војниците на САД“, прецизира понатаму: „Ние нема да ве нападнеме, драги другари, и ако се воздржите два и пол месеци, сите ќе ја напуштиме Русија.“ Не е познато дали пораката е пренесена.
Иако има и извештаи од офицери кои ја разубавуваат ситуацијата, капетанот Јуџин Принс, одговорен за воено разузнавачко информирање на американскиот воен аташе во Архангелск, пишува остро еден извештај за падот на моралот кај американските трупи. Револтот на четата Б, започнат од Хенкелман, избувна неколку недели покасно. Повеќе од 60 војници го потпишуваат ултиматумот што тој го напишал. Документот всушност има за цел првично да го процени бројот на војници подготвени за непослушност кон своите офицери. Откако ќе бидат информирани за бројот на војниците на кои можат да сметаат, бунтовниците планираат да ги разоружаат своите офицери, да ја преземат контролата врз четата и да го напуштат фронтот.
На еден од бунтовниците, наредникот Силвер Париш, не му е јасно зошто, со завршувањето на војната против Германија, тој и неговите пријатели сега се борат против младите Руси кои се извадени како него од рудниците за јаглен и фабриките. „Повеќето луѓе овде имаат симпатии за болшевиците и не ги обвинувам“, пишува во својот дневник. Неколку месеци порано, на неговиот вод му беше наредено да запали село во кое се криеја непријателски снајперисти. Локалните жени паднале на колена, држејќи се за нозете на наредникот за да побараат милост. Залудно: војниците ги запалија куќите. „Наредби се наредби“, Париш запишува во својот дневник. Но, на крајот на февруари, му прекипи. „Овој живот е само сукцесија на несреќи“, воздивнува во својот дневник. Командантите, надевајќи се дека ќе ја пресечат непослушноста во корен, ја повлекуваат четата Б од фронтот, но без да ги казнат бунтовниците. За возврат, војникот Хенкелман ветува дека ќе го искористи своето влијание за смирување на непослушноста.
Утрото на 30 март 1919 година, четата И се одмарала во позадина на фронтот, во логор во предградието на Архангелск. Во касарната, војниците се собираат околу шпоретот. Чувството на неправда кај некои прави ехо од поплаки на други; гневот се разбранува. Издржале дожд, град, снег, оделе низ мочуришта, потоци, изгубиле другари во борба. Некои од нив добиле статија од САД каде се вели дека еден сенатор ги изразува своите сомнежи за основаноста на нивното присуство во Русија.
Главниот наредник го избрал овој несоодветен момент да даде наредба да се натоварат санките и да се вратат на фронтот. Војниците одбиваат да излезат од своите касарни и се закануваат со бунт доколку Вашингтон не постави датум за повлекување. Информиран за востанието, полковникот потоа ги собрал војниците и ги потсетил дека бунтот се казнува со смрт. „Зошто се бориме сега во Русија?“, го прашале војниците. Нивниот командант признава дека ова го игнорирал, но додава: „Како и да е, сега имаме добра причина да се бориме. Ако не се бориме, сите ќе бидеме збришани.“ Потоа, полковникот им наредува на оние што упорно сакаат да не се покоруваат, да се издвојат. Никој не се издвоил. Меѓутоа, војниците добиваат ослободување на бунтовен другар претходно затворен, пред да се договорат да се вратат на фронтот. Тие неволно ги натовараат санките и ја преминуваат замрзнатата река Северна Двина за да се качат на возот што ги враќа под болшевички артилериски оган.
Воените цензори не успеваат да ги прикријат вестите за бунтот. „Немирите во Русија го алармираат Вашингтон. Немирот во 339-тиот пешадиски полк сега преминува во отворена закана. Кога ќе се вратиме? Војниците сакаат да знаат”, голем сензационален наслов во весникот Гранд рапидс хералд. За американскиот претседател Вилсон, ситуацијата веќе станува неодржлива. Во март, во Париз се сретнува со бригадниот генерал Вајлдс Ричардсон, новоименуваниот командант одговорен за северна Русија. И му наредува да ги врати војниците од Архангелск веднаш штом ќе се стопи мразот во Белото Море. Војниците ги дознаваат вестите на 8 април 1919 година, лично од полковникот Стјуарт, кој ги потсети и дека ќе треба да се борат до самиот крај.
На крајот на јуни, најголемиот дел од американските трупи ја напуштија руската територија. Вкупно 6.083 американски војници биле распоредени на Далечниот север. Од нив, 144 загинале во борба или како резултат на раните; 100 други починале од болест, несреќен случај или извршиле самоубиство; 305 преживеале истрели, шрапнели или други рани. Армијата вратила 120 тела следната есен. Кога пристигнувале во Детроит, ѕвончето за мртвите одекнувало во тишината на улиците. Теодор МекФејл, чиј брат служел во Русија, гледа како минува поворката. „Размислував за глупата експедиција за која починаа овие несреќници и за мрачниот регион каде што ги загубија своите животи“, тој ќе се присети. Британските сили го завршиле своето повлекување од Архангелск на крајот на септември 1919 година. Болшевиците го зеле градот од рацете на последните членови на белата руска војска во февруари 1920 година. Американската експедиција на Сибир конечно завршила во 1920 година.
Ова понижувачко повлекување доведува до потрага по одговорните за ваквото воено фијаско. Закопан во националните архиви, еден воен извештај се осврнува на расплетот на оваа непријавена војна во рамките на формалната војна. Капетанот Хју С. Мартин му се обраќа на американскиот воен аташе во Архангелск за ова: „Всушност, ние водевме војна против болшевизмот. Сите го знаеја тоа. Сепак, ниту една сојузничка влада никогаш не признала дека нејзината интервенција ја имала оваа политичка цел. (…) За еден ден, еден војник можеше да слушне неколку контрадикторни одговори на прашањата што си ги поставил: зошто бил повикан да се бори тука по завршувањето на непријателствата на Западниот фронт? (…) Зошто водевме војна со болшевиците? Зошто не ја пуштиме Русија самата да се грижи за своите работи?…“
Преведено од: Дарко Путилов