Расата не е дел од човечката биологија (за разлика од дишењето или сексуалната репродукција); ниту пак е идеја (како вредноста на знакот π) што би можела да води свој самостален живот. Наместо тоа, расата претставува идеологија, која се јавува во даден историски момент, поради објасниви причини. Затоа се развива од истите причини.
Тогашната британска колонија Вирџинија од 17. век нуди добра почетна точка за презентирање на оваа сторија, како и сторијата за општеството на сопственици на плантажи во британската Северна Америка. Колонијата, која на почетокот се закануваше да пропадне, ја откри својата силна страна од 1620-тите: одгледувањето тутун. Идните САД тогаш ќе ја доживеат својата прва општествена експанзија, потпирајќи се првенствено на рацете на „англиските договорни слуги“,[i] наместо на рацете на африканските робови. Овие „слободнородени“ Англичани можеа да се купат и продаваат како добиток, да бидат киднапирани, украдени, дури и прокоцкани во игри со карти. Алчните земјопоседници им ја ускратувале храната и им ги одземале надоместоците за нивната слобода, па дури и самата слобода, по годините на нивната договорна служба како лични слуги. Слугите биле тепани, осакатувани, дури и често убивани неказнето. За искажување мислења неповолни за кралскиот гувернер и управниот совет на британската кралска колонија Вирџинија, на еден маж му ги скршиле двете раце и му го прободеле јазикот со шило, додека на друг му го скинале увото и бил принуден да отслужи втор седумгодишен договор како личен слуга на локален земјопоседник.
Вирџинија тогаш изгледаше како претпријатие кое создава профит и не би било можно да се профитира од одгледувањето тутун со демократски методи. Само оние кои можеле да принудат голем број луѓе да работат за нив, успеале да се збогатат за време на тутунскиот бум. Ниту нивната бела кожа, ниту нивниот статус на поданици на британската монархија не ги заштитиле слугите од бруталност и експлоатација на богатите плантажери и земјопоседници. Единствената деградација што ја избегнале било вечното ропство за нив и нивните потомци, како судбината на африканските црнци.
Историчарите понекогаш тврдат дека причината поради која овие договорни слуги не ја доживеале истата судбина како африканските црнци е тоа што Европејците се воздржувале кога станува збор за угнетувањето на луѓето од нивната боја на кожата. Но, во реалноста тие веруваат во такви басни, само затоа што и самите се потопени во мрачната атмосфера на расата. Само во светлината на денот, тие и ги гледаат работите подобро. Тие тогаш сфаќаат дека Грците и Римјаните поробувале и луѓе од нивната боја на кожата. Дека Европејците држеле и други Европејци во ропство или во некаква зависност, и дека во тудорската Англија, законот предвидувал ропство на скитниците како нивна казна. Тие, исто така, сфатиле дека Англичаните не избегнувале никаква бруталност кога станува збор за присилување на таканаречениот ирски дивјак на послушност, и покрај неговата совршена белина на кожата. Оливер Кромвел ги продал преживеаните лица од масакрот во Дрогеда како робови на карипскиот остров Барбадос[ii] и, на островите Западни Инди во Карибите, неговите агенти ги продавале на аукција дури и заробените ирски деца. Од Петерло до Сантијаго де Чиле, од Квангжу во Јужна Кореја до плоштадот Тјан Анмен во Пекинг и најсиромашните предградија наречени бариоси во Сан Салвадор, човештвото постојано повторно открива дека заедничката боја на кожата или националноста не е автоматска бариера против угнетувањето. На крајот, единственото нешто што го кочи е различниот степен на отпор што го добива.
Отпорот е исто така историски резултат на борбата што можеби се случила долго пред да биде вметната како дел од обичај или формализирана со закон. Слободите на Англичаните од пониската класа и нешто помалите слободи на Англичанките од истата пониска класа не биле дарови од англиското благородништво, дадени поради грижа за лица од нивната боја на кожа или националност. Тие претставуваат резултат на вековните секојдневни борби, водени на отворено или илегално, со или без оружје, со или без насилство, за да се постават граници. Како во еден постојан боксерски меч, секое ново зголемување на слободата, што пониските класи го земале здраво за готово, претставувало привремен резултат од претходната рунда и дозволувало да се постави тежината на противниците во следната рунда.
Во рундата што се одржала во раната колонијална Вирџинија, слугите изгубиле голем дел од она што им било отстапено на нивните англиски колеги во контекст на лично достоинство, благосостојба и удобност. Сепак, не сето од тоа. Масовното сведување на слугите на ранг на робови би ја подигнало постојаната борба до запалување, како еден опасен потфат, имајќи предвид дека слугите биле добро вооружени, биле побројни од нивните господари на плантажите, додека војната, што неизбежно би следела, би им дала на Индијанците голема превласт над нивните бели непријатели. Покрај тоа, вестите за ропството на имигрантите на крајот ќе стигнале до Англија, што можело и да доведе до престанок на понатамошната имиграција во британската Северна Америка. Дури и најлакомиот и најнемудриот профитер можел да ја предвиди катастрофата што би ја донела таквата политика на угнетување во Новиот Свет. Со оглед на брзината со која луѓето умирале во колонијата Вирџинија, работата за време на животниот век на повеќето робови веројатно би траела помалку од седумгодишниот период предвиден за вакво договорно ропство (помеѓу 1625 и 1640 година, бројот на жители пораснал од околу илјада и триста само на околу седум или осум илјади, и покрај пристигнувањето на петнаесет илјади имигранти од Европа).
Излишно е да се рече, дека лошиот публицитет имал помала веројатност да ја пресуши присилната имиграција отколку доброволната имиграција. Уште поважно: Африканците и Афро-Карибијците не биле дел од долгата историја на преговори и оспорувања преку кои Англичаните од пониската класа ги формирале своите односи со повисоките класи. Затоа, обичаите и законите, кои биле резултат на таквата историја, не важеле и за нив. Со други зборови, кога англиските слуги влегле во рингот во Вирџинија, тие не биле сами. Нив ги придружувале сите генерации што им претходеле во борбата за своите права; модалитетите и условите на борбата на моментот се засновале на резултатите од минатите борби.
Сами во рингот беа влегле Африканците и Афро-Карибијците. Затоа беше полесно да се примени вечното ропство за нив и за нивните потомци отколку за англиските договорни слуги. Слободните британски поданици во Вирџинија можеа да ги купат веќе поробени и подготвени за употреба; и тоа го правеа на почетокот на трговијата со робови. Дури многу подоцна, сето ова стана прашање на она што сега се нарекува „раса“. И покрај спорадичното присуство на африкански робови уште во 1619 година, законот не го ратификувал условот за вечно ропство до 1661 година. Всушност, помеѓу 1619 и 1661 година, африканските робови уживале права што дури ни слободните црнци во 19. век не можеле да ги бараат во САД.
По ова прашање, едноставно практиката одлучувала. Пред самото ропство да стане систематско, немало потреба од систематски закон со кој би се регулирала оваа материја. И ропството не можело да стане систематско сè додека африканскиот доживотен роб чинел двапати повеќе од англискиот договорен слуга изнајмуван за пет години, а и постоел голем ризик да умре пред да поминат тие пет години. Ништо не требало да се промени во ова морбидно сметководство до 1660-тите, освен што дотогаш веќе и другите работи се промениле како такви. Цената на тутунот од плантажите беше паднала, а исто така беше паднал и бројот на англиските договорни слуги кои емигрираат во Америка. Животниот век на Афроамериканците станал доволно долг за да биде профитабилно да ги претворат во доживотни робови, а животниот век на Евро-Американците станал доволно долг за да им овозможи да бараат и слобода и погодностите кои произлегуваат од таквата слобода, вклучително и парче земја на кое имаат право на крајот на нивното службување како договорен слуга.
Овој последен аспект требало да ги поттикне оние, чие богатство се засновало на работата на договорните слуги, да преземат контрамерки. Една од нив била да се заземе целата расположлива земја на океанскиот брег, оставајќи им на ослободените слуги да немаат друг избор освен да ја изнајмат од велепоседниците на земјиштето (и на тој начин да продолжат да работат за нивно збогатување), или да се населат во далечните западни погранични региони, далеку од било каков превоз и изложени на репресалиите на гневните Индијанци, кои, се разбира, негодувале на ова ново посегнување од страна на колонизаторите, кои веќе ги истерале од брегот. Во 1670-тите, водачите на британската колонија Вирџинија биле соочени со потенцијално сериозен проблем: голема локална класа на млади (бели) ослободени мажи, без земја и жени, незадоволни и уште добро вооружени. Тогаш избувнале и немирите. Во 1676 година, голем број од истите тие ослободени, на кои им се придружиле и слугите и робовите, го организирале дотогаш најголемиот народен бунт во колонијалната Америка; прво го ограбиле имотот на богатите, па го запалиле главниот град и го натерале кралскиот гувернер и неговите поданици привремено да се сокријат во источниот дел на Вирџинија. Бунтот завршил ненадејно, без да се постигнат – па дури и да се обидат да се постигнат или предложат – какви било промени во постоечкиот систем на моќ и власт. Она што го направи беше да предизвика сомнеж и страв во главите на богатите и моќните за растечката бела долна класа. Постојано зголемениот увоз на африкански робови овозможил да се гарантираат потребите на плантажите за работна сила без да се засили експлозивниот гнев на вооружените сиромашни бели Англичани, фрустрирани поради тоа што биле лишени од нивните англиски граѓански права и имале материјални и политички средства да се слушне нивната огорченост.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
[i] Англиските идни договорни слуги доаѓале од Британија и се согласувале, под личен писмен договор, да работат во Вирџинија за сопственик на поголемо земјиште ограничен број години (обично пет или седум), а на крајот од една ваква ропска договорна зависност добивале одредена сума пари или парче земја како надомест. (Заб. на уред.)
[ii] Оливер Кромвел ги поразил ројалистите за време на Првата англиска револуција (1642-1651), а потоа заминал да ја освои Ирска во август 1649 година. Во септември, неговите трупи извршиле напад врз ирскиот град Дрогеда, кој одбил да се предаде; потоа, неколку илјади католички жители биле масакрирани. (Заб. на уред.)