На 15 септември 2001 година, додека урнатините на Светскиот трговски центар во Њујорк сè уште димеа од нападот, претседателот Џорџ В. Буш свика еден мал комитет во Кемп Дејвид. Присутни се секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд, број два во Пентагон Пол Волфовиц, советничката за национална безбедност Кондолиза Рајс и генералот Томи Реј Фрeнкс, кој ја предводи Централната команда на САД за Блискиот Исток. Според информациите што протекоа со текот на времето1, дискусиите се фокусираат прво на воениот одговор – со кој ќе командува генералот Френкс – на нападите во Њујорк и Вашингтон. Целта се Ал Каеда и талибанскиот емират. Но, многу брзо, претседателот се присетува на целта за која размислува неговата влада откако ја презеде функцијата во јануари: да го собори Садам Хусеин, ирачкиот диктатор кој владее со својата земја со железна тупаница три децении. Волфовиц се изјасни за истовремен напад врз Авганистан и Ирак, но ова не беше прифатено. Доколку му биде дозволено да формира ќелија за да се подготви за промена на режимот во Багдад, воените дејствија ќе го почекаат фаќањето на Осама Бин Ладен и поразот на Талибанците, кои го засолнуваат лидерот на Ал Каеда и одбиваат да го предадат.
Така се воспоставува двоен механизам за поттикнување на војна. Од една страна, војната во Авганистан, која – емоцијата ја обврзува по нападите на американско тло – ќе предизвика мноштво свечени изјави и ќе има корист од широката медиумска покриеност што ќе ја прикаже како легитимен одговор на нападите, како и поддршка од голем дел од „меѓународната заедница“ и одобрување од Обединетите нации (ОН), а да не зборуваме за многу широка поддршка од западното јавно мислење. Од друга страна, идната инвазија на Ирак, чија подготовка ќе остане, на самиот почеток, многу дискретна. Мотивирани од немилосрдна желба да се случи промена на власта во Багдад, ќе биде многу посложено да се признае, вклучително и на самите Американци.
Зошто, навистина, да се нападне оваа изолирана, осиромашена земја, подложна на сериозно ембарго и која се чини дека не претставува сериозна закана за САД?2 Навистина, Садам Хусеин веќе има нападнато двајца негови соседи, Иран во 1980 година и Кувајт во 1990 година. Ужасно немилосрден кон своите противници, дури и кон својата придружба, тој исто така ги задуши во крв сите бунтови против него, не двоумејќи се да користи дури и хемиско оружје против курдското население во Ирак, особено во 1988 година. Инвазијата на Кувајт го претвори Ирак во парија и предизвика воена интервенција – од јануари до март 1991 година – на Коалицијата предводена од Вашингтон. Но, овој „рeис“ (водач) нема никаква врска со Бин Ладен и Ал Каеда, а камоли со нападите од 11 септември. Неговиот режим, секуларен по природа, во согласност со принципите на секуларизација на владејачката партија Баас, дури го сметаат за безбожен токму и оние што почнуваат да ги нарекуваат џихадисти. Како и да е, американските власти залудно се обидуваат да ја поддржат тезата за негово договарање со небулозната Ал Каеда. Тврдењето дека Мохамед Ата – кој летал со еден од двата авиони што се урнале во Светскиот трговски центар – се сретнал со член на ирачката тајна служба во Прага, е еден од ретките аргументи што Вашингтон може да ги искористи за да го вмеша Ирак.
За да разбереме зошто оваа војна е присутна во американските планови уште од септември 2001 година, мора да се вратиме кон средината на 1990-тите. Во 1997 година, двајца интелектуалци, Вилијам Кристол и Роберт Каган, во Вашингтон го основаат Проектот за новиот американски век (ПНАЦ), тинк-тенк што има намера да го стават во функција, меѓу другото, за зајакнување на американското воено присуство во светот (ќе се распушти во 2006 година). На 26 јануари 1998 година, ПНАЦ испраќа отворено писмо до демократскиот претседател Вилијам Клинтон со кое се осудува „стерилната“ природа на американската политика кон Багдад и со повик за употреба на сила за соборување на Садам Хусеин3. ПНАЦ смета дека е од суштинско значење „да ја завршиме работата од 1991 година“, со други зборови, да се отстрани ирачкиот претседател од власт – што американската армија која го ослободи Кувајт не можеше да го направи, поради недостаток на таква одлука од страна на претседателот Џорџ Буш постариот4. Меѓу потписниците на овој документ, има неколку членови на администрацијата кои ќе заземат позиции на моќ во 2001 година: Рамсфелд и Волфовиц, но и Елиот Абрамс, советник на Белата куќа за Блискиот Исток5; Џон Болтон, државен потсекретар во Стејт департментот за контрола на оружјето; и Ричард Перл, тогашен претседател на Одборот за одбранбена политика, тинк-тенк поврзан со Пентагон.
Овие личности, кои ќе најдат добар слушател за своите ставови кај потпретседателот на Буш, Ричард „Дик“ Чејни, веруваат дека падот на ирачкиот претседател ќе го преобликува Блискиот Исток и ќе воспостави нов демократски поредок загарантиран со американската воена моќ. Тие, исто така, ова го гледаат како гаранција за ослободување на Израел и монархиите од Заливот – сите сојузници на Вашингтон – од една постојана опасност. „Радикалниот и уништувачки удар против Садам Хусеин, проследен со напор спонзориран од САД за обнова на Ирак и ставање на Ирак на патот кон демократска власт, ќе има позитивно сеизмичко влијание врз арапскиот свет“, пишуваат спомнатите Каган и Кристол, само неколку месеци пред нападите6.
Неоконзервативците нема да можат да го убедат тогашниот претседател Клинтон. Меѓутоа, во декември 1998 година, тој наредува бомбардирање на Ирак за да го казни за недостаток на соработка со инспекторите на ОН и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Во текот на неговиот втор мандат, тој обезбедува одржување, па дури и заострување на економските санкции против Багдад. Запрашана во 1996 година за страшната човечка цена на ембаргото за многу прехранбени или фармацевтски производи, сметани за одговорни за смртните случаи7 од повеќе од 500.000 деца во текот на 1990-тите години, Медлин Олбрајт, тогашна амбасадорка на САД во ОН и иден државен секретар на Клинтон (1997-2001), ќе ги изговори овие зборови кои останаа познати: „Мислам дека тоа беше многу тежок избор, но цената… Сметаме дека цената вредеше.“8
Во своите обиди за влијание, неоконзервативците имаат решавачка поддршка од американскиот нафтен сектор, заинтересиран за идна експлоатација на конвенционалните резерви на нафта во Ирак – втор во светот (140 милијарди барели) по оние на Саудиска Арабија (300 милијарди барели). Чејни, нивниот највреден сојузник, најдобро ќе ja симболизира оваа премолчена поддршка. Како директор на нафтената инженерска компанија Халибартон помеѓу 1995 и 2000 година, а потоа и одговорен, како потпретседател, за развојот на американската енергетска политика, тој никогаш нема да престане да го става Ирак во центарот на стратешките и дипломатските приоритети на Белата куќа9.
Во септември 2001 година, неоконзервативците беа на чело. Требаше само да ја елиминираат неподготвеноста на Стејт департментот и на некои високи воени генерали и да ја најдат најдобрата стратегија, со која американската армија бргу би го совладала Ирак, по Авганистан.
Официјалниот наратив затоа постепено ќе ја поврзува судбината на двете земји. Целта е едноставна: гласачот мора да биде убеден во логичен континуитет помеѓу двете интервенции. Талибанците и Ал Каеда? Садам Хусеин е исто толку опасен како и тие. Повоен Авганистан? Ќе биде посветен на „изградбата на демократска власт“, чии лекции ќе бидат многу корисни кога станува збор за изградба на нов Ирак. Покрај тоа, исто како што „Законот за овластување за употреба на воена сила“ ѝ наложува на американската војска да ги лови извршителите на нападите од 11 септември 2001 година, легалниот арсенал наменет за „обнова“ на Авганистан навистина ќе служи за управување со „новиот Ирак“, на пример, преку законските одредби што овозможуваат ангажирање на приватни подизведувачи за безбедносни операции од воен тип.
За да даде кохерентност на својата стратегија, Буш не се плаши да го спомне, уште во јануари 2002 година, сега веќе „Големиот Блиски Исток“. Нескладна и хетерогена географска област која се протега од Мароко до Авганистан, но која Вашингтон ја прикажува како хомогена целина поради нејзината припадност кон муслиманскиот свет, одложувањата на демократизацијата и истрајноста, во рамките на истата, на непријателските тенденции кон САД и Израел.
Дури и ако тезата за соучество на Садам Хусеин со Ал Каеда ја погоди целта кај дел од јавното мислење, владата на Буш брзо сфаќа дека мора да најде поубедливи аргументи. Психозата предизвикана од испраќањето писма со бактериите на антракс до новинарите и политичарите на 18 септември 2001 година, дава кредибилитет на алармантната реторика и предупредувањата за ирачката закана со оружје за масовно уништување. Наративот е едноставен: Садам Хусеин има арсенал способен да уништи дел од планетата и да нанесе многу повеќе апокалиптична штета на САД отколку нападите од 11 септември. Неговото редовно одбивање, од крајот на Првата војна во Заливот, да соработува со инспекторите на ОН и МААЕ, докажува дека неговите програми за оружје продолжуваат тајно.
Тогаш доаѓа моментот кога дотогаш фантомската ирачка опозиција во егзил се појавува на сцената. Предводена од бизнисменот Ахмед Чалаби, осуден во 1992 година за банкарски измами од страна на јорданските судови, оваа опозиција помага да се шират неверојатни лаги за оружјето за масовно уништување и на тој начин станува привилегиран извор на информации за американскиот печат. Чалаби и неговите соработници даваат застрашувачка слика за смртоносните способности на Ирак и ги ветуваат сите работи кои некој сака да ги слушне во Вашингтон: откако ќе бидат на власт, тие ќе воспостават демократска, проамериканска држава, во мир со Израел и непријателски настроени кон иранските хегемонистички амбиции.
Поддржана од речиси сите медиуми, предводени од Њујорк тајмс и Вашингтон пост, инвазијата на Ирак станува општ приоритет. На 29 јануари 2002 година, едвај еден месец по завршувањето на кампањата во Авганистан, Буш одржа говор во кој го обвини режимот на Садам Хусеин дека е дел од „оската на злото“ заедно со режимите на Северна Кореја и Иран. Тој го повикува светот да ја елиминира заканата од ирачкото оружје за масовно уништување. Играта започнува. Помалку од четиринаесет месеци подоцна, американските маринци влегуваат во Багдад, додека Садам Хусеин побегнува (подоцна, фатен e во декември 2003 година и обесен во 2006 година). Неоконзервативците ја добија играта.
Преведено од: Дарко Путилов
Фусноти:
- Прочитајте: Philip S. Golub, « Comment s’est décidée l’offensive contre Bagdad »; во: « L’Empire contre l’Irak », Manière de voir, n° 67, јануари-февруари 2003 година. Видете исто така: J. Kael Weston, The Mirror Test: America at War in Iraq and Afghanistan, Vintage Books, New York, 2017 (1st ed.: 2016); и: Ron Suskind, The Way of the World: A Story of Truth and Hope in an Age of Extremism, Harper, New York, 2008.
- Прочитајте: Alain Gresh, « Muette agonie de l’Irak », Le Monde diplomatique, јули 1999 година.
- “Blast from the past : PNAC’s 1998 letter to Clinton”, Daily Kos, 28 јануари 2008 година, www.dailykos.com
- Сп. Micah L. Sifry and Christopher Cerf, The Gulf War Reader: History, Documents, Opinions, Times Books, New York, 1991.
- Прочитајте: Eric Alterman, « Le retour du “secrétaire d’État aux sales guerres” », Le Monde diplomatique, март 2019 година.
- Robert Kagan and William Kristol, “What to do about Iraq”, The Weekly Standard, Washington, DC, 21 јануари 2001 година.
- “Report on Nutrition and Food in Iraq”, Food and Agriculture Organization of the United Nations (FAO), Rome, 1995. Во 1999 година, новата студија на Фондот на деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) ќе ги потврди овие бројки.
- “60 Minutes”, CBS, 12 мај 1996 година.
- Kurt Eichenwald, “Dick Cheney’s biggest lie”, Newsweek, New York,19 мај 2015 година.